Гледиште на Библијата
Фенг шуи — дали е за христијаните?
ВО АЗИЈА, според него се избираат места за гробишта, се проектираат и се декорираат згради. Врз основа на него се купува и се продава имот. На кинески јазик е познат како фенг шуи, облик на геомантија или претскажување. Иако фенг шуи со векови е популарен во Азија, во последниве години се рашири и низ западните земји. Некои архитекти го користат во проектирањето облакодери, канцеларии и куќи. Некои домаќинки го користат во декорацијата на своите домови. Многу книги и Веб-сајтови на Интернет го промовираат и поучуваат за него.
Која е причината за оваа сѐ поголема популарност? Според еден застапник, фенг шуи може да донесе „подобар живот, здравје, подобар брак или партнерство, поголемо богатство и личен душевен мир“. Иако сето ова звучи привлечно, што претставува оваа практика и како треба да гледаат на неа христијаните?
Што е тоа?
Кинеските зборови фенг шуи дословно значат „ветер—вода“. Потеклото на фенг шуи датира илјадници години наназад, во времето кога се развиле многу ориентални филозофии. Во нив спаѓало и верувањето во таканаречена рамнотежа на јин и јанг (темнина и светлина, топло и студено, негативно и позитивно). На концептот за јин и јанг била додадена идејата за чеј, што дословно значи „воздух“ или „здив“. Јин, јанг и чеј, заедно со таканаречените пет елементи — дрвото, земјата, водата, огнот и металот — се составен дел на теоријата фенг шуи. Приврзаниците на фенг шуи веруваат дека низ секое земјиште минуваат силни линии на енергија. Целта е да се одредат локациите каде што енергиите, односно чеј, на земјата и на небото се во рамнотежа. Ова се постигнува со правење измени на самото земјиште или на некое конкретно место во зградата. Воспоставувањето ваква рамнотежа наводно им носи среќа на оние што работат или живеат таму.
Обично, мајсторите за фенг шуи консултираат геомантички компас.a Тоа е еден мал магнетен компас поставен на средината на она што во основа е астролошка карта. На компасот има концентрични кругови, кои се поделени со линии. Геомантичкиот компас содржи податоци за соѕвездијата, за годишните времиња и за периодите на сончевите циклуси. Кога се анализира некоја локација или зграда, се читаат неколку податоци од компасот. Мајсторот за фенг шуи забележува каде се сечат иглите на компасот со точките на надворешните линии и кругови и врз основа на тоа одредува што е потребно за да се „излекува“ некоја локација.
Кога се одлучува како да се доведе во рамнотежа некое место, се зема предвид околната топографија, текот на водите, канализацијата, па дури и местоположбата на прозорците и вратите во некоја зграда. На пример, во Канада, една продавачка закачила огледало над задната врата од продавницата за да ја „поправи“ местоположбата на вратите. Исто така, некој геомантичар може да препорача да се преместат собните цвеќиња или мебелот, да се премести некоја слика, да се стави ветерно ѕвонче или, пак, да се набави аквариум за да се доведе во рамнотежа некоја зграда или соба.
Христијанското гледиште
Значајно е тоа што повеќето библиотеки ги класифицираат книгите за фенг шуи заедно со литература за астрологија и претскажување. Всушност, некои прирачници ја опишуваат геомантијата како гатање со помош на бројки или линии или географски карактеристики. Затоа, општо прифатено е дека фенг шуи и други видови геомантија се облици на претскажување. Тука спаѓаат гатање и спиритистички практики, кои не се ништо ново за човештвото.
Кога Израелците заминале од Египет и конечно влегле во земјата Ханаан во 15 век пр.н.е., во двете земји било распространето гатање во секаков облик. Како што е запишано во Второзаконие 18:14, преку Мојсеј, Бог рекол: „Народите што наскоро ќе ги истераш ги слушаат вражалците и гаталците, но Господ, твојот Бог, не ти го дозволува тоа тебе“. Многуте облици на гатање што постоеле во Египет и Ханаан потекнувале од древниот Вавилон. Кога Јехова им ги помешал јазиците на луѓето во Вавилон, тие се разишле на други места, носејќи ги со себе практиките поврзани со вавилонското гатање и спиритизам (Битие 11:1—9).
Јехова Бог строго и постојано го опоменувал Израел да не ги прифаќа гатачките практики од другите нации, велејќи: „Кај тебе нека не се најде некој . . . кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво . . . Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог“ (Второзаконие 18:9—12; Левит 19:26, 31). Оние што практикувале гатање морало да бидат убиени (Излез 22:18; Левит 20:27).
Зошто гатањето било толку силно осудено? Во Дела 16:16—19 се зборува за некоја жена што имала „гатачки демон“. Да, гатањето е неразделно поврзано со демонизмот. Затоа, практикувањето каков и да е облик на гатање може да го доведе човекот во контакт со Сатана и неговите демони! Тоа би можело да доведе до духовна пропаст (2. Коринќаните 4:4).
Некои популарни стилови на декорирање и уредување на земјиштето, ориентални или западни, можеби во почетокот биле под влијание на практики на лажната религија, како што е фенг шуи. Но, честопати таквите стилови сосема го изгубиле своето религиозно значење. Сепак, користењето фенг шуи за да се претскаже иднината или за среќа или здравје би било јасно прекршување на Божјиот закон. Тоа би било прекршување на јасно кажаната библиска заповед да избегнуваме да допираме нешто што е „нечисто“ (2. Коринќаните 6:14—18).
[Фуснота]
a Во западните земји, лекарите се обиделе да му дадат понаучен изглед на фенг шуи, па затоа некои користат дури и компјутер како помош во анализирањето на географските локации.
[Слика на страница 21]
Геомантички компас
[Извор на слика]
Страници 2 и 21: Туристичко биро на Хонг Конг