Како да преживееш со помалку
ОБЕД има две деца. Десет години работел во хотел со пет ѕвездички во еден голем град во Африка и без проблем ги задоволувал потребите на своето семејство. Одвреме-навреме можел да си дозволи да го однесе семејството на одмор во природните резервати во неговата земја. Но, на сето ова му дошло крај кога го отпуштиле од работа затоа што во хотелот се намалил бројот на гости.
Стивен работел во една голема банка повеќе од 22 години и со текот на времето станал директор. Со работата му следувале голема куќа, кола и слуги, а своите деца можел да ги запише во престижни училишта. Кога банката започнала со процес на преструктуирање, бил отпуштен. „И јас и моето семејство бевме шокирани“, вели Стивен. „Ме обзедоа чувства на безнадежност, огорченост и страв.“
Се разбира, овие случаи не се единствените. Поради економската криза што го зафати светот, милиони луѓе ги загубија своите стабилни работни места. Мнозина што успеаја да најдат работа требаше да се помират со фактот дека мора да земаат помала плата и покрај наглиот пораст на цените. Ниту една земја, без разлика дали е развиена или неразвиена, не остана имуна на финансиската криза.
Треба да постапуваме мудро
Ако сме ја изгубиле работата или имаме намалени примања, може лесно да се разочараме. Точно, во таква ситуација на ниту еден човек нема да му биде сеедно. Меѓутоа, еден мудар човек од старо време напишал: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10). Наместо да нѐ фати паника поради влошената економска состојба, мора, како што вели Божјата Реч, ‚да постапуваме мудро‘ (Изреки 2:7).
Иако Библијата не е финансиски прирачник, таа содржи корисни совети што им помагаат на милиони луѓе низ целиот свет. Да разгледаме неколку основни начела што се запишани во Библијата.
Испланирај ги парите. Во Лука 14:28, Исус рекол: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши?“ Тоа значи дека треба да си направиме буџет и да се држиме до него. Но, како што вели Обед, ова не е секогаш лесно. „Пред да ја изгубам работата“, кажува тој, „купувавме сѐ и сешто, работи кои вистински не ни требаа. Никогаш не планиравме колку да потрошиме, затоа што секогаш имавме пари да го купиме она што сакавме.“ Меѓутоа, ако однапред испланираш што ќе купиш и колку пари ќе потрошиш, со средствата што ти се на располагање ќе можеш да ги задоволиш основните потреби на своето семејство.
Смени го начинот на живот. Не е лесно човек да се научи на понизок животен стандард, но тоа е неопходно. Една изрека од Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). „За да ги намалиме трошоците, јас и моето семејство моравме да се преселиме во нашата куќа, која беше помала и однатре недовршена“, вели Стивен. „Децата мораа да се префрлат во поевтини училишта кои, сепак, овозможуваа квалитетно образование.“
За да го смените начинот на живот, мора како семејство отворено да разговарате. Пред да добие отказ, Остин девет години работел во една финансиска институција. Тој вели: „Со жена ми седнавме и направивме список со работите кои навистина ни беа потребни. Моравме да престанеме да купуваме скапа храна, да одиме на скапи одмори и непотребно да купуваме нова облека. Мило ми е што сите, како семејство, сложно прифативме да ги трошиме парите домаќински“. Се разбира, малите деца можеби нема да сфатат зошто некои работи ќе мора да се сменат, но вие, како родители, можете да им помогнете да се навикнат на промените.
Не биди пребирлив во изборот на работа. Ако си се навикнал на канцелариска работа, можеби ќе те исплаши и самата помисла на физичка работа. „Никако не ми влегуваше в глава мислата дека треба да бидам обичен работник. Отсекогаш бев на раководни положби во голема компанија“, вели Остин. Ова воопшто не нѐ изненадува бидејќи во Библијата пишува: „Кој се тресе од страв од човек, си поставува замка“ (Изреки 29:25). Ако се оптовариш со мислата што ќе речат другите за тебе, нема да успееш да го прехраниш своето семејство. Што може да ти помогне да се избориш со ваквото размислување?
Понизноста. Откако ја изгубил работата во хотелот, еден поранешен колега му понудил на Обед да работи во неговата автолимарска работилница. Тоа значело дека ќе треба долго да пешачи по правливи улици за да купува бои и други делови за автомобилите. Обед вели: „Воопшто не ми лежеше таа работа. Но, понизноста ми помогна да се навикнам да работам за плата која изнесува помалку од една четвртина од платата што ја земав претходно. Сепак, успевам да ги задоволам потребите на моето семејство“. Дали можеби и ти треба да си го смениш гледиштето?
Биди задоволен. Во еден речник, задоволниот човек е опишан како некој што „во разумна мера е среќен и задоволен со работите такви какви што се“. На оној што едвај врзува крај со крај, можеби овој опис му изгледа како да е надвор од реалноста. Меѓутоа, размисли за зборовите што ги кажал апостол Павле, мисионер кој добро знаел што значи да се биде во немаштија: „Сум научил да бидам задоволен во секакви околности. Знам што значи да си во немаштија, а знам и како е да имаш изобилство“ (Филипјаните 4:11, 12).
Можеби нашата ситуација може да биде подобра, но во овие бурни времиња, може да биде и многу полоша. За наше добро е сериозно да му обрнеме внимание на советот што, под водство на Бог, го напишал апостол Павле: „Несомнено, оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има. Значи, ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“. Со ова Павле не сакал да каже дека не треба да работиме, туку дека физичките потреби треба да ги ставиме на нивното исправно место (1. Тимотеј 6:6, 8).
Од што зависи вистинската среќа?
Дури и да можеме да си дозволиме да купиме што ни душа сака и во животот сѐ да ни оди како подмачкано, не значи дека ќе бидеме среќни. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“. Ќе бидеме среќни и задоволни само ако, со она што го имаме, им помагаме на другите и правиме нешто за нив (Дела 20:35).
Нашиот Создател, Јехова Бог, е свесен за сите наши потреби. Преку својата Реч, Библијата, тој ни дава корисни совети кои им помогнале на многумина да имаат подобар живот и да се ослободат од непотребните грижи. Се разбира, нашата ситуација нема да се смени одеднаш ниту, пак, нашата финансиска состојба драстично ќе се подобри. Но, Исус ги уверил оние што го бараат „најнапред царството и Божјата праведност“ дека тоа што им е потребно за да преживеат, ќе им биде дадено (Матеј 6:33).