Писмо од Водечкото тело
Драги браќа и сестри,
Огромна чест е што можеме да го носиме името на Севишниот Господар, Јехова! Тоа е вечно, неуништливо и неспоредливо. Самиот Јехова ни дал да го носиме неговото име, и особено од 1931 год. наваму, познати сме по тоа единствено име (Иса. 43:10). Затоа сме горди што можеме да се идентификуваме како Јеховини сведоци.
Ѓаволот упорно се обидува да го скрие Божјето име. Под негово влијание, народите со презир го отфрлаат Јеховиното име. Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, го мрази Божјето име и го отстранил од многу преводи на Библијата. За разлика од тоа, Исус многу го почитувал името на својот Татко, ставајќи го на прво место во молитвата што им ја кажал како пример на своите следбеници. Тој рекол: „Значи, молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое‘“ (Мат. 6:9). Подоцна, во една сесрдна молитва до својот Татко, рекол: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот“ (Јован 17:6). Следејќи го убавиот пример што ни го дал Исус, решени сме повеќе од кога и да е порано ревносно да го објавуваме Јеховиното име низ целиот свет.
Годишниот стих за 2009 год., ‚Сведочи темелно за добрата вест‘, нѐ поттикна во потполност да ја извршиме нашата служба (Дела 20:24). Нема сомнение дека Јехова богато го благослови нашиот труд во изминатата службена година. Во целиот свет беше дадено огромно сведоштво на слава и фалба на Јеховиното име. Достигнавме нов највисок број од 7.313.173 објавители, кои обединето им проповедаа и ги поучуваа искрените луѓе што бараат решение за многуте секојдневни проблеми. На Спомен-свеченоста присуствуваа 18.168.323 лица, што покажува дека уште милиони луѓе можеби ќе го повикаат Јеховиното име пред да дојде крајот на овој зол свет.
Сѐ додека дозволува Јехова, ќе продолжиме ревносно да ја проповедаме добрата вест за Царството и ќе се трудиме на секој можен начин да дојдеме до луѓето на нашето подрачје (Мат. 24:14; Мар. 13:10). Сеедно дали тоа го правиме од врата до врата, на улица, преку писма, телефон или неформално, да се трудиме да им го објавиме Јеховиното име и неговата намера на колку што е можно повеќе луѓе.
Можеме да бидеме потполно уверени дека Јехова наскоро ќе го посвети своето име (Езек. 36:23). Брзо се приближува времето кога ќе бидат замолчени сите оние што го клеветат. Тоа навистина ќе биде величествен ден за сите верни Јеховини слуги кои го објавуваат неговото име и го поддржуваат неговото право да владее!
Обласните и меѓународните конгреси „Бдејте!“, кои во текот на 2009 год. се одржаа низ целиот свет, јасно покажаа дека Јехова го сака својот народ и дека се грижи за него. Тие конгреси се значаен дел од историјата на Божјиот народ и нѐ поттикнаа да бидеме уште посвесни колку е важно будно да го чекаме Јеховиниот ден (Мар. 13:37; 1. Сол. 5:1, 2, 4).
Јехова навистина е добар кон нас и ги полни нашите срца со радост. Тој ни дава да се одмораме на зелени пасишта и нѐ води на почивалишта обилни со вода (Пс. 23:1, 2; 100:2, 5).
Бидете уверени дека Јехова и понатаму ќе ве благословува додека верно му служите и во наредните месеци!
На целото наше меѓународно братство му испраќаме срдечни христијански поздрави.
Вашите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци