Зошто не абортиравме
ВИКТОРИЈА, која ја спомнавме во првата статија, му кажала на својот дечко, Бил, дека нема да абортира. „Сметав дека во себе носам човечки живот“, вели таа. „Му раскинав на Бил бидејќи не беше спремен да ме поддржува во текот на бременоста.“
Меѓутоа, подоцна Бил се премислил и ѝ предложил брак на Викторија. Но, грижата околу нивното машко бебе изгледала како преголем товар. „Немавме ни кола, ни пари и речиси никаква покуќнина — само неколку алишта“, објаснува Викторија. „Бил имаше слабо платена работа и немавме најидеални станбени услови, но издржавме.“
И други морале да се соочат со тешки околности поради непланирана бременост. Сепак, и тие одбиле да извршат абортус. Што им помогнало во тоа и како успеале, и покрај тешкотиите, да одгледаат едно непланирано, па дури и непожелно дете? Тоа била мудроста од Библијата.
Наместо да избрзаш, направи практични планови
Библијата ја дава следнава мудра изјава: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5, фуснота).
Кони, мајка на три машки деца, од кои едното е инвалид, била уплашена од помислата дека треба да роди уште едно дете. Таа вели: „Бидејќи не сакавме уште една гладна уста, почнавме да размислуваме за абортус“. Но, пред да избрза, ѝ се доверила на својата колешка, Кеј, која ѝ помогнала да сфати дека во себе носи неродена личност. Ова ја натерало да се премисли.
Меѓутоа, на Кони ѝ била потребна практична помош за да направи конкретен план. Кеј ѝ предложила да контактира со тетка ѝ, која живеела во близина и била спремна да ѝ помогне. Освен тоа, сопругот на Кони почнал да работи прекувремено и успеале да се преселат во поевтин стан и добро да се грижат за новото дете.
Кеј ѝ помогнала на Кони да се поврзе со неколку здруженија кои нудат помош во вакви случаи. Во многу земји, постојат такви здруженија кои им даваат помош на новите мајки во оскудица, а можат да се најдат преку Интернет или во телефонски именик. Барањето помош може да биде напорно, но не заборавај дека „плановите на трудољубивиот“ донесуваат корист.
Прифати го фактот дека се работи за човечки живот
Библијата вели: „Мудриот гледа јасно, а безумникот оди во црна темница“ (Проповедник 2:14).
Една мудра жена не би ‚одела во црна темница‘, односно не би ги затворила очите пред реалноста. Таа „гледа јасно“, односно добро ја разбира ситуацијата, а тоа ѝ помага точно да ги предвиди последиците од своите постапки. Наместо да замижи пред фактот дека во себе носи човечки живот, мудрата жена покажува длабоко сочувство и прави сѐ што може за да го заштити својот жив ембрион.
Стефани, една бремена девојка која размислувала за абортус, со ултразвук го видела во утробата своето двомесечно бебе. Таа вели: „Се расплакав. Немав срце да посегнам по неговиот живот“.
Една друга бремена, но невенчана млада жена по име Дениз исто така се соочила со реалноста дека во себе носи нов живот. Кога нејзиниот дечко ѝ дал пари и ѝ рекол „да ја среди работата“, Дениз му одговорила: „Ако мислиш на абортус, нема шанси“. Таа одбила да го убие своето бебе.
До што може да води стравот од човек
Жените што можеби планираат да ја прекинат бременоста, особено поради притисокот од другите, би било добро да размислат за следнава мудра библиска изрека: „Кој се тресе од страв од човек, си поставува замка, а кој се надева на Јехова, ќе биде заштитен“ (Изреки 29:25).
Моника (17) забременила од својот дечко токму пред да тргне на економски факултет. Тоа многу ја разочарало мајка ѝ, која била вдовица со пет деца. Таа се надевала дека ќерка ѝ ќе има професија со која ќе се избави од сиромаштијата. Во својот очај, мајка ѝ инсистирала Моника да абортира. Моника вели: „Кога лекарот ме праша дали сакам да абортирам, му одговорив дека не сакам“.
Мајка ѝ не можела да разбере зошто Моника би пропуштила златна шанса само за да донесе на свет уште едно дете, и затоа ја избркала од дома. Тетка ѝ на Моника ја примила кај себе. По неколку седмици, мајка ѝ попуштила и ѝ дозволила да се врати дома и да го роди детето. Таа ѝ помагала околу малиот Леон, новиот член на нивното семејство кого многу го засакала.
Една друга мажена жена, по име Робин, била ставена под притисок од друга страна. „Лекарот ми препиша терапија за инфекција на бубрезите без да провери дали сум бремена“, вели таа. „Подоцна ми рече дека има големи шанси бебето да се роди со висок степен на ретардираност.“ Неговиот предлог бил таа да абортира. „Му објаснив какво е библиското гледиште за животот“, раскажува Робин. „Му реков дека не доаѓа предвид да извршам абортус.“
Иако лекарот имал оправдани причини за загриженост, животот на Робин не бил загрозен поради бременоста.a „Кога ќерка ми се роди, беа направени неколку испитувања кои покажаа дека има низок степен на ретардираност со блага форма на церебрална парализа. Меѓутоа, тоа не е пречка да функционира нормално. Сега, на 15 години, таа сѐ повеќе се подобрува во читањето. Многу ја сакам и секој ден по неколку пати му се заблагодарувам на Јехова што ја имам.“
Пријателството со Бог е силен мотив
Библијата вели: „Јехова е близок со оние што се бојат од него“ (Псалм 25:14).
Многу од жените што одлучиле да не абортираат го зеле предвид мислењето на својот Творец. За нив е најважно да бидат пријатели со Бог и да ја вршат неговата волја. Ваквиот став силно влијаел врз Викторија, која ја спомнавме и претходно. „Бев длабоко уверена дека животот е дар од Бог и дека немам никакво право да одземам живот што тој го дал.“
Проучувањето на Библијата ѝ помогнало на Викторија да станува сѐ поблиска со Бог. Таа вели: „Тоа што одлучив да родам ме зближи со Бог и ми ја зајакна желбата да му угодам на секое поле од животот. Кога и да го молев за водство, сѐ си доаѓаше на свое место“.
Пријателството со Бог, кој е Извор на животот, ја продлабочува нашата почит кон животот на едно неродено дете (Псалм 36:9). Освен тоа, Бог може да им даде на мајката и на нејзиното семејство „сила, која ја надминува нормалната“ за да им помогне да се справат со непланираната бременост (2. Коринќаните 4:7). Што мислат за својата одлука оние кои покажале почит кон Божјето гледиште за животот?
Не зажалиле
Овие родители не се измачуваат со чувства на вина, тага и загуба. Со текот на времето, на „плодот на утробата“ почнале да гледаат како на награда, а не како на проклетство (Псалм 127:3). Кони, која ја спомнавме претходно, дошла до овој заклучок само два часа откако се породила! На својата колешка, Кеј, возбудено ѝ кажала дека едвај чека да почне да се грижи за својата ќеркичка. Пресреќна, уште ѝ рекла: „Навистина е точно дека Бог ги благословува оние што се трудат да му угодат“.
Зошто е толку корисно да се постапува во склад со Божјето гледиште за животот? Бидејќи, како Извор на животот, Бог во Библијата ни дал закони и мерила кои се „за [наше] добро“ (5. Мојсеева 10:13).
Како што велат Викторија и Бил, за кои стана збор во оваа и во првата статија, одлуката да не извршат абортус била пресвртница во нивниот живот. Тие велат: „Бевме длабоко вплеткани во светот на дрогата и веројатно ќе умревме ако продолжевме да го правиме тоа. Но, почитта кон животот на нашето неродено дете нѐ натера подлабоко да размислиме за својот живот. Со помош на Јеховините сведоци, успеавме да се промениме“.
Нивниот син, Ленс, сега има 34 години, а во брак е повеќе од 12 години. Тој објаснува: „Моите родители од мали нозе ме учеа да донесувам одлуки на темел на Библијата. Ова беше корисно и за мене, и за жена ми и за нашето дете. Ништо друго не би нѐ направило толку среќни“. Татко му, кој отпрвин сакал Викторија да абортира, вели: „Се стресуваме кога ќе се сетиме колку малку фалеше да го изгубиме нашиот мил син“.
Размисли уште еднаш за Моника, која не сакала да абортира, иако мајка ѝ ја ставила под притисок да го стори тоа. Таа раскажува: „Две седмици откако се роди син ми, дојдоа Јеховините сведоци, и од нив научив како да го усогласам мојот живот со Божјите закони. По кратко време, почнав да го поучувам син ми, Леон, колку е важно да му бидеме послушни на Бог и, со текот на времето, тој многу го засака Бог. Леон сега служи како патувачки проповедник на Јеховините сведоци“.
Размислувајќи за она што го сторила мајка му, Леон вели: „Свесноста дека ме сакала толку многу што дозволила да живеам, иако била под голем притисок, поттикна во мене желба да го користам мојот живот најдобро што можам за да покажам ценење кон Бог за овој прекрасен дар“.
Многу луѓе кои сфатиле кое е Божјето гледиште за животот воопшто не жалат што решиле да го сочуваат животот на детето кое сега им е толку мило. Тие со голема благодарност можат да кажат дека не извршиле абортус!
[Фуснота]
a Во случај при породувањето да треба да се избере помеѓу животот на мајката и животот на детето, одлуката треба да ја донесат лицата кои се директно засегнати. Меѓутоа, во многу земји, благодарение на напредокот во медицината, ваквите случаи се многу ретки.
[Слика на страница 7]
Стефани ја донела одлуката откако го видела своето бебе
(контурата е доцртана)
[Слика на страница 8]
Викторија и Ленс
[Слика на страници 8 и 9]
Викторија и Бил денес, заедно со Ленс и неговото семејство
[Слика на страница 9]
Моника и нејзиниот син, Леон, се многу среќни што 36 години порано таа не попуштила на притисокот да абортира