Како членовите на семејството соработуваат за целосно учество — во библиската студија
1 Вистината му дава вистинска смисла и цел на семејниот живот, но успехот во служењето на Јехова не доаѓа автоматски. Потребно е време и напор за да се изгради едно духовно јако домаќинство. Огромна е потребата членовите на семејството тесно да соработуваат во ваквото настојување. Првата статија во серијата од три дела ќе се сосредоточи на тоа како можат семејствата да соработуваат во здобивањето добри навики на проучување.
2 Читајќи ја Библијата секој ден: Изреки 24:5 (NW) наведува дека „човек со спознание ја зајакнува моќта“. Спознанието стекнато со редовното читање на Божјата Реч му ја дава на лицето внатрешната сила што е потребна за да им одолее на Сатановите напади врз неговата духовност (Псал. 1:1, 2). Дали секојдневно ја читате Библијата заедно како семејство? Распоредот за Теократската школа за служба дава еден „Дополнителен распоред за читање на Библијата“ за секоја седмица од годината. За да се следи тој распоред, потребно е семејството да одвојува само десетина минути секој ден. Изберете прикладно време, како што е појадокот, после вечерата или пред легнување, за да ја читате Библијата и за да го разгледате дневниот стих од Разгледување на Писмото. Тоа направете го дел од секојдневната рутина на вашето семејство.
3 Проучувајќи заедно секоја седмица: Семејната библиска студија треба да биде врвна точка во седмицата на семејството. Секој член треба да ја поддржува горливо учествувајќи во студијата. Поглаварот на семејството ќе сака да ги има предвид потребите на семејството кога ќе го избира материјалот за проучување, денот, времето и должината на студијата. Дајте ѝ на семејната студија предност во седмичниот распоред. Не допуштајте да ја попречат работи кои не се толку важни (Фил. 1:10, 11).
4 Еден татко кому честопати службено му телефонирале дома го исклучувал телефонот за време на семејната студија. Доколку клиентите дошле дома, тој ги поканувал да се придружат на студијата или да почекаат додека заврши. Таткото бил одлучен ништо да не ја попречува семејната студија. Тоа оставило длабок впечаток врз неговите деца, а што се однесува до бизнисот, тој одел добро.
5 Колку само е убаво кога членовите на семејството соработуваат во духовните активности! Оддаденоста во нашите напори да имаме целосно учество во семејната библиска студија ќе донесе Јеховин благослов (Псал. 1:3).