Младите прашуваат . . .
Татковци кои бегаат — дали навистина можат да побегнат?
„Кога ми рече: ‚Ќе имаме бебе‘, бев шокиран. Кој ќе се грижи за бебето? Јас не бев во состојба да се грижам за семејство. Ми доаѓаше да побегнам“ (Џим).a
„СЕКОЈА година“, вели еден извештај од институтот Ален Гутмахер, „речиси 1 милион тинејџерки . . . забременуваат.“ „Седумдесет и осум проценти од децата кои им се раѓаат на тинејџерките се вонбрачни.“
Во минатото, мажите чувствувале обврска да преземат одговорност за своите деца. Но, како што вели книгата Teenage Fathers (Татковци-тинејџери), „вонбрачната бременост повеќе не претставува срам и понижување како што беше [некогаш]“. Меѓу младите во некои средини, татковството можеби се смета дури и за статусен симбол! Сепак, малку момчиња преземаат долготрајна обврска кон децата што ги имаат. На крајот, многумина си заминуваат — или бегаат.b
Но, дали еден млад човек може сосема да ги избегне последиците од неморалното постапување? Според она што го вели Библијата, не може. Таа предупредува: „Немојте да се залажувате: со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7). Како што ќе видиме, сексуалниот неморал честопати донесува долготрајни последици и за девојките и за момчињата. Младите луѓе можат да ги избегнат ваквите последици ако го следат јасниот библиски совет да избегнуваат сексуален неморал.
Не е толку лесно да се замине
Грижата за едно дете вклучува огромни жртви во облик на време, пари и лична слобода. Книгата Young Unwed Fathers (Млади невенчани татковци) забележува: „Некои момчиња не се заинтересирани ‚да се грижат за некого‘ кога тоа ќе значи самите тие да имаат помалку“. Меѓутоа, многумина плаќаат висока цена за својата себичност. На пример, судовите и законодавците во многу земји стекнуваат сѐ понегативно гледиште за мажите кои не плаќаат издршка за своите деца. Штом законски се утврди татковството, од младите татковци со право може да се бара да плаќаат алиментација во текот на следните години. Многу момчиња се принудени да го напуштат училиштето или да прифатат ниско платени работни места за да ги исполнат тие обврски. „На колку помлада возраст станал родител“, вели книгата School-Age Pregnancy and Parenthood (Бременост и родителство на школска возраст), „толку помало редовно образование ќе добие таткото.“ А ако некој не ја плаќа алиментацијата, можат да му се натрупаат огромни долгови.
Се разбира, сите момчиња не се бездушни кон своите деца. Многу од нив на почетокот имаат добри намери. Според една анкета, 75 проценти од татковците кои се тинејџери ги посетиле своите деца во болницата. Сепак, наскоро повеќето татковци се преоптоварени од одговорностите на грижата за детето.
Многумина откриваат дека едноставно ги немаат вештините или искуството кои се потребни за да најдат соодветно вработување. Посрамени заради тоа што не можат да дадат финансиска издршка, со текот на времето бегаат од своите обврски. Сепак, следните години младиот човек може горко да се кае. Еден млад татко признава: „Понекогаш се прашувам што се случи со мојот син . . . Не ми е сеедно што [го] напуштив, но сега го изгубив. Можеби еден ден тој ќе ме пронајде“.
Штетата што им е нанесена на децата
Татковците кои бегаат ќе мора да се справат и со силни чувства на срам — срамот што му наштетиле на сопственото дете. На крајот на краиштата, како што покажува Библијата, на детето му се потребни и мајка и татко (Излез 20:12; Пословици 1:8, 9). Кога некој човек ќе го напушти своето дете, тој го изложува на мноштво потенцијални проблеми. Еден извештај на Министерството за здравство и социјална помош во САД вели: „Малите деца во семејствата со самохрана мајка имаат послаби резултати кога одговараат усно и кога прават тестови по математика. Во средината на своето детство, децата кои се одгледани од самохран родител добиваат пониски оценки, имаат повеќе проблеми со поведението и поголема стапка на хронични болести и психички растројства. Кај адолесцентите и младите возрасни, животот во семејство со самохрана мајка е поврзан со зголемен ризик од тинејџерска бременост, отпишување од средно училиште, апсење и останување и без работа и без образование.
Списанието Atlantic Monthly заклучува: „Според сѐ поголем број социјално-научни докази, децата од семејства кои се распаднале заради развод и вонбрачните деца, имаат послаб успех отколку децата од семејства со обата родитела, и тоа во неколку аспекти. За децата од семејствата со самохран родител постои шест пати поголема веројатност да бидат сиромашни. Исто така, голема е веројатноста да останат сиромашни“.
Имај на ум дека овие ризици се засновани на статистички истражувања на извесни групи и затоа не мора да значи дека важат и за поединци. Многу деца стануваат добри, урамнотежени возрасни луѓе и покрај тоа што израснале во лоши семејни услови. Дури и во тој случај, чувствата на вина можат многу да го измачуваат младиот човек кој го напуштил своето дете. „Се плашам дека навистина [го упропастив] неговиот живот“, вели еден неоженет татко (Татковци-тинејџери).
Предизвикот на давањето издршка
Не бегаат сите млади татковци. Некои млади луѓе со право чувствуваат морална обврска кон своите деца и искрено сакаат да помогнат во нивното подигање. Сепак, тоа честопати е полесно да се рече отколку да се направи. На пример, еден невенчан татко можеби има малку законски права, препуштајќи девојката и нејзините родители да контролираат колку често — или колку ретко — може да контактира со своето дете. „Тоа е постојано надмудрување за правото да се донесуваат одлуки во врска со детето“, вели Џим, цитиран на почетокот. Според тоа, можеби ќе се донесат одлуки на кои младиот татко жестоко се противи, како што е усвојување — па дури и абортус.c „Тешко ми е да им дозволам едноставно да му го дадат на некој непознат“, се жали еден млад татко, „но изгледа дека немам друг избор.“
Некои момчиња ѝ нудат брак на мајката на нивното дете.d Се разбира, бракот ќе ја поштеди девојката од срамот и ќе му овозможи на детето да биде подигнато од двајца родители. Можеби младиот пар чувствува искрена меѓусебна љубов, иако постапиле погрешно. Меѓутоа, фактот дека едно момче може да има деца не значи дека поседува умствена и емоционална зрелост која е потребна за да биде сопруг и татко. Ниту, пак, тоа значи дека е способен финансиски да издржува сопруга и дете. Испитувањата покажуваат дека браковите кои се склопени заради тоа што дошло до бременост се краткотрајни. Затоа, избрзаното влегување во брак не е секогаш мудро решение.
Многу момчиња нудат финансиска издршка за своите деца. Како што беше спомнато претходно, потребна е вистинска одлучност младиот татко постојано да ја дава таа издршка долго време — можеби 18 или повеќе години! Но, ваквата редовна помош може да ги спаси од сиромаштија мајката и детето.
Што е со заедничкото подигање на детето? И тоа може да биде тежок предизвик. Понекогаш родителите на двојката се плашат дека повторно може да дојде до сексуални односи и затоа се обидуваат да ја спречат — па дури и да ѝ забранат — на двојката да се гледа. Можеби и самата девојка ќе одлучи дека не сака нејзиното дете да се „приврзе“ за некој човек кој не е нејзин сопруг. Во секој случај, ако на таткото му е дозволено редовно да се гледа со своето дете, семејствата ќе постапат мудро ако се погрижат тие посети да бидат со придружник за да се спречи понатамошно погрешно постапување.
Со желба да се зближат со своите деца, некои невенчани татковци научиле да извршуваат некои основни родителски задачи, како, на пример, да ги капат, да ги хранат или да им читаат на своите деца. Младиот човек кој стекнал ценење за библиските мерила може дури и да се обиде да го поучи своето дете за некои начела од Божјата реч (Ефешаните 6:4). Но, иако некакво внимание полно со љубов од страна на таткото несомнено е подобро од никакво, тоа едноставно не е исто како да имаш татко кој е крај тебе секој ден. А ако мајката на детето некогаш се омажи, младиот татко можеби ќе мора беспомошно да гледа како некој друг човек ја презема должноста да го подига неговото дете.
Значи, јасно е дека да се биде татко на вонбрачно дете води до многу проблеми — и за родителите и за детето. Освен грижите, тука е и опасноста од губењето на наклоноста на Јехова Бог, кој го осудува вонбрачниот секс (1. Солуњаните 4:3). Иако може да се направи најдоброто што се може од една лоша ситуација како што е тинејџерската бременост, треба да биде јасно дека е најдобро да се избегне самото впуштање во неморал. Еден млад татко признава: „Штом станеш татко на вонбрачно дете, животот никогаш нема да ти биде ист“. Всушност, еден млад татко можеби ќе мора да живее со последиците на својата грешка целиот свој живот (Галатите 6:8). Повторно библискиот совет се покажал мудар кога вели: „Бегајте од блуд“ (1. Коринќаните 6:18).
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Да бидеш татко — дали тоа те прави маж?“ во изданието на Разбудете се! од 8 август 2000. За дискусија во врска со последиците за невенчаните девојки кои се мајки, види ја статијата „Младите прашуваат . . . Невенчана мајка — може ли тоа да ми се случи и мене?“, во англиското издание на Разбудете се! од 22 јули 1985.
c Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Абортус — дали е тоа решение?“ во изданието на Разбудете се! од 8 јули 1995.
d Мојсеевиот закон барал човекот кој завел девица да се ожени со неа (Второзаконие 22:28, 29). Меѓутоа, бракот не бил склопуван автоматски бидејќи таткото на девојката можел да го забрани (Излез 22:16, 17). Иако христијаните денес не подлежат на овој закон, тој нагласува колку сериозен грев е предбрачниот секс. (Види „Прашања од читателите“ во изданието на Стражарска кула од 1 април 1990.)
[Слика на страница 22]
Најдобро е да се избегне самиот неморал