Втор дел
Земја без страдање
1, 2. Кое поинакво мислење го имаат мнозина?
СЕПАК, милиони луѓе низ целиот свет имаат сосема поинакво мислење. Тие пред себе гледаат една прекрасна иднина за човештвото. Велат дека наскоро, токму овде на Земјата, ќе постои свет во кој ќе нема ниту злоба ниту страдање. Уверени се дека она што е лошо наскоро ќе биде отстрането и дека ќе постои еден потполно нов свет. Тие дури велат дека сега се собираат жителите на тој нов свет!
2 Овие луѓе веруваат дека во новиот свет ќе нема војни, насилства, злосторства, неправди и сиромаштија. Тоа ќе биде свет без болести, тага, солзи, па дури и без смрт. Во тоа време луѓето постепено ќе станат совршени и засекогаш ќе живеат среќно во рајот на Земјата. Дури и оние што умреле ќе бидат воскреснати и ќе имаат можност да живеат засекогаш!
3, 4. Зошто тие луѓе се сигурни дека имаат исправно гледиште?
3 Дали ваквото гледиште за иднината е само сон, само пуста желба? Воопшто не! Тоа се темели на цврсто изградената вера дека овој Рај сигурно ќе дојде (Евреите 11:1). Зошто се толку сигурни? Затоа што семоќниот Творец на вселената го ветува тоа.
4 Во врска со Божјите ветувања, Библијата изјавува: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“. „Бог не е човек да лаже... Зарем рекол нешто, и не го направил, зарем кажал, и не го исполнил?“ „Се заколна Јехова над војските: ‚Навистина, како што замислив, така ќе биде, и како што решив, така ќе се збидне‘“ (Исус Навин 23:14; 4. Мојсеева 23:19; Исаија 14:24).
5. На кои прашања треба да се даде одговор?
5 Меѓутоа, ако намерата на Бог била да ја претвори Земјата во рај во кој ќе нема страдање, зошто уште на почетокот дозволил да се случат лоши работи? Зошто чекал шест илјади години за да го исправи она што е погрешно? Можно ли е сите тие векови во кои луѓето страдале да значат дека Бог, всушност, не се грижи за нас, па дури и дека не постои?