Олимписките идеали во криза
КОГА барон Пјер де Кубертен дал предлог за повторно воведување на Олимписките игри, тој изнел некои благородни идеали. Всушност, денешното олимписко мото кое му се припишува на Кубертен, гласи: „На Олимписките игри не е најважно да се победи туку да се учествува . . . Не е битно да се освои награда туку да се води добра борба“.
Кубертен верувал дека со учество во добронамерно натпреварување може да се изгради цврст карактер, да се поттикне добро просудување и да се унапредува чесно постапување. Тој зборувал дури и за ‚религија на спортот‘. Сметал дека Олимписките игри би можеле да ги научат луѓето да живеат во мир.
Но, со смртта на Кубертен, во 1937, исчезнале сите вакви надежи. Игрите веќе биле привремено укинати еднаш поради I светска војна, а се создавала напната состојба поради уште еден голем конфликт. Денес, идеалите на Олимписките игри се наоѓаат во уште поголема криза. Зошто?
Олимписките игри и допингот
Со децении, атлетичарите користат средства за допинг за да постигнат подобри резултати, а Олимписките игри не беа поштедени од ова зло. Всушност, сега, после 25 години од воведувањето на наводно ригорозните допинг-тестови, користењето на забранети супстанции меѓу атлетичарите на Олимписките игри сѐ уште претставува проблем.
Некои атлетичари земаат стероиди за да постигнат подобри резултати од другите. Други користат стимуланси. Хормонот на човечкиот раст е популарен меѓу спринтерите и учесниците во тешка атлетика затоа што им помага брзо да закрепнат после интензивните вежби и ја зголемува силата на мускулите. Во меѓувреме, една верзија на еритропоетин кој е добиен по пат на генетички инженеринг е омилено средство за допинг што го користат многу тркачи на долги патеки, пливачи и учесници во скијачко трчање затоа што ја зголемува издржливоста стимулирајќи го создавањето на црвени крвни клетки.
Можеме да сфатиме зошто д-р Роберт Вои, поранешен директор на допинг-тестирањето од Олимпискиот комитет на САД, ги нарекува атлетичарите „подвижна лабораторија“. Тој додава: „Олимписките игри станаа полигон на кој вршат проби научниците, хемичарите и докторите кои немаат никаква етика“. А што да се каже за тестирањето? Д-р Доналд Кетлин, директор на една лабораторија за допинг-тестирање во Соединетите Држави, вели: „Атлетичарот кој е добро информиран и сака да користи средства за допинг, преминува на супстанции кои не можеме да ги откриеме“.
Мито и корупција
Бидејќи само малку градови можат да си дозволат да се кандидираат за домаќини на Олимписките игри, некои од нив ништо нема да ги спречи да си го обезбедат тоа. Пред скоро две години, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) беше вклучен во еден скандал. Тврдењата дека на членовите на ИОК им било дадено мито од 400.000 долари за време на успешната кандидатура на Солт Лејк Сити за Зимските игри во 2002 ја доведоа во прашање етиката на оние кои беа вклучени во изборот на локацијата.
Разликата помеѓу гостољубивоста и отвореното подмитување честопати се замаглува кога потенцијалните градови домаќини им нудат богати подароци на оние кои ја избираат локацијата. Во скандалот во врска со Солт Лејк Сити биле вмешани 20 членови на ИОК, а на 6 од нив на крајот им било одземено членството. Што се однесува до Игрите во Австралија во 2000, сите обиди да се задржи слика на чесност исчезнаа кога претседателот на Австралискиот олимписки комитет призна: „Па добро, не ја добивме [кандидатурата] само заради убавината на градот и спортските објекти што имавме да ги понудиме“.
Раскошниот живот на некои постари членови на ИОК уште повеќе го зголеми скептицизмот. Покојниот шеф на Меѓународното веслачко здружение на Швајцарија, Томи Келер, во една прилика рекол дека, според него, некои спортски службеници ги сметаат Олимписките игри за средство со кое можат да си ја „задоволат сопствената гордост“. Тој додал дека изгледа како движечката сила да е „стремежот по пари и задоволување на личните амбиции“.
Моќен маркетинг
Никој не може да одрече дека во Олимписките игри се вклучени големи пари. Традиционално, тие ја зголемуваат гледаноста на телевизијата и профитабилните рекламни блокови, правејќи го спонзорирањето на игрите моќно средство за маркетинг.
Да размислиме за Олимпијадата во 1988, за која девет мултинационални компании му платија повеќе од 100 милиони долари на ИОК за да добијат права на маркетинг во целиот свет. Летните игри во Атланта во 1996 донесоа профит од 400 милиони долари за истите права. Но, во ова не се вклучени правата за емитување на телевизија. Една американска ТВ станица плати повеќе од 3,5 милијарди долари за правата да ги емитува Олимписките игри помеѓу 2000 и 2008 година, а се известува дека во еден четиригодишен период, секој од 11-те спонзори во светот ќе треба да плати по 84 милиони долари. Затоа, некои луѓе го изнеле гледиштето дека, иако Олимписките игри некогаш биле симбол на идеалот на човечката доблест, денес овие игри првенствено се прилика за профит, што е симбол на човечката алчност.
Што тргнало наопаку?
Некои експерти велат дека кризата на Олимписките игри произлегува од два клучни момента, кои настанаа во почетокот на 1980-тите. Првиот бил одлуката да им се даде право на поединечни меѓународни спортски здруженија да одлучуваат кои атлетичари се подобни за Олимписките игри. Иако ИОК во една прилика го ограничи учеството само на аматери, здруженијата почнаа да им дозволуваат на професионални атлетичари да учествуваат во соодветните олимписки натпревари. Но, професионалните атлетичари внесоа со себе и професионални ставови. ‚Добрата борба‘ сама по себе не донесува долари и за кратко време најважно стана да се победи. Не е чудно што ова го забрза користењето средства за допинг.
Вториот клучен момент настана во 1983, кога ИОК се обиде да профитира од она што неговиот експерт за маркетинг го нарече „најскапоцен неискористен симбол во светот“ — олимписките кругови. Ова ја поттикна климата на незауздан комерцијализам кој стана заштитен знак на Олимписките игри. Џејсон Зенгерли забележал: „И покрај сѐ што се зборуваше за да се унапреди мирот и за да се здружат луѓето од целиот свет . . . Олимписките игри воопшто не се разликуваат од . . . кое и да е друго вообразено спортување“. Сепак, дали ова значи дека идеалите на Олимпиското движење не можат да се остварат?
[Рамка/слика на страница 5]
НЕКОИ ПОДАТОЦИ ЗА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ
→ Олимпискиот симбол се состои од пет кругови, кои ги претставуваат континентите Африка, Азија, Австралија, Европа и Северна и Јужна Америка. Тие се поврзани за да го симболизираат пријателството на сите народи во спортувањето.
→ Олимпиското мото е Citius, Altius, Fortius — што на латински значи „побрзо, повисоко, похрабро“. Еден педагог од Франција составил еден алтернативен превод: „побрзо, повисоко, посилно“.
→ Олимпискиот оган горел на Зевсовиот олтар додека траеле игрите во античко време. Денес, од сончевите зраци на Олимпија се пали еден факел, кој потоа се пренесува на местото каде што се одржуваат игрите.
→ Олимписката традиција е стара неколку милениуми. Првите Олимписки игри за кои е познато се одиграле во 776 пр.н.е., но многумина велат дека овие игри датираат уште најмалку пет векови пред тоа.
[Извор на слика]
AP Photo/Eric Draper
[Рамка/слика на страница 6]
СИДНЕЈ — ОЛИМПИСКА ЛОКАЦИЈА
Од септември 1993, кога Сиднеј ја доби кандидатурата за Олимписките игри 2000, градот избезумено се подготвуваше да прими десетици илјади посетители. Се вложи многу труд за да се исчисти теренот, да се изградат локации од висока категорија за одржување на средбите и да се преобразат старите депонии за ѓубре во наводнето земјиште, паркови и естуари кои опфаќаат 760 хектари.
Олимпиското село во Сиднеј, изградено за сместување на сите атлетичари и службеници, е најголемото село во светот кое е снабдено со соларна енергија. Супердом — најголемиот покриен спортски и забавен центар во Јужната хемисфера — има најголема електрична мрежа во Австралија која се снабдува со соларна енергија и функционира на енергија која не создава речиси никакви гасови на стаклена градина.
На хоризонтот зад Супердом се издигнуваат огромните лакови и испреплетените носечки греди на Олимпискиот стадион. Неговата изградба чинеше 435.000.000 долари и тој е најголемиот Олимписки стадион во светот, кој има капацитет од 110.000 седишта. Под сводот на овој стадион можат да се паркираат еден до друг четири патнички авиони од типот Боинг 747! Одозгора, проѕирните тавански ќерамиди ги штитат гледачите од ултравиолетовите сончеви зраци. „Во текот на неколку месеци во 2000“, рекол Ален Пачинг, генерален директор на стадионот, „ова место ќе биде срцето на Австралија“. Тогаш смело го дал следново предвидување: „Потоа ќе стане симбол, исто како што е Операта“.
[Слика на страница 4]
Барон Пјер де Кубертен
[Извор на слика]
Culver Pictures
[Извор на слика на страница 7]
AP Photo/ACOG, HO