Трет дел
Од каде знаеме дека постои Бог?
1, 2. Кое правило ни помага да утврдиме дали постои Бог?
ЕДЕН начин на кој може да се утврди дали постои Бог е да се примени старото проверено правило: Сѐ си има свој мајстор. Колку е посложен изработениот предмет толку е поспособен неговиот мајстор.
2 На пример, погледни околу себе дома. Ќе видиш маси, столови, полици, кревети, лонци, тави, чинии и друг прибор за јадење. Сето тоа мора некој да го направил, исто како и ѕидовите, подот и таванот. Сепак, тие предмети се релативно едноставни за изработување. Значи, ако за едноставни работи е потребен мајстор, зарем не е логично дека за посложени предмети е потребен многу поспособен мајстор?
Нашата неизмерно голема вселена
3, 4. Како ни помага вселената да сфатиме дека постои Бог?
3 За да се изработи еден часовник, потребен е часовничар. Тогаш што да речеме за нашиот неизмерен и многу посложен Сончев систем во кој планетите со векови извонредно прецизно се вртат околу Сонцето? И што да речеме за огромната галаксија во која живееме, наречена Млечен Пат, која има над 100 милијарди ѕвезди? Дали некогаш си се загледал ноќе во ѕвездите од Млечниот Пат? Дали си бил воодушевен? Колку повеќе остава без здив неверојатно големата вселена во која има неброени милијарди галаксии како нашата! Освен тоа, тие небесни тела со векови толку точно се движат по своите патеки што се споредени со прецизни часовници.
4 Ако еден часовник, кој е релативно едноставен, укажува на тоа дека постои часовничар, сигурно дека бескрајно посложената, неизмерно голема вселена укажува на тоа дека постои еден творец и конструктор. Од тие причини, Библијата нѐ повикува да ги ‚подигнеме очите угоре и да гледаме‘, а потоа го поставува прашањето: „Кој го создал тоа?“ Одговорот е: „[Бог] ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име. Поради неговата голема моќ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно“ (Исаија 40:26). Според тоа, вселената ѝ го должи своето постоење на една невидлива и интелигентна сила која управува со неа — а тоа е Бог.
Земјата — создадена токму за нас
5-7. Кои податоци во врска со Земјата покажуваат дека постои Некој што ја измислил?
5 Колку повеќе научниците ја истражуваат Земјата толку повеќе откриваат дека е создадена за да одговара на потребите на човекот. Се наоѓа на точно определено растојание од Сонцето за да добива соодветно количество светлина и топлина. За една година го поминува патот околу Сонцето под точен наклон кој овозможува промена на годишните времиња во многу делови од Земјата. Исто така, за 24 часа таа се завртува околу својата оска, и така овозможува редовно да има период на светлина и темнина. Нејзината атмосфера е со точно определен состав од гасови, што ни овозможува да дишиме и нѐ штити од штетните зрачења од вселената. Освен тоа, Земјата има животоважна вода и почва. Тие се потребни за да растат растенијата, кои служат како храна.
6 Без сите овие фактори, како и без многу други работи кои заедно дејствуваат, животот би бил невозможен. Дали сето тоа настанало случајно? Списанието Science News вели: „Се чини дека такви посебни и точно одредени услови тешко би можеле да настанат случајно“. Да, тоа е незамисливо. За вакво нешто е потребно добро промислено планирање од страна на еден врвен Конструктор.
7 Кога би влегол во една убава куќа која е изобилно снабдена со храна и има одлично греење, клима уреди и добар водовод, што би заклучил? Дека сето тоа се појавило самото од себе? Не! Сигурно би заклучил дека некој што е интелигентен и многу заинтересиран го смислил и го направил сето тоа. Земјата исто така била внимателно измислена и создадена за да ги задоволи потребите на нејзините жители, а таа е многу посложена и поопремена од една куќа.
8. Што друго на Земјата покажува дека Бог со љубов се грижи за нас?
8 Размисли и за многубројните нешта кои го разубавуваат животот. Погледни ги само најразличните цвеќиња кои се толку убави и мирисаат толку пријатно што луѓето уживаат во нив. Тука е и изобилството разновидна и многу вкусна храна. Тука се и шумите, планините, езерата и другите природни убавини што се милина за очите. А што да речеме за величествените зајдисонца, кои ни причинуваат задоволство кога ги гледаме? Задоволство наоѓаме и во животинското царство. Зарем не нѐ разнежува веселата игра на кутрињата, мачињата и на други млади животни? Навистина, Земјата ни приредува многу пријатни изненадувања кои не ни се безусловно потребни за да опстанеме. Тие само покажуваат дека таа била со љубов измислена заради луѓето, кои не само што ќе живеат на неа туку ќе можат и да му се радуваат на животот.
9. Кој ја направил Земјата, и зошто?
9 Затоа е разумно да признаеме дека постои Дарителот на сите овие работи, како што признал и библискиот писател, кој за Јехова Бог рекол: „Ти ги создаде небото и земјата“. Со каква цел? Тој го дал одговорот, опишувајќи го Бог како ‚оној што ја обликувал и ја направил земјата, оној што ја зацврстил и не ја создал залудно, туку ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 37:16; 45:18).
Чудесната жива клетка
10, 11. Зошто е толку чудесна една жива клетка?
10 Но, што би рекле за живите суштества? Зарем за нив не е потребен творец? На пример, размисли за неколку извонредни карактеристики на една жива клетка. Во својата книга Еволуцијата: Теорија во криза (Evolution: A Theory in Crisis), молекуларниот биолог Мајкл Дентон наведува: „Дури и наједноставните живи системи на Земјата што постојат денес, имено едноклеточните бактерии, се крајно сложени. Иако најситните бактерии се неверојатно мали... секоја, всушност, е вистинска микроминијатурна фабрика, која содржи илјадници брилијантно конструирани делчиња што сочинуваат една сложена молекуларна машинерија... која ја фрла во сенка секоја машина направена од човек и е апсолутно без споредба во неживиот свет“.
11 За генетскиот код во секоја клетка, тој наведува: „Способноста на ДНК да складира информации далеку ја надминува способноста на кој и да е друг познат мемориски систем. Таа е толку ефикасна што сите информации кои се потребни за да се одреди како точно ќе изгледа еден сложен организам како што е човекот, тежат помалку од неколку милијардитиот дел од грамот... Во споредба со нивото на генијалност и сложеност што се гледа во молекуларната машинерија на животот, дури и нашите најнапредни [производи] изгледаат несмасно. Се чувствуваме понижени“.
12. Што рекол еден научник за потеклото на клетката?
12 Дентон додава: „Наједноставната позната клетка е толку сложена што е невозможно да се прифати тврдењето дека такво нешто би можело да настане одеднаш преку некаков чуден, крајно неверојатен настан“. Тоа некој морал да го измисли и да го изработи.
Нашиот неверојатен мозок
13, 14. Зошто мозокот е многу почудесен од една жива клетка?
13 Овој научник понатаму вели: „Сложеноста на само една клетка не е ништо во споредба со еден систем каков што е мозокот на цицачите. Човечкиот мозок се состои од околу десет илјади милиони нервни клетки. Од секоја нервна клетка излегуваат од десет илјади до сто илјади влакна преку кои таа се поврзува со другите нервни клетки во мозокот. Вкупниот број на врски во човечкиот мозок отприлика изнесува... илјада билиони“.
14 Дентон продолжува: „Дури и кога само еден стоти дел од врските во мозокот би бил посебно организиран, тоа сѐ уште би претставувало еден систем кој се состои од многу поголем број на поединечни врски отколку во целокупната комуникациска мрежа на Земјата“. Потоа тој прашува: „Дали некаков чисто случаен процес би можел да состави такви системи?“ Очигледно, одговорот мора да е: ‚Не!‘ Мозокот мора да има еден грижлив Конструктор и Творец.
15. Што велат некои луѓе за мозокот?
15 Во споредба со човечкиот мозок, дури и најнапредните компјутери изгледаат просто. Научниот писател Мортон Хант напишал: „Нашата активна меморија содржи неколку милијарди пати повеќе информации отколку еден огромен современ компјутер за научни истражувања“. Според тоа, неврохирургот д-р Роберт Џ. Вајт заклучил: „Не ми преостанува ништо друго освен да го признаам постоењето на еден Виш Разум, кому му припаѓа заслугата за видот и развиеноста на неверојатната врска помеѓу мозокот и умот. Тоа е далеку над човечката способност да сфати... Морам да верувам дека сето ова имало некаков интелигентен почеток, дека Некој направил да се случи тоа“. Тоа исто така морало да биде Некој што бил заинтересиран.
Чудесниот крвоток
16-18. а) Што е чудесно во крвотокот? б) До кој заклучок треба да дојдеме?
16 Размисли сега и за чудесниот крвоток кој ги пренесува хранливите материи и кислородот и нѐ штити од зарази. За црвените крвни зрнца, главната состојка на овој систем, книгата Основи на човечкото тело (ABC’s of the Human Body), наведува: „Само една капка крв содржи повеќе од 250 милиони крвни зрнца... Во телото има околу 25 милијарди такви зрнца кои, кога би се рашириле, би покриле четири тениски игралишта... За да ги заменат изумрените крвни клетки, секоја секунда се обновуваат по 3 милиони нови клетки“.
17 Што се однесува до белите крвни зрнца, кои се исто така дел од чудесниот крвоток, истата книга вели: „Од црвените крвни зрнца постои само еден вид, но белите крвни зрнца се појавуваат во разни видови. Секој вид е во состојба на поинаков начин да се бори за телото. Еден вид, на пример, ги уништува изумрените клетки. Други видови произведуваат антитела против вируси, го отстрануваат отровот од туѓите тела или дословно ги голтаат и ги варат бактериите“.
18 Каков извонреден и високоорганизиран систем! Сигурно дека нешто што е толку добро направено и толку успешно нѐ штити, мора да има многу интелигентен и заинтересиран организатор — Бог.
Други чуда
19. Какви сличности има окото со апаратите создадени од човек?
19 Постојат уште многу други чуда во човечкото тело. Едно од нив е окото, толку извонредно обликувано што ниту една камера не може да се спореди со него. Астрономот Роберт Џестроу рекол: „Се чини дека окото било конструирано. Нема таков конструктор на телескопи кој би можел да го направи подобро“. А списанието Popular Photography пишува: „Човечкото око гледа далеку повеќе детали отколку што може да прими филмот. Тоа гледа тродимензионално, има необично голем видокруг, гледа без искривување и без да го прекине движењето... Да се споредува камерата со човечкото око е несоодветно. Човечкото око е многу послично на еден неверојатно модерен суперкомпјутер со вештачка интелигенција, со способности да обработува информации, со брзини и операции, кој го засенува секој апарат создаден од човек, било компјутер било камера“.
20. Наведи уште некои чудесни аспекти на човечкото тело.
20 Размисли и за начинот на кој сите сложени органи на нашето тело соработуваат без нашиот свесен напор. На пример, во стомакот внесуваме различни видови храна и пијалаци, а сепак телото ги преработува и произведува енергија. Обиди се да ставиш повеќе различни работи во резервоарот за бензин на еден автомобил, па ќе видиш до каде ќе стигне! Да размислиме за чудото на раѓање — за само девет месеци се оформува едно прекрасно бебе — копија на своите родители. А што да речеме за способноста на детето за само неколку години да научи да зборува еден сложен јазик?
21. Што велат разумните луѓе кога размислуваат за чудата на телото?
21 Да, многуте извонредни, сложени органи во човечкото тело ни влеваат страхопочит. Ниту еден инженер не би можел да ги копира тие работи. Дали тие се само дело на некоја слепа случајност? Сигурно не. Всушност, кога размислуваат за сите прекрасни поединости на човечкото тело, секој разумен човек ќе го рече истото што го рекол и псалмистот: „Те фалам [Боже], полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден. Твоите дела се чудесни“ (Псалм 139:14).
Најголемиот градител
22, 23. а) Зошто треба да признаеме дека постои Творец? б) Што вели Библијата за Бог?
22 Библијата наведува: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евреите 3:4). Бидејќи секоја куќа, колку и да е едноставна, мора да има градител, тогаш и далеку посложената вселена, заедно со огромната разноликост на живот на Земјата, мора да има свој градител. А бидејќи признаваме дека работи како што се авионите, телевизорите и компјутерите се направени од луѓе, зарем не треба да признаеме дека постои Тој што на луѓето им го дал мозокот за да го направат сето тоа?
23 Библијата го признава, и го нарекува „вистинскиот Бог, Јехова, Творецот на небесата, оној што ги распна, оној што ги распростре земјата и нејзиниот род, оној што му дава здив на народот кој е на неа“ (Исаија 42:5). Библијата со право изјавува: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Откровение 4:11).
24. Од каде знаеме дека постои Бог?
24 Да, можеме да увидиме дека Бог постои по работите што ги создал. „Зашто, [Божјите] невидливи својства... јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено [од Бог]“ (Римјаните 1:20).
25, 26. Зошто злоупотребата на некој предмет не е доказ дека тој нема свој творец?
25 Фактот дека еден предмет се злоупотребува не значи дека тој нема свој конструктор. Еден авион може да служи за мирновременски цели, како патнички авион. Но тој исто така може да се употреби за уништување, како бомбардер. Тоа што се користи за убивање не значи дека никој не го направил.
26 На сличен начин, тоа што луѓето толку често се покажале злобни не значи дека тие немаат свој Творец, дека не постои Бог. Затоа, Библијата исправно забележува: „Колку сте изопачени! Зарем на грнчарот се гледа како и на глината? Зарем ќе рече делото за својот творец: ‚Тој не ме направи‘? Зарем направеното ќе му рече на оној што го направил: ‚Тој ништо не разбира‘?“ (Исаија 29:16).
27. Зошто можеме да очекуваме Бог да ни одговори на прашањата за страдањето?
27 Творецот ја покажал својата мудрост преку зачудувачката сложеност на она што го направил. Покажал дека навистина се грижи за нас со тоа што ја создал Земјата погодна за живот, ги создал нашите тела и умови на таков прекрасен начин и направил толку многу добри работи на кои им се радуваме. Секако дека тој би покажал слична мудрост и грижа со тоа што ќе ни одговори на прашањата, како што се: ‚Зошто Бог дозволил луѓето да страдаат?‘ и ,Што ќе стори против тоа?‘
[Слика на страница 5]
Земјата, со нејзината заштитна атмосфера, е извонредно живеалиште кое за нас го создал еден грижлив Бог
[Слика на страница 6]
Земјата е направена со љубов за да можеме во потполност да му се радуваме на животот
[Слика на страница 7]
‚Мозокот содржи повеќе врски отколку целокупната комуникациска мрежа на Земјата‘ (еден молекуларен биолог)
[Слика на страница 8]
„Се чини дека окото било конструирано. Нема таков конструктор на телескопи кој би можел да го направи подобро“ (еден астроном)