ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • kr погл. 2 стр. 13-29
  • Божјето Царство е родено на небото

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Божјето Царство е родено на небото
  • Божјето Царство владее!
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Мојот гласник... ќе го расчисти патот пред мене“
  • Во потрага по вистината
  • „Излезете од неа, народе мој“
  • Состаноци на кои се слави Бог
  • Ревносно проповедање
  • Божјето Царство е родено!
  • Време на испити и неволји
  • Време на обнова!
  • Јехова го собира и опремува својот народ за дело
    Јеховините сведоци обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот
  • Враќање кај вистинскиот Бог
    Потрагата на човештвото по Бог
  • Христијанската вера ќе биде испитана
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Зошто Јеховините сведоци бдеат
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
Повеќе
Божјето Царство владее!
kr погл. 2 стр. 13-29

ПОГЛАВЈЕ 2

Божјето Царство е родено на небото

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Како Бог го подготвил својот народ за раѓањето на Царството

1, 2. Кој е најважниот настан во историјата, и зошто не е чудно што луѓето не го виделе со свои очи?

ДАЛИ некогаш си се прашувал како би било да си живеел за време на некоја историска пресвртница? Мнозина си го поставуваат тоа прашање. Но, размисли: Да си живеел во едно такво значајно време, дали ќе си бил сведок на главните случувања кои ќе го свртеле текот на историјата? Најверојатно не. Случувањата кои водат до пропаѓање на постоечките режими и ги полнат учебниците по историја најчесто се скриени од очите на јавноста. Всушност, голем дел од историјата се крои зад затворени врати — на тајни заседанија, во царските палати или во седиштето на некоја влада. Сепак, тие случувања влијаат врз милиони животи.

2 А што може да се каже за најважниот настан во историјата? Тој оставил длабока трага врз животите на милиони луѓе. Меѓутоа, ниту еден човек не го видел бидејќи се случил на небото. Се разбира, станува збор за одамна прореченото раѓање на Божјето Царство — месијанската влада која наскоро ќе му стави крај на овој свет. (Прочитај Даниел 2:34, 35, 44, 45.) Бидејќи луѓето не биле очевидци на овој клучен настан, дали тоа значи дека Јехова сакал да го скрие од нив? Или, пак, им помогнал на своите верни слуги спремно да го дочекаат? Да видиме.

„Мојот гласник... ќе го расчисти патот пред мене“

3-5. а) Кој бил „гласникот на сојузот“ проречен во Малахија 3:1? б) Што требало да се случи пред да дојде „гласникот на сојузот“ во храмот?

3 Уште од древни времиња, Јехова имал намера да го подготви својот народ за раѓањето на месијанското Царство. Во Малахија 3:1 пишува: „Еве, јас го праќам мојот гласник, и тој ќе го расчисти патот пред мене. И одненадеж во својот храм ќе дојде Господарот, кого вие го барате, и гласникот на сојузот, кому му се радувате“.

4 Кога дошол „Господарот“, односно Јехова, да ги провери оние што служеле во земниот двор на неговиот духовен храм? Таа проверка започнала во 1914 год. Пророштвото вели дека Бог требало да дојде заедно со „гласникот на сојузот“. Кој бил тој? Самиот месијански Цар, Исус Христос! (Лука 1:68-73). Како новоустоличен Владетел, тој требало да го провери и пречисти Божјиот народ на Земјата (1. Пет. 4:17).

5 Но, кој бил првиот „гласник“ спомнат во Малахија 3:1? Тој требало да се појави пред да почне присутноста на месијанскиот Цар. Дали некој му ,го расчистил патот‘ на месијанскиот Цар во децениите пред 1914 год.?

6. Кој бил проречениот „гласник“ што го подготвил Божјиот народ за настаните што им претстоеле?

6 Одговорите на овие прашања ќе ги добиеме додека ја разгледуваме современата историја на Јеховините слуги, која е обработена во оваа книга. Ќе видиме дека, при крајот на 19 век, една мала група богобојазливи луѓе се издвоиле од мноштвото лажни христијани и докажале дека само тие се вистински Христови следбеници. Членовите на таа група станале познати како Истражувачи на Библијата. Оние што ја предводеле — Чарлс Расел и неговите блиски соработници — навистина ја одиграле улогата на проречениот „гласник“ со тоа што им давале духовно водство на Божјите слуги и ги подготвиле за настаните што им претстоеле. Да видиме на кои четири начини го направиле тоа.

Во потрага по вистината

7, 8. а) Во текот на 19 век, кој почнал да разоткрива дека учењето за бесмртност на душата е лага? б) Кои други лажни учења ги разоткриле Расел и неговите соработници?

7 Истражувачите на Библијата ја проучувале Божјата Реч под молитва и, откако јасно ќе разбереле некое библиско учење, ги објавувале заклучоците до кои дошле. Црквите на христијанскиот свет со векови биле обвиткани во духовна темнина, и многу нивни догми — меѓу кои било и учењето за бесмртност на душата — влечеле корен од паганските религии. Но, во текот на 19 век, неколку искрени изучувачи на Библијата внимателно го истражиле ова учење и откриле дека не се темели на Божјата Реч. На пример, Хенри Гру, Џорџ Стетсон и Џорџ Сторс смело пишувале статии и држеле проповеди во кои ја разоткриле оваа сатанска лага.a Нивните сознанија извршиле силно влијание врз Расел и неговите блиски соработници.

8 Малата група Истражувачи на Библијата открила дека и други учења поврзани со бесмртноста на душата исто така биле нелогични и погрешни — како, на пример, учењето дека сите добри луѓе одат на небото или дека Бог вечно ги мачи бесмртните души на злобните во пекол. Расел и неговите соработници храбро ги разоткривале овие лаги во голем број статии, книги, брошурки, трактати и проповеди кои излегувале во разни весници.

9. Како во списанието Стражарска кула било разоткриено дека догмата за тројството е лага?

9 Истражувачите на Библијата обелодениле дека и општоприфатената догма за тројството е лага. Во 1887 год., во списанието Стражарска кулаb пишувало: „Светото писмо многу јасно покажува дека Јехова и нашиот Господар Исус се две различни личности, и точно го опишува нивниот меѓусебен однос“. Подолу во истата статија пишувало дека е многу чудно „што едно вакво гледиште за троеден Бог — три Бога во една личност, или еден Бог во три личности — толку многу се раширило и се утврдило. Ова само покажува во колку длабок сон била црквата додека непријателот ја оковувал во прангите на лажните учења“.

10. На кој начин Стражарска кула укажала дека 1914 ќе биде значајна година?

10 Како што јасно се гледа од самиот негов назив, списанието Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност им придавало голема важност на пророштвата поврзани со Христовата присутност. Верните помазани браќа кои пишувале статии за ова списание сфатиле дека пророштвото на Даниел за ,седумте времиња‘ е поврзано со периодот кога ќе се исполнат Божјите намери во врска со месијанското Царство. Уште во 1876 год., тие укажале дека ,седумте времиња‘ ќе завршат во 1914 год. (Дан. 4:25; Лука 21:24). Иако нашите браќа во тоа време сѐ уште не сфаќале во потполност од колку големо значење ќе биде таа година, тие насекаде ги објавувале библиските вистини што ги откриле, и тоа имало далекосежно влијание.

11, 12. а) Кому брат Расел му ја припишал заслугата за она што го поучувал? б) Зошто било многу важно она што го постигнале Расел и неговите соработници во децениите пред 1914 год.?

11 Ниту Расел ниту неговите верни соработници не си ја припишале себеси заслугата за тоа што ги откриле и што ги разбрале тие важни библиски учења. Расел често нагласувал дека научил многу од оние што ја истражувале Библијата пред него. Но, најголемата заслуга му ја припишал на Јехова Бог, кој во вистинско време му го открива на својот народ она што треба да го знае. Јасно е дека Јехова го благословил трудот што го вложиле Расел и неговите соработници за да ја одвојат вистината од лагата. Како што одминувале годините, разликата помеѓу нив и христијанскиот свет станувала сѐ поголема и поочигледна.

Чарлс Расел разговара со некои од своите блиски соработници

Брат Расел и неговите соработници горливо ги застапувале библиските вистини

12 Просто е неверојатно во колку голема мера овие верни Божји слуги успеале да ја разгласат библиската вистина во децениите пред 1914 год.! Во врска со ова, во Стражарска кула од 1 ноември 1917 год. стоело следново: „Милиони луѓе денес се ослободени од оковите на стравот во кои ги држеле верските лаги, како што е учењето за пекол... Бранот на вистината, кој се кренал пред повеќе од четириесет години, сѐ уште расте и ќе продолжи незапирливо да се движи сѐ додека не ја покрие целата Земја“. Во продолжение пишувало дека противниците залудно се обидуваат да го спречат ширењето на вистината бидејќи никогаш нема да успеат во тоа.

13, 14. а) Како „гласникот“ му го расчистил патот на месијанскиот Цар? б) Што учиме од нашите браќа кои живееле пред повеќе од еден век?

13 Размисли за следново: Дали Божјите слуги ќе биле подготвени за почетокот на Христовата присутност ако не ја знаеле разликата помеѓу Исус и неговиот Татко, Јехова? Сигурно не! Немало да бидат подготвени ни ако верувале дека сите луѓе ќе добијат бесмртност, а не дека таа е скапоцен дар што Бог им го дава само на малкумина Христови следбеници. Ниту, пак, ќе биле подготвени ако мислеле дека Бог ги мачи вечно луѓето во пекол без никаква надеж за спасение. Без сомнение, „гласникот“ навистина му го расчистил патот на месијанскиот Цар!

14 Што може да научиме денес од нашите браќа кои живееле пред повеќе од еден век? Исто како нив, и ние треба желно да ја читаме и да ја проучуваме Божјата Реч (Јован 17:3). Живееме во еден материјалистички свет, кој сѐ повеќе гладува во духовен поглед. Затоа, да дадеме сѐ од себе нашиот апетит за духовна храна да станува сѐ поголем! (Прочитај 1. Тимотеј 4:15.)

„Излезете од неа, народе мој“

15. Што сфатиле постепено Истражувачите на Библијата? (Види ја и фуснотата.)

15 Истражувачите на Библијата поучувале дека искрените поединци мора да ги напуштат црквите, кои се дел од светот. Во 1879 год., во Стражарска кула била спомната „Вавилонската црква“. Дали овој израз се однесувал на папите? Дали ја опишувал целата Римокатоличка црква? Протестантските цркви со векови тврделе дека, она што Библијата пророчки го кажува за Вавилон се однесува на Католичката црква. Но, Истражувачите на Библијата постепено разбрале дека сите цркви на христијанскиот свет се дел од современиот „Вавилон“. Зошто? Затоа што сите тие ширеле небиблиски учења, како оние што беа спомнати погоре.c Со текот на времето, во нашите публикации сѐ поотворено пишувало што треба да направат искрените верници кои припаѓале на црквите на „Вавилон“.

16, 17. а) Како Истражувачите на Библијата ги поттикнувале луѓето да се одвојат од лажната религија? б) Зошто првите предупредувања не биле сфатени толку сериозно? (Види ја фуснотата.)

16 На пример, во 1891 год., во третиот том од комплетот книги Зора на илјадагодишното владеењеd било објаснето дека Бог го отфрлил современиот „Вавилон“. Таму пишувало: „Бог ги отфрлил сите цркви на христијанскиот свет — целиот тој систем“. Во продолжение стоело: „[Сите] кои не се согласуваат со неговите лажни учења и пагански обичаи се повикани да се одвојат од него“.

17 Меѓутоа, сѐ уште имало поединци на кои не им пречело тоа што нивното име и понатаму стоело запишано во црковните регистри. Тие се оправдувале со зборовите: „Со сето срце сум за вистината, и ретко одам на богослужба во црква“. Во Стражарска кула од јануари 1900 год., на ваквите лица им биле поставени следниве директни прашања: „Дали е во ред да бидеш со едната нога во вистината, а со другата во Вавилон?.. Дали тоа му е угодно и прифатливо на Бог? Сигурно не. Секој член на црквата јавно склучува сојуз со таа верска заедница, и треба верно да го исполнува сето она што го ветува со тој чин сѐ додека официјално не се одрече од неа или не го поништи своето членство“. Низ годините, Истражувачите на Библијата продолжиле сѐ поодлучно да го застапуваат овој став.e Оној што сака да му служи на Јехова мора да ги прекине сите врски со лажната религија.

18. Зошто било многу важно луѓето да излезат од Големиот Вавилон?

18 Ако луѓето не биле редовно предупредувани да излезат од Големиот Вавилон, дали Христос, како новоустоличен Цар, ќе нашол на Земјата една група подготвени, помазани слуги? Сигурно не. Само христијаните кои се ослободени од ропството на Вавилон можат да му служат на Јехова „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Дали и ние денес сме цврсто решени да немаме ништо заедничко со лажната религија? Да ѝ останеме послушни на заповедта: „Излезете од неа, народе мој“! (Прочитај Откровение 18:4.)

Состаноци на кои се слави Бог

19, 20. Како Стражарска кула ги охрабрила вистинските христијани да се собираат за да го слават Бог?

19 Истражувачите на Библијата сметале дека соверниците треба да се состануваат за да го слават Бог, секаде каде што тоа е можно. За некој да биде вистински христијанин, мора да се одвои од лажната религија. Но, тоа не е доволно. Многу е важно и да му служи на Бог на чист и исправен начин. Уште во првите броеви на Стражарска кула, читателите биле поттикнати да се собираат за да го слават Бог. На пример, во јули 1880 год., брат Расел напишал статија откако се вратил од едно патување во кое држел говори на разни места. Во неа истакнал колку сите биле охрабрени од многуте состаноци кои биле одржани во текот на тоа патување. Потоа ги поттикнал читателите да испраќаат извештаи до редакцијата во врска со својот напредок. Некои од тие извештаи подоцна излегле во списанието. Со која цел? Во статијата пишувало: „Сакаме да знаеме... како Господарот ве благословува и дали успевате редовно да се состанувате со оние што ја делат вашата скапоцена вера“.

Една група Истражувачи на Библијата во Копенхаген (Данска), во 1909 год.

Чарлс Расел со една група Истражувачи на Библијата во Копенхаген (Данска), во 1909 год.

20 Во 1882 год., во Стражарска кула излегла статијата со наслов „Важноста на христијанските собири“. Во неа, христијаните биле поттикнати да одржуваат состаноци „за меѓусебно да се изградуваат, да се охрабруваат и да се зајакнуваат во верата“. Во статијата пишувало: „Не е важно дали меѓу вас има некој учен или надарен. Секој нека си донесе Библија, хартија и молив, и колку што е можно повеќе користете го Индексот на библиски зборови. Изберете тема, молете се светиот дух да ви помогне да ја разберете, а потоа читајте, размислувајте, и споредувајте ги стиховите. На тој начин, [духот] сигурно ќе ве упати во вистината“.

21. Каков пример дало собранието во Алегени (Пенсилванија) во поглед на состаноците и пастирската грижа?

21 Седиштето на Истражувачите на Библијата се наоѓало во Алегени (Пенсилванија, САД). Тамошните браќа дале добар пример со тоа што одржувале состаноци во склад со советот од Евреите 10:24, 25. (Прочитај.) Со години подоцна, еден постар брат по име Чарлс Кејпен, кој како дете присуствувал на тие состаноци, рекол: „Сѐ уште се сеќавам на еден библиски стих кој беше испишан на ѕидот на салата: ,Еден е вашиот учител, Христос, а сите вие сте браќа‘. Тие зборови длабоко ми се врежаа во сеќавањето — меѓу Јеховиниот народ нема поделба на свештенство и обични верници“ (Мат. 23:8). Брат Кејпен исто така се сеќавал на охрабрувачките поуки и на срдечната атмосфера на состаноците, како и на вниманието кое брат Расел, како грижлив пастир, совесно се трудел да му ги посвети на секој член на собранието.

22. Како реагирале Божјите слуги на поттикот да одржуваат состаноци, и што учиме од нивниот пример?

22 Другите Истражувачи на Библијата се угледале на овој добар пример и ги послушале упатствата што ги добиле. Биле основани собранија и во некои други држави како, на пример, во Охајо и Мичиген. Со текот на времето, почнале да никнуваат собранија низ цела Северна Америка и во други земји. Размисли: Дали Божјите слуги навистина ќе биле подготвени за Христовата присутност ако не биле послушни на библискиот совет да се состануваат за да го слават Бог? Сигурно не! А како е со нас денес? И ние треба да даваме сѐ од себе за редовно да одиме на состаноците, користејќи ја секоја можност заедно да го славиме Јехова и духовно да се изградуваме еден со друг.

Ревносно проповедање

23. Како во Стражарска кула било јасно ставено до знаење дека сите помазаници мора да ја проповедаат библиската вистина?

23 Истражувачите на Библијата поучувале дека сите помазаници мора да ја проповедаат вистината. Во 1885 год., во Стражарска кула пишувало: „Не смееме да заборавиме дека секој член на помазаното собрание е повикан да проповеда, односно помазан е да ја објавува добрата вест (Иса. 61:1)“. Во еден број од 1888 год. бил даден следниов поттик: „Нашата задача е јасна... Ако ја занемаруваме и си бараме изговори да не ја извршуваме, тогаш сме мрзливи слуги, и не сме достојни за почесната положба на која сме повикани“.

24, 25. а) Што направиле Расел и неговите соработници за да се проповеда во уште поголема мера? б) Како еден колпортер ја опишал својата служба?

24 Освен што ги поттикнувале другите да проповедаат, брат Расел и неговите блиски соработници направиле уште нешто. Тие почнале да печатат и трактати со наслов Трактати на Истражувачите на Библијата, кои подоцна излегувале на секои три месеци под насловот Изворна теологија. Читателите на Стражарска кула можеле бесплатно да им ги даваат на луѓето.

Добро е да се прашаме: ,Дали проповедањето ми е најважното нешто во животот?‘

25 Оние што полновремено ја вршеле оваа служба биле наречени колпортери. Чарлс Кејпен, кој беше спомнат погоре, бил еден од нив. Подоцна тој напишал: „За да го обработам подрачјето во Пенсилванија, користев мапи изработени од Државниот завод за геолошки истражувања на САД. На овие мапи беа обележани сите патишта, па така можев пешки да го обиколам подрачјето на секој округ. Понекогаш, откако три дена ќе патував за да правам нарачки на книгите Студии на Светото писмо, изнајмував коњ и кочија за да им ги доставам на луѓето. Честопати преспивав на некоја фарма. Во тоа време ретко кој имаше автомобил“.

Колпортер покрај коњ и кочија

Колпортер покрај кочија на која е нацртан „Божјиот план низ вековите“ (кој се користел да се објасни Јеховината намера)

26. а) Зошто Божјите слуги требало ревносно да проповедаат? б) Кои прашања е добро да си ги поставиме?

26 Биле потребни многу голема храброст и ревност за да се проповеда на таков начин. Дали вистинските христијани ќе биле подготвени за Христовото владеење ако не сфателе колку е важно да се проповеда? Сигурно не! Впрочем, ова дело набрзо станало едно од најистакнатите обележја на знакот на Христовата присутност (Мат. 24:14). Божјите слуги морале да бидат подготвени да го стават тоа животоспасувачко дело на прво место во својот живот. Добро е и ние да се прашаме: ,Дали проповедањето и мене ми е најважното нешто во животот? Дали правам жртви за да учествувам колку што е можно повеќе во тоа неповторливо дело?‘

Божјето Царство е родено!

27, 28. Какво видение добил апостол Јован, и што направиле Сатана и неговите демони откако се родило Царството?

27 Конечно дошла таа пресудна 1914 год.! Како што видовме на почетокот од ова поглавје, ниту еден човек не ги видел величествените настани кои се случиле на небото. Но, апостол Јован добил видение во кое тие настани му биле откриени преку симболични знаци. Јован видел „голем знак“ на небото. Божјата „жена“ (небесниот дел од Неговата организација кој се состои од духовни суштества) била бремена и родила машко дете. На Јован му било кажано дека ова симболично дете наскоро „ќе управува со сите народи со железна палка“. Веднаш по раѓањето, детето било „однесено кај Бог и кај неговиот престол“. Тогаш на небото се слушнал силен глас кој рекол: „Сега дојде спасението и моќта и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос“ (Отк. 12:1, 5, 10).

28 Јасно е дека во ова видение било прикажано раѓањето на месијанското Царство. Тоа навистина бил величествен настан, но не бил радосен за сите. Сатана и неговите демони повеле војна против верните ангели, кои биле предводени од Михаел, односно Христос. Каков бил исходот од таа битка? Јован напишал: „Беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели“ (Отк. 12:7, 9).

Христос е невидливо присутен како Цар на месијанското Царство

Во 1914 год., Истражувачите на Библијата почнале да го забележуваат знакот на Христовата невидлива присутност

29, 30. Откако се родило месијанското Царство, како се смениле условите на а) Земјата? б) небото?

29 Истражувачите на Библијата со децении објавувале дека во 1914 год. ќе започне време на неволји. Но, дури ни самите не биле свесни со колкава точност ќе се исполни ова предвидување. Видението на Јован открило дека оттогаш Сатана ќе има уште посилно влијание врз човечкото општество. Во Откровение 12:12 се вели: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ Во 1914 год. избувнала Првата светска војна и низ целиот свет почнал да се исполнува знакот кој јасно покажал дека Христос е присутен како небесен Цар. Започнале да течат „последните денови“ на овој свет (2. Тим. 3:1).

30 Но, на небото завладеала голема радост! Сатана и неговите демони биле отстранети засекогаш. Јован напишал: „Затоа веселете се небеса и вие што живеете на нив!“ (Отк. 12:12). Откако небесата биле исчистени и Исус бил устоличен за Цар, месијанското Царство било спремно да дејствува во корист на Божјиот народ на Земјата. Што презело тоа? Како што видовме во почетокот на ова поглавје, ,гласникот на сојузот‘, Христос, најпрво ги пречистил Божјите слуги. Што значело тоа?

Време на испити и неволји

31. Што прорекол Малахија во врска со периодот на пречистувањето, и како почнало да се исполнува тоа пророштво? (Види ја и фуснотата.)

31 Малахија прорекол дека периодот на пречистување воопшто нема да биде лесен. Тој напишал: „Кој ќе го поднесе денот на неговото доаѓање и кој ќе опстане кога тој ќе се појави? Зашто, тој ќе биде како огнот на леарот и како лужината на белачите на алишта“ (Мал. 3:2). Овие зборови навистина се исполниле! Почнувајќи од 1914 год., Божјиот народ на Земјата поминал низ многу големи испити и неволји. Додека беснеела Првата светска војна, мнозина од Истражувачите на Библијата претрпеле немилосрдно прогонство и затворање.f

32. Какви проблеми се појавиле во самата Божја организација по 1916 год.?

32 Имало превирања и проблеми и во самата организација. Во 1916 год., брат Расел умрел на само 64 години. Тоа било тежок удар за многу Божји слуги. Брат Расел бил добар човек, но неговата смрт открила дека некои му придавале претерана важност. Иако тој не сакал луѓето да му се восхитуваат и не го свртувал вниманието кон себе, сепак околу него се создал еден вид култ на личноста. Мнозина сметале дека со неговата смрт завршило откривањето на библиската вистина, а некои со сите сили се противеле на обидите на организацијата да продолжи напред. Ваквите ставови воделе до отпадништво и раздор.

33. Како неисполнетите очекувања биле испит на верата за Божјиот народ?

33 Друг испит на верата биле неисполнетите очекувања. Иако Стражарска кула со право предвидела дека во 1914 ќе завршат времињата на незнабошците, браќата сѐ уште не разбирале што точно ќе се случи таа година (Лука 21:24). Мислеле дека во 1914 год. Христос ќе ја земе на небото својата симболична невеста, односно групата помазаници, за да владее со него. Но, тоа не се случило. При крајот на 1917 год., Стражарска кула објавила дека 40-годишниот период на жетвата ќе заврши во пролетта 1918 год. Но, проповедничкото дело не само што не завршило туку добило уште поголем замав. Тогаш во Стражарска кула било објаснето дека жетвата завршила, но дека времето на доприбирање сѐ уште трае. Сепак, мнозина се разочарале и престанале да му служат на Јехова.

34. Со кој голем испит се соочиле Истражувачите на Библијата во 1918 год., и зошто свештениците на христијанскиот свет си мислеле дека Божјиот народ е „мртов“?

34 Еден од најголемите испити дошол во 1918 год. Џозеф Ратерфорд, кој продолжил да го предводи Божјиот народ по смртта на брат Расел, бил уапсен заедно со уште седум други одговорни браќа. Тие биле неправедно осудени на долгогодишни казни во државниот затвор во Атланта (Џорџија, САД). Некое време изгледало дека делото на Божјиот народ замрело. Многу свештеници на христијанскиот свет ликувале од радост. Заклучиле дека неподносливите Истражувачи на Библијата конечно се „мртви“, и дека веќе не претставуваат никаква закана за нив бидејќи „водачите“ биле уапсени, седиштето во Бруклин било затворено, а проповедањето било на удар и во Америка и во Европа (Отк. 11:3, 7-10). Но, биле во тешка заблуда!

Време на обнова!

35. Зошто Исус дозволил неговите следбеници да поминат низ неволји, и што направил за да им помогне?

35 Непријателите на вистината воопшто не биле свесни дека Исус дозволил неговите следбеници да поминат низ сите тие неволји затоа што тогаш Бог седнал ,да ги топи и да ги пречистува како сребро‘ (Мал. 3:3). Јехова и неговиот Син биле сигурни дека тие огнени испити ќе ги пречистат нивните оддадени слуги и ќе ја зајакнат нивната вера, за потоа да можат уште подобро да му служат на својот Цар. Уште во почетокот на 1919 год., станало јасно дека Божјиот дух направил нешто што било незамисливо за непријателите на неговиот народ. Верните Божји слуги оживеале! (Отк. 11:11). Во тоа време, Христос исполнил едно многу важно обележје од знакот на последните денови. Тој го поставил „верниот и разборит роб“, една мала група помазани браќа, за да го предводи Божјиот народ и да му дава духовна храна во вистинско време (Мат. 24:45-47).

Насловна страница на првите броеви од Билтенот и списанието Златен век

36. Што покажало дека Божјиот народ доживеал духовна обнова?

36 Брат Ратерфорд и неговите соработници биле пуштени од затвор на 26 март 1919 год. Наскоро биле направени планови да се одржи конгрес во септември истата година. Започнале и подготовките за издавање на уште едно списание, кое имало наслов Златен век. Целта била тоа да се користи во службата на проповедање како придружно списание на Стражарска кула.g Истата година бил отпечатен и првиот број на Билтенот.h Уште од самиот почеток, оваа публикација ги поттикнувала браќата да проповедаат уште поревносно и поделотворно. Без сомнение, од 1919 год. се ставал сѐ поголем акцент на службата од куќа до куќа.

37. Зошто некои отпаднале од верата по 1919 год.?

37 Проповедањето било уште еден испит на верата за Христовите слуги, бидејќи за горделивите и вообразени поединци било незамисливо да извршуваат една таква „понижувачка“ задача. Оние што не сакале да проповедаат ги прекинале врските со верните христијани. Во годините по 1919, некои од нив станале толку огорчени што почнале јавно да ги клеветат и оцрнуваат Јеховините верни слуги, па дури и застанале на страната на нивните противници.

38. Во што нѐ уверуваат успехот и победите на Христовите следбеници на Земјата?

38 И покрај таквите напади, Христовите следбеници на Земјата продолжиле да напредуваат во духовен поглед. Секој нивни успех и секоја нивна победа е уверлив доказ дека Божјето Царство навистина владее! Таа мала група од обични несовршени луѓе извојувала многу победи над Сатана и над овој злобен свет. Како било можно тоа? Само со поддршката и благословот кои Јехова им ги давал преку својот Син и месијанското Царство! (Прочитај Исаија 54:17.)

Брат Ратерфорд држи говор на конгрес на Истражувачите на Библијата во 1919 год.

Брат Ратерфорд држи говор на конгрес само неколку месеци откако бил пуштен од затвор

39, 40. а) Кои се некои обележја на оваа публикација? б) Како може да ти користи проучувањето на оваа книга?

39 Во следните поглавја, ќе видиме што постигнало Божјето Царство на Земјата откако пред 100 години било родено на небото. Во секој дел од оваа книга ќе разгледаме по едно подрачје на кое Царството постигнува видливи резултати. На крајот на секое поглавје има рамка со прашања за повторување кои ќе ни помогнат да се преиспитаме и да утврдиме колку е цврста нашата вера во Божјето Царство. Во последните поглавја, ќе разгледаме кои настани нѐ очекуваат во блиска иднина, кога Царството ќе дојде за да го уништи овој злобен свет и да ја претвори Земјата во рај. Како ќе ти користи проучувањето на оваа книга?

40 Сатана сака да ја поткопа твојата вера во Божјето Царство. Но, Јехова сака да ти ја зацврсти за таа да те штити и да ти дава сила (Еф. 6:16). Затоа, те поттикнуваме да ја проучуваш оваа публикација под молитва. Прашувај се секогаш одново: ,Дали цврсто верувам во Божјето Царство?‘ Ако уште денес цврсто веруваш во него, тогаш е поголема веројатноста дека и понатаму верно и ревносно ќе го поддржуваш, и дека ќе го дочекаш денот кога сите луѓе јасно ќе видат дека Божјето Царство навистина владее!

a Повеќе информации за Гру, Стетсон и Сторс има на страници 45-46 од книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство (англ.).

b Во почетокот, тоа списание се викало Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност. Со текот на времето, неговиот наслов на англиски се менувал неколку пати. Заради едноставност, во оваа книга ќе се користи само називот Стражарска кула.

c Истражувачите на Библијата сфатиле дека мора да се одвојат од религиите кои се дел од светот. Сепак, со години мислеле дека можат да ги сметаат за свои браќа во верата и поединците кои не биле Истражувачи на Библијата, но кои верувале во откупнината и тврделе дека му се оддадени на Бог.

d Во оваа книга се спомнати многу постари публикации кои не се преведени на македонски. Заради едноставност, нивните наслови се наведени само на македонски.

e Тие први предупредувања не биле сфатени толку сериозно затоа што во тоа време првенствено му биле упатени на Христовото мало стадо од 144.000 помазаници. Во петтото поглавје ќе видиме дека, до 1935 год., се мислело дека во „големото мноштво“ од Откровение 7:9, 10, спаѓаат бројни припадници на црквите на христијанскиот свет, кои на крајот ќе застанат на Христовата страна и затоа ќе бидат наградени со живот на небото, но како пониска небесна класа.

f Во септември 1920 год., излегло специјално издание на списанието Златен век (денес Разбудете се!). Во него биле објавени детали од бројните случаи на прогонство во текот на војната во Англија, Германија, Канада и САД. Некои од нив биле крајно сурови. Интересно е тоа што, во децениите пред Првата светска војна, ваквото прогонство било многу ретко.

g Стражарска кула со години била наменета главно за членовите на малото стадо — за нивно лично проучување и духовно изградување.

h Наместо Билтенот, денес ја користиме публикацијата Нашиот живот и служба како христијани — работни листови.

Колку е цврста твојата вера во Божјето Царство?

  • Кој им помогнал на вистинските следбеници на Исус да бидат подготвени за раѓањето на Царството?

  • На кои начини вистинските христијани се подготвувале за владеењето на Божјето Царство?

  • Што покажува дека Царството е вистинска влада? (Види ја рамката „Божјето Царство — вистинска влада“.)

  • Како можеш и ти да го поддржуваш Царството слично на Христовите верни следбеници кои живееле пред стотина години?

БОЖЈЕТО ЦАРСТВО — ВИСТИНСКА ВЛАДА

Дали Божјето Царство е вистинска влада? Да разгледаме само неколку негови обележја. Прашај се: ‚Зарем сите тие обележја не се доказ дека Царството е исто толку реално, но и далеку подобро од сите други човечки влади на Земјата?‘

Цар на престол
  • ВЛАДЕТЕЛ

    Исус Христос бил устоличен за Цар во 1914 год. Тој е моќен, праведен, мудар и милостив Владетел, кој понизно му се подложува на Јехова Бог (Иса. 9:6, 7; 11:1-3). За разлика од несовршените луѓе, тој не може да се расипе ниту, пак, некој може да го поткупи. Освен тоа, неговите намери не можат да бидат осуетени од разединети политичари во парламентите ниту, пак, од влијателни поединци или групи кои ги застапуваат само своите лични интереси.

  • ЗАКОНОДАВНА И СУДСКА ВЛАСТ

    Со својот живот и со примерот што го дал додека бил на Земјата, Исус го поставил темелот на совршениот закон — „законот Христов“ (Гал. 6:2; 1. Пет. 2:21).

    Јехова му го доверил сиот суд на својот Син, а Исус ќе ја изврши таа задача беспрекорно, подобро од кој и да било човечки судија (Јован 5:22).

  • ИЗВРШНА ВЛАСТ

    Исус има 144.000 совладетели со кои праведно ќе владее над Земјата. Бидејќи една од главните цели на неговото владеење е да ги помири луѓето со Бог, неговите совладетели ќе служат и како свештеници (Отк. 14:1; 20:6).

  • ВОЈСКА

    Како Водач на огромната Јеховина војска од моќни ангели, Исус заповеда со најмоќната воена сила која некогаш постоела. Наскоро таа ќе поведе војна против сето зло (Пс. 45:1, 3-5; Отк. 19:11, 14-16).

  • ПРЕСТОЛНИНА

    Престолот на Исус се наоѓа на небото, покрај неговиот Татко. Небото е Јеховиното ‚возвишено и свето живеалиште‘ (Иса. 63:15). Дали станува збор за вистинско место? Да. Тоа е многу пореално од кој и да било главен град или седиште на некоја човечка влада, бидејќи сѐ што е на небото е нераспадливо (Мат. 6:20).

  • ТЕРИТОРИЈА НА ЗЕМЈАТА

    Денес Исус има поданици во речиси секоја земја во светот. Иако живеат како послушни и примерни граѓани, тие, всушност, се туѓинци во овој свет. Но, Јехова им подарил симболична земја, односно духовен рај во кој тие ја вршат волјата на Царот (Иса. 60:2; 66:8). Наскоро целата Земја ќе биде претворена во дословен рај над кој ќе владее Исусовото Царство (Пс. 72:8).

  • ПРОГРАМА НА ВЛАДАТА

    Царството наскоро ќе ги исполни сите Божји ветувања и ќе им излее неброени благослови на луѓето, како оние што се прикажани одлево (Пс. 72:16; Иса. 2:3; 33:24; 35:6; 65:21).

    • ЗДРАВЈЕ

    • ДОМ

    • РАБОТА

    • ИЗОБИЛНА ХРАНА

    • ОБРАЗОВАНИЕ

  • ВЕРНИ ПОДАНИЦИ

    Најразлични луѓе

    „Без народ, владетелот пропаѓа“, вели Библијата, а „многубројноста на народот е украс за царот“ (Изр. 14:28). Сега Царството има речиси осум милиони верни поданици (Пс. 72:8; Иса. 60:22).

ПОДГОТВЕНИ ЗА РАЃАЊЕТО НА ЦАРСТВОТО

Подолу се наведени некои историски настани кои се случувале пред 1914 год. и кои му помогнале на Божјиот народ да се подготви за раѓањето на месијанското Царство

  1. Средина на 19 век

    Хенри Гру, Џорџ Стетсон и Џорџ Сторс внимателно го истражиле учењето за бесмртност на човечката душа и откриле дека не се темели на Библијата

  2. 1868 или 1869

    Чарлс Расел почнал внимателно да ги истражува учењата на црквите на христијанскиот свет и открил дека погрешно ја толкувале Библијата. Тоа ја разнишало неговата вера. Но, една проповед на адвентистичкиот пастор Џонас Вендел повторно му ја вратила довербата во Божјата Реч

  3. 1870

    Брат Расел основал група за проучување на Библијата која почнала систематски да ја проучува Божјата Реч

  4. 1870-1875

    Станале појасни учењата за душата, за откупнината и за начинот на кој требало да се врати Христос

  5. 1876

    Во списанието Истражувач на Библијата, Расел објавил статија во која објаснил дека во 1914 год. ќе завршат времињата на незнабошците

  6. 1877

    Излегла брошурата Зошто и на кој начин се враќа нашиот Господар, во која било објаснето што вели Библијата за Христовата присутност

  7. 1879

    Излегол првиот број на списанието Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност

    Насловна страница на првиот број на Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност

    Било објаснето дека црквите на христијанскиот свет се дел од Големиот Вавилон

  8. 1880

    Брат Расел патувал низ североисточниот дел на САД за да ги посети и охрабри групите за проучување на Библијата

  9. 1881

    Се печателе трактати со повеќе страници (некои имале и над 100 страници), кои читателите на Стражарска кула им ги делеле бесплатно на луѓето

    Стражарска кула им упатила покана на сите читатели да дојдат во Алегени (Пенсилванија) за да ја одбележат Христовата смрт

    Некои почнале да служат како колпортери

    Во статиите „Потребни се 1.000 проповедници“ и „Помазани да проповедаат“, браќата добиле поттик уште повеќе да ја објавуваат добрата вест

    Христијаните кои дотогаш не одржувале состаноци биле охрабрени редовно да го прават тоа

  10. 1882

    Излегла статија во која била побиена догмата за тројството

  11. 1885

    Публикациите на Истражувачите на Библијата биле достапни на пет континенти

  12. 1886

    Била издадена книгата Божјиот план низ вековите — првиот том од комплетот кој подоцна бил наречен Студии на Светото писмо

    Стражарска кула ги поканила читателите да се соберат на тридневен „заеднички состанок“ по одбележувањето на Христовата смрт; оттогаш почнале да се одржуваат годишни конгреси

  13. 1889

    Во Алегени (Пенсилванија), била изградена Библиската куќа

  14. 1891

    Брат Расел тргнал на првото од повеќето долги патувања надвор од САД, барајќи начини „да се забрза ширењето на вистината“

  15. 1894

    Претставници на Истражувачите на Библијата почнале да ги посетуваат собранијата за да ги охрабруваат браќата. Тие биле претходници на денешните патувачки надгледници

  16. 1895

    Стражарска кула известила дека во некои градови верните Божји слуги редовно се состануваат во групи за да ја проучуваат Библијата со помош на комплетот книги Зора на илјадагодишното владеење, и на сите читатели им препорачала да одржуваат такви состаноци

  17. 1896

    Брат Расел ја објавил брошурката Што вели Писмото за пеколот?

    Истражувачите на Библијата го издале Новиот завет на Ротерхам, кој бил отпечатен во световна печатница

  18. 1900

    Била основана првата подружница во Лондон (Англија)

    Делото на проповедање се проширило во 28 земји

  19. 1903

    Браќата почнале интензивно да проповедаат од куќа до куќа наместо само да делат трактати во недела на улиците во близина на црквите

    Проповедите на Расел почнале редовно да излегуваат во весници

  20. 1909

    Главното седиште на Истражувачите на Библијата било преместено во Бруклин (Њујорк)

  21. 1910

    Истражувачите на Библијата почнале да го користат називот Меѓународно здружение на Истражувачите на Библијата

  22. 1911-1912

    Брат Расел и шестмина негови соработници поминале 56.000 километри на пат околу светот со цел да утврдат како би можела библиската вистина да се прошири и во други земји, како што се Индија, Јапонија, Кина и Филипините

  23. 1914

    „Фотодрамата за создавањето“ за првпат била прикажана на 11 јануари во Њујорк, а следниот месец и во пет други градови. До крајот на годината, речиси 9 милиони луѓе во Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд гледале различни верзии од „Фотодрамата“

    Еден брат ја пушта Фотодрамата

    Во октомври, брат Расел му објавил на бетелското семејство: „Времињата на незнабошците завршија! Времето на нивните цареви истече!“ Според една сестра која била таму тоа утро, тој додал: „Не знаеме што нѐ чека сега“

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели