Приказни за верата од еден историски затвор
Во светот, доброволци од Јеховините сведоци посетуваат казнени установи за да им помогнат на затворениците што искрено сакаат да му се приближат на Бог. Веќе подолго од 20 години успешно водиме таква библиска образовна програма во федералниот затвор во Атланта (Џорџија, САД). Проучувањето на Библијата во затворски амбиент претставува предизвик. Како министри доброволци, бевме во контакт со ограбувачи на банки, изнудувачи на пари, убијци, дилери на дрога, вешти измамници и извршители на сексуални кривични дела. Како им помагаме на ваквите лица?
ПРВО, можеби ќе Ве интересира да дознаете кога и како Јеховините сведоци првпат влегле во овој затвор. Тоа било на 4 јули 1918. Група од осум угледни христијански министри биле спроведени по 15-те гранитни скалила на овој федерален затвор. Како што било вообичаено во тоа време, тие имале лисици на рацете со синџир околу половината и пранги на нозете. Новодојдените биле духовно квалификувани мажи што презеле водство меѓу Меѓународните библиски студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. Тие мажи не ни помислувале дека ќе помине околу една година за да се установи дека нивното затворање било голема неправда. Во март 1919, осумте министри на Сведоците слегле по истите затворски скалила, без пранги и слободни. Подоцна биле ослободени од вина, кога властите одлучиле да го повлечат обвинението.a
Додека биле во затворот во Атланта, овие христијански мажи одржувале часови за проучување на Библијата. Еден од осумте затвореници, А. Х. Мекмилан, подоцна известил дека заменикот на управникот во почетокот бил непријателски настроен, но на крајот бил поттикнат да извикне: „Часовите што ги држите таму [со затворениците] се прекрасни!“
Денес, повеќе од 80 години оттогаш, продуктивни часови за проучување на Библијата и понатаму оставаат траен впечаток врз лица од истиот затвор. Во неколку прилики затворските службеници издвоиле членови од нашата екипа за да им доделат посебно признание и почесни награди. За ефикасноста на образовните програми на Јеховините сведоци стана збор и во Volunteer Today, државен билтен што го издава Американското министерство за правда, Федералната затворска управа.
Една корист од програмата за проучување на Библијата со затворениците е значителното подобрување на нивното однесување. Како резултат на тоа, некои беа пуштени од затвор предвреме. Циничните набљудувачи можеби си мислат дека затворениците ја проучуваат Библијата само од таа причина. Иако во неколку наврати тоа беше случај, искуството честопати го покажува токму спротивното. Секогаш се восхитуваме кога ќе чуеме дека нашите студенти задржуваат добро христијанско однесување дури и многу години откако ќе бидат пуштени од затвор. Следат неколку од многуте искуства што ги имавме зад високите ѕидини на овој историски објект.
Затворениците имигранти наоѓаат надеж
Во почетокот на 1980-тите, оние што проповедаа во затворот во Атланта имаа предност да им помогнат на многу затвореници имигранти. Некои од промените беа извонредни.
Во почетокот, Раулb бил навистина опасен затвореник. Заедно со уште еден свој пријател биле професионални криминалци што одлежувале казна за убиство. Биле особено насилни, како што велат старешините што им помогнале. Раул имал смртни непријатели. Еден човек се заколнал дека ќе го убие, а Раул се заколнал дека ќе го убие него. Раул бил преплашен кога неговиот најголем непријател бил префрлен во Атланта. Се чинело дека било само прашање на време кога овие двајца долгогодишни непријатели ќе се сретнат во дворот, во кафетеријата или во блокот со ќелии. Меѓутоа, откако ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци, Раул направил драматични промени во своето размислување, однесување и изглед. Кога овие двајца луѓе конечно минале еден покрај друг во затворскиот двор, најголемиот непријател на Раул не го ни препознал! Воопшто не дошло до крвавото соочување што навидум било неизбежно.
Кога Раул одлучил да го симболизира своето предание на Бог со крштавање, морало да се најде нешто што ќе може да собере доволно вода. Затворскиот капелан се понудил да помогне и обезбедил еден црн мртовечки сандак во улога на базен за крштавање. Сандакот бил наполнет со вода до врв. Но, излегло дека Раул е подолг од сандакот. Затоа, биле потребни здружените напори на двајца старешини за Раул да биде сосема потопен, како што бара Библијата (Лука 3:21, NW со референции, фуснота). Денес Раул е слободен човек и служи како ревносен христијански министер.
Во 1987, една одлука за депортирање на многу затвореници имигранти довела до деструктивно и жестоко беснеење во овој затвор, што станало тема и на меѓународните вести. Биле земени заложници. Меѓутоа, малку луѓе знаат за случајот на храбрите затвореници имигранти што ги ризикувале своите животи затоа што одбиле да се придружат во насилничкиот и жесток бунт. Тоа биле студентите што доаѓале на нашите часови за проучување на Библијата. Овие мажи, кои некогаш без многу размислување влегувале во борба на живот и смрт, останале неутрални — не биле дел од насилството и вандализмот. Колку речито сведоштво за моќта на Библијата да ги промени дури и бруталните криминалци во мирољубиви христијани (Евреите 4:12).
Да се добие простување
Уште едно незаборавно искуство е искуството на Џејмс. Тој бил Јеховин сведок, но дозволил духовно да ослаби. Подлегнал на искушението и извршил банкарска проневера. Бил исклучен од христијанското собрание и затворен во федералниот затвор во Атланта. Подоцна ни рече: „Тогаш паднав на најниско можно ниво во мојот живот“.
Животот во затворот бил тежок. „Се чувствував ужасно изолиран и очаен“, раскажува Џејмс. Меѓутоа, кога се нашол затворен во тесната затворска ќелија, бил наведен сериозно да се преиспита. Тоа го опишал вака: „Она што најмногу ме болеше додека бев в затвор не беше мојата лична неудобност туку начинот на кој го разочарав мојот небесен Татко“. По неколку месеци, еден затвореник што ја проучувал Библијата со доброволците Сведоци му пристапил на Џејмс и го повикал да присуствува на часовите за проучување на Библијата. Посрамен, Џејмс во почетокот одбил. Но, младиот човек бил упорен и конечно Џејмс дошол на еден состанок што се одржувал в недела.
Бил длабоко трогнат кога видел колкава љубезна грижа кон студентите покажувале Сведоците што ги воделе часовите. Подоцна го погодило нешто друго. Заради некои свои претходни искуства, Џејмс мислел дека сите верски доброволци се добро платени за да работат со затворениците. Но, на свое изненадување дознал дека Сведоците не поднесуваат сметкопотврди и не добиваат пари за нивните услуги (Матеј 10:8).
Џејмс почнал со нетрпение да ги очекува состаноците. Увидел дека браќата што ги воделе состаноците се љубезни и охрабрувачки. Особено бил импресиониран од еден старешина. „Ги броев деновите до неговата следна посета“, се сеќава Џејмс, „затоа што ја оживеа вистината од Божјата реч; неговиот дух беше заразен. Ми ја врежа потребата да ја читам Библијата студиозно за да ја сфатам вистинската смисла на пораката — да ја направам навистина моја и, што е уште поважно, да стекнам Христов ум.“
На Џејмс му било тешко да поверува дека Бог може да му ги прости грешките. Што му помогнало во тоа? „Божјето простување беше одразено во начинот на кој верните и самопожртвувани мажи постапуваа со нас.c Една работа стана многу јасна: И покрај моите страшни гревови, браќата не оставија дури ни најмал впечаток дека Бог не би можел да ми прости. Јехова никогаш не ме остави. Тој виде дека длабоко се покајав и дека го напуштив таквото глупаво и измамничко постапување; и богато ме благослови“. И навистина, Џејмс бил повторно примен во христијанското собрание. Откако е пуштен од затвор веќе скоро една деценија, тој и понатаму е активен и ревносен. На радост на неговата сопруга и на семејствотото, сега тој е слуга помошник и неодамна го одржа своето прво јавно предавање.
Да се пронајде патот
Со Џони се запознавме на почетокот на 1990-тите. Неговото семејство било поврзано со Јеховините сведоци, но никој не бил духовно јак додека Џони бил во годините кога се формирал како личност и кога му требало духовно и морално водство. Џони застранил во живот на криминал. Бил осуден да лежи во федералниот затвор веднаш до затворот во Атланта. Додека траела неговата затворска казна, чул за нашите часови за проучување на Библијата и одлучил да присуствува.
Во почетокот, Џони едвај можел да чита. Меѓутоа, толку бил желен да научи повеќе за Јехова и Исус Христос што одлучил да научи добро да чита (Јован 17:3). Нашите часови за проучување честопати им помагаат на затворениците во овој поглед, особено кога станува збор за течно и јавно читање. Џони вложувал толкав труд на часовите што другите студенти почнале да гледаат на него како на пример за тоа каков треба да биде еден сериозен библиски студент.
По повеќе месеци, Џони бил преместен во федералната зграда во Таладега (Алабама), за да присуствува на една едукативна програма за дрогата. Кога пристигнал, брзо се приклучил на христијанските состаноци што таму ги одржувале Јеховините сведоци. Бил активен сѐ додека конечно не бил пуштен од затвор. А кога дошол тој среќен ден, Џони не губел време да стапи во контакт со Сведоците од неговото место. Срдечно бил примен и продолжил да проучува и духовно да напредува.
Воодушевеноста на Џони и неговата љубов кон библиската вистина ја охрабриле и мајка му повеќе да се вклучи во собраниските активности. Тој е голем извор на сила и практична помош за неа. Неодамна се крсти во симбол на своето предание на Јехова Бог и понатаму активно учествува во христијанската служба.
Богата жетва
Во текот на изминатите две децении, на повеќе од 40 затвореници од затворот во Атланта им беше помогнато да станат крстени министри на Јеховините сведоци; а над 90 други извлекоа корист од седмичните библиски студии. И други затвореници се крстија откако беа пуштени од затвор или откако беа преместени во други затвори.
Оние што секоја седмица доаѓаат во овој историски затвор за да им помогнат на затворениците што вистински се каат, се благодарни што служат во оваа несекојдневна христијанска служба (Дела 3:19; 2. Коринќаните 7:8—13). Во непријатниот амбиент на топовски кули, чувари, електрични врати и блескави навои на бодливи жици, исполнети сме со радост и страхопочит кога гледаме како државни криминалци сосема го менуваат својот живот и стануваат чесни граѓани и верни обожаватели на Бог (1. Коринќаните 6:9—11). (Приложено.)
[Фусноти]
a За детален извештај за овој случај, видете Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето царство), страници 647—656, издадена од Јеховините сведоци.
b Имињата на затворениците се променети.
c Стражарска кула од 15 април 1991 ги охрабри христијанските старешини милостиво да посетуваат многу од оние што биле исклучени од христијанското собрание. Целта на таквите посети би била да се охрабрат да му се вратат на Јехова (2. Коринќаните 2:6—8).
[Рамка/слики на страници 24 и 25]
„Вие примивте на гости некои од моите најдобри пријатели“
ВО април 1983, Фредерик В. Франц, кој тогаш служел во Водечкото тело на Јеховините сведоци, го посетил американскиот затвор во Атланта. Тој бил многу желен да дојде токму во овој затвор. Кога влегол во зградата, гласно му довикнал на чуварот што седел на рецепцијата во холот: „Сакам да знаете дека вие примивте на гости некои од моите најдобри пријатели!“ Чуварот, најблаго речено, бил збунет. За што зборувал Франц?
Цели 64 години пред тоа, Џозеф Ф. Ратерфорд и неговите седум придружници биле лажно обвинети за завера. Подоцна Ратерфорд и Франц станале блиски пријатели и соработници. Сега, повеќе од 40 години од смртта на Ратерфорд — кога самиот бил на возраст од 90-тина години — Франц со задоволство дошол да го посети местото каде што биле затворени неговите пријатели пред толку долго време. Несомнено размислувал за делото што го извршиле Ратерфорд и неговите придружници зад тие ѕидови. Кое било тоа дело?
Кратко по пристигнувањето на Ратерфорд и на неговите придружници, заменикот на управникот им рекол: „Ќе ви дадеме нешто да работите. Кажете, што знаете да работите?“
„Управнику“, одговорил А. Х. Мекмилан, еден од осуммината, „во животот не сум правел ништо друго освен што сум проповедал. Имате ли нешто такво овде?“
„Не, господине! Токму затоа и сте овде и уште сега ви кажувам дека нема да проповедате.“
Поминале неколку седмици. Од сите затвореници се барало да присуствуваат на црковната служба во недела, а оние што сакале можеле да останат на неделното училиште потоа. Осумте мажи одлучиле да воведат свои часови за проучување на Библијата, што ги одржувал секој од нив по ред. „Некои почнаа да доаѓаат од љубопитност, а потоа дојдоа и други“, подоцна објаснил Ратерфорд. За кратко време малата група од 8 души прераснала на 90!
Како се одѕвале затворениците на часовите за проучување на Библијата? Еден затвореник рекол: „Имам седумдесет и две години и морав да се најдам зад затворски решетки за да ја чујам вистината. Затоа сум среќен што ме испратија в затвор“. Друг затвореник забележал: „Мојата казна веќе истекува; жал ми е што морам да излезам . . . Можете ли да ми кажете каде да најдам луѓе како вас кога ќе излезам?“
Ноќта пред да бидат ослободени овие осум души, тие добиле трогателно писмо од еден млад човек што доаѓал на нивните часови. Тој напишал: „Сакам да знаете дека ми дадовте желба да бидам подобар и почовечен, ако може да излезе таков човек од ваков валкан и закоравен бедник како мене . . . Јас сум слаб, многу слаб, никој не го знае тоа подобро од мене, но ќе се трудам и ќе се борам со себеси ако е потребно за да ги дадам целосните плодови од ова семе што го посеавте, за да си помогнам не само себеси туку и на оние околу мене. Можеби сето ова звучи чудно бидејќи го кажува некој како мене, но длабоко, длабоко во моето срце навистина го мислам тоа, секој збор“.
Денес, цели 80 години подоцна, Јеховините сведоци сѐ уште го сеат семето на библиската вистина во затворот во Атланта — како и во многу други затвори (1. Коринќаните 3:6, 7).