Достоинствената улога на жените меѓу раните Божји слуги
„И рече Господ Бог: ‚Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!‘“ (1. МОЈСЕЕВА 2:18).
1. Како ја опишува еден речник положбата на жените во старо време?
„НИКАДЕ на древниот Медитеран или на Блискиот Исток на жените не им била дадена таква слобода каква што уживаат во современото западно општество. Обично, жените биле подредени во однос на мажите, исто како што робовите им биле подредени на слободните, а младите на старите. . . . Машките деца биле повеќе почитувани отколку женските, а женските бебиња понекогаш биле оставани надвор за да умрат.“ Вака еден библиски речник ја опишува положбата на жените во старо време.
2, 3. а) Според еден извештај, каква е денешната ситуација со многу жени? б) Кои прашања се наметнуваат?
2 Денес, во многу делови на светот ситуацијата не е ништо поарна. Во 1994 година, годишниот извештај за човекови права на американскиот Стејт Департмент за првпат го сврте вниманието на односот спрема жените. „Податоците за 193 земји кои покажуваат секојдневна дискриминација, се реалност“, гласеше еден наслов во New York Times во врска со тој извештај.
3 Со оглед на тоа што со собранијата на Јеховиниот народ низ целиот свет се поврзани голем број жени со различно културно потекло, се наметнуваат некои прашања: Дали ваквото постапување е онакво какво што Бог првобитно го предвидел за жените? Како постапувале со жените Јеховините обожаватели во библиски времиња? И, како треба денес да се постапува со жените?
„Помошник“ и „дополнување“
4. Што забележал Јехова откако првиот човек некое време бил сам во Едемската градина, и што сторил потоа?
4 Откако Адам некое време бил сам во градината Едем, Јехова забележал: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него [како негово дополнување, НС]“ (1. Мојсеева 2:18). Иако Адам бил совршен човек, за да се изврши намерата на Творецот, потребно било уште нешто. За да ја исполни потребата, Јехова ја создал жената и ја извршил првата венчавка (1. Мојсеева 2:21-24).
5. а) Како била честопати преведувана хебрејската именка „помошник“ од страна на библиските писатели? б) Што покажува фактот дека Јехова ја нарекол првата жена „дополнување“?
5 Дали зборовите „помошник“ и „дополнување“ покажуваат дека улогата што Бог ѝ ја доделил на жената, била понижувачка? Напротив. Библиските писатели честопати за Бог ја применуваат хебрејската именка (е́зер), преведена со „помошник“. На пример, Јехова се покажува како „наш помошник и наш заштитник“ (Псалм 32:20; 2. Мојсеева 18:4; 5. Мојсеева 33:7). Во Осија 13:9, Јехова се осврнува на себе дури како на Израелов „помошник“ (НС). Во врска со хебрејскиот збор (не́гед), преведен со „дополнување“, еден библиски научник објаснува: „Помошта што се барала не е само поддршката при секојдневната работа или при раѓањето деца . . . туку взаемната поддршка што ја дава другарството“.
6. Што било кажано по создавањето на жената, и зошто?
6 Според тоа, нема ништо понижувачко во тоа кога Јехова ја опишува жената како „помошник“ и „дополнување“. Жената си имала своја единствена ментална, емоционална и физичка конституција. Таа била прикладен двојник, задоволително дополнување за мажот. Секој од нив бил поинаков, а сепак секој бил потребен за да се ‚наполни земјата‘ во склад со намерата на Творецот. Било очигледно дека по создавањето на мажот и жената, ‚Бог видел дека е многу добро сѐ она што го создал‘ (1. Мојсеева 1:28, 31).
7, 8. а) Како требало гревот во Едем да влијае врз улогата на жената? б) Кои прашања се покренуваат во врска со исполнувањето на 1. Мојсеева 3:16 меѓу Јеховините обожаватели?
7 По гревот, ситуацијата на мажот и жената се променила. Јехова ги осудил обајцата нив како грешници. „Ќе ти ги умножам и преумножам маките кога си бремена“, ѝ рекол Јехова на Ева, зборувајќи за можноста што тој ја дозволува како да е од него. Потоа додал: „Со болки ќе раѓаш деца, и ќе бидеш под власта на мажот свој, и тој ќе ти биде господар“ (1. Мојсеева 3:16). Од тоа време па наваму, многу сопруги биле под доминација на своите сопрузи, која честопати била груба. Наместо да бидат ценети како помошнички и дополнувања, тие најчесто биле третирани како слугинки или робинки.
8 Но, што значело исполнувањето на 1. Мојсеева 3:16 за жените кои го обожавале Јехова? Дали тие биле потиснати на подредено и понижувачко место? Далеку од тоа! Но, што е со библиските извештаи кои зборуваат за обичаи и постапки во врска со жените, кои би можеле да изгледаат неприфатливи во некои денешни општества?
Да се разберат библиските обичаи
9. Кои три работи треба да ги имаме на ум кога ги разгледуваме обичаите во кои се вклучени жените од библиски времиња?
9 Во библиски времиња, Божјите слуги добро се однесувале спрема жените. Се разбира, кога се разгледуваат обичаите во кои биле вклучени тогашните жени, корисно е да се имаат на ум повеќе работи. Прво, кога Библијата ни кажува за некои непријатни ситуации што настанале поради себична доминација на злобните мажи, тоа не значи дека Бог го одобрувал таквото постапување со жените. Второ, иако Јехова едно време толерирал извесни обичаи меѓу неговите слуги, тој ги регулирал истите за да ги заштити жените. Трето, мораме да внимаваме да не ги просудуваме древните обичаи според современите мерила. Извесни обичаи кои на луѓето денес можеби им се чинат непријатни, жените во тоа време не ги сметале за понижувачки. Да разгледаме некои примери.
10. Како гледал Јехова на полигамијата, и што покажува дека тој никогаш не го отфрлил своето првобитно мерило за моногамија?
10 Полигамија:a Според Јеховината првобитна намера, сопругата не требало да го дели својот сопруг со друга жена. Бог му создал на Адам само една жена (1. Мојсеева 2:21, 22). По побуната во Едем, полигамијата најпрво се појавила во потомството на Каин. Најпосле станала обичај кој бил усвоен и од некои обожаватели на Јехова (1. Мојсеева 4:19; 16:1-3; 29:21-28). Иако Јехова допуштил полигамија која послужила за зголемување на израелското население, тој покажал обѕир спрема жените на тој начин што го регулирал овој обичај за да ги заштити жените и децата (2. Мојсеева 21:10, 11; 5. Мојсеева 21:15-17). Освен тоа, Јехова никогаш не го отфрлил своето првобитно мерило за моногамија. Ное и неговите синови, на кои им била повторена заповедта да ‚се плодат и да ја полнат земјата‘, биле моногамни (1. Мојсеева 7:7; 9:1; 2. Петрово 2:5). Бог се опишал себеси како моногамен сопруг кога симболички го опишал својот однос со Израел (Исаија 54:1, 5). Потоа, Божјето првобитно мерило за моногамија повторно било воведено и од Исус Христос и тоа било практицирано во раното христијанско собрание (Матеј 19:4-8; 1. Тимотеј 3:2, 12).
11. Зошто се плаќало мираз во библиски времиња, и дали тоа било понижување за жената?
11 Плаќање мираз: Книгата Ancient Israel—Its Life and Institutions (Древниот Израел — Неговиот живот и институции) наведува: „Обврската да се плаќа одредена сума пари, или нејзин еквивалент на семејството на девојката, очигледно, прави израелскиот брак да изгледа како некое купување. Но, се чини дека [миразот] не се состои толку во цената што се плаќа за жената, колку во надоместокот што му се дава на семејството“. (Нагласено од нас.) Затоа, миразот се плаќал на семејството на жената за да му се надомести загубата за нејзините услуги, како и трудот и трошокот што ги вложувало во грижата за неа. Затоа, наместо да ја понижува жената, тоа ја потврдувало нејзината вредност за нејзиното семејство (1. Мојсеева 34:11, 12; 2. Мојсеева 22:16; види Стражарска кула од 15 јануари 1989, страници 21-24, англ.).
12. а) Како повремено биле наречени мажот и жената во Светото писмо, и дали овие изрази биле навредливи за жените? б) Што е вредно да се забележи во врска со изразите што ги користел Јехова во Едем? (Види ја фуснотата.)
12 Сопрузите како „сопственици“: Ед-на случка од животот на Авраам и Сара, околу 1918 година пр. н. е., покажува дека до нивното време станало вообичаено венчаниот маж да се смета за „сопственик“ (хебрејски: ва́ал), а венчаната жена за ‚поседувана‘ (хебрејски: ве́ула) (1. Мојсеева 20:3, НС). Овие изрази потоа повремено се употребувале во Светото писмо, а не постои никакво укажување дека претхристијанските жени ги сметале нив за навредливиb (5. Мојсеева 22:22). Сепак, со сопругите не смеело да се постапува како со парчиња имот. Имотот или богатството можеле да се купуваат, продаваат, па дури и да се наследуваат, но со жената не било така. „Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господа“ (Изреки 19:14; 5. Мојсеева 21:14).
Достоинствена улога
13. Како им било на жените кога богобојазливите мажи го следеле Јеховиниот пример и го слушале неговиот Закон?
13 Тогаш, каква била улогата на жените меѓу Божјите слуги во претхристијански времиња? Како се гледало и како се постапувало со нив? Едноставно речено, кога богобојазливите мажи го следеле Јеховиниот личен пример и го слушале неговиот Закон, на жените им било искажувано достоинство и уживале многу права и предности.
14, 15. Какви показатели постојат дека жените во Израел биле почитувани, и зошто можел Јехова со право да очекува од своите машки обожаватели да ги почитуваат жените?
14 Жените требало да се почитуваат. Божјиот Закон за Израел заповедал да се почитуваат и татковците и мајките (2. Мојсеева 20:12; 21:15, 17). „Секој да се плаши од таткото свој и од мајката своја“, вели 3. Мојсеева 19:3. Кога Вирсавија во една прилика му пристапила на својот син Соломон, ‚царот станал пред неа и ѝ се поклонил‘ во знак на почит (3. Царства 2:19). Encyclopaedia Judaica забележува: „Пророчките споредби на Божјата љубов кон Израел со љубовта на еден сопруг кон својата сопруга можеле да се направат само во општество во кое жените биле почитувани“.
15 Јехова очекува од своите машки обожаватели да ги почитуваат жените, затоа што и самиот тој ги почитува. Показатели за ова можат да се најдат во стиховите во кои Јехова на илустративен начин ги користи искуствата на жените и ги споредува своите сопствени чувства со чувствата на жените (Исаија 42:14; 49:15; 66:13). Тоа им помага на читателите да сфатат како се чувствува Јехова. Интересно е што хебрејскиот израз за „милост“, односно „сожалување“, којшто Јехова го применува на себеси, е тесно поврзан со зборот за „утроба“ и може да се опише како „мајчинско чувство“ (2. Мојсеева 33:19; Исаија 54:7).
16. Кои примери покажуваат дека советот од побожните жени се ценел?
16 Советот од побожните жени се ценел. Во една прилика кога богобојазливиот Авраам се колебал да го послуша советот на својата побожна сопруга, Сара, Јехова му рекол: „Послушај го гласот нејзин“ (1. Мојсеева 21:10-12). Хетејските сопруги на Исав ‚станале тегоба за Исака и Ревека‘. Најпосле, Ревека ја изразила маката што би ја доживеала доколку нејзиниот син Јаков се ожени со Хетејка. Како реагирал Исак? „Затоа“, вели извештајот, „Исак го повика Јакова, го благослови, и му заповеда, велејќи: ‚Немој да земеш жена од ќерките хананејски!‘“ Да, иако Ревека не дала директен совет, нејзиниот сопруг донел одлука со која ги зел во обѕир нејзините чувства (1. Мојсеева 26:34, 35; 27:46; 28:1). Цар Давид подоцна избегнал вина за крв затоа што ја послушал молбата на Авигеја (1. Царства 25:32-35).
17. Што покажува дека жените поседувале извесен авторитет во семејството?
17 Жените поседувале извесен авторитет во семејството. Децата биле поттикнувани: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот [законот, НС] на мајка си“ (Изреки 1:8). Описот на ‚добродетелната жена‘ во Изреките, поглавје 31, открива дека работливата мажена жена не само што управувала со домаќинство туку можела да прави и зделки за недвижен имот, да насади некоја родна нива, да води мал бизнис и да биде позната по своите мудри зборови. Најважно од сѐ бил нејзиниот побожен страв од Јехова поради што заслужувала пофалба. Не е ни чудо што вредноста на една таква сопруга била „поскапоцена и од најскапоцените камења [корали, НС]“! Скапоцениот црвен корал високо се ценел за изработка на накит и за украсни цели (Изреки 31:10-31).
Жени кои нашле посебна наклоност кај Бог
18. На кој начин некои жени во библиски времиња добиле посебна наклоност?
18 Јеховиниот обѕир спрема жените се одразувал во посебната наклоност што ја покажал кон некои од нив во библиски времиња. Агара, Сара и сопругата на Маној биле посетени од ангели кои им соопштиле божествено упатство (1. Мојсеева 16:7-12; 18:9-15; Судии Израилеви 13:2-5). Во шаторот за обожавање имало ‚жени слугинки‘, а на Соломоновиот двор — пејачки (2. Мојсеева 38:8, НС; 1. Царства 2:22; Проповедник 2:8).
19. На кој начин Јехова понекогаш употребувал жени за да Го претставуваат?
19 Повеќепати во израелската историја, Јехова употребил некоја жена за да Го претставува или да говори во Негово име. За пророчицата Девора читаме: „Одеа кај неа Израилевите синови на суд“ (Судии Израилеви 4:5). Откако Израел го поразил хананејскиот цар Јавин, Девора имала една навистина посебна предност. Таа очигледно била композиторот, целосно или барем делумно, на победничката песна која на крајот станала дел од Јеховиниот инспириран извештајc (Судии Израилеви, поглавје 5). Со векови подоцна, за да се распраша кај Јехова, цар Јосија испратил кај пророчицата Олдама една делегација во која бил и првосвештеникот. Олдама можела авторитетно да рече: „Вака вели Господ, Бог Израилев“ (4. Царства 22:11-15). Во таа прилика, царот ѝ заповедал на делегацијата да појде кај една пророчица — но тоа било сторено за да добијат водство од Јехова. (Спореди Малахија 2:7.)
20. Од кои примери се гледа дека Јехова се грижи за чувствата и доброто на жените?
20 Јеховината грижа за доброто на жените се гледа и од примерите во кои тој дејствувал во корист на некои жени кои го обожавале. Двапати интервенирал за да ја заштити Авраамовата прекрасна сопруга, Сара, да не биде повредена (1. Мојсеева 12:14-20; 20:1-7). Бог покажал наклоност кон Јакововата помалку сакана сопруга Лија кога ‚ѝ ја отворил утробата нејзина‘, така што родила син (1. Мојсеева 29:31, 32). Кога две богобојазливи израелски бабици ги ризикувале своите животи за да ги сочуваат машките Еврејчиња од колежот во Египет, Јехова со ценење ‚им правел добро за да преуспеваат во животот [им подарил семејства, НС]‘ (2. Мојсеева 1:17, 20, 21). Тој ја услишил и горливата молитва на Ана (1. Царства 1:10, 20). А кога вдовицата на некој пророк се соочила со еден заемодавач кој се готвел да ѝ ги земе децата за да ѝ го наплати долгот, Јехова не ја оставил на цедило. Со љубов Бог го оспособил пророкот Јелисеј да ѝ ја умножи резервата од масло, така што успеала да го плати долгот. Така го сочувала и своето семејство и своето достоинство (2. Мојсеева 22:22, 23; 4. Царства 4:1-7).
21. Каква урамнотежена слика прикажуваат Хебрејските списи за ситуацијата на жените?
21 Значи, далеку од тоа да охрабруваат на омаловажувачко гледиште спрема жените, Хебрејските списи даваат една урамнотежена слика за нивната ситуација меѓу Божјите слуги. Иако Јехова не ги штител своите обожавателки од исполнувањето на 1. Мојсеева 3:16, побожните мажи кои го следеле Јеховиниот пример и кои го слушале неговиот Закон, постапувале кон жените со достоинство и почит.
22. До времето кога Исус дошол на Земјата, како се променила улогата на жените, и кои прашања се поставуваат?
22 Низ вековите после завршувањето на Хебрејските списи, кај Евреите се променила улогата на жените. До времето кога Исус се појавил на Земјата, рабинските традиции во голема мера ги ограничиле жените во поглед на нивните религиозни предности и општествениот живот. Дали таквите традиции влијаеле врз начинот на којшто Исус постапувал со жените? Како треба да се постапува со христијанките денес? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.
[Фусноти]
a Според Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary, „полигамија“ се однесува на „брак во кој едниот сопружник од обата пола може истовремено да има повеќе од еден брачен другар“. Поспецифичниот израз „полигинија“ се дефинира како „состојба или обичај некој истовремено да има повеќе од една жена или женски сопружник“.
b Насекаде низ Хебрејските списи, за венчаните мажи и жени многу почесто се зборува како за „сопруг“ (хебрејски: и́ш) и „сопруга“ (хебрејски: и́шша). На пример, изразите што ги користел Јехова во Едем не биле „сопственик“ и ‚поседувана‘, туку „сопруг“ и „сопруга“ (1. Мојсеева 2:24; 3:16, 17, обата НС). Осииното пророштво претскажало дека по враќањето од егзил, Израел покајнички ќе го нарече Јехова ‚мој маж‘, а не повеќе „Ваалу мој“. Тоа може да укажува дека изразот „сопруг“ има понежна конотација отколку „сопственик“ (Осија 2:16).
c Вреди да се забележи употребата на прво лице во Судии Израилеви 5:7 во врска со Девора.
Како би одговорил?
◻ Што покажуваат зборовите „помошник“ и „дополнување“ во врска со улогата што Бог ѝ ја доделил на жената?
◻ Што треба да имаме на ум кога ги разгледуваме обичаите кои влијаеле врз жените во библиски времиња?
◻ Што покажува дека жените имале достоинствена улога меѓу Божјите слуги од старо време?
◻ На кои начини Јехова покажал посебна наклоност спрема жените во претхристијанските времиња?