Што вели Библијата
Треба ли да се прави разлика меѓу свештеници и лаици?
Пречесен, Отец, Раби, Неговото Високопреосвештенство, Неговото Високопреподобие, Неговата Екселенција, Неговата Светост. Ова се само неколку форми на обраќање кон свештените лица во различни религии. Во многу религии се прави разлика меѓу свештеници и лаици, но дали ваквата поделба е од Бог или е само дел од човечка традиција? Што е уште поважно, дали е во склад со Божјата волја?
„ВО НОВИОТ ЗАВЕТ и за време на апостолите, не се спомнуваат свештеници или лаици“, пишува Клитус Весл, професор по теологија. Во Енциклопедија на христијанството (Encyclopedia of Christianity) се вели: „Постепено почнало да се издвојува свештенството, кое ги заземало водечките позиции, од мирјаните, односно лаиците... На ‚обичните‘ членови на Црквата почнало да се гледа како на неупатена раја“. Ваквото издвојување особено дошло до израз во 3 век од н.е. — повеќе од два века по Исус Христос.
Според Библијата, не е исправно да се прави поделба на свештеници и лаици затоа што не е по примерот што го дале Исусовите апостоли и првите христијани. Да видиме зошто.
„Сите вие сте браќа“
Божјата Реч вели дека сите христијани се Божји слуги и дека никој не е поважен или поневажен од другите (2. Коринќаните 3:5, 6). Првите христијани „не дозволувале меѓу нив да се јавуваат класни разлики“, вели Александар Февре, кој пишува на религиозни теми. Ова е во склад со зборовите на Исус, кој на своите ученици им рекол: „Сите вие сте браќа“ (Матеј 23:8).
Се разбира, имало духовно зрели мажи кои служеле како пастири и учители (Дела 20:28). Меѓутоа, тие не биле платени духовници. Повеќето од нив биле обични луѓе — сопрузи и татковци — кои си имале свое занимање. Освен тоа, за да станат надгледници, не требало да завршат богословија, туку трудољубиво да ја проучуваат Божјата реч и да развиваат духовни особини какви што Бог очекувал да покажуваат. Меѓу другото, еден надгледник треба „да биде умерен во сѐ, разборит, да живее уредно, да биде гостољубив, способен да поучува други... разумен, не воинствен, ни алчен за пари. Треба добро да управува со својот дом“ (1. Тимотеј 3:1-7).
Зошто е мудро да го следиме водството на Библијата
„Не одете преку она што е напишано“, вели Библијата (1. Коринќаните 4:6). За жал, кога луѓето не ја следат оваа Божја заповед, обично си го нарушуваат односот со Бог. Типичен пример за тоа е поделбата на свештеници и лаици. Зошто го велиме тоа? Да разгледаме шест последици од ваквата поделба.
1. Издвојувањето на свештеничка класа подразбира дека тој што сака да биде Божји слуга треба да има посебно звање. Меѓутоа, Библијата вели дека сите вистински христијани треба да му служат на Бог и да го фалат неговото име (Римјаните 10:9, 10). Што се однесува до служењето во рамките на христијанското собрание, сите мажи се поттикнати да ги исполнат условите за да служат како надгледници, и тоа е случај кај Јеховините сведоци (1. Тимотеј 3:1).
2. Поделбата на свештеници и лаици ги возвишува духовните лица, како што покажуваат и нивните ласкави титули. Но, Исус рекол: „Оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:48). Во склад со ваквиот понизен став, тој на своите следбеници им рекол да не користат религиозни титули (Матеј 23:8-12).
3. Платената свештеничка класа може да им наметне тежок финансиски товар на верниците, посебно ако живее на висока нога. За разлика од нив, христијанските надгледници самите се грижат за своите финансиски потреби така што одат на работа како и сите други луѓе, со што даваат добар примерa (Дела 18:1-3; 20:33, 34; 2. Солуњаните 3:7-10).
4. Бидејќи зависи од финансиската поддршка на верниците, свештеникот може да падне во искушение да им го проповеда она што тие сакаат да го чујат. Всушност, Библијата токму тоа го прорекла. „Ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите“ (2. Тимотеј 4:3).
5. Поделбата на свештеници и лаици ги наведува „обичните“ верници да мислат дека работите поврзани со религијата треба да им се препуштат на духовните лица, а дека за нив самите е доволно секоја седмична да присуствуваат на богослужбите. Меѓутоа, сите христијани треба да настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби и да ја проучуваат Библијата (Матеј 4:4; 5:3).
6. Кога верниците не ја познаваат Библијата, свештениците можат лесно да ги заведат, па дури и да ги искористат, а историјата е полна со такви примериb (Дела 20:29, 30).
Во склад со Библијата, Јеховините сведоци немаат свештеничка класа, туку неплатени духовни пастири и учители кои спремно му служат на Божјето стадо. Зошто да не ја посетиш најблиската Сала на Царството и да го видиш тоа и самиот?
[Фусноти]
a Во првиот век, некои патувачки надгледници понекогаш ‚живееле од добрата вест‘ прифаќајќи ги гостопримството и прилозите што им биле давани доброволно (1. Коринќаните 9:14).
b Некои од нив се продажбата на индулгенции, католичката инквизиција, па дури и спалувањето Библии од страна на свештенството кое не сакало Божјата Реч да дојде во рацете на верниците. (Види во нашето придружно списание Стражарска кула од 15 ноември 2002, на 27. страница.)
ШТО МИСЛИШ?
◼ Како треба сите членови на Божјиот народ да гледаат еден на друг? (Матеј 23:8)
◼ Кои се условите за да се служи како надгледник во собранието? (1. Тимотеј 3:1-7)
◼ Зошто може да се каже дека поделбата на свештеници и лаици нема Божји благослов? (1. Коринќаните 4:6)
[Истакната мисла на страница 23]
За разлика од свештените лица, Исус се однесувал како „помал“