Пропаста на шпанската армада
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ПРЕД повеќе од четири века, две флоти се судриле во англиските води на Ла Манш. Битката се водела меѓу протестанти од едната и католици од другата страна. Оваа битка била дел од борбата која, во текот на целиот 16 век, се водела меѓу војските на протестантската кралица на Англија, Елизабета I, и римокатоличкиот крал на Шпанија, Филип II. Во книгата Поразот на шпанската армада (The Defeat of the Spanish Armada) се вели дека „луѓето во тоа време, судирот меѓу англиската и шпанската флота во Ла Манш го сметале за битка на живот и смрт помеѓу силите на доброто и силите на злото“.
Луѓето во Англија ја опишувале шпанската армада, односно шпанската голема флота, како „најголемата поморска сила што некогаш пловела по морињата“. Но, походот во кој тргнала армадата се покажал како кобна грешка — особено за илјадниците луѓе што го изгубиле животот. Зошто армадата тргнала во ваков поход, и зошто не успеала?
Зошто тргнала во напад?
Англиските гусари со години ги пљачкосувале шпанските бродови, а англиската кралица Елизабета го поддржувала востанието на Холанѓаните против шпанското владеење. Освен тоа, Филип II, кој бил католик, чувствувал обврска да им помогне на англиските католици да ја ослободат својата земја од сѐ пораширениот протестантски „ерес“. Од таа причина, на бродовите на армадата имало околу 180 свештеници и советници по верски прашања. Дури и секој од екипажот на армадата морал да се исповеда и да се причести пред да тргне на пат.
Од зборовите на познатиот шпански језуит Педро де Рибаденеира се гледа каков религиозен жар ги опфатил Шпанија и кралот: „Нашиот Господ Бог, чија цел и најсвета вера ја браниме, ќе оди пред нас — а со таков капетан, нема од што да се плашиме“. А Англичаните, пак, се надевале дека, ако тие извојуваат победа, протестантските идеи брзо ќе се рашират низ цела Европа.
Планот за напад што го смислил шпанскиот крал изгледал доста едноставен. Тој ѝ наредил на армадата да отплови до Ла Манш и да ги земе војводата од Парма и неговите 30.000 искусни војници стационирани во Фландрија.a Потоа, овие здружени сили требало да го поминат каналот, да се истоварат на брегот на Есекс и да го освојат Лондон. Филип очекувал англиските католици да ѝ свртат грб на својата протестантска кралица и да се приклучат на неговата војска.
Меѓутоа, планот на Филип имал сериозни пропусти. Тој очекувал Бог да го води и да го поддржува, но превидел две главни пречки — дека англиската морнарица е многу силна и дека, без доволно длабоко пристаниште, ќе биде многу тешко трупите на војводата од Парма да се качат на бродовите.
Огромна, но тромава флота
Филип го назначил војводата од Медина-Сидонија за заповедник на армадата. Војводата немал големо поморско искуство, но бил многу добар организатор, и брзо ја стекнал довербата на своите искусни капетани. Заедно создале една воена сила и, најдобро што умееле, ја снабдиле огромната флота со храна и вода. Детално ги разработиле сигналите, правилата на пловење и формациите што ќе ги користат сите екипажи составени од разни народи.
Армадата ја сочинувале 130 бродови, речиси 20.000 војници и 8.000 морнари. На 29 мај 1588 год., конечно го напуштиле пристаништето во Лисабон. Но, неповолните ветрови ги принудиле да застанат во Ла Коруња, во северозападна Шпанија, каде што биле извршени некои поправки и биле дополнети резервите. Војводата од Медина-Сидонија бил загрижен затоа што немале доволно храна, а и многу луѓе му се разболеле. Поради тоа, отворено му пишал на кралот дека го мачат сомнежи во врска со целиот потфат. Но, Филип инсистирал неговиот адмирал да се придржува за планот. Така, тромавата флота го продолжила патувањето и, два месеца по тргнувањето од Лисабон, стигнала до Ла Манш.
Битки во Ла Манш
Кога шпанската флота стигнала до брегот на Плимут, во југозападна Англија, Англичаните веќе ја чекале. И двете флоти имале отприлика ист број бродови, но тие се разликувале по градбата. Шпанските бродови биле високи, а палубите им биле начичкани со многу топови со краток дострел. На клунот и на крмата имале топовски кули, поради што личеле на подвижни тврдини. Според шпанската тактика за поморско војување, војниците требало да се приближат до непријателските бродови, да се префрлат на нив и да се борат гради в гради. Англиските бродови биле пониски и побрзи и имале повеќе топови со голем дострел. Планот на англиските капетани бил да не дојдат во близок контакт со непријателот, туку да ги уништат шпанските бродови од далечина.
Бидејќи англиската флота била побрза и имала повеќе оружје, како противмерка, шпанскиот адмирал смислил одбранбена формација во облик на срп, или полумесечина. Најцврстите бродови, на кои имало топови со најголем дострел, биле ставени на краевите. Од која страна и да се приближел непријателот, армадата можела да го смени правецот и да се соочи со него, исто како кога еден бик ги свртува роговите кон некој лав што сака да го нападне.
Меѓу двете флоти имало престрелки по должината на целиот канал, а се воделе две помали битки. Шпанската одбранбена формација се покажала многу ефикасна, па топовите на Англичаните не успеале да потопат ниту еден шпански брод. Англиските капетани сфатиле дека мораат некако да ја разбијат формацијта и да им се приближат на шпанските бродови за да им бидат во дострел. Шанса за тоа им се укажала на 7 август.
Војводата од Медина-Сидонија се држел за наредбите и ја водел армадата до зборното место на кое го чекале војводата од Парма и неговите трупи. Додека чекал глас од војводата од Парма, војводата од Медина-Сидонија ѝ наредил на флотата да се укотви кај Кале, на францускиот брег. Со овој потег, шпанските бродови останале укотвени и незаштитени, па затоа Англичаните натовариле осум бродови со експлозив и ги пуштиле запалени накај шпанските бродови. За да ја избегнат опасноста, повеќето шпански капетани избезумено отпловиле секој на своја страна. Но тогаш, силниот ветар и морската струја ги одвлекле кон север.
Решавачката битка се водела в зори следниот ден. Англиската флота одблизу отворила оган врз шпанските бродови и уништила најмалку три, а оштетила многу повеќе. Шпанците немале многу муниција, и не им преостанувало ништо друго освен беспомошно да се соочат со нападот.
Една силна бура ги принудила Англичаните да го одложат нападот до следниот ден. Тоа утро, повторно поставена во формација на срп и со малку оружје, армадата се свртела кон непријателот спремна за борба. Но, пред да можат Англичаните да отворат оган, ветрот и морските струи немилосрдно почнале да ги туркаат шпанските бродови кон песочните брегови на Зеланд на холандското крајбрежје, водејќи ги во сигурна пропаст.
Кога се чинело дека веќе нема никаква надеж, ветрот го сменил правецот и ја оттурнал армадата на север кон отворено море, каде што била на сигурно. Но, оштетените шпански бродови не можеле да се вратат во Кале зашто англиските бродови им го препречиле патот, а и ветровите сѐ уште ги носеле на север. Војводата од Медина-Сидонија сфатил дека не му преостанува ништо друго освен да нареди повлекување и да спаси колку што може повеќе бродови и луѓе. Решил да се врати во Шпанија, пловејќи околу Шкотска и Ирска.
Бури и бродоломи
Оштетените бродови на армадата ги чекало макотрпно патување назад. Имале многу малку храна, а бидејќи бурињата со вода протекувале, останале и без вода. Многу бродови биле сериозно оштетени од нападите на Англичаните, и само малку од нив биле во пловна состојба. На враќање, покрај северозападниот брег на Ирска, армадата се нашла во силна бура која траела цели две седмици. На некои бродови им се изгубила секаква трага! Други, пак, се разбиле на ирскиот брег.
Конечно, првите бродови на армадата се довлечкале до Сантандер, во северна Шпанија, на 23 септември. До Шпанија успеале да стигнат само околу 60 бродови и околу половина од луѓето што тргнале од Лисабон. Илјадници се исподавиле во морето. На патот за дома, мнозина други умреле од повредите што ги добиле во битките или од некоја болест. Но, премрежето на преживеаните војници, кои стигнале до Шпанија, уште не било завршено.
Во книгата Поразот на шпанската армада се вели: „Неколку [екипажи] немале ни трошка храна и изумреле од глад“, иако веќе биле укотвени во некое шпанско пристаниште. Во книгата се вели дека еден брод заринкал во шпанското пристаниште Ларедо „затоа што немало кој да ги спушти едрата и да ја фрли котвата“.
Важноста на поразот
Поразот на армадата им влеал самодоверба на протестантите во северна Европа, но верските војни продолжиле да беснеат. Протестантите верувале дека нивната победа е доказ дека Бог е на нивна страна. Тоа се гледа од еден англиски медал со кој бил одбележан овој настан. На медалот има натпис Flavit יהוה et dissipati sunt 1588, што значи „Јехова дувна и ги распрсна, 1588“.
Со текот на времето, Велика Британија стана светска сила, како што вели и книгата Современа Европа до 1870 (Modern Europe to 1870): „Во 1763 год., Велика Британија стапила на сцената како најголемата трговска и колонијална сила во светот“. И навистина, како што пишува во книгата Морнарицата и империјата (Navy and Empire): „Во 1763 год., Британската Империја завладеала со светот како воскреснат и уште поголем Рим“. Подоцна, Велика Британија се здружила со својата поранешна колонија, Соединетите Американски Држави, и ја формирале англо-американската светска сила.
На оние што ја проучуваат Библијата особено им е интересно да го следат подемот и падот на светските политички сили. Заинтересирани се за ова бидејќи Светото писмо содржи многу детали за светските сили што една по друга се издигале на власт. Тие сили се Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција, Рим и, на крајот, англо-американската светска сила. Всушност, подемот и падот на некои од тие сили уште многу однапред бил проречен во Библијата (Даниел 8:3-8, 20-22; Откровение 17:1-6, 9-11).
Од сегашна гледна точка, очигледно е дека она што се случило во летото 1588 год., кога плановите на шпанската армада се изјаловиле, има голема важност. Речиси 200 години по поразот на армадата, Велика Британија станала светска сила и, со текот на времето, зазела важно место во исполнувањето на библиските пророштва.
[Фуснота]
a Оваа област била дел од шпанска Холандија, со која Шпанија владеела во 16 век. Таа ги опфаќала крајбрежните региони на северна Франција, Белгија и Холандија.
[Графикон/карта на страници 26 и 27]
(Види во публикацијата)
Патувањето на шпанската армада
—— Походот на армадата
–– Патувањето назад
X Битки
ШПАНИЈА
Лисабон
Ла Коруња
Сантандер
ФЛАНДРИЈА
Кале
ШПАНСКА ХОЛАНДИЈА
ОБЕДИНЕТА ХОЛАНДИЈА
АНГЛИЈА
Плимут
Лондон
ИРСКА
[Слика на страница 24]
Кралот Филип II
[Извор на слика]
Biblioteca Nacional, Madrid
[Слика на страница 24]
Кралицата Елизабета I
[Слика на страници 24 и 25]
Војводата од Медина-Сидонија бил заповедник на шпанската армада
[Извор на слика]
Cortesía de Fundación Casa de Medina Sidonia
[Извор на слика на страница 25]
Museo Naval, Madrid