ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • kr погл. 20 стр. 209-219
  • Помагање на соверниците — света служба во чест на Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Помагање на соверниците — света служба во чест на Јехова
  • Божјето Царство владее!
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто помагањето на браќата е „света служба“
  • Што се постигнува со овој вид служба
  • Помагањето на браќата носи трајни благослови
  • Можеш ли и ти да помагаш?
  • Како да помогнеш после некоја катастрофа
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2023)
  • Дали Јеховините сведоци помагаат кога ќе се случи некоја катастрофа?
    Најчесто поставувани прашања
  • Поддршка за Царството — градежни проекти и акции за помош
    Божјето Царство владее!
  • Како можеме да помогнеме?
    Нашата служба за Царството 2005
Повеќе
Божјето Царство владее!
kr погл. 20 стр. 209-219

ПОГЛАВЈЕ 20

Помагање на соверниците — света служба во чест на Јехова

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Христијаните покажуваат љубов на дело за време на неволји

1, 2. а) Во каква неволја се нашле христијаните во Јудеја? б) Како добиле помош од своите браќа во Антиохија?

ВО 46 год. од н.е., во Јудеја завладеал голем глад. Она малку жито што останало вредело како суво злато, а Христовите ученици кои живееле таму немале со што да го купат. Биле изгладнети и ситуацијата изгледала безизлезна. Но, наскоро ја почувствувале Јеховината заштита како ниту еден Христов ученик пред нив. Што се случило?

2 Кога дознале колку страдаат нивните соверници во Ерусалим и во Јудеја, еврејските и нееврејските христијани од сириска Антиохија собрале средства за да им помогнат. А потоа избрале двајца зрели браќа, Варнава и Савле, за да им ја достават помошта на собраниските старешини во Ерусалим. (Прочитај Дела 11:27-30; 12:25.) Замисли си колку биле трогнати сиромашните браќа во Јудеја од љубовта што на ваков начин им ја покажале браќата од Антиохија!

3. а) Како Божјите слуги во нашево време постапуваат слично на христијаните од Антиохија? Наведи пример. (Види ја и рамката „Нашата прва поголема акција за помош во денешно време“.) б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

3 Овој настан во првиот век од н.е. е првиот спомнат случај во Библијата кога некои христијани им испратиле помош на соверниците што живееле далеку од нив. И ние денес постапуваме како нашите браќа од Антиохија. Кога ќе дознаеме дека нашите соверници што живеат на некое друго место се погодени од неволја или катастрофа, спремно им ја пружаме потребната помош.a За да разбереме како помагањето на соверниците е поврзано со другите христијански активности, ќе разгледаме три прашања: Зошто помагањето на браќата се смета за света служба? Што сакаме да постигнеме кога им помагаме на соверниците? Зошто тоа е добро за нас?

Зошто помагањето на браќата е „света служба“

4. Кои главни обележја на христијанската служба им ги спомнал Павле на Коринќаните?

4 Во своето второ послание до Коринќаните, Павле објаснил дека службата што ја вршат христијаните има две главни обележја. Иако ова послание им било упатено на помазаните христијани, денес зборовите на Павле важат и за Христовите „други овци“ (Јован 10:16). Од една страна, Јехова ни ја доверил „службата на помирувањето“, односно нашето проповедање и поучување (2. Кор. 5:18-20; 1. Тим. 2:3-6). Но, од друга страна, треба да им служиме и на нашите соверници. На пример, Павле го спомнал „собирањето помош за светите“, односно „служењето на светите“ (2. Кор. 8:4, фус.). И во изразот „службата на помирувањето“ и во изразот „служењето на светите“ во изворниот текст се користи истиот грчки збор — дијаконија. Зошто ова е важно?

5. Зошто е значајно тоа што Павле го вброил помагањето на соверниците меѓу останатите видови служба?

5 Со тоа што го употребил истиот грчки збор за двете активности, Павле го вброил помагањето на соверниците меѓу останатите видови служба кои се вршеле во христијанското собрание. Пред тоа, тој рекол: „Службите се различни, но Господарот е ист. И има различни дејствувања... но сето тоа го прави еден и ист дух“ (1. Кор. 12:4-6, 11). Всушност, Павле зборувал за различните активности што се извршуваат во собранието како за „света служба“b (Рим. 12:1, 6-8, фус.). Според тоа, сосема е разбирливо што рекол: „Одам во Ерусалим за да им помогнам [дословно: служам] на светите“, сметајќи дека е сосема на место да посвети дел од своето време и на тој вид служба (Рим. 15:25, 26).

6. а) Како Павле објаснил зошто помагањето на соверниците е дел од светата служба? б) Опиши како денес им помагаме на соверниците низ целиот свет. (Види ја рамката „Во случај на катастрофа“.)

6 Павле им објаснил на Коринќаните зошто помагањето на браќата било дел од нивната служба за Јехова. Тој рекол дека христијаните им пружаат помош на соверниците затоа што се „подложни на добрата вест за Христос“ (2. Кор. 9:13). Со други зборови, тие им помагаат бидејќи искрено сакаат да ги применуваат Христовите учења во својот живот. Павле рекол дека добрите дела што ги прават за своите браќа, всушност, се израз на „Божјата незаслужена доброта“ (2. Кор. 9:14; 1. Пет. 4:10). Затоа, во Стражарска кула од 1 декември 1975 год., во која се зборуваше за помагање на браќата во неволја, со право пишуваше: „Воопшто не треба да се сомневаме дека овој вид служба им е многу важен на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус Христос“. Според тоа, помагањето на браќата навистина е скапоцен вид света служба (Рим. 12:1, 7; 2. Кор. 8:7; Евр. 13:16).

Што се постигнува со овој вид служба

7, 8. Која е првата цел што ја постигнуваме кога им помагаме на нашите браќа? Објасни.

7 Што постигнуваме кога им помагаме на браќата кои се во неволја? Павле го дал одговорот на ова прашање во своето второ писмо до Коринќаните. (Прочитај 2. Коринќаните 9:11-15.) Во овие стихови, Павле нагласил дека ,службата со која се собира помош‘ има три главни цели. Да ги разгледаме една по една.

8 Прво, кога им пружаме помош на браќата, му носиме слава на Јехова. Забележи колку често во петте стихови наведени погоре Павле им го насочил вниманието на своите браќа кон Јехова Бог. Тој ги потсетил дека службата со која се собира помош ги поттикнува другите „да му благодарат на Бог“ и да му упатуваат „многубројни благодарности“ (стихови 11, 12). Освен тоа, спомнал дека христијаните што добиле помош биле поттикнати да го „слават Бог“ и да го величаат ,поради незаслужената доброта која обилно им ја покажал‘ (стихови 13, 14). Откако објаснил колку е важно „служењето на светите“, Павле заклучил: „Му благодариме на Бог за неговиот неопислив дар“ (стих 15; 1. Пет. 4:11).

9. Како помошта која им ја пружаме на нашите браќа може да влијае врз луѓето? Наведи пример.

9 Исто како Павле, Божјите слуги денес сметаат дека, кога им помагаат на браќата што се во неволја, имаат прилика да го слават Јехова и да ,го украсуваат неговото учење‘ (1. Кор. 10:31; Тит 2:10). Всушност, со тоа честопати успеваат да ги срушат предрасудите што некои луѓе ги имаат за Јехова и за неговите Сведоци. Ова многу јасно се гледа од следниов пример. Една жена, која живеела на подрачје што било опустошено од ураган, на вратата имала ставено натпис: „Не примаме Јеховини сведоци“. Но, еден ден видела како некои доброволци почнале да поправаат една оштетена куќа спроти нејзиниот дом. Таа со денови гледала како тие работници се однесуваат срдечно и пријателски еден со друг, и затоа отишла да ги праша кои се. Кога дознала дека се Јеховини сведоци, многу се изненадила, и рекла: „Очигледно имав сосема погрешно мислење за вас“. Потоа го тргнала натписот од вратата.

10, 11. а) Која е втората цел што ја постигнуваме кога им помагаме на браќата кои се во неволја? Наведи примери. б) Зошто била издадена брошура во која се зборува за нашите акции за помош? (Види ја рамката „Корисна публикација за оние што ги организираат акциите за помош“.)

10 Второ, пружаме помош ,за да ги задоволиме потребите‘ на соверниците. (2. Кор. 9:12а). Ние сакаме да им го дадеме на нашите браќа она што им е најпотребно и да им го ублажиме страдањето. Зошто? Затоа што членовите на христијанското собрание се делови од ,едно тело‘ и, „ако еден дел трпи, сите други делови трпат со него“ (1. Кор. 12:20, 26). Поттикнати од братска љубов и сочувство, денес многу браќа и сестри се спремни веднаш да остават сѐ што прават, да ги земат потребните алати и да заминат на места погодени од катастрофи за да им помогнат на своите соверници (Јак. 2:15, 16). На пример, откако Јапонија беше погодена од цунами во 2011 год., американската подружница испрати писмо до Регионалните одбори за изградба во САД за да се распраша дали „неколку браќа со градежно искуство“ можат да помогнат во поправањето и градењето на сали за состаноци во Јапонија. Каков беше одѕивот? За неколку седмици, се пријавија речиси 600 доброволци, кои беа спремни да отпатуваат за Јапонија на свој трошок! „Таквиот одѕив ги надмина сите наши очекувања!“, напиша подружницата на САД. Што одговорил еден од доброволците кога еден брат од Јапонија го прашал зошто дошол да помага? „Браќата во Јапонија се дел од ,нашето тело‘“, му рекол тој. „И ние чувствуваме болка кога тие страдаат.“ Поттикнати од самопожртвувана љубов, Сведоците понекогаш дури и си го ризикуваат животот за да им помогнат на соверниците.c (1. Јов. 3:16).

Во Швајцарија, една жена која е Јеховин сведок ја средува хуманитарната помош наменета за соверниците (1946)

Швајцарија (1946)

НАШАТА ПРВА ПОГОЛЕМА АКЦИЈА ЗА ПОМОШ ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ

ВО СЕПТЕМВРИ 1945 год., само неколку месеци откако Втората светска војна завршила во Европа, брат Нор најавил голема акција за собирање „материјална помош за сиромашните браќа во средна Европа“.

Само неколку седмици по таа најава, Сведоците во Канада, во САД и во други земји почнале да собираат и да пакуваат облека и храна. Од јануари 1946 год. им била испратена помош на браќата во Австрија, Англија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Данска, Италија, Норвешка, Полска, Романија, Унгарија, Финска, Франција, Холандија и Чехословачка, како и на браќата во Кина и на Филипините.

Но, ова не било само еднократна помош. Браќата во тие земји добивале вакви пратки во следните две и пол години! Во текот на тоа време, околу 85.000 браќа и сестри им испратиле на своите соверници во земјите опустошени од војната повеќе од 300 тони храна, над 450 тони облека и преку 124.000 пара чевли. Оваа огромна акција за помош завршила во август 1948 год. Во Стражарска кула од 1949 год. пишувало: „Акцијата беше силен доказ за вистинска братска љубов. Сите браќа го направија ова за да го прослават Бог, имајќи на ум дека ваквата материјална помош ќе им овозможи на некои сохристијани да продолжат верно да му служат на Бог. За нив беше огромна чест што можеа да покажат грижа за своите браќа на ваков начин“. Оваа акција му донела слава на Јехова, ја обезбедила потребната помош за соверниците и го зајакнала единството меѓу браќата низ целиот свет.

11 И оние што не се Сведоци изразуваат ценење за помошта што ја пружаме при катастрофи. На пример, кога државата Арканзас (САД) беше погодена од елементарна непогода во 2013 год., во еден весник пишуваше: „Јеховините сведоци се толку добро организирани што своите акции за помош ги имаат доведено до совршенство“. Навистина, како што рекол апостол Павле, ние правиме сѐ за да ги ,задоволиме потребите‘ на нашите браќа во неволја.

12-14. а) Која е третата цел што ја постигнуваме кога им помагаме на браќата кои се во неволја, и зошто е многу важна? б) Кои изјави покажуваат колку е важно што побрзо да се продолжи со духовните активности?

12 Трето, им помагаме на настраданите браќа повторно да се посветат на духовните активности. Зошто е важно ова? Павле рекол дека тие што добиваат помош ќе бидат поттикнати да му упатуваат „многубројни благодарности на Бог“ (2. Кор. 9:12б). А има ли подобар начин да му ја покажат својата благодарност на Јехова од тоа да се вратат што е можно побрзо на своите христијански активности? (Фил. 1:10). Во Стражарска кула од 1945 год. пишувало: „Павле го одобрувал... собирањето прилози бидејќи така им се помагало во материјален поглед... на сиромашните браќа, па тие можеле да сведочат за Јехова уште поревносно и во поголема мера“. И ние денес имаме иста цел. Кога повторно ќе почнат да проповедаат, Божјите слуги што биле погодени од неволја ги тешат другите луѓе, но и самите добиваат утеха. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.)

13 Да видиме што рекле некои браќа кои, откако ја добиле неопходната помош, почнале повторно да проповедаат и биле зајакнати поради тоа. „Бевме среќни што како семејство можевме да одиме во служба“, рекол еден брат. „Додека ги тешевме другите, барем накратко заборававме на нашите лични грижи и проблеми.“ Една сестра рекла: „Духовните активности ми помогнаа да не мислам на хаосот околу нас. Проповедањето ми влеа чувство на сигурност“. Друга сестра рекла: „Иако многу работи беа вон наша контрола, службата ни помогна на сите во семејството да мислиме на нешто позитивно. Тоа што ја споделувавме со другите надежта за новиот свет, ни помогна со доверба да гледаме на иднината кога Јехова ќе обнови сѐ“.

14 Состаноците се друга духовна активност со која нашите соверници кои се погодени од неволја треба да продолжат што е можно побрзо. Да видиме што се случило со Кијоко, една сестра која имала околу 60 год. кога Јапонија беше погодена од цунами. Откако изгубила сѐ освен облеката и сандалите што ги имала на себе, таа била многу загрижена бидејќи не знаела од што ќе живее. Тогаш еден старешина ѝ рекол дека ќе го одржат собранискиот состанок во неговата кола. Кијоко вели: „Во колата бевме јас, една сестра и старешината со жена му. Состанокот беше едноставен, но ми помогна, како со чудо, да заборавам на ужасот од цунамито. Почувствував душевен мир. Тој состанок ми покажа колку може да нѐ зајакне дружењето со браќата и сестрите“. Во врска со состаноците на кои одела откако се случила катастрофа, друга сестра рекла: „Тие ми беа јаже за спасување!“ (Рим. 1:11, 12; 12:12).

Помагањето на браќата носи трајни благослови

15, 16. а) Какви благослови имале христијаните во Коринт, како и другите кои им помагале на своите браќа во неволја? б) Зошто може да се каже дека и денес акциите за помош ни носат благослови?

15 Во своето послание до Коринќаните, Павле им објаснил какви благослови ќе имаат тие и другите христијани ако им помагаат на соверниците кои се во неволја. Тој изјавил: „Тие [еврејските христијани во Ерусалим кои ја добиле помошта] со голема љубов ќе се молат за вас, затоа што Бог токму преку вас им покажа колку милосрдно им е благонаклонет“ (2. Кор. 9:14, Радосна Вест). Великодушната помош која ја добиле еврејските христијани ја продлабочила нивната љубов кон браќата во Коринт — меѓу кои имало и не-Евреи — и ги поттикнала сесрдно да се молат за нив.

16 Во Стражарска кула од 1 декември 1945 год., овие зборови на Павле биле применети на нашево време. Таму пишувало: „Кога верните Божји слуги од едниот крај на светот собираат помош за потребите на своите соверници од другиот крај на светот, тоа уште повеќе го зацврстува нивното единство“. Браќата кои денес учествуваат во акциите за помош се увериле во вистинитоста на овие зборови. Еден старешина кој помагал на подрачје кое било погодено од поплави вели: „Овие акции ми помогнаа да се зближам со браќата како никогаш порано“. А една сестра која била благодарна што добила ваква помош рекла: „Нашето братство ни помага уште денес да вкусиме каков ќе биде животот во прекрасниот нов свет!“ (Прочитај Изреки 17:17.)

17. а) Како зборовите од Исаија 41:13 се исполнуваат со акциите за помош? б) Наведи некои примери кои покажуваат како акциите за помош му носат чест на Јехова и го зацврстуваат нашето единство. (Види ја и рамката „Доброволците им помагаат на браќата низ целиот свет“.)

17 Кога доброволците ќе пристигнат на опустошеното подрачје, браќата што се погодени од катастрофата чувствуваат на посебен начин како Бог го исполнува следново ветување: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ,Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Иса. 41:13). На пример, една сестра рекла: „Се чувствував безнадежно кога гледав колкава штета беше направена. Но, Јехова беше покрај мене. Не можам да опишам колку многу ми помогнаа браќата“. Двајца старешини од едно подрачје кое било погодено од земјотрес, го напишале следново во име на своите собранија: „Тоа беше неописливо тежок период за нас. Но, Јехова многу ни помогна преку нашите браќа. Порано само читавме за акциите за помош, а сега гледавме како се извршуваат пред наши очи“.

Питер Џонсон на еден градежен проект

ВЛИЈАЕЛА ВРЗ ЦЕЛИОТ НЕГОВ ЖИВОТ

КАКО може учеството во акциите за помош да влијае врз младите? Да видиме што рекол во врска со ова Питер Џонсон, кој за првпат учествувал во ваква акција кога имал 18 години. Тој вели: „Видов колку се благодарни браќата за помошта, и бев среќен што правам нешто за другите. Тоа остави неизбришлив впечаток врз мене и ја зацврсти мојата желба да го посветам својот живот во службата за Јехова“. Потоа Питер започнал со пионерска служба. Некое време служел во Бетел, а подоцна станал член на еден Регионален одбор за изградба. Сега тој вели: „Таа прва акција за помош во која учествував во 1974 год. влијаеше врз целиот мој живот“. Ако си млад, дали можеш да го следиш примерот на Питер? Акциите за помош можат да извршат силно влијание и врз твојот живот!

Можеш ли и ти да помагаш?

18. Што можеш да правиш ако сакаш да учествуваш во некоја акција за помош? (Види ја и рамката „Влијаела врз целиот негов живот“.)

18 Дали би сакал и ти да почувствуваш радост така што ќе учествуваш во некоја акција за помош? Ако да, имај на ум дека за овие акции обично се избираат браќа и сестри кои работат на изградба на сали за состаноци. Затоа, спомни им на старешините во твоето собрание дека би сакал да пополниш молба за оваа служба. Еден старешина, кој со години учествува во акции за помош, го дава следново корисно потсетување: „Одете на погоденото подрачје дури откако ќе добиете покана од некој Одбор за помош при катастрофи“. Тоа ќе го олесни организирањето на работата.

19. Како со акциите за помош покажуваме дека сме вистински следбеници на Христос?

19 Кога им помагаме на браќата што се во неволја, ние на посебен начин покажуваме послушност кон Христовата заповед: „Сакајте се еден со друг“. Таквата љубов е доказ дека навистина сме ученици на Исус (Јован 13:34, 35). Колку сме среќни што има толку многу браќа кои му носат слава на Јехова така што спремно им помагаат на сите кои верно го поддржуваат Божјето Царство!

a Во ова поглавје се зборува за помошта која им ја пружаме на нашите соверници. Но, понекогаш со таквите акции им помагаме и на другите луѓе (Гал. 6:10).

b На пример, Павле го употребил зборот дијаконос (слуга) во множина кога се осврнал на ,слуга-помошниците‘ кои вршат света служба во собранието (1. Тим. 3:12).

c Види ја статијата „Помагање на нашата фамилија верници во Босна“ во Стражарска кула од 1 ноември 1994, страници 23-27.

Колку е цврста твојата вера во Божјето Царство?

  • Од каде знаеме дека помагањето на браќата е дел од нашата света служба за Јехова?

  • Кои три главни цели се постигнуваат кога им помагаме на соверниците?

  • Кои трајни благослови ги носи службата со која им помагаме на браќата?

  • Како помагањето на браќата е поврзано со заповедта на Исус запишана во Јован 13:34?

ДОБРОВОЛЦИТЕ ИМ ПОМАГААТ НА БРАЌАТА НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ

СРЕДНА И ЗАПАДНА АФРИКА

Во 1994 год., во Руанда дојде до меѓуплеменски судири во кои беа убиени повеќе од 800.000 луѓе. По ова крвопролевање, немирите се проширија и во други земји во средна Африка. Огромен број луѓе се слеваа во преполнетите кампови за бегалци. За да им помогнат на соверниците на тоа подрачје, Јеховините сведоци од Белгија, Франција и Швајцарија авионски им доставија околу 300 тони облека, лекарства, шатори, храна и други намирници. За само неколку седмици, оваа помош стигна до нашите браќа на тоа кризно подрачје.

Во поново време, во Африка беше испратен еден тим од десет лекари и медицински сестри кои се Сведоци од Франција за да им помагаат на нашите браќа и да им ги ублажат страдањата од граѓанската војна, гладот и болестите. Само во последните две години, овој тим изврши повеќе од 10.000 лекарски прегледи. Она што го прават за своите соверници му носи чест на Јехова и на неговата организација. Една од медицинските сестри вели: „Кога ќе дојдеме во некое место за да им помагаме на нашите браќа и сестри, луѓето со почит велат: ,Тие се Јеховини сведоци. Дојдоа да им помогнат на своите браќа‘“. Откако добила помош од една медицинска сестра во овој тим, една сохристијанка воодушевено рекла: „Фала ти, сестро моја. Фала ти, Јехова!“

Понекогаш е потребно да се пружи помош и по некоја тешка несреќа. Во 2012 год., во една сообраќајна незгода во Нигерија загинале 13 Сведоци од едно мало собрание, а вкупно 54 лица биле тешко повредени. Одборот за помош организирал деноноќна нега за сите повредени браќа и сестри. Кога видела колку многу Сведоците се грижат едни за други, една пациентка му се јавила на својот пастор и му рекла: „Никој од нашата црква не ме посети. Дојдете во болницата за да видите како Јеховините сведоци на дело покажуваат колку многу се сакаат!“

Иако нашите мили браќа од тоа мало собрание претрпеле толку болна загуба, биле утешени од зборовите и постапките на соверниците, кои со многу љубов се грижеле за нив. Тоа оставило длабок впечаток врз објавителите и неколкумина во собранието биле поттикнати да ја зголемат службата. Пред несреќата, собранието имало 35 објавители. За една година, бројот пораснал на 60.

АВСТРАЛИЈА

Во 2013 год., делови од крајбрежјето на Квинсленд биле погодени од поплави во кои биле уништени домовите на 70 Сведоци. Марк, Ронда и нивната ќерка ја напуштиле својата поплавена куќа и се засолниле во преполниот центар за евакуација. Ронда вели: „Внатре имаше толку многу луѓе што можевме само да стоиме“. Заглушувачката бука од хеликоптерите кои слетувале и полетувале од едно место во близина уште повеќе ја влошувала напнатата атмосфера. Ронда загрижено го прашала маж ѝ: „Што ќе правиме сега?“ Марк горливо му се помолил на Јехова за помош. „По околу половина час, тројца браќа дојдоа со кола до центарот“, раскажува Ронда. „Кога нѐ видоа, рекоа: ,Доаѓате со нас. Ќе ве сместиме кај еден брат‘“. Таа додава: „Не можам да опишам колку многу ни значеше во тој момент грижата и љубовта што ни ја покажа Јеховината организација“.

Повеќе од 250 доброволци веднаш пристигнале на тоа погодено подрачје за да им помогнат на своите браќа. Еден постар брат вели: „Одненадеж се појави една група Сведоци и веднаш се фатија за работа. Работеа како мравки за да го расчистат страшниот неред во нашата куќа. Јас и жена ми никогаш нема да заборавиме колку ни помогнаа“.

БРАЗИЛ

Во 2008 год., поради поплави и лизгање на земјиште во сојузната држава Санта Катарина, околу 80.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови. Еден тамошен жител изјавил: „Како да нѐ поклопи цунами од земја, кал и дрвја“. Некои браќа се засолниле во една конгресна сала. „Успеале да побегнат само со облеката што ја имаа на себе, и беа цели накиснати од кал“, раскажува Марсио, кој се грижи за салата. Една сестра вели: „Нашата куќа се урна. Беше страшно да се гледа како исчезнува за само неколку секунди! Но, никогаш нема да ја заборавам утехата што ни ја пружија браќата и сестрите. Тие навистина ни покажаа и со зборови и на дело колку многу нѐ сакаат. Од она што го доживеав, сфатив колку е мудро да ги ценам духовните работи“.

Јеховини сведоци ја подредуваат хуманитарната помош за браќата во Бразил кои претрпеле катастрофа

Една конгресна сала во Санта Катарина беше претворена во привремен центар за пружање хуманитарна помош (2009)

Лизгањето на земјиштето уништи цели населби на планинските падини во близина на Рио де Жанеиро. Бидејќи често се случуваат вакви временски непогоди, Сведоците формираа еден постојан Одбор за помош за да можат навремено да им помогнат на своите соверници. Кога има опасност од лизгање на земјиштето, одредени браќа од погоденото подрачје веднаш го информираат овој одбор. За многу кратко време пристигнуваат доброволци со камиони на кои има натпис „Јеховини сведоци — хуманитарна помош“. Спасувачките екипи се добро опремени и секој член точно си ја знае задачата. Тие носат елеци по кои јасно се препознава дека се Јеховини сведоци. Во соработка со Одборите за контактирање со болниците, доброволците им помагаат на повредените браќа и сестри. Тие им доставуваат храна, вода, медицинска опрема, облека и средства за чистење. Многу е тешко да се извади калта од куќите. Кога неодамна имаше лизгање на земјиштето, беа потребни 60 доброволци за да извадат дури четири камионски приколки со кал од само една куќа!

ПОДГОТОВКА ЗА ПРИРОДНА КАТАСТРОФА

Водечкото тело ги задолжи сите подружници во светот да им дадат конкретни упатства на собраниските старешини и на патувачките надгледници за тоа како да се подготват и да се справат со катастрофи. На пример, уште пред да дојде до елементарна непогода, старешините мора да ги имаат најновите податоци за сите објавители за брзо да стапат во контакт со нив.

ВО СЛУЧАЈ НА КАТАСТРОФА

  1. Старешина стапува во контакт со семејство Сведоци

    Собраниските старешини стапуваат во контакт со сите објавители

  2. Старешините поднесуваат извештај до координаторот на старешинството

  3. Комуникација меѓу координаторот на старешинството, покраинскиот надгледник и други одговорни браќа кои се во контакт со подружницата
  4. Координаторот поднесува извештај до покраинскиот надгледник и до други одговорни браќа кои се во контакт со подружницата

  5. Храна и вода
  6. Во најкраток можен рок, на настраданите браќа им се обезбедува храна, вода, медицинска помош и сместување; освен тоа, им се дава утеха и духовна помош

  7. Се разгледува извештајот за моменталните потреби на местото кое е погодено од катастрофа
  8. Подружницата испраќа извештај до Одборот на координатори на Водечкото тело во врска со моменталната ситуација и потребите

  9. Доставување хуманитарна помош
  10. Одборот за помош при катастрофи организира акции за помош и се грижи за долгорочните потреби на браќата

  11. Авион во лет
  12. Одборот на координатори ги проценува тековните потреби и, во зависност од околностите, организира испраќање на доброволци од други земји

КОРИСНА ПУБЛИКАЦИЈА ЗА ОНИЕ ШТО ГИ ОРГАНИЗИРААТ АКЦИИТЕ ЗА ПОМОШ

Насловна страница на брошурата Јеховините сведоци помагаат при катастрофи

ВО ЈУНИ 2013 год., излезе брошурата Јеховините сведоци помагаат при катастрофи (англ.). Таа е наменета за владините службеници во САД кои се надлежни за организирање помош во случај на катастрофи и вонредни ситуации. Во брошурата се опишани некои акции за помош кои нашата организација ги презема уште од средината на 1940-тите. Во неа има и мапа на која се означени некои земји во кои сме пружале помош. „Браќата од Одборот за помош при катастрофи ја користат оваа брошура уште долго пред да дојде до кризна ситуација за да стапат во контакт со надлежните службеници на подрачјата во кои често се случуваат природни непогоди“, објаснува еден старешина кој е вклучен во организирањето акции за помош. „Кога службениците се запознати со нашите активности, многу полесно ги добиваме од нив дозволите кои ни се потребни за да одиме на погодените подрачја.“

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели