Благословите од пионерската служба
„Благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“ (ИЗРЕКИ 10:22).
1, 2. а) Како еден пионер ги изразил своите чувства во врска со полновремената служба? б) Зошто пионерите се во позиција попотполно да ги доживеат радостите од правењето ученици?
„МОЖЕ ли да има поголема радост отколку да видиш некој, со кого проучуваш, да стане активен фалител на Јехова? Восхитувачки е и зајакнувачки за верата да видиш колку е моќна Божјата Реч во мотивирањето на луѓето да прават промени во својот живот за да му угодат на Јехова.“ Така напишал еден пионер од Канада, кој е во полновремената служба преку 32 години. Во врска со својата пионерска служба, тој вели: „Не можам да се замислам да правам нешто друго. Со сигурност не можам да си замислам нешто друго што би ја донело истата радост“.
2 Дали се сложуваш дека постои голема радост во тоа да имаш удел во помагањето некому на патот во живот? Секако, пионерите не се единствените кои доживуваат таква радост. Сите Јеховини слуги се под налогот да ‚ги научат сите народи‘, и тие тежнеат да прават така (Матеј 28:19). Меѓутоа, поради тоа што пионерите се во можност да поминуваат многу часови во службата на теренот, тие честопати се во позиција да ги доживеат попотполно радостите од правењето ученици. Но, пионерењето има и други награди. Зборувај со пионерите, и тие ќе ти кажат дека пионерењето претставува прекрасен начин да се доживее ‚благословот Господов кој збогатува‘ (Изреки 10:22).
3. Што би можело да нѐ стимулира додека продолжуваме да му служиме на Јехова?
3 Неодамна, пионерите од разни делови на светот беа замолени да ги опишат благословите што ги доживеале во полновремената служба. Да разгледаме што имаа да кажат тие. Сепак, немој да се обесхрабруваш, доколку твојата служба е ограничена поради слабо здравје, сѐ подлабока старост или од други околности. Запомни, важно е да му се служи на Јехова со сета душа, во кое и да е својство. Па сепак, кога ќе ги чуеш коментарите на некои пионери, тоа може да го зголеми твојот интерес да отпочнеш со оваа наградувачка активност, ако тоа воопшто е можно.
Длабоки чувства на задоволство и радост
4, 5. а) Зошто споделувањето на добрата вест со другите претставува толку наградувачко искуство? б) Како се чувствуваат пионерите во поглед на полновременото учество во службата?
4 „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ — рекол Исус (Дела 20:35). Да, несебичното давање има свои награди (Изреки 11:25). Ова особено е точно кога се работи за споделувањето на добрата вест со другите. Навистина, каков поголем дар би можеле да му дадеме на еден ближен отколку да му помогнеме да го стекне спознанието за Бог, кое води до вечен живот? (Јован 17:3, НС).
5 Не е за изненадување тоа што оние кои полновремено учествуваат во службата, честопати коментираат за радоста и за длабокото чувство на исполнетост што го добиваат од својата служба. „Знам дека ниедна друга работа не можеше да ми го донесе задоволството што доаѓа од споделувањето на вистината со другите“ — вели еден 64-годишен пионер од Британија. Една вдовица од Заир се изразила што ѝ значело пионерењето нејзе: „Пионерската служба беше вистинска утеха за мене после загубата на мојот драг сопруг. Колку повеќе излегувам во службата за да им помагам на другите, толку помалку ја чувствувам трагичната загуба. Ја положив мојата вера во Јеховините ветувања и главно мислам на тоа како да им помогнам на оние, со кои проучувам, да направат промени во својот живот. На крајот од секој ден, сонот ми е сладок, а срцето ми е полно со радост“.
6. Каква посебна радост доживеале некои пионери?
6 Некои кои пионереле многу децении, ја имале особената радост да служат во оддалечени подрачја, воспоставувајќи собранија кои на крајот пораснале во покраини. На пример, во Абашири (Хокаидо, најсеверниот јапонски остров), има една сестра која е пионерка 33 години. Таа се сеќава дека на нејзиниот прв покраински собир — за целиот Хокаидо — имало само 70 присутни. А сега? На тој остров постојат 12 покраини, со вкупен број од преку 12.000 објавители. Замисли си колку само нејзиното срце се прелева од радост кога таа присуствува на собири и конгреси со мноштвата од сообјавители на Царството на тој остров!
7, 8. Каква радост доживеале повеќето долгогодишни пионери?
7 Други долговремени пионери ја имале радоста да видат како библиските студенти се крштаваат и потоа посегнуваат по поголеми предности на службата. Во Јапонија, една сестра која од 1957 служела на девет различни пионерски доделби, се присеќава дека ѝ дала едно списание Разбудете се! на една млада жена која работела в банка. Во рок од девет месеци, младата жена се крстила. Подоцна се омажила, и таа и нејзиниот сопруг станале специјални пионери. Колкава само радост била за сестрата пионерка кога, на нејзината трета доделба, нејзиното собрание било посетено од својот нов покраински надгледник и неговата сопруга — нејзиниот поранешен библиски студент!
8 Не е ни чудо што оние кои направиле кариера од пионерската служба, истата ја сметаат за „бесценета предност која треба високо да се цени“ — како што се изразил еден пионер од 22 години.
Доказ за Јеховината грижа
9. Како Голем Згрижувач, што им ветува Јехова на своите слуги, и што значи тоа за нас?
9 Јехова, Големиот Обезбедувач, ветува дека ќе ги одржува своите слуги, грижејќи се за нив духовно и материјално. Древниот цар Давид со право можел да рече: „Бев млад, веќе остарев, и невидов оставен праведник, ниту потомците негови леб да просат“ (Псалм 36:25). Секако, оваа божествена гаранција не нѐ ослободува од обврската да ги згрижуваме материјално своите семејства ниту, пак, ни дава дозвола премногу да се ослонуваме на дарежливоста на нашите христијански браќа (1. Солунјаните 4:11, 12; 1. Тимотеј 5:8). Сепак, кога спремно правиме жртви во својот живот за попотполно да му служиме на Јехова, тој нема никогаш да нѐ отфрли (Матеј 6:33).
10, 11. Што знаат од искуство многу пионери за Јеховината способност да згрижува?
10 Пионерите ширум светот знаат од искуство дека Јехова ги згрижува оние кои се ставаат во неговите грижливи раце. Разгледај го случајот со една пионерска двојка која се преселила во еден мал град, каде што имало поголема потреба од проповедници на Царството. После неколку месеци, световната работа станала оскудна, а нивната заштеда се исцрпила. Тогаш добиле сметка за осигурување на автомобилот од 81 долар. „Немавме начин да го платиме тоа“ — објаснува братот. „Таа ноќ се молевме многу горливо.“ Следниот ден, добиле картичка од едно семејство кое и самото финансиски се борело. На семејството му биле вратени пари од данокот, и бидејќи тоа било повеќе отколку што очекувале, сакале да поделат нешто со пионерската двојка. Бил приложен чек на 81 долар! „Никогаш нема да го заборавам тој ден — ми се наежи косата на главата!“ — вели братот пионер. „Толку ја ценевме дарежливоста на ова семејство.“ Јехова исто така ја цени таквата љубезност, која е типична за дарежливиот дух на кој тој ги охрабрува своите слуги (Изреки 19:17; Евреите 13:16).
11 Многу пионери можат да раскажат слични искуства. Прашај ги, и тие ќе ти кажат дека никогаш не биле ‚оставени‘. Осврнувајќи се на 55 години во полновремената служба, еден 72-годишен пионер вели: „Јехова никогаш не ме изневерил“ (Евреите 13:5, 6).
„Извонреден начин да му се приближиме на Јехова“
12. Зошто делото на објавување на добрата вест претставува таква значајна предност?
12 Тоа што Јехова дури и нѐ замолува да ја објавуваме добрата вест за неговото Царство, ни пружа една предност. Тој нѐ смета — иако сме несовршени луѓе — за свои „соработници“ во оваа животоспасувачка активност (1. Коринтјаните 3:9; 1. Тимотеј 4:16). Додека им проповедаме на другите за Божјето Царство, додека проповедаме крај на злобата, додека им ја објаснуваме на луѓето неговата извонредна љубов во обезбедувањето откупнина, додека ја отвораме неговата жива Реч и ги поучуваме лицата со чесни срца за нејзината скапоцена содржина, ние природно му се приближуваме на нашиот Творец, Јехова (Псалм 144:11; Јован 3:16; Евреите 4:12).
13. Што велат некои за ефектот од нивната пионерска служба врз нивниот однос со Јехова?
13 Пионерите се во можност да поминат многу време секој месец во учењето и поучувањето за Јехова. Според нивно мислење, како влијае ова врз нивниот однос со Јехова? „Пионерењето е еден извонреден начин да му се приближиш на Јехова“ — одговара еден старешина од Франција, кој преку десет години е пионер. Еден друг пионер во таа земја, кој поминал 18 години во полновремената служба, вели: „Пионерската служба ни дозволува да ‚вкусиме и да видиме колку Господ е благ‘, градејќи од ден на ден еден сѐ поцврст однос со нашиот Творец“ (Псалм 33:8). Една сестра од Британија, која е пионерка 30 години, се чувствува слично. „Тоа што морам да црпам од Јеховиниот дух за водство во мојата служба, ме зближува со него“ — вели таа. „Навистина сум почувствувала дека Јеховиниот дух во многу прилики ме насочуваше кон одреден дом во право време.“ (Спореди Дела 16:6—10.)
14. На кој начин пионерите извлекуваат корист од користењето на Библијата и публикациите темелени на Библијата од ден на ден за да ги поучуваат другите?
14 Многу пионери увидуваат дека користењето на Библијата и публикациите што се темелат на Библијата од ден на ден за да се објаснуваат и поучуваат библиски вистини, им помага да растат во спознанието за Божјата Реч. Еден 85-годишен брат од Шпанија, кој бил пионер 31 година, објаснува: „Пионерењето ми помогна да стекнам длабоко спознание за Библијата, спознание кое го користев за да им помогнам на многу луѓе да го запознаат Јехова и неговите намери“. Една сестра од Британија, која пионери 23 години, вели: „Полновремената служба ми помогна да негувам силен апетит за духовната храна“. Кога на другите им ја објаснуваш ‚причината за надежта во себе‘, тоа може да ги зајакне твоите лични убедувања во врска со верувањата кои ти се драги (1. Петрово 3:15, НС). Еден пионер од Австралија вели: „Пионерењето ја подобрува мојата вера додека се изразувам пред другите“.
15. Што биле спремни да прават мнозина за да стапат во пионерската служба и за да останат во неа, и зошто?
15 Очигледно, овие пионери-министри се уверени дека избрале облик на служба кој донесува безброј благослови од Јехова. Не е ни чудо што мнозина биле спремни да прават преиначувања во својот живот, па дури и да жртвуваат световна кариера и материјално богатство за да стапат во пионерската служба и да останат во неа! (Изреки 28:20).
Дали твоето срце копнее да прави повеќе?
16, 17. а) Ако се прашуваш дали пионерењето ти е возможно, што би можел да сториш? б) Како се чувствуваат некои кога не се во можност да пионерат?
16 Откако разгледа што велат пионерите за благословите од пионерската служба, можеби се прашуваш дали пионерењето е изводливо за тебе. Ако да, зошто не разговараш со некој пионер кој ја направил успешна полновремената служба? Исто така, можеби ќе утврдиш дека е корисно да зборуваш со некој од старешините во собранието, некој кој те познава — твојата здравствена состојба, твоите ограничувања и твоите семејни одговорности (Изреки 15:22). Објективните коментари од другите можат да ти помогнат внимателно да процениш дали пионерењето е возможно за тебе. (Спореди Лука 14:28.) Ако си во можност да пионериш, твоите благослови навистина ќе бидат големи (Малахија 3:10).
17 Сепак, што е со многуте верни објавители на Царството кои не се во позиција да пионерат, иако можеби копнеат да прават повеќе во службата? На пример, размисли за чувствата на една христијанска сестра која се бори сама во подигањето на своите четири деца. „Се чувствувам лошо“ — вели таа — „бидејќи бев општа пионерка, но сега, поради моите околности, не можам да излегувам во службата на теренот онолку колку што излегував.“ Оваа сестра многу ги љуби своите деца и сака да ги згрижува. Истовремено, таа копнее да прави повеќе во делото на проповедање. „Ја сакам службата“ — објаснува таа. Слични чувства споделуваат и други оддадени христијани, чија љубов кон Бог ги тера да сакаат да му служат на Јехова „од сѐ срце“ (Псалм 85:12).
18. а) Што очекува Јехова од нас? б) Зошто не треба да бидеме обесхрабрени доколку околностите го ограничуваат она што сме во можност да го сториме?
18 Запомни дека она што Јехова го очекува од нас е служба со сета душа. Колку ќе изнесува тоа, може значително да варира од човек до човек. Некои се во можност да ги преиначат своите работи за да служат како општи пионери. Многу други се пријавуваат како помошни пионери или повремено или на постојана основа, поминувајќи по 60 часа секој месец во службата. Меѓутоа, големото мнозинство од Јеховиниот народ му се посветува на делото на проповедање и поучување со сета душа како собраниски објавители. Според тоа, ако навистина си ограничен од слабото здравје, сѐ подлабоката старост, семејните одговорности или, пак, од други околности, немој да се обесхрабруваш. Сѐ додека го даваш твоето најдобро, твојата служба е скапоцена во Божји очи, исто како што е службата на оние кои се во полновремената служба!
Сите можат да го покажуваат пионерскиот дух
19. Што е пионерски дух?
19 Иако можеби не си во можност да се пријавиш како пионер, ти можеш да го покажуваш пионерскиот дух. Што е пионерски дух? Изданието на Наша служба за Царството од јули 1988 (англ.) наведе: „Тоа би можело да се дефинира како имање позитивен став спрема заповедта да се проповеда и да се прават ученици, да се биде потполно предаден на покажувањето љубов и грижа за луѓето, да се биде самопожртвуван, да се наоѓа радост во тесното следење на Господарот, и да се наоѓа задоволство во духовни, а не во материјални работи“. Како можеш да го покажуваш пионерскиот дух?
20. Како можат родителите да го покажуваат пионерскиот дух?
20 Ако си родител со млади деца, можеш на своите деца сесрдно да им препорачаш кариера како пионери. Твојот позитивен став спрема службата може да им ја вреже потребата Јеховината служба да ја направат најважна работа во својот живот. Би можел да покануваш пионери и патувачки надгледници со нивните сопруги во твојот дом за да можат твоите деца да извлечат корист од примерите на оние кои нашле радост во полновремената служба. (Спореди Евреите 13:7.) Дури и во религиозно разделени домови, родителите кои се верници, со збор и со пример, можат да им помогнат на своите деца полновремената служба да ја направат цел во животот (2. Тимотеј 1:5; 3:15).
21. а) Како можеме сите ние да им дадеме поддршка на оние кои пионерат? б) Што можат старешините да сторат за да ги охрабрат пионерите?
21 Во собранието, сите можеме да им даваме сесрдна поддршка на оние кои се во можност да пионерат. На пример, можеш ли да вложиш посебен напор да работиш со некој пионер во службата, особено во времиња кога пионерот инаку можеби би работел сам? Веројатно ќе утврдиш дека ќе има „размена на охрабрувања“ (Римјаните 1:11, 12, НС). Ако си старешина, можеш да сториш уште повеќе за да ги охрабриш пионерите. Кога ќе се состане телото од старешини, тие треба редовно да ги разгледуваат потребите на пионерите. Кога некој пионер е обесхрабрен или доживува некакви тешкотии, немој пребрзо да препорачаш тој или таа да прекине со пионерењето. Иако давањето таква препорака може да е неопходна во некои случаи, не заборавај дека пионерењето претставува скапоцена предност која полновремениот слуга може длабоко да ја цени. Малку охрабрување и некој практичен совет или помош може да е сѐ што е потребно. Канцеларијата на подружницата во Шпанија пишува: „Кога старешините охрабруваат на пионерење, кога ги поддржуваат пионерите во службата на теренот и ги пасат редовно, пионерите имаат повеќе радост, се чувствуваат корисни и сакаат да продолжат и покрај препреките што може да се појават“.
22. Што треба да бидеме решени да правиме во овој критичен период од човечката историја?
22 Живееме во еден критичен период од човечката историја. Јехова ни дал да извршиме едно животоспасувачко дело (Римјаните 10:13, 14). Без разлика дали можеме да учествуваме во ова дело полновремено како пионери или не, да го покажуваме пионерскиот дух. Да имаме чувство на итност и дух на самопожртвуваност. Да бидеме решени да му го дадеме на Јехова она што тој го бара од нас — служба со сета душа. И да запомниме дека, кога даваме сѐ што можеме да дадеме, сеедно дали тоа личи на малите парички на вдовицата или, пак, на скапото масло на Марија, нашата служба е со сета душа, а Јехова длабоко ја цени нашата служба со сета душа!
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто полновремената служба донесува чувства на задоволство и радост?
◻ Што знаат од искуство многу пионери за Јеховината способност да се грижи за своите слуги?
◻ Што мислат пионерите, какви ефекти има нивната служба врз нивниот однос со Јехова?
◻ Како можеш да го покажуваш пионерскиот дух?
[Слика на страница 23]
Пионерите добиваат голема радост од правењето ученици
[Слика на страница 23]
Твоите деца можат да извлечат корист од дружењето со полновремени објавители на Царството
[Слика на страница 23]
Старешините можат да ги охрабруваат пионерите во службата на теренот