Читателите прашуваат
Зошто Бог ги допушта страдањата?
Бог не е тој што ги предизвикува страдањата на луѓето. „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло!“ — пишува во Библијата (Јов 34:10). Тогаш, кој ги предизвикува страдањата?
Исус го нарекол Сатана „владетелот на светот“ (Јован 14:30). Точно, Јехова Бог е Севишниот владетел на целата вселена. Тој нема никогаш да се откаже од таа положба. Меѓутоа, му допуштил на Сатана извесно време да владее со поголемиот дел од човештвото (1. Јованово 5:19).
Каков владетел е Сатана? Уште од својот прв контакт со луѓето, тој е убиец и измамник. Сатана до темел го урива човечкото општество. Исус го обвинил со овие зборови: „Тој е човекоубиец откако се побуни, и не остана постојан во вистината, бидејќи во него нема вистина. Кога зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Исто така, на оние што сакале да го убијат, Исус им рекол дека се деца на тој прв убиец. Самите му станале деца со тоа што постапувале како него. Како што вели една стара пословица: Каков татко, таков син.
Сатана и ден-денес сее омраза и желба за убивање во срцата на луѓето. На пример, Р. Ј. Рамел, почесен професор на Универзитетот во Хаваи (САД), проценува дека од 1900 до 1987 год., различни влади убиле 169.198.000 луѓе во политички чистки, во геноциди и во неконтролирани убиства. Во овој смртен данок не се вклучени десетиците милиони лица кои во истиот период загинале во војните.
Сепак, ако Бог не го предизвикува страдањето, тогаш зошто го дозволува? Затоа што сѐ уште мора да се расчистат некои стари спорни прашања од сеопшта важност, прашања поврзани со тоа што е исправно, а што погрешно. Да спомнеме само едно од нив.
Во почетокот на човечката историја, Адам и Ева застанале на страната на Сатана. Ја отфрлиле Божјата влада и избрале да владеат сами, што всушност значело дека Ѓаволот ќе владее со нив (1. Мојсеева 3:1-6; Откровение 12:9).
Јеховиното чувство за правда налагало да се остави време за да се соберат докази. Кој е непобитниот заклучок? Човечката влада под влијание на Сатана води само до страдање. Всушност, долгорочно гледано, тоа што Бог допуштил да помине време е во корист на човекот. Како тоа? Оние што ги земаат предвид доказите и веруваат во нив, имаат можност да покажат дека сакаат Бог да владее со нив. Ако учат за Божјите мерила и живеат според нив, им претстои вечен живот (Јован 17:3; 1. Јованово 2:17).
Точно е дека засега злобниот Сатана го држи светот во своите канџи. Но, тоа нема да трае уште долго. Наскоро Јехова ќе го употреби својот Син „да ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8). Под Божје водство, Исус ќе им ја отстрани секоја болка на луѓето со скршени срца и ќе го поправи сето она што го предизвикале трагедиите во нечиј живот. Освен тоа, ќе ги врати во живот милијардите луѓе што страдале и умреле низ вековите (Јован 11:25).
Воскресението на Исус е пример за Божјата победа над делата на Ѓаволот — тоа покажува што ќе се случи со луѓето што ќе изберат Бог да владее со нив (Дела 17:31). За да си го замислиме тоа време, Библијата ни помага со следниве утешни зборови: „Бог ќе живее со [луѓето] и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).