Благослови кои се повредни од богатството
ЏОН бил многу успешен стручен советник во САД. Уште како млад го шетал светот и заработувал баснословни суми. Тој и неговата сопруга имале прекрасна куќа и живееле на висока нога. Многумина сметале дека се благословени.
Еве уште еден пример. Од над 5.000 кандидати кои се пријавиле да стажираат во една јака европска банка, биле одбрани само 80, меѓу кои бил и Костас.a За само неколку години, станал шеф на многу важен оддел во друга банка. Во моментот кога ја напуштил работата за да основа своја компанија, годишно заработувал повеќе од она што повеќето го заработуваат сиот свој живот. Тој го сметал тоа за благослов.
Сепак, и Џон и Костас сега се убедени дека има работи што се повредни од материјалното богатство. На пример, денес Џон доброволно ги поучува другите за Библијата, помагајќи им да станат поблиски со Бог. Тој вели: „Од лично искуство можам да потврдам дека материјалното богатство не донесува среќа. Бидејќи треба многу напор за да го стекнеш и да го задржиш, немаш време за ништо друго. Од друга страна, следењето на библиските начела носи многу благослови, како на пример многу посреќен брак, душевен мир и чиста совест“.
И Костас дава сличен коментар: „Божја волја не е да трупаме богатство. По мое мислење, ако Бог ни даде нешто повеќе отколку што ни е потребно за тој ден, должни сме да го искористиме во склад со неговата волја“. Неодамна, Костас и семејството почнаа да учат нов јазик со цел да им помагаат на другите да живеат според библиските начела. Тој вели: „Научивме дека давањето усреќува повеќе отколку примањето“ (Дела 20:35).
И Џон и Костас се увериле дека духовните благослови се многу повредни од материјалното богатство. Според зборовите на Даниел Гилберт, професор на Харвард, стручњаците за ментално здравје „со децении го проучуваат односот меѓу богатството и среќата. Меѓу нив постои општа согласност дека богатството ги прави луѓето посреќни само тогаш кога ги избавува од крајна сиромаштија и ги издигнува до средната класа“. Но, како што вели тој понатаму, „сѐ што е повеќе од тоа воопшто не влијае врз среќата“.
Учи од грешките на другите
„Изненадува фактот дека приходот многу малку влијае врз среќата на едно лице откако тоа ќе се спаси од сиромаштија“, вели еден аналитичар. На почетокот од минатиот век, еден новинар се уверил во точноста на оваа изјава по интервјуто со Ендру Карнеги, пионер на полето на челичната индустрија, кој во тоа време беше еден од најбогатите луѓе на светот. „Луѓето не би требало да ми завидуваат“, му рекол Карнеги. „Богатството не може да ми помогне. Наполнив шеесет години и имам проблеми со стомакот. Целото мое богатство би го дал да можам повторно да бидам млад и здрав.“
Новинарот раскажува: „Одеднаш, г. Карнеги се сврте и, обземен од огорченост и длабоки чувства, тивко рече: ‚Дури и душата би си ја продал на ѓаволот. Сѐ би дал да можам да го почнам животот од почеток‘“. Еден друг мултимилионер, нафтениот магнат Џ. Пол Гети, кажал нешто слично. Тој рекол: „Не значи дека, ако имаш пари, ќе бидеш среќен. Многу е поверојатно дека ќе бидеш несреќен“.
Најверојатно ќе се согласиш со еден библиски писател, кој рекол: „Не давај ми ниту сиромаштија ниту богатство. Храни ме со леб колку што ми треба, за да не се заситам, па да се откажам од тебе и да речам: ‚Кој е Јехова?‘ — и за да не осиромашам, па тогаш да крадам и да го осквернам името на својот Бог“ (Изреки 30:8, 9).
Цар Соломон од древниот Израел објаснил: „Станав поголем и посилен од сите што беа пред мене во Ерусалим“. Сепак, на крајот изјавил: „Сѐ беше суета и трчање по ветар“. Меѓутоа, кажал и дека „благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“ (Проповедник 2:9-11; 5:12, 13; Изреки 10:22).
Пат до вечни благослови
Јасно е дека вистински и трајно среќни можеме да бидеме само ако ги задоволиме нашите духовни потреби. Животот ќе ни стане поисполнет ако го ставиме Бог на прво место.
Можеме да бидеме сигурни дека луѓето нема вечно да се мачат со финансиски проблеми. Библијата нѐ уверува дека ќе дојде ден кога, еднаш засекогаш, ќе биде искоренета алчната експлоататорска трговија (1. Јованово 2:15-17). Во претстојниот нов поредок, во кој ќе владее Бог, ќе важат само неговите праведни начела. Земјата ќе биде претворена во Рај, во склад со намерата што првобитно ја имал кога ги создал првите луѓе на неа. Колку голем благослов ќе биде тоа што низ целата Земја ќе завладеат среќа, мир и љубов! (Исаија 2:2-4; 2. Петрово 3:13; 1. Јованово 4:8-11).
Животот нема да биде монотон или здодевен. Луѓето ќе бидат благословени и во материјален и во духовен поглед додека Бог ја исполнува својата првобитна намера тие да живеат засекогаш во Рајот на Земјата. Можеме да бидеме сигурни дека секој ќе има храна, покрив над главата и убава работа. Никогаш повеќе нема да има сиромаштија (Псалм 72:16; Исаија 65:21-23; Михеј 4:4).
Секој што искрено верува во Јехова, Богот за кој зборува Библијата, нема да биде разочаран (Римјаните 10:11-13). Зарем не би било мудро да живееме на начин што ќе ни донесе благослови кои се повредни од богатството? (1. Тимотеј 6:6-10).
[Фуснота]
a Името е сменето.
[Истакната мисла на страница 8]
Животот ќе ни стане поисполнет ако го ставиме Бог на прво место
[Слика на страница 8]
Мудрото ракување со парите може да ни го олесни животот