Како сме настанале?
ЗОШТО Е ВАЖЕН ОДГОВОРОТ? На многу луѓе им е речено дека животот на Земјата настанал случајно. Кажано им е дека преку низа неверојатни, случајни настани, односно по пат на еволуција, настанал човечкиот род со сите негови емоционални, интелектуални и духовни способности.
Но, размисли за следново: Ако навистина сме настанале по пат на еволуција и ако е точно дека не постои Творец, тогаш човечкиот род, во некоја смисла, би бил како едно сираче. Не би имале од кого да побараме мудри совети — некој што ќе ни помогне да си ги решиме проблемите. Би требало да се потпираме на човечката мудрост за да го спречиме целосното уништување на животната средина, за да им ставиме крај на политичките судири и за да добиеме совети во решавањето на личните проблеми.
Дали ова ти дава чувство на душевен мир? Ако не, размисли за втората можност. Таа не само што е подобра туку е и пологична.
Што вели Библијата?
Библијата вели дека Бог е тој што го создал човекот. Ние не сме производ на случајна, непромислена еволуција. Напротив, ние сме деца на еден интелигентен Татко кој многу нѐ сака. Обрни внимание на следниве недвосмислени зборови што се запишани во Библијата:
1. Мојсеева 1:27: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“.
Псалм 139:14: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден. Твоите дела се чудесни, и мојата душа тоа добро го знае“.
Матеј 19:4-6: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“
Дела 17:24, 25: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него, тој, Господарот на небото и на земјата, не живее во храмови направени со раце, ниту го послужуваат човечки раце, небаре тој има потреба од нешто, бидејќи тој самиот им дава на сите живот и здив и сѐ“.
Откровение 4:11: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“.
Одговорот од Библијата дава вистински душевен мир
Ако знаеме дека „секое семејство... на земјата му го должи своето име“ на Бог, се менува нашето гледиште кон другите луѓе (Ефешаните 3:15). Ова сознание влијае и врз начинот на кој гледаме на себеси и на нашите проблеми. Освен тоа, ќе ни помогне и исправно да размислуваме во следниве ситуации.
Кога стоиме пред тешки одлуки, нема да се преоптоваруваме со различните мислења на луѓето. Наместо тоа, со увереност ќе се потпреме на советите од Библијата. Зошто? Затоа што „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).
Точно е дека треба да вложиме труд и да бидеме дисциплинирани за да ги примениме советите од Библијата. Понекогаш тоа ќе значи дека треба да постапиме спротивно на она што природно би го направиле (1. Мојсеева 8:21). Меѓутоа, ако го прифатиме фактот дека нѐ создал нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака, сосема е логично да дојдеме до заклучокот дека тој знае како е најдобро да постапуваме (Исаија 55:9). Затоа, неговата Реч нѐ уверува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Ако го примениме овој совет, ќе исчезне голем дел од загриженоста што ја чувствуваме кога имаме проблеми и кога треба да донесеме одлуки.
Кога сме жртва на предрасуди, нема да нѐ мачат чувства на безвредност и да мислиме дека помалку вредиме од луѓето од некоја друга раса или култура. Наместо тоа, ќе имаме исправно чувство на самопочит. Зошто? Затоа што нашиот Татко, Јехова Бог, „не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
Од друга страна, пак, ако мислиме на овие зборови, нема да гледаме на другите со предрасуди. Ќе сфатиме дека немаме оправдана причина да мислиме дека вредиме повеќе од луѓето од друга раса, бидејќи Бог ‚го направил целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата‘ (Дела 17:26).
Значи, ако имаме на ум дека Бог нѐ создал и дека многу нѐ сака, ќе чувствуваме вистински душевен мир. Но, за да го задржиме тој внатрешен мир, потребно е уште нешто.
[Истакната мисла на страница 4]
Дали човекот настанал по пат на еволуција?
[Слика на страница 5]
Помислата дека нашиот Творец многу нѐ сака, ни дава вистински душевен мир