ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w12 1/6 стр. 24-25
  • Одмор од соништата!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Одмор од соништата!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Сличен материјал
  • Библијата на Бедел — мал чекор до поголемо разбирање на Божјата Реч
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Запознајте се со ирскиот волчјак
    Разбудете се! 2000
  • Продолжи да го сееш семето — Јехова ќе направи да расте
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Внимателна потрага
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
w12 1/6 стр. 24-25

Писмо од Ирска

Одмор од соништата!

„ТИ ТРЕБА промена што малку ќе ти ги оттргне мислите од учењето“, ми рекоа татко ми и мајка ми. „Што велиш да појдеме на гости кај братучетка ти во Ирска? Тоа ќе ни даде прилика и да им сведочиме на луѓе кои ретко имаат можност да ја слушнат добрата вест за Царството.“

Искрено, некако не ми се одеше. Освен тоа што имав многу за учење, бев малку загрижена и затоа што никогаш претходно не сум била некаде надвор од Англија и никогаш не сум патувала со авион. Како ќе се чувствува една 17-годишна девојка навикната на брзото темпо на живот во Лондон кога ќе се најде во едно мало гратче на крајниот југозапад од Ирска?

Немаше потреба да се грижам. Уште од мигот кога слета авионот, Ирска ме освои со својата убавина. Но, бидејќи тој ден станав многу рано, кратко откако го продолживме нашето патување со кола, заспав. Кога одвреме-навреме ќе се разбудев, можев да видам малку од карпестиот, но прекрасен пејзаж што се протегаше зад камените ѕидови со кои беше ограден патот по кој се возевме.

Првата вечер пристигнавме во гратчето Скиберин, и отидовме на гости кај едно семејство што се доселило во Ирска за да ја проповеда добрата вест за Царството. Дружењето со нив многу ме охрабри. Заедно игравме една библиска игра. Секој од нас извлекуваше од една торбичка ливче со име на некој библиски лик, а потоа со пантомима одглумуваше настан од неговиот живот. Другите требаше да погодат за кого станува збор.

Следниот ден јас, татко ми и мајка ми, мојот помлад брат, братучетка ми и нејзиниот маж, како и едно друго семејство, се качивме на бротче и отидовме на малиот остров Хеар, каде што има помалку од 30 жители. Па, зар Исус не рекол дека добрата вест ќе биде проповедана по целиот свет? Цел ден го минавме разговарајќи со овие љубезни и гостољубиви луѓе. Имавме можност да им прочитаме утешни мисли од Библијата, додека истовремено со воодушевување ја набљудувавме прекрасната природа недопрена од човек.

Сончевите зраци блескаа на ведрото сино небо. Во воздухот се разлеваше нежен и пријатен мирис сличен на мирисот од кокос, кој доаѓаше од многуте жолтевки — грмушки со жолти цветови. Разнобојните пролетни цветови како шарен килим го имаа прекриено мочурливото средиште на островот. Песочните плажи водеа до карпести гребени, каде што кормораните и ганетите имаа свои гнезда. Во далечината се наѕираа безброј островчиња, од кои повеќето беа ненаселени. Прекрасниот склад што владееше меѓу сите овие творби на Јехова нѐ исполни со восхит!

Во собранието на Јеховините сведоци во Скиберин склопив многу нови пријателства. Исто така, некои работи ми беа вистинско доживување затоа што ги немав правено никогаш порано. Најмногу од сѐ ми се допадна тоа што возев кајак. Нема ништо поубаво од тоа да се набљудува брегот на Ирска од кајак. Ловевме и риби за вечера, но фоките кои ни се придружија беа побрзи од нас. Измисливме некои игри за на плажа, а јас дури и се обидов да научам ирски танц.

Исто така, дознавме и нешто за историјата на Скиберин. Кога во 1840-тите во Ирска бил уништен родот на компири, овој град и неговата околина биле меѓу најпогодените подрачја. Илјадници луѓе умреле од глад, а околу 9.000 од нив биле закопани во една масовна гробница. Нѐ теши мислата дека наскоро, кога ќе владее Божјето Царство, никогаш повторно нема да има глад, и многу луѓе кои тогаш трагично го загубиле животот, повторно ќе живеат во рај на Земјата.

Заедно со Сведоците од собранието отидовме во некои од подалечните места за да поразговараме со луѓето кои ретко имаат можност да ја чујат добрата вест. Возевме по еден тесен и стрмен пат до куќите кои се наоѓаа на работ од еден гребен со поглед на Ирското Море. И овие луѓе беа добродушни и гостопримливи. Како што правевме и на островот Хеар, разговорот го започнувавме така што ќе им кажевме дека во Ирска сме на одмор и дека дел од времето одвојуваме за да им ја пренесеме на другите убавата порака од Библијата.

Мајка ми разговараше со една жена, која со задоволство ги зеде списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Кога по неколку дена повторно се видовме со неа, ни рече дека тие списанија многу ѝ се допаднале.

„Дојдете пак за да поразговараме и донесете ми уште списанија“, нѐ замоли. Ѝ рековме дека ние уште малку ќе се вратиме дома, но дека ќе испратиме некој друг да дојде кај неа наместо нас.

Таа ни одговори: „Добро, но ако некогаш дојдете пак, мораме да се видиме. Ирците не ги забораваат лесно добрите луѓе!“

Последниот ден од одморот го поминавме на плажата заедно со браќата и сестрите од собранието. Меѓу неколку камења запаливме оган од дрвцата што ги имаше донесено водата и испековме дагњи што ги извадивме од карпите во кристално-бистрата морска вода. Иако сум градско дете, просто се изненадив колку уживав во секој миг од овој одмор!

По седумте дена што ги поминав во Ирска, можам слободно да кажам дека тоа беше мојот одмор од соништата! Супер си поминав, а посебно убаво ми беше чувството дека правам нешто што го радува и го слави Јехова. Многу сакам да му служам на нашиот Бог. Но, радоста е уште поголема кога знаеш дека имаш прекрасни пријатели и роднини кои сакаат да го прават истото. Кога се вратив дома, му се заблагодарив на Јехова што запознав толку многу добри пријатели кои ги ценат духовните работи и што сега имам толку многу пријатни спомени кои никогаш нема да ги избришам од сеќавањето.

[Извор на слика на страница 25]

An Post, Ireland

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели