ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w12 1/6 стр. 27-29
  • „Невозможно!“ — дали е така?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Невозможно!“ — дали е така?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • За Бог сѐ е возможно
  • „Веруваш ли во тоа?“
  • Невозможно ли е да се живее вечно на Земјата?
  • ,Невозможно е Бог да лаже‘
    Пејте му фалби на Јехова
  • „За Бог сѐ е можно“
    Нашата служба за Царството 2001
  • Како да си ја зајакнеме верата во Јеховиното ветување за еден нов свет?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Дали чудата се возможни? Три вообичаени приговори
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
w12 1/6 стр. 27-29

„Невозможно!“ — дали е така?

ТИТАНИК бил најголемиот и најлуксузниот прекуокеански патнички брод во своето време. Бидејќи бил изработен според тогашните најнапредни научни техники, се сметало дека било „невозможно да потоне“. Но, добро ни е познато што се случило со него. На своето прво патување во 1912 год., тој удрил во санта мраз во Северниот Атлантик и потонал, при што животот го изгубиле околу 1.500 патници. Бродот за кој се тврдело дека не може да потоне, исчезнал во длабочините на океанот за само неколку часа.

Зборот „невозможно“ има различни значења. Може да речеме дека нешто е невозможно кога не се чувствуваме доволно способни да го издржиме, да го направиме или да го разбереме. Многу од денешните технолошки достигнувања порано се сметале за невозможни затоа што, во тоа време, тие работи сѐ уште биле неизводливи, па дури и незамисливи за луѓето. Да стапне човечка нога на Месечината, да се испрати возило на Марс кое може да се управува од Земјата, да се дешифрира човечкиот геном и да се гледа во живо настан што се одигрува на другата страна од планетата — ова се некои од работите кои денес се реалност, а пред само 50-ина години се чинеа невозможни. Во едно свое обраќање до група врвни научници, поранешниот претседател на САД, Роналд Реган, го рекол следново: „Вие, пионерите на полето на технологијата, успеавте да постигнете денес да биде нешто најнормално она што до вчера изгледаше невозможно“.

Со оглед на зачудувачките достигнувања во денешно време, професор Џон Броубек изјавил: „Еден научник денес не може искрено да рече дека нешто е невозможно. Единствено што може да каже е дека нешто е тешко остварливо. Или, пак, може да каже дека е невозможно да се објасни на темел на досегашните сознанија“. Според овој професор, ако нешто ни се чини невозможно, тогаш „треба да земеме предвид една енергија која нам не ни е позната и не сме ја откриле преку нашите истражувања на полето на биологијата и физиологијата. Во Светото писмо, таа енергија е наречена Божја сила“.

За Бог сѐ е возможно

Долго пред професор Броубек да ги каже овие свои зборови, Исус од Назарет, кој бил опишан како најголемиот човек што некогаш живеел, рекол: „Она што не е можно за луѓето, можно е за Бог“ (Лука 18:27). Божјиот свет дух е најмоќната сила во вселената. Не постои технологија со која може да се измери неговата моќ. Светиот дух може да ни помогне да правиме работи што е невозможно да ги направиме со свои сили.

Како луѓе, честопати сме затекнати во ситуации со кои ни се чини дека е невозможно да се справиме. На пример, можеби ни умрел некој близок или, пак, семејните проблеми толку нѐ притискаат што мислиме дека не можеме да продолжиме понатаму. Можеби нашиот начин на живот нѐ довел во длабок очај и не гледаме никаков излез. Се чувствуваме беспомошно и безнадежно. Што можеме да направиме?

Библијата ни кажува дека оној што има вера во Семоќниот и се моли за Неговиот свет дух, а и самиот се труди да прави сѐ што може за да ја врши Неговата волја, ќе добие помош да ги надмине и навидум несовладливите пречки. Исус ги кажал следниве утешни зборови: „Вистина, ви велам, секој што ќе ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море‘ и не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе се случи тоа што го вели, ќе му се исполни тоа“ (Марко 11:23). Не постои ситуација која е невозможно да ја издржиме или да ја пребродиме ако дозволиме моќта на Божјата Реч и на неговиот свет дух да влијаат во нашиот живот.

На пример, на еден 38-годишен човек му починала жената од рак. Бил скршен од болка. Мислел дека е невозможно да издржи. Имало моменти кога повеќе сакал да умре отколку да живее без неа. Рекол дека се чувствувал како да оди ‚низ долина со густа темнина‘ (Псалм 23:4). Кога ќе се сети на минатото, уверен е дека тоа што со солзи се молел и што секој ден ја читал Библијата, како и тоа што горливо барал Бог да го води со својот дух, му помогнало да го преброди она што му се чинело невозможно.

Бракот на една двојка бил пред распад. Мажот бил насилен и имал многу лоши навики. Затоа, животот на неговата жена станал неподнослив. Дури и се обидела да се самоубие. Потоа мажот почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Она што го научил му помогнало да ги победи лошите навики и својата насилна природа. Жена му била вчудовидена од „невозможните“ промени што ги направил.

Еден друг човек го опишува времето кога користел дрога и живеел неморално како „најболното премреже во неговиот живот“. „Останав без ронка самопочит“, вели тој. Од дното на душата му се помолил на Бог: „Боже, знам дека постоиш. Те молам помогни ми!“ Кратко потоа, започнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тоа му помогнало да направи неверојатни промени во животот. „Честопати ме преплавуваа чувства на вина и безвредност. Понекогаш запаѓав во тешка депресија. Сепак, Божјата Реч ми помогна да се изборам со овие мачни чувства. Во бессоните ноќи, во себе си ги кажував библиските стихови што ги имав научено напамет. Тоа многу ми помагаше да ги растерам лошите мисли“, кажува тој. Сега овој човек има среќен брак, и заедно со жена му голем дел од времето им помагаат на другите да стекнат доверба во моќта на Божјата Реч. Да му кажеше некој во времето кога беше проблематичен човек дека ќе направи вакви промени, ќе сметаше дека тоа е невозможно.

Овие искуства покажуваат дека Божјата Реч е навистина моќна и дека Божјиот свет дух може да направи „невозможни“ работи во нашите животи. Но, можеби ќе речеш: „Тоа бара голема вера!“ Навистина е така. Всушност, Библијата вели дека „без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евреите 11:6). Но, помисли на следново: Да речеме дека еден твој добар пријател, можеби директор на банка или некој друг што има влијателна положба, ти вели: „Не се секирај. Ако некогаш нешто ти затреба, тука сум“. Без сомнение, ова ветување ќе те утеши. За жал, луѓето честопати не успеваат да си го одржат зборот. Можеби ситуацијата на твојот пријател ќе се смени и нема да може да си го исполни ветувањето што ти го дал со најдобри намери. Ако случајно умре, ќе пропаднат и неговата желба и неговата способност да ти помогне. Од друга страна, ништо не може неочекувано да го спречи Бог да го направи она што сака. Библијата нѐ уверува: „За Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (Лука 1:37).

„Веруваш ли во тоа?“

Безброј случки запишани во Библијата потврдуваат дека ова е вистина. Еве некои од нив.

Една 90-годишна жена по име Сара се насмеала кога ѝ рекле дека ќе роди син, но постоењето на израелскиот народ е доказ дека тоа навистина се случило. Еден човек бил проголтан од една голема риба, останал цели три дена во нејзината утроба и преживеал, а она што го раскажал не е заборавено до ден-денес. Неговото име е Јона. Лука, кој како лекар добро знаел да направи разлика меѓу некој што е во бесвесна состојба и некој што е мртов, раскажал дека едно момче по име Ефтих паднало од вториот кат и умрело. Но, потоа повторно било вратено во живот. Овие настани не се измислени приказни. Ако внимателно го испитаме секој од нив, ќе се увериме во нивната точност (1. Мојсеева 18:10-14; 21:1, 2; Јона 1:17; 2:1, 10; Дела 20:9-12).

На една жена по име Марта, Исус ѝ рекол: „Секој што живее и верува во мене, никогаш нема да умре“. Откако го дал ова на изглед невозможно ветување, Исус ѝ го поставил следново важно прашање: „Веруваш ли во тоа?“ На ова прашање вреди сите ние денес да му обрнеме сериозно внимание (Јован 11:26).

Невозможно ли е да се живее вечно на Земјата?

Во еден научен труд била дадена следнава изјава: „Веројатно не е далеку времето кога ќе живееме многу подолго од денес, можеби дури и вечно“. Во една енциклопедија се објаснува дека причината за смртта не е изумирањето на клетките во телото, дотраеноста на органите или некој друг процес. Изгледа дека некој непознат фактор предизвикува да дојде до нарушување или прекин на функцијата на процесите во телото.a Во неа пишува: „Можно е стареењето да е последица на тоа што контролните механизми, потребни за извршување на некои сложени процеси, престануваат исправно да функционираат“ (The New Encyclopædia Britannica).

Иако овие информации се интересни, Библијата ни дава многу посилна причина да веруваме дека е можно да живееме вечно отколку која и да е причина што можат да ни ја понудат логиката и науката. Нашиот Творец, Јехова Бог, кој е Изворот на животот, ни ветува дека „ќе ја уништи смртта засекогаш“ (Псалм 36:9; Исаија 25:8). Веруваш ли во тоа? Ова ветување доаѓа од Јехова, а невозможно е тој да лаже (Тит 1:2).

[Фуснота]

a Нешто повеќе за стареењето и должината на животниот век можеш да прочиташ во изданието на Разбудете се! од мај 2006, со наслов „Колку долго можеш да живееш?“ Ова списание е издадено од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 27]

„Она што до вчера ни изгледаше невозможно, денес [стана] нешто најнормално“ (РОНАЛД РЕГАН)

[Истакната мисла на страница 28]

Кога животот ти станува невозможен, од кого бараш помош?

[Извор на слика на страница 27]

Фотографија на NASA

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели