Дали еволуцијата е логична?
ДЕНЕС, оние кои ја популаризираат теоријата на еволуцијата велат дека таа е факт. Сепак, колку се логични нивните толку често изнесувани тврдења? Размислете за следново.
Свилата што ја прават пајаците е еден од најцврстите познати материјали. Според New Scientist, „секое влакно може да се растегне за 40 проценти од својата должина и може да апсорбира сто пати поголема енергија од челикот, и тоа без да се скине“. Како се прави оваа извонредна свила? Encyclopædia Britannica објаснува дека една вискозна течност, еден протеин, минува низ ситните цевчиња во телото на пајакот и, со прераспределба на протеинските молекули во течноста, таа се претвора во тврда нишка.
New Scientist заклучува: „Пајакот развил техники кои се далеку над техниките што ги користи дури и највештиот хемичар“. Дали е можно пајакот да развие техника на производство која е толку комплицирана што човекот допрва треба да ја разбере?
Една статија во The Wall Street Journal што ја напишал Филип И. Џонсон, професор по право на Калифорнискиот универзитет, забележува дека недостигаат докази за еволуцијата, но дека нејзините приврзаници честопати ги исмејуваат оние кои ја доведуваат во прашање. Статијата коментира: „Теоријата на еволуцијата има сериозни проблеми со доказите — но нејзините поборници не сакаат искрена дебата која би можела да го поткопа нивниот поглед на светот“.
Друг пример кој покажува дека нема логика во еволуционистичкото размислување се однесува на растенијата. Научниците кои вршат истражувања во Мароко, откопале 150 фосили на археоптерис, „досега најблискиот откриен роднина на првите семени растенија, предок на повеќето денешни дрвја“, вели The Daily Telegraph од Лондон. Уредникот на научните теми во весникот изјавува дека ова растение „помогнало да се обликува современиот свет со тоа што изумило лисја и гранки“. „Да се изуми“ значи „да се измисли со размислување“. Дали е логично на едно растение да му се припише способноста да размислува и да изумува?
Соломон, еден од најмудрите луѓе, нѐ советува ‚да ги чуваме нашите мисловни способности‘, да размислуваме со своја глава. Никогаш не било попотребно да го правиме тоа (Пословици 5:2, NW).