Младите прашуваат . . .
Дали да кажам некому дека сум во депресија?
„Кога сум депримиран, во почетокот повеќе сакам да не зборувам за тоа затоа што луѓето можеби ќе си помислат дека сум проблематично дете. Но, потоа сфаќам дека треба да разговарам со некого за да ми помогне“ (Алехандро, 13 години).
„Кога сум депримиран, не им кажувам на пријателите затоа што мислам дека не можат да ми помогнат. Само ќе ми се смеат“ (Артуро, 13 години).
РЕЧИСИ сите понекогаш сме нерасположени.a Меѓутоа, заради тоа што си млад и релативно неискусен, лесно може да се чувствуваш совладан од животните притисоци. Она што го бараат од тебе твоите родители, пријатели и наставници; физичките и емоционалните промени во пубертетот или чувството дека не вредиш ништо заради некоја твоја ситна маана — сето ова може да те направи меланхоличен и тажен.
Кога ќе се случи тоа, добро е да имаш некого кому можеш да му се довериш. „Ако не можам да разговарам со некого за моите проблеми, мислам дека ќе експлодирам“, вели 17-годишната Беатрис. Но, за жал, многу млади ги задржуваат своите проблеми во себе — и честопати паѓаат во сѐ подлабок очај. Марија де Хесус Мардоминго, професор на Медицинскиот факултет во Мадрид, забележува дека младите кои доаѓаат до степен да извршат самоубиство, честопати се премногу осамени. Многу млади кои го преживеале обидот за самоубиство рекле дека не можеле да најдат ниту еден возрасен со кој би можеле да разговараат и кому би можеле да му се доверат.
Како е со тебе? Дали имаш некого со кого разговараш кога си тажен? Ако не, кому можеш да му се обратиш?
Разговарај со родителите
Алехандро, цитиран во почетокот, опишува што прави тој кога е депримиран: „Одам кај мајка ми затоа што, уште откако сум роден, таа ми дава поддршка и ми влева доверба. Исто така, му се обраќам и на татко ми затоа што имал искуства слични на моите. Ако не се чувствувам добро и не кажам никому, тогаш се чувствувам уште полошо“. Родолфо, 11-годишник, се сеќава: „Понекогаш наставникот ме потценуваше и ме укоруваше, па затоа бев многу тажен. Одев во WC-то за да плачам. Подоцна разговарав со мајка ми и таа ми помогна да го решам проблемот. Да не разговарав со неа, ќе се чувствував уште потажен“.
Дали си размислувал отворено да разговараш со твоите родители? Можеби мислиш дека тие веројатно нема да можат да ги разберат твоите проблеми. Но, дали навистина е така? Можеби нема сосема да ги разберат сите притисоци со кои се соочуваат младите во денешниов свет, меѓутоа, зарем не е вистина дека тие веројатно те познаваат подобро од кој и да е друг човек? Алехандро вели: „Понекогаш на моите родители не им е лесно да сочувствуваат со мене и да разберат како ми е“. Меѓутоа, тој признава: „Знам дека можам да им се обратам“. Честопати младите се изненадени кога ќе откријат колку добро нивните родители ги разбираат нивните проблеми! Бидејќи се постари и имаат поголемо искуство, честопати можат да ти дадат корисен совет — ова важи особено ако имаат искуство во применувањето на библиските начела.
„Кога разговарам со моите родители, тие ме охрабруваат и ми даваат практични решенија за проблемите“, вели Беатрис, цитирана погоре. Затоа, со добра причина Библијата им го дава овој совет на младите: „Сине мој, пази ги заповедите на својот татко и не отфрлај ја науката на својата мајка. Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари“ (Пословици 6:20; 23:22).
Се разбира, ќе ти биде тешко да им се довериш на родителите ако немаш добар однос со нив. Според д-р Каталина Гонзалес Фортеса, едно истражување спроведено меѓу средношколците покажало дека оние кои рекле дека се обиделе да си го одземат животот имале чувства на ниска самопочит и немале добар однос со родителите. За разлика од нив, младите кои одбегнуваат такво самодеструктивно размислување обично се „оние кои имаат добар однос со мајка си и татко си“.
Затоа, мудро работи на тоа да негуваш добар однос со своите родители. Стекни навика редовно да разговараш со нив. Кажи им што ти се случува во животот. Поставувај им прашања. Таквите ведри разговори можат да ти олеснат да им пријдеш кога ќе имаш некој сериозен проблем.
Разговор со пријател
Но, зар нема да биде полесно да појдеш кај некој врсник за да разговараш за своите проблеми? Јасно, добро е да имаш пријатели во кои можеш да имаш доверба. Во Пословици 18:24 пишува дека „има и пријател поприврзан од брат“. Но, иако врсниците можат да ти пружат сочувство и поддршка, можеби нема секогаш да ти го дадат и најдобриот совет. Па, обично тие немаат некое поголемо животно искуство од тебе. Се сеќаваш ли на Ровоам? Во библиски времиња тој бил цар. Наместо да го прифати советот на искусните, зрели мажи, тој ги послушал врсниците. Со каков исход? Катастрофален! Ровоам ја изгубил поддршката од поголемиот дел од својот народ, како и Божјето одобрување (1. Цареви 12:8—19).
Друг проблем поврзан со доверувањето на врсниците би можел да биде доверливоста. Артуро, цитиран на почетокот, забележува: „Повеќето момчиња што ги познавам разговараат со своите пријатели кога се натажени. Но подоцна, нивните пријатели им откриваат сѐ на другите и ги исмеваат“. Тринаесетгодишната Габриела имала слично искуство. Таа вели: „Еден ден открив дека мојата пријателка ѝ зборува за моите лични работи на една своја пријателка, па затоа повеќе не ѝ се доверував. Да, јас разговарам со луѓе на моја возраст, но се трудам да не им кажувам работи кои би можеле негативно да се одразат врз мене ако им ги кажат на другите“. Затоа, кога бараш помош, важно е да најдеш некој кој ‚не открива тајна на друг‘ (Пословици 25:9). Таква личност најверојатно ќе биде некој што е постар од тебе.
Затоа, ако од извесни причини не можеш да најдеш поддршка дома, сосема е во ред да најдеш некој пријател кому ќе му се довериш, но погрижи се тоа да биде некој што има животно искуство и добро ги знае библиските начела. Во локалното собрание на Јеховините сведоци, несомнено има лица кои се вклопуваат во овој опис. Шеснаесетгодишната Лилјана вели: „Им се доверив на некои христијански сестри и тоа се покажа доста корисно. Бидејќи тие се постари од мене, нивниот совет е добар. Тие ми станаа пријателки“.
Што ако почнала да страда и твојата духовност? Можеби си бил толку тажен што си почнал да ја запоставуваш молитвата или читањето на Библијата. Во Јаков 5:14, 15, Библијата го дава овој совет: „Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика кај себе старешините од собранието и нека се молат над него, помазувајќи го со масло во името на Јехова. И молитвата на вера ќе го оздрави оној кој не се чувствува добро, и Јехова ќе го подигне“. Во локалното собрание на Јеховините сведоци има постари мажи кои имаат искуство во помагањето на луѓето кои се обесхрабрени или духовно болни. Чувствувај се слободен да зборуваш со нив. Библијата вели дека тие мажи можат да бидат „како заветрина, прибежиште од невреме“ (Исаија 32:2).
„Објавете му ги своите молби на Бог“
Меѓутоа, најдобриот извор на помош е „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Кога си тажен и депримиран, следи го советот од Филипјаните 4:6, 7: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“. Јехова секогаш е спремен да те сослуша (Псалм 46:1; 77:1). А понекогаш молитвата е сѐ што ти треба за да ти олесни.
Ако одвреме навреме си тажен или депримиран, не заборавај дека и многу други млади имале слични чувства. Обично, со текот на времето таквите чувства ќе исчезнат. Но, во меѓувреме, немој да страдаш сам. Кажи му на некого дека ти е тешко. Во Пословици 12:25 стои: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“. Како ќе го добиеш тој ‚добар збор‘ на охрабрување? Така што ќе кажеш некому — некој што има искуство, знаење и побожна мудрост за да ти ја даде потребната утеха и помош.
[Фуснота]
a Ако чувствата на тага потраат, тоа може да биде знак на сериозно емоционално или физичко заболување. Се препорачува веднаш да се побара лекарска помош. Види ја статијата „Да се добие битката против депресијата“, во англиското издание на нашето придружно списание Стражарска кула од 1 март 1990.
[Истакната мисла на страница 14]
„Кога разговарам со моите родители, тие ме охрабруваат и ми даваат практични решенија“
[Слика на страница 15]
Богобојазливите родители, а не врсниците, обично се во најдобра положба да ти дадат совет