СТУДИЈА 50
Напор да се достигне срцето
ОСВЕН што им даваш на луѓето сведоштво, треба да вложиш напор и да го достигнеш нивното срце. Во Библијата, срцето е честопати поставено спротивно на она што човекот изгледа однадвор. Фигуративното срце претставува каков е некој однатре — како се чувствува, за што сѐ размислува, зошто размислува за тоа и како влијаат тие мисли врз неговите постапки. Семето на вистината се сее во ова фигуративно срце (Мат. 13:19). А и послушноста кон Бог мора да доаѓа од срцето (Посл. 3:1; Рим. 6:17).
За твоето поучување да продре до тие длабочини, сосредоточи се на овие цели: 1) Проникни што веќе извршило влијание врз срцето на твојот слушател. 2) Зајакни ги позитивните особини, како што се љубовта и побожниот страв. 3) Охрабри го слушателот да ги проанализира своите внатрешни мотиви за да може во целост да му угоди на Јехова.
Користејќи проникливост. Постојат различни причини од кои луѓето сѐ уште не ја прифатиле вистината. Кога водиш домашна библиска студија, можеби ќе треба да ги скршиш предрасудите и да наведеш факти како противтежа за погрешните идеи што ги има студентот или можеби ќе треба едноставно да дадеш докази. Запрашај се: ,Дали ова лице е свесно дека, како човек, има духовни потреби? Колку веќе верува? Во што не верува? Зошто дошло до тие заклучоци? Дали му е потребна помош за да ги совлада желбите што би можеле да го спречат да ги прифати одговорностите што доаѓаат со запознавањето на вистината?‘
Не е секогаш лесно да се открие зошто луѓето веруваат на одреден начин. „Советот во човековото срце е длабока вода“, се вели во Пословици 20:5, „и разумниот [проникливиот, NW] човек ќе ја исцрпи.“ Проникливоста е способност да се сфати она што не може лесно да се види. Таа бара остро набљудување и грижлив став.
Не е сета комуникација вербална. Извесна тема може да предизвика промена во изразот на лицето или во тонот на гласот на студентот. Ако си родител, несомнено сфаќаш дека промената во однесувањето на твоето дете може да покажува дека тоа реагира на некое ново влијание во животот. Немој да ги игнорираш ваквите знаци. Тие се навестувања на внатрешната личност.
Добро избраните прашања можат да ти помогнат да го исцрпиш она што е во нечие срце. Би можел да прашаш: „Што чувствувате за. . ?“ „Што Ве увери дека. . ?“ „Како би реагирале ако. . ?“ Сепак, внимавај да не ги опсипуваш луѓето со прашања. Пред да ги поставиш прашањата, би можел тактично да речеш: „Ќе Ви смета ли ако Ве прашам. . ?“ Откривањето што има во срцето е макотрпна задача со која не смее да се брза. Во повеќето случаи, потребно е време за да се изгради доверба пред некој да биде спремен да ги открие своите најдлабоки чувства. Дури и тогаш мораш да внимаваш за лицето да не мисли дека го прашуваш за нешто што не е твоја работа (1. Петр. 4:15).
Начинот на кој реагираш на она што го слушаш исто така бара проникливост. Запомни дека твојата цел е да ги разбереш луѓето за да можеш да одредиш кои библиски информации веројатно ќе ги мотивираат. Брзо потисни го кој и да е порив да разоткриеш дека нивните гледишта се погрешни. Наместо тоа, биди буден за да распознаеш какви чувства стојат зад зборовите. Тогаш ќе знаеш како да одговориш; а поголема е и веројатноста дека твојот студент, имајќи чувство дека го разбираш, сериозно ќе размисли за она што го кажуваш (Посл. 16:23, NW).
До извесна мера, можеш да мотивираш поединци дури и кога ѝ се обраќаш на поголема група. Ако имаш добар контакт со публиката, внимаваш на изразите на лицата и поставуваш реторични прашања што поттикнуваат на размислување, веројатно ќе добиеш претстава за тоа што мислат твоите слушатели за она што го кажуваш. Ако добро ги познаваш слушателите, покажи обѕир кон нивните околности. Додека резонираш со собранието на темел на Божјата реч, земи го предвид неговиот општ став (Гал. 6:18).
Побудувајќи корисни чувства. Откако ќе стекнеш извесно разбирање во што верува еден човек, во што не верува и зошто, ќе бидеш во состојба да градиш врз тоа. По своето воскресение, Исус ги достигнал срцата на своите ученици ,откривајќи им го во потполност Писмото‘ во светлината на настаните кои штотуку се случиле (Лука 24:32). И ти треба да настојуваш да направиш врска меѓу она што лицето го доживеало, она по кое копнее и она што го гледа во Божјата реч. Срцето на студентот ќе биде допрено на поволен начин кога јасно ќе сфати: „Ова е ВИСТИНАТА!“
Кога ја нагласуваш Јеховината доброта, неговата љубов, незаслужена љубезност и исправноста на неговите патишта, ти им помагаш на оние што ги учиш да ја градат својата љубов кон Бог. Кога одвојуваш време за да им ги покажеш на слушателите убавите особини што Бог ги гледа во нив како поединци, им даваш причина да веруваат дека е возможно да стапат во личен однос со него. Ова можеш да го постигнеш ако размислуваш за стихови како, на пример, Псалм 139:1-3, Лука 21:1-4 и Јован 6:44, и ако им помагаш на слушателите да ја сфатат длабочината на Јеховината љубезна приврзаност кон неговите верни слуги (Рим. 8:38, 39). Објасни дека Јехова гледа подалеку од нашите грешки и дека го гледа целиот наш животен пат, нашата ревност за чистото обожавање, љубовта кон неговото име (2. Лет. 19:2, 3; Евр. 6:10). Тој ги помни дури и најситните детали за нашиот состав и, на еден извонреден начин, ќе ги врати во живот „сите оние што се во спомен-гробовите“ (Јован 5:28, 29; Лука 12:6, 7). Со оглед на тоа што луѓето се направени според Божјиот лик и слика, дискусијата за неговите особини честопати ќе ја погоди вистинската жица во внатрешната личност (Бит. 1:27).
Срцето може да се допре и кога некој ќе научи на другите да гледа исто како Јехова. Логично е дека ако нашиот Бог покажува љубезна грижа кон нас како поединци, тогаш го покажува истиот обѕир и кон другите, без оглед на нивната заднина, националност или раса (Дела 10:34, 35). Кога некој ќе дојде до такво разбирање, ќе постои цврст библиски темел да ги искорени омразата и предрасудите од своето срце. Тоа ќе му овозможи добро да се сложува со другите во мир додека учи да ја врши божествената волја.
Побожниот страв е уште едно чувство за кое треба да им помогнеш на другите да го негуваат (Псал. 111:10; Откр. 14:6, 7). Таквата длабока почит, или страв од Бог, може да мотивира некого да го постигне она што не би можел да го постигне со своја сопствена сила. Дискутирајќи за Јеховините активности што влеваат страхопочит и за неговата извонредна оддадена љубезност, можеш да им помогнеш на другите да развијат здрав страв да не предизвикаат Негово незадоволство (Псал. 66:5; Ерем. 32:40).
Погрижи се твоите слушатели да разберат дека нивното однесување му е важно на Јехова. Тој има чувства, а со нашата реакција на неговото водство или го жалостиме или го радуваме (Псал. 78:40-42). Покажи им на луѓето зошто нивното лично однесување може да одигра улога во давањето одговор на предизвикот што Сатана му го наметнал на Бог (Посл. 27:11).
Помогни им на присутните да увидат дека исполнувањето на Божјите барања е корисно за нив (Иса. 48:17). Еден начин на кој можеш да го сториш тоа е да укажеш на физичките и емоционалните последици од отфрлањето на Божјата мудрост, па дури и моментално. Објасни како гревот нѐ оддалечува од Бог, ги лишува другите од можноста да ја дознаат вистината од нас и ги загрозува нивните права на други начини (1. Сол. 4:6). Помогни им на присутните да ги ценат благословите што веќе ги уживаат како резултат на тоа што ги држат Божјите закони. Зајакни го нивното ценење за фактот дека одењето по Јеховините праведни патишта нѐ поштедува од многу неволји. Кога некој ќе стекне вера во мудроста на Божјите патишта, ќе му биде одбивен секој пат што е спротивен на нив (Псал. 119:104). На послушноста нема да гледа како на товар туку како на начин да ја изрази љубезната оддаденост кон Јехова како личност.
Помагајќи им на другите да направат самоиспитување. За да продолжат духовно да растат, луѓето треба да станат осетливи на она што им е во срцето. Објасни како Библијата може да им помогне да го прават тоа.
Помогни им на слушателите да сфатат дека Библијата не е само запис на заповеди, совети, историски настани и пророштва. Таа го открива и размислувањето на Бог. Во Јаков 1:22-25, Божјата реч е споредена со огледало. Преку нашата реакција на она што го вели таа и на начинот на кој Јехова ја извршува својата намера, библиската порака покажува што има во нашето срце. На тој начин таа открива како нѐ гледа Бог, кој „го испитува срцето“ (Посл. 17:3). Охрабри ги слушателите да го имаат тоа на ум. Поттикни ги длабоко да размислуваат за она што Бог го сочувал за нас во библискиот запис и кои преиначувања можеби ќе треба да ги направат во животот за уште повеќе да му угодат. Помогни им читањето на Библијата да го сметаат за средство да ја добијат Јеховината проценка на „мислите и намерите на срцето“ за да можат да соработуваат со Бог додека ги прават сите потребни преиначувања (Евр. 4:12; Рим. 15:4).
Некои библиски студенти можеби сакаат да постапуваат според она што го учат; сепак, се грижат за тоа што ќе мислат другите. Можеби се борат со некои силни телесни желби. Или, можеби бараат некакво оправдување за да најдат начин да му служат на Бог додека истовремено се држат за практиките на светот. Истакни ги опасностите од таквата нерешителност (1. Цар. 18:21). Поттикни ги да му се молат на Бог да ги испита и да ги прочисти нивните срца (Псал. 26:2; 139:23, 24).
Покажи им дека Јехова ја разбира нивната борба и дека Библијата објаснува што се случува (Рим. 7:22, 23). Помогни им да бидат претпазливи за да не дозволат над нив да доминираат склоностите на несовршеното срце (Посл. 3:5, 6; 28:26; Ерем. 17:9, 10).
Охрабри го секого од нив да ги проанализира своите мотиви кога прави нешто. Поучи го да се праша: ,Зошто сакам да го правам ова? Дали ќе му покаже тоа на Јехова дека навистина ценам сѐ што тој сторил за мене?‘ Работи на тоа да ја зајакнеш увереноста дека одобрениот однос со Јехова е највредното нешто што некој може да го поседува.
Помогни им на слушателите да сфатат од колкава важност е да му служат на Јехова со „сето свое срце“ (Лука 10:27). Ова значи дека сите нивни чувства, желби и мотиви мораат да бидат доведени во согласност со Јеховините патишта. Затоа, поучи ги своите слушатели да не го анализираат само она што го прават, туку и она што го чувствуваат за Божјите барања и кои се нивните мотиви за да му служат (Псал. 37:4). Додека твоите студенти сфаќаат на кои подрачја треба да се подобрат, охрабри ги да му се молат на Јехова: „Обедини го моето срце, да се бои од Твоето име“ (Псал. 86:11).
Кога еден студент ќе развие личен однос со Јехова, ќе му биде послушен на Бог како резултат на својата вера, а не само поради тоа што ти го поттикнуваш на тоа. Тогаш, самиот ,ќе се увери што е прифатливо за Господ‘ (Ефеш. 5:10; Фил. 2:12). Таквата послушност од срце го радува Јехова (Посл. 23:15).
Имај на ум дека Јехова е тој што ги испитува срцата и ги привлекува луѓето да стапат во однос со него (Посл. 21:2; Јован 6:44). Ние имаме улога да соработуваме (1. Кор. 3:9). Тоа е „како Бог да преколнува преку нас“ (2. Кор. 5:20; Дела 16:14). Јехова не присилува никого да ја прифати вистината, но, додека го користиме Писмото, тој може да предизвика нашите слушатели да сфатат дека она што го слушаат е одговор на нивните прашања — или на нивните молитви. Пристапи ѝ со ваква будност на секоја прилика за поучување и ревносно барај го Јехова за водство и помош (1. Лет. 29:18, 19; Ефеш. 1:16-18).