Кога планината се обиде да се спои со морето
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ВЕНЕЦУЕЛА
МЕЃУ Каракас, главниот град на Венецуела, и морето се наоѓа 2.000 метри високата планина Ел Авила. На север се протега едно тесно, густо населено крајбрежје. Овде се наоѓа најголемиот аеродром во Венецуела, а за да се појде од овој аеродром до Каракас, туристите мора да поминат низ еден тунел кој е издлабен во самата планина.
Откако поминаа поројните дождови минатиот декември, накиснатата Ел Авила не можеше да издржи повеќе. Нејзините стрмнини како да се распукнаа кога милиони кубни метри вода се слеаја од планината. Како што рекол некој, изгледало како планината да се обидува да се спои со морето. Домовите — од колиби до вили — беа проголтани во лавина од вода, кал, камења и дрвја. Кревети, фрижидери, телевизори па дури и луѓе беа однесени заедно со лавината. Еден постар човек рече дека си помислил дека дошол крајот на светот.
По некое време дождот престана и водите на поплавата почнаа да се повлекуваат. Според една проценка, умреа можеби околу 50.000 луѓе, а 400.000 останаа без домови. Со добра причина ова беше наречено „најголема природна катастрофа во историјата на Венецуела“.
Едвај се спасија
На 15 декември, Хуан Карлос Лоренсо и татко му беа заглавени помеѓу две надојдени реки. Излегоа од возилото и им се придружија на 35-мината кои беа во една зграда. Меѓутоа, наскоро водата почна да навлегува внатре и брзо да се издига. Сите успеаја да дојдат до покривот. Во меѓувреме, одрони и стебла удираа во зградата. За кратко време ѕидовите на првиот и на вториот спрат беа уништени, така што останаа само столбовите и покривот. Слабата структура се тресеше од непрекинатите удари.
Пристигна еден хеликоптер, но не можеше да се спушти врз трошната зграда. Кога заврти назад, Хуан Карлос и татко му се збогуваа низ солзи, уверени дека им е дојден крајот. Тогаш пристигнаа два хеликоптера. Еден по еден, сите луѓе што беа на покривот беа кренати на безбедно додека пилотите вешто надлетуваа одозгора. Штом заминаа хеликоптерите, зградата се сруши под налетот на разбеснетите води. Сите успеаја да се спасат токму на време!
Беа евакуирани илјадници луѓе — во мали авиони, по копно и во воени бродови наменети за крајбрежен истовар. Долги редици луѓе — некои носеа деца на рамениците — беа носени со помош на јажиња низ брановите за да дојдат до бродовите. Неколкумина успеаја да спасат некои лични предмети, но многумина останаа само со облеката што ја имаа на себе.
Хуманитарна помош
Во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Венецуела почна да се организира хуманитарна помош веднаш штом се слушна веста за катастрофата. Меѓутоа, патиштата беа затрупани со урнатини или едноставно однесени од водата. По неколку дена, една лента од главниот автопат беше отворена за да се користи во итни случаи и возилата на Сведоците кои пренесуваа медицински артикли и квалификуван персонал добија дозвола да поминат. Подоцна, еден службеник рече: „Владата многу добро знае дека Јеховините сведоци беа меѓу првите кои пристигнаа со помош и изведоа луѓе од тоа подрачје“.
Сведоците организираа потрага по оние на кои им беше потребна помош. Беше организиран превоз за евакуираните да бидат однесени во Каракас, каде што многумина пристигнаа без никаков личен посед. Во градот беа поставени пунктови за прилози со цел да им се разделат храна, облека и лекови на луѓето на кои им требаше. Но, на повеќето од нив не им требаше само храна и облека. Ним очајнички им беше потребно живеалиште. Нивните христијански браќа со радост им пружија кров над главата.
Дури и долго време после катастрофата, кај луѓето сѐ уште живееја нивните пријатели и роднини. Хоел и Елса, Сведоци од Порто Кабељо, живеат во еден мал стан. Дури и еден месец по невремето со нив сѐ уште живееја 16 луѓе. Многумина не го изгубија само својот дом туку и работното место. Едноставно, нивните работни места повеќе не постојат.
За жал, порано раздвижените градови кои беа летувалишта и пристаништа буквално не можеа да се препознаат. Некои возила се наѕираа од калта, додека други беа смачкани од ѕидовите, свиткани околу столбовите или забиени во вратите или прозорците. Заради еден слој од исушена кал — на некои места дебел и до 3 метри — нивото на улиците беше толку подигнато што, додека се минуваше по нив, горниот спрат и крововите на зградите беа во висина на очите!
Некои луѓе во Венецуела коментираа дека оваа катастрофа ги научила на една скапоцена лекција — да не ја положуваат својата доверба во материјалните работи (Лука 12:29—31). Некои почнаа да го ценат советот што го дал Исус Христос: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ’рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат. Напротив, собирајте си блага на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа ги нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат. Зашто, каде ти е благото таму ќе ти биде и срцето“ (Матеј 6:19—21).
[Карта/слики на страници 16 и 17]
(Види во публикацијата)
ВЕНЕЦУЕЛА
Каракас
Местото на катастрофата
КОЛУМБИЈА
[Слика на страница 17]
Рубен Серано, покрај она што остана од неговата куќа
[Слики на страница 18]
1. Доброволци собираа хуманитарна помош во Каракас
2, 3. Собранието Маикесија ја чисти Салата на Царството од исушената кал која беше дебела околу 2 метри
4. Овие Сведоци го изгубија својот дом и потоа доброволно се пријавија да градат нови домови за себе и за другите
5. Еден од речиси завршените домови во Сан Себастијен де лос Рејес