Дали религијата е само уште еден голем бизнис?
Дали си забележал дека на многу религии им е поважно да заработат пари отколку да им помогнат на луѓето да го обожаваат Бог? Тие рекламираат и продаваат разни производи и извршуваат верски обреди за пари. Голем број од нивните верски водачи се многу добро платени и живеат луксузно. Да наведеме само неколку примери:
Една истрага открила дека еден католички бискуп, во период од 13 години, ги користел парите на црквата за да плати речиси 150 летови со приватен авион и околу 200 патувања со лимузина. Исто така, тој потрошил повеќе од четири милиони долари за да ја реновира својата црковна резиденција.
Еден проповедник во една африканска земја редовно одржува верски служби на кои присуствуваат десетици илјади луѓе. Во неговиот огромен црковен комплекс се продаваат најразлични производи — од „чудотворно масло“ до пешкири и маици со неговиот лик. Иако повеќето луѓе кои доаѓаат на неговите проповеди се сиромашни, тој е екстремно богат.
Две од четирите свети будистички планини во Кина се регистрирани како фирми. А познатиот храм Шаолин е вклучен во многу комерцијални проекти. Главниот монах во тој храм е познат како „монах менаџер“.
Разни компании низ цела Америка вработуваат консултанти чија задача е да измислат верски обреди и да им пружат духовно водство на вработените.
Што мислиш за религиите во кои сѐ се врти околу парите? Дали некогаш си се прашал што мисли Бог за луѓето кои заработуваат од верски активности?
Што мисли Бог за вмешаноста на религијата во бизнисот?
Бог не одобрува религијата да се меша во бизнисот. Од Библијата дознаваме дека во минатото тој бил многу разочаран од свештениците кои тврделе дека го претставуваат Бог, а поучувале „за плата“ (Михеј 3:11). Тој ги осудил алчните трговци кои го претвориле неговиот дом во „разбојничка пештера“ (Еремија 7:11).
Исто како на Бог, и на Исус му било одвратно тоа што некои ја користеле религијата за финансиска добивка. Во негово време, верските водачи заработувале од алчните трговци на кои им дозволиле да тргуваат во храмот во Ерусалим. Тие ги искористувале искрените луѓе кои доаѓале да го обожаваат Бог. Исус храбро ги избркал тие нечесни трговци надвор од храмот, велејќи им: „Не правете од домот на мојот Татко трговска куќа!“ (Јован 2:14-16).
Исус покажал дека размислува како Бог и со начинот на кој ја извршувал својата служба (Јован 8:28, 29). Тој никогаш не им наплатувал на луѓето кога ги поучувал за Бог. Исто така, не барал пари кога правел чуда, како на пример кога ги хранел гладните, кога ги лекувал болните и кога ги воскреснувал мртвите. Исус никогаш не ја користел службата за да се збогати — дури немал ни свој дом (Лука 9:58).
Дали христијаните од првиот век заработувале од својата служба за Бог?
Исус им кажал на своите следбеници никогаш да не заработуваат од својата служба за Бог. Тој рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8). Тие следбеници на Исус, кои станале познати како христијани, ги следеле неговите упатства. Да разгледаме неколку примери:
Еден човек по име Симон, кој сакал да има угледна положба и моќ, му понудил пари на апостол Петар, кој го придружувал Исус во неговата служба. Петар веднаш ја одбил понудата на Симон и строго го укорил со следните зборови: „Твоето сребро нека пропадне со тебе, зашто мислеше со пари да го стекнеш Божјиот дар!“ (Дела 8:18-20).
Апостол Павле бил познат по тоа што многу патувал и ја проповедал добрата вест. Иако со години трудољубиво им помагал на многу христијански собранија, тој никогаш не барал пари за службата што ја извршувал. Павле и неговите соверници не биле „како мнозина кои [тргувале] со Божјата реч“ (2. Коринќаните 2:17). Напротив, тој напишал: „Додека ви ја проповедавме Божјата добра вест, работевме ден и ноќ, за да не му бидеме товар никому од вас“ (1. Солуњаните 2:9).
Се разбира, на тие први христијани им биле потребни финансиски средства за огромното проповедничко дело, како и за добротворните дела што ги правеле. Но, тие никогаш не наплатувале за верската служба што ја извршувале. Луѓето можеле самите да одлучат да им дадат нешто на темел на следниве начела:
2. Коринќаните 8:12: „Всушност, давањето е особено добредојдено ако човек има желба да даде. Од секого се очекува да го даде она што го има, а не она што го нема“.
Што значи тоа: Кога некој дава нешто, многу е поважен мотивот, отколку тоа колку дава.
2. Коринќаните 9:7: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“.
Што значи тоа: Бог не сака никој да се чувствува принуден да даде прилог. Тој се радува кога некој дава нешто од срце.
Што ќе се случи наскоро со алчните религии?
Библијата јасно кажува дека Бог не ги одобрува сите религии, ниту пак секој начин на обожавање (Матеј 7:21-23). Во едно впечатливо пророштво, Библијата ги споредува сите лажни религии со проститутка бидејќи тие соработуваат со властите за материјална или за некоја друга корист и ги искористуваат луѓето од сите народи (Откровение 17:1-3; 18:3). Тоа пророштво открива дека Бог наскоро ќе ги уништи сите лажни религии (Откровение 17:15-17; 18:7).
Во меѓувреме, Бог не сака лошите постапки на лажните религии да ги измамат луѓето, ниту пак да ги оддалечат од него (Матеј 24:11, 12). Тој ги поттикнува искрените луѓе да дознаат како да му служат на прифатлив начин и да ги напуштат лажните религии (2. Коринќаните 6:16, 17).