Младите прашуваат . . .
Што да правам кога другите ми кажуваат за своите проблеми?
„Родителите на една девојка од класот се разведуваа, и таа многу попушти со оценките. Често ми зборува за нивните домашни проблеми“ (Џен, 14-годишна).
„Една девојка од класот ми се довери дека имала односи со дечкото. Останала бремена и абортирала без воопшто да им каже на родителите“ (Мира, 15-годишна).
РАЗГОВАРАШ со некој пријател или соученик, и одеднаш тој почнува да ти се жали на некој свој проблем.a Можеби го мачат вообичаени тинејџерски работи — облека, пари, изглед, врсници, оценки. Но, можеби има некој посериозен, потежок проблем
Состојбата во Соединетите Држави покажува дека младите понекогаш имаат доста сериозни проблеми. Според списанието Newsweek, „Државниот завод за душевно здравје проценува дека 8 отсто од адолесцентите и 2 отсто од децата (некои на возраст од само 4 години) имаат симптоми на депресија“. Една друга анкета забележа: „Од 1.000 девојки на возраст од 15 до 19 години, годишно остануваат бремени просечно 97 — значи, еден милион млади Американки. Поголем број од овие бремености — 78 отсто — се несакани“. Освен тоа, милиони млади луѓе живеат во нестабилни семејства. Илјадници се жртви на физичко и сексуално малтретирање. Повеќе од половина од матурантите некогаш биле пијани. Голем е и бројот на младите кои се соочуваат со нарушувања во навиките на исхрана.
Затоа, не изненадува тоа што многу млади имаат очајна потреба некој да ги сослуша и да му се доверат! Првиот кон кого ќе се свртат е најчесто некој од нивните врсници. Што да правиш ако некој ти се обрати тебе? Ако си христијанин, тогаш не треба воопшто да се изненадиш што некој сака да ти се довери. Библијата ги поттикнува христијаните да бидат „пример“ во однесувањето и да бидат разумни (1. Тимотеј 4:12; Филипјаните 4:5). Затоа, голема е веројатноста другите млади — вклучувајќи ги и оние што не се христијани — да сакаат да ти се доверат. Како да реагираш во таква ситуација? И, што ако не си сигурен како да му помогнеш на тоа лице откако ќе ти каже што го мачи?
Слушај внимателно
Библијата вели дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:7). Кога некој сака да разговара со тебе за својот проблем, обично е најдобро да го сослушаш. Библијата покажува дека не е во ред намерно да се игнорира „викањето на сиромавиот“ (Пословици 21:13). Можеби на твојот пријател му требало време за да собере храброст и да ти каже што го мачи. Но, ќе му биде полесно да ти се довери ако види дека си спремен да го сослушаш. „Обично оставам другиот да зборува“, вели еден млад христијанин по име Хирам. „Оставам да каже што го мачи, и настојувам да покажам разбирање.“ Нешто слично кажува и Винсент: „Некогаш луѓето едноставно имаат потреба да си кажат што им лежи на срце “.
Твојот пријател веројатно не очекува од тебе да му го решиш проблемот. Можеби само му треба некој што ќе го сослуша. Затоа слушај! Не дозволувај нешто друго да ти го одземе вниманието и не прекинувај го без потреба. Самото тоа што си со него и што го слушаш веќе може многу да му помогне. Така му покажуваш дека тој навистина ти е важен.
Дали ова значи дека не треба да кажеш ни збор? Многу ќе зависи од тоа за каков проблем се работи. Во повеќето случаи, би било добро со обѕирни и љубезни зборови да кажеш што мислиш (Пословици 25:11). На пример, ако пријателот доживеал некоја лична трагедија, можеби е најдобро да му кажеш дека сочувствуваш со него (Римјаните 12:15). Пословици 12:25 вели: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“. Можеби му треба охрабрување. Кажи му дека си уверен дека тој ќе може успешно да се справи со ситуацијата. Ако му кажеш нешто како „Сфаќам зошто се чувствуваш така“ или „Жал ми е што си во таква ситуација“, твојот пријател ќе види дека си искрен и дека сакаш да му помогнеш.
Сепак, Пословици 12:18 предупредува: „Невнимателниот зборува како да прободува со меч“. Многу е важно да не кажеш нешто како: „Па, тоа не е толку страшно“, „Ајде, немој да мислиш на тоа“, или „Не треба да се чувствуваш така“. Освен тоа, внимавај да не го омаловажиш проблемот така што ќе го истераш на смеа. Пријателот може лесно да заклучи дека не ти е гајле за неговите чувства (Пословици 25:20).
Но, што ако останеш без зборови? Само биди искрен. Кажи му на пријателот дека навистина не знаеш што да кажеш, но дека сепак сакаш некако да му помогнеш. Прашај го: „Што можам да сторам за да ти помогнам?“ Да, веројатно можеш да направиш нешто конкретно и да му олесниш да се справи со проблемот (Галатите 6:2).
Дај му пријателски совет
Што ако видиш дека на твојот пријател му е потребен совет? Се разбира, ти и самиот си млад и немаш доволно искуство (Пословици 1:4). Веројатно нема да знаеш да дадеш совет за секој проблем. Сепак, Псалм 19:7 вели: „Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот [неискусниот, NW]“. Да, иако си ‚неискусен‘, можеби доволно ги познаваш библиските начела за да му помогнеш на пријателот барем во некоја мера (Пословици 27:9). Без да му држиш лекции, обиди се да споделиш со него некои мисли од Библијата. Ако не си сигурен кои библиски начела можат да помогнат во неговата ситуација, истражувај во публикациите. Статиите во рубриката „Младите прашуваат . . .“ со години излегуваат во ова списание и даваат библиски совети на најразлични теми. Друг корисен извор на информации е и книгата Младите прашуваат — делотворни одговори.b
Можеби ќе биде од корист да му раскажеш некое лично искуство или да му дадеш некој практичен совет. Без да му наметнуваш свои гледишта, објасни му што тебе ти помогнало (Пословици 27:17). Но, имај на ум дека секоја ситуација е различна. Ако нешто ти помогнало тебе, не мора да значи дека ќе му помогне и на некој друг.
Збор на предупредување
Немој да поминуваш премногу време слушајќи проблеми на млади луѓе кои не се плашат од Јехова и кои не ги почитуваат христијанските мерила. Многу од нивните проблеми се последица од тоа што не живеат според библиските морални мерила. Ако се обидуваш да му помогнеш на некого кој ги презира библиските совети, ова само може да биде фрустрација и за обајцата (Пословици 9:7). Освен тоа, така би можел да слушнеш многу бесмислени, па дури и непристојни работи (Ефешаните 5:3). Затоа, ако некој разговор ти стане непријатен, биди храбар и кажи му отворено дека не можеш да му помогнеш или дека не сакаш да зборуваш на таа тема.
Биди внимателен ако некој од спротивниот пол сака да ти се довери. Библијата предупредува дека срцето може да биде измамливо (Еремија 17:9). Блиското дружење со некого од спротивниот пол може да роди романтични чувства па дури и да води до сексуален неморал.
Освен тоа, внимавај дали ќе можеш да му ветиш на соговорникот дека нема да кажеш никому. Биди скромен и признај дека можеби твојата помош нема да биде доволна (Пословици 11:2).
Кога е потребно да помогнат други
Честопати е најдобро и ти самиот да побараш совет за да знаеш како да му помогнеш на пријателот. Мира, која беше цитирана во почетокот, вели: „Навистина не знаев како да ѝ помогнам на другарката од класот. Затоа разговарав со еден старешина од собранието, и тој ми даде некои добри совети“. Да, во христијанското собрание на Јеховините сведоци има искусни мажи што можат да ти помогнат (Ефешаните 4:11, 12). Старешината ја посоветувал Мира да ја поттикне таа другарка да разговара со своите родители. Девојката ја послушала Мира. Мира вели: „Сега ситуацијата е подобра. Освен тоа, таа сака да дознае нешто повеќе за Библијата“.
Но, што ако ти се довери некој сохристијанин? Се разбира, треба да направиш сѐ што може да се направи за да му помогнеш (Галатите 6:10). Ако ти изгледа дека можеби полека престанува да се држи за Јеховините морални мерила, не плаши се да му ја ‚кажеш вистината‘ (Ефешаните 4:25). Биди искрен, но немој да бидеш самоправеден. Со тоа што си спремен отворено да му ги кажеш работите, покажуваш дека си вистински пријател (Псалм 141:5; Пословици 27:6).
Во таква ситуација е исто така неопходно да го поттикнеш пријателот да побара помош — од своите родители, од старешина или од некој друг зрел христијанин кого го почитува. Доколку поминало извесно време, а тој сѐ уште не разговарал со никого, можеби ти ќе треба да го направиш тоа (Јаков 5:13-15). Сигурно ќе ти биде потребна храброст, но така ќе покажеш дека твојот пријател навистина ти е важен и дека му го посакуваш најдоброто.
Се разбира, Јехова не очекува од тебе да ги решаваш проблемите на сите. Но, кога некој сепак ќе ти се довери, не мора да се чувствуваш беспомошно. Примени ја христијанската поука што си ја добил и покажи дека си ‚вистински пријател‘ (Пословици 17:17, NW).
[Фусноти]
a Заради едноставност, ќе се осврнуваме на оној што има проблем во машки род. Се разбира, овие информации се однесуваат и на машки и на женски.
b Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 23]
Во некои случаи можеби ќе треба да побараш совет за да му помогнеш на пријателот што има проблем