Дали сте знаеле?
Зошто на Евреите им биле важни нивните родословија?
▪ Родословијата биле многу важни за да се утврди племенската припадност и семејното потекло. Тие се користеле и кога требало да се изврши поделба на земјиштето и на наследството. Од особено значење била лозата на ветениот Месија. На Евреите им било добро познато дека Месијата требало да потекнува од лозата на Давид, од племето на Јуда (Јован 7:42).
Исто така, „свештеничките и левитските служби се наследувале... па затоа било многу важно нивната семејна лоза да остане чиста“, вели изучувачот Јоаким Јеремиас. Една Еврејка што ќе се омажела во семејство на свештеници морала да го докаже своето потекло за свештенството да останело „чисто и неизвалкано“. Во деновите на Неемија, на цели семејства Левити им било одземено правото да извршуваат свештеничка служба затоа што, иако барале по своите родословни пописи, ‚не можеле да го докажат своето потекло‘ (Неемија 7:61-65).
Освен тоа, во Мојсеевиот закон пишувало дека ‚ниту незаконски син, ниту Амонец, ниту Моавец не смеело да биде примен во Јеховината заедница‘ (5. Мојсеева 23:2, 3). Од таа причина, „ако еден човек сакал да ги има сите граѓански права, морало да го докаже своето чисто потекло“, вели Јеремиас. Тој додава: „Овој факт го потврдува нашиот заклучок дека... и најобичниот Израелец ги знаел своите најблиски предци и знаел од кое од дванаесетте племиња потекнува“.
Како Израелците ги составувале и ги чувале своите родословија?
▪ Матеј и Лука, писатели на две евангелија, во детали ја навеле лозата од која потекнувал Исус (Матеј 1:1-16; Лука 3:23-38). Биле зачувани и други родословија. На пример, во врска со рабинот Хилел од времето на Исус, во еден еврејски запис било наведено: „Во Ерусалим беше пронајден еден свиток со родословија во кој пишуваше дека Хилел е потомок на Давид“. Јосиф Флавиј, еврејски историчар од првиот век, во своето дело Животот тврдел дека неговите предци биле свештеници и дека од страната на мајка му има „царско потекло“. Тој рекол дека овој податок го пронашол во „јавните родословни пописи“.
Во врска со начинот на кој биле чувани родословијата на свештеничките семејства, во своето дело Против Апион, Јосиф напишал дека во неговиот народ таа задача им била давана на „најпочитуваните луѓе, кои му биле оддадени на Бог“. Во една енциклопедија стои: „Овие родословија по сѐ изгледа му биле доверени на еден посебен службеник. Исто така, во Ерусалим имало истражен суд кој бил надлежен за родословните записи“. Евреите што не биле свештеници се попишувале во градовите на нивните татковци (Лука 2:1-5). Матеј и Лука сигурно ги провериле во овие јавни архиви податоците што ги напишале во евангелијата. Веројатно некои семејства чувале и свои лични записи.