ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Книга на исполнети пророштва
    Стражарска кула 2012 | 1 Јуни
    • Книга на исполнети пророштва

      „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог“ (ИСУС НАВИН 23:14)

      ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Познато е дека гатачите од древни времиња претскажувале работи кои биле двосмислени и неверодостојни, а ништо подобри не се ни денешните хороскопи. Футурологијата ја претскажува иднината врз основа на сегашните движења во општеството и ретко се обидува да предвиди конкретни настани со векови однапред. За разлика од тоа, библиските пророштва се детални и секогаш се исполнуваат, дури и тогаш кога со нив ‚од дамнина се јавува она што уште не било‘ (Исаија 46:10).

      ПРИМЕР: Во шестиот век пр.н.е., пророкот Даниел имал видение во кое бил претскажан ненадејниот пораз што Медо-Персија го доживеала од страна на Грција. Во тоа видение било проречено и дека, штом победничкиот цар на Грција ќе ‚стане силен‘, неговото царство ќе „се скрши“. Кој ќе го заменел? Даниел напишал: „Од неговиот народ ќе се подигнат четири царства, но нема да ја имаат неговата моќ“ (Даниел 8:5-8, 20-22).

      ШТО ВЕЛАТ ИСТОРИЧАРИТЕ: Преку 200 години по времето на Даниел, Александар Велики станал цар на Грција. По десет години од своето владеење, ја поразил Медо-Персија и го проширил своето царство дури до реката Инд (во денешен Пакистан). Но, на возраст од 32 години, неочекувано умрел. На крајот, по битката близу Ипс (Мала Азија), неговото царство било расцепкано. Четирите победници во таа битка го поделиле Грчкото Царство меѓусебе. Сепак, ниту еден од нив не ја достигнал моќта на Александар.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Има ли друга книга што содржи пророштва кои секогаш се исполнувале? Или Библијата е нешто посебно?

      [Истакната мисла на страница 4]

      „Во Библијата... се запишани толку многу пророштва што едноставно е невозможно нивното исполнување да биде случајно“ (A LAWYER EXAMINES THE BIBLE, ОД ИРВИН Х. ЛИНТОН)

      [Извор на слика на страница 4]

      © Robert Harding Picture Library/SuperStock

  • Точна историја, а не мит
    Стражарска кула 2012 | 1 Јуни
    • Точна историја, а не мит

      „Внимателно испитав сѐ од почетокот“ (ЛУКА 1:3)

      ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Легендите и митовите се измислени приказни во кои не се спомнуваат точни места, датуми и имиња на историски ликови. Спротивно на тоа, во Библијата се дадени безброј историски детали кои ги уверуваат читателите дека она што е кажано во неа „е вистина“ (Псалм 119:160).

      ПРИМЕР: Во Библијата пишува дека ‚Навуходоносор, вавилонскиот цар... го одвел [јудејскиот цар] Јоахин во изгнанство во Вавилон‘. Подоцна, ‚Евил-Меродах, вавилонскиот цар, во првата година од своето царување го помилувал Јоахин, царот на Јуда, и го пуштил од затвор‘. Освен тоа, тој ‚добивал храна од царот, колку што му требало, во сите денови од својот живот‘ (2. Царевите 24:11, 15; 25:27-30).

      ШТО ОТКРИЛЕ АРХЕОЛОЗИТЕ: Меѓу урнатините на древниот Вавилон, археолозите откриле документи кои датираат од времето кога владеел Навуходоносор II. Во тие документи се наведени оброците што им биле давани на затворениците, на работниците и заробениците кои живееле во Вавилон. Меѓу нив се спомнати и „Јаукин [Јоахин]“, кој бил „цар на земјата Јахуд (Јуда)“, како и неговото семејство. А дали може да се потврди постоењето на Евил-Меродах, кој бил потомок на Навуходоносор? На еден украсен сад пронајден во близина на градот Суза стоел натписот: „Дворец на Амил-Мардук [Евил-Меродах], Цар на Вавилон, син на Навуходоносор, Цар на Вавилон“.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Постои ли друга света книга која содржи толку конкретни и точни историски податоци? Или Библијата е нешто посебно?

      [Истакната мисла на страница 5]

      „Хронолошките и географските податоци кои се запишани во Библијата се поточни и поверодостојни од податоците што се наоѓаат во кој и да е друг древен документ“ (A SCIENTIFIC INVESTIGATION OF THE OLD TESTAMENT, ОД РОБЕРТ Д. ВИЛСОН)

      [Слика на страница 5]

      Документ во кој е спомнат цар Јоахин од Јуда

      [Извор на слика]

      © bpk, Berlin/Vorderasiatisches Museum, SMB/Olaf M. Tessmer/Art Resource, NY

  • Научно точна
    Стражарска кула 2012 | 1 Јуни
    • Научно точна

      „Зар веќе не ти пишав зборови полни со совети и знаење, за да ти ја покажам вистинитоста на веродостојните зборови, за да му возвратиш со зборови на вистина на оној што ќе те испрати?“ (ИЗРЕКИ 22:20, 21)

      ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Книгите од древни времиња често содржат неточни и опасни идеи кои биле целосно побиени од современата наука. Дури и денес, некои автори мораат да прават измени во текстот на своите книги за да ги усогласат со најновите откритија. Но, Библијата тврди дека нејзин автор е Творецот на сѐ што постои, и дека неговата Реч „останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25).

      ПРИМЕР: Според Мојсеевиот закон, Израелците требало да вршат нужда „надвор од логорот“, во дупка што ќе ја ископале и потоа ќе ја затрупале со земја (5. Мојсеева 23:12, 13). Ако некој Израелец допрел мртво тело на човек или животно, морал да се искапе и да си ја испере облеката (3. Мојсеева 11:27, 28; 4. Мојсеева 19:13, 19). Оние што имале лепра требало да живеат одвоено од другите сѐ додека, со преглед на телото, не се потврдело дека се здрави (3. Мојсеева 13:1-8).

      ШТО ОТКРИВА СОВРЕМЕНАТА МЕДИЦИНА: Исправното отстранување на изметот, миењето раце и карантинот сѐ уште се ефикасни начини за спречување на заразните болести. Ако во близина нема канализациона мрежа или полски клозети, Американскиот центар за контрола и превенција на болести препорачува: „Извршете нужда на оддалеченост од најмалку 30 метри од секој извор на вода и закопајте го изметот“. Според Светската здравствена организација, во местата каде што фекалиите исправно се отстрануваат, случаите на дијареа се намалуваат за 36 отсто. Пред помалку од 200 години, лекарите откриле дека инфицирале многу пациенти затоа што не си ги миеле рацете откако биле во допир со мртво тело. Гореспоменатиот центар сѐ уште го препорачува миењето раце како „најефикасен начин да се спречи ширењето на заразни болести“. А што да се каже за карантинот на заболени од лепра или од други преносливи болести? Неодамна, во едно медицинско списание, го пишувало следново: „Кога една епидемија е во почетна фаза, изолацијата и карантинот може да бидат единствената мерка што треба да се преземе за ефикасно да се спречи ширењето на болеста“ (Saudi Medical Journal).

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Би очекувал ли која и да е друга стара света книга да е во потполна согласност со современата наука? Или Библијата е нешто посебно?

      [Истакната мисла на страница 6]

      „Не можеме а да не бидеме импресионирани од строгите хигиенски прописи во времето на Мојсеј“ (MANUAL OF TROPICAL MEDICINE, ОД Д-Р АЛДО КАСТЕЛАНИ И Д-Р АЛБЕРТ Џ. ЧАЛМЕРС)

  • Складна збирка книги
    Стражарска кула 2012 | 1 Јуни
    • Складна збирка книги

      „Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. ПЕТРОВО 1:21)

      ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Записите од древни времиња, дури и да се напишани во ист период, честопати си противречат еден на друг. Книгите што ги напишале различни луѓе, на различни места и во различно време, ретко кога се потполно складни. Сепак, Библијата тврди дека сите 66 книги во неа имаат еден ист Автор — и затоа пренесуваат една иста порака без да си противречат (2. Тимотеј 3:16).

      ПРИМЕР: Мојсеј, пастир од 16 век пр.н.е., во првата книга на Библијата напишал дека ќе дојде едно „потомство“ што ќе го спаси човештвото. Во истата книга било проречено и дека тоа потомство ќе дојде од лозата на Авраам, Исак и Јаков (1. Мојсеева 3:15; 22:17, 18; 26:24; 28:14). Петстотини години подоцна, пророкот Натан открил дека тоа потомство ќе биде од царската лоза на Давид (2. Самоилова 7:12). Илјада години по тоа, апостол Павле објаснил дека ова потомство ќе го сочинуваат Исус и една избрана група негови следбеници (Римјаните 1:1-4; Галатите 3:16, 29). И, кон крајот на првиот век од н.е., во последната книга од Библијата било проречено дека припадниците на ова потомство ќе сведочат за Исус на Земјата, ќе воскреснат за да живеат на небото и ќе владеат со него 1.000 години. Тие, заедно со Исус, ќе го уништат Ѓаволот и ќе го спасат човештвото (Откровение 12:17; 20:6-10).

      ШТО ВЕЛАТ БИБЛИСКИТЕ ИЗУЧУВАЧИ: Откако внимателно ги испитал сите 66 библиски книги, Луи Госа напишал дека бил пријатно изненаден од „неверојатната складност на оваа книга [Библијата], која била пишувана во текот на илјада и петстотини години од голем број писатели... а сепак сите тие постојано се стремеле кон една иста цел, иако и самите не ја разбирале потполно — да го објаснат откупот на човештвото што го платил Синот на Бог“ (Theopneusty—The Plenary Inspiration of the Holy Scriptures).

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Би очекувал ли една книга, која ја пишувале 40 различни мажи во период од над 1.500 години, да биде потполно складна? Или Библијата е нешто посебно?

      [Истакната мисла на страница 7]

      „Кога овие записи ќе се состават, содржински претставуваат една книга... Во книжевноста не постои дело кое макар и оддалеку може да се мери со неа“ (THE PROBLEM OF THE OLD TESTAMENT, ОД ЏЕЈМС ОР)

  • Корисна и за наше време
    Стражарска кула 2012 | 1 Јуни
    • Корисна и за наше време

      „Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (ПСАЛМ 119:105)

      ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Литературните дела може да се сметаат за класици, но ниту едно од нив не може да ни даде водство во животот. А современите прирачници треба редовно да трпат промени. Од друга страна, Библијата тврди дека ‚она што било некогаш напишано во неа, напишано е за наша поука‘ (Римјаните 15:4).

      ПРИМЕР: Иако не е медицински прирачник, Библијата содржи корисни совети за нашето психичко и физичко здравје. На пример, во неа пишува дека „мирното срце е живот за телото“ (Изреки 14:30). Таа исто така предупредува: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Изреки 18:1). Освен тоа, во неа стои дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

      ШТО ПОТВРДУВААТ ИСТРАЖУВАЊАТА: Спокојството, блиските пријателства и дарежливоста можат да ти го подобрат здравјето. Едно списание известува: „Луѓето што лесно избувнуваат се изложени на двојно поголем ризик да добијат мозочен удар во споредба со луѓето што имаат самоконтрола“ (The Journal of the American Medical Association). Во Австралија било спроведено едно десетгодишно истражување, кое открило дека кај „луѓето што почесто контактираат со блиските пријатели“ постои поголема веројатност да живеат подолго. А во 2008 год., група истражувачи од Канада и Соединетите Држави увидела дека „трошењето пари за другите ги прави луѓето посреќни отколку трошењето за себе“.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали би имал доверба во советите што ги дава која и да било друга книга завршена пред речиси 2.000 години? Или Библијата е нешто посебно?

      [Истакната мисла на страница 8]

      „Библијата посебно ја сакам... затоа што од неа ги црпам најдобрите совети за здравјето“ (Д-Р ХАУАРД КЕЛИ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ЏОНС ХОПКИНС)

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели