Шести дел
Зошто Бог дозволил луѓето да страдаат?
1, 2. Како нашите прародители го расипале прекрасниот почеток што им го дал Бог?
ЗОШТО тргнало наопаку? Што го расипало прекрасниот почеток којшто Бог им го овозможил на нашите прародители во Еденскиот рај? Зошто, наместо мир и хармонија во Рајот, илјадници години преовладуваат злобата и страдањето?
2 Причината е тоа што Адам и Ева ја злоупотребиле својата слободна волја. Го изгубиле од вид фактот дека не биле создадени да напредуваат без Бог и без неговите закони. Решиле да бидат независни од Бог, мислејќи дека така ќе им биде подобро во животот. И тогаш ги пречекориле границите на својата слободна волја што им ги поставил Бог (1. Мојсеева, 3. поглавје).
Кој има право да владее над сѐ?
3-5. Зошто Бог едноставно не ги уништил Адам и Ева и не направил други луѓе?
3 Зошто Бог едноставно не ги уништил Адам и Ева и не направил други луѓе? Затоа што било оспорено неговото неотуѓиво право да владее над сѐ.
4 Прашањето било: Кој го има тоа право и чија влада е исправна? Како семоќен Творец на сите суштества, Бог има право да владее со нив. Со оглед на тоа што е семудар, неговата влада е најдобра за сите суштества. Но, Божјата влада сега била доведена во прашање. Дали нешто не било во ред и со неговата творба — човекот? Подоцна ќе видиме како била оспорена и човековата верност кон Бог.
5 Со тоа што човекот станал независен од Бог, се појавило уште едно прашање: Ќе можат ли луѓето подобро да живеат ако Бог не владее со нив? Се разбира, Творецот го знаел одговорот, но за да го сфатат тоа и луѓето, Бог им ја дал потполната слобода што ја посакувале. Тие го избрале тој пат по своја сопствена волја, а Бог само им дозволил да одат по него.
6, 7. Зошто Бог им дава на луѓето потполна слобода толку долго време?
6 Со тоа што им дозволил на луѓето доволно долго да експериментираат со потполната слобода, Бог ќе покаже еднаш засекогаш дали на луѓето им е подобро ако владее Тој или ако владеат самите. Требало да им се остави доволно време на луѓето за тие, според нивно мислење, да остварат врвни достигнувања на политички, индустриски, научен и медицински план.
7 Затоа, Бог до ден-денес му дава на човекот одврзани раце за да покаже, без никакво сомнение, дека една човечка влада независна од него може да успее. Така човекот можел да избира помеѓу љубезност и свирепост, помеѓу љубов и омраза, помеѓу праведност и неправедност. Но тој, исто така, бил соочен и со последиците од својот избор: доброта и мир или злоба и страдање.
Побуна меѓу духовните суштества
8, 9. а) Како избувнала побуна во духовното подрачје? б) Освен Адам и Ева, кого уште Сатана го навел да се побуни?
8 Постои уште еден фактор кој треба да се земе во обѕир. Нашите прародители не биле единствените што се побуниле против Божјата влада. А кој уште постоел во тоа време? Духовните суштества. Пред да ги создаде луѓето, Бог создал еден повисок облик на живот, голем број ангели кои биле одредени за живот во небесното подрачје. Тие, исто така, биле создадени со слободна волја и со потребата да се подложат на Божјето владетелство (Јов 38:7; Псалм 104:4; Откровение 5:11).
9 Библијата покажува дека побуната најнапред избувнала во духовното подрачје. Едно духовно суштество барало потполна слобода. Тоа дури сакало луѓето да го почитуваат него како бог (Матеј 4:8, 9). На овој духовен бунтовник му успеало да ги наведе Адам и Ева да се побунат, лажно тврдејќи дека Бог крие нешто добро од нив (1. Мојсеева 3:1-5). Затоа е наречен Ѓавол (Клеветник) и Сатана (Противник). Подоцна, тој навел и други духовни суштества да се побунат. Тие станале познати како демони (5. Мојсеева 32:17; Откровение 12:9; 16:14).
10. До што довела побуната на луѓето и на духовните суштества?
10 Со својата побуна против Бог, луѓето паднале под влијанието на Сатана и на неговите демони. Затоа, Библијата го нарекува Сатана „богот на овој свет“, кој „им ги заслепил неверничките умови“. Освен тоа, Божјата реч вели дека „целиот свет е под власта на Злобниот“. Самиот Исус го нарекол Сатана ‚владетел на овој свет‘ (2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 5:19; Јован 12:31).
Две спорни прашања
11. Со кое друго спорно прашање Сатана го обвинил Бог?
11 Сатана покренал уште едно спорно прашање со кое го обвинил Бог. Во суштина, рекол дека Бог направил грешка во начинот на кој ги создал луѓето и дека ќе нема човек што ќе сака исправно да постапува кога ќе се најде под притисок. Всушност, тврдел дека, под искушение, луѓето дури би го проколнале Бог (Јов 2:1-5). Со тоа Сатана ја довел во прашање верноста на целото човештво.
12-14. Како времето ќе го даде вистинскиот одговор на двете спорни прашања што ги покренал Сатана?
12 Затоа, Бог допуштил да помине доволно време за сите суштества обдарени со разум да видат како ова спорно прашање, како и прашањето за Божјето право да владее, ќе биде решено. (Спореди 2. Мојсеева 9:16.) Самата човечка историја требало да го даде вистинскиот одговор на овие две спорни прашања.
13 Пред сѐ, што ќе каже времето во врска со тоа кој има право да владее над сѐ, т. е. дали Бог е праведен владетел? Дали луѓето можат самите да владеат подобро од Бог? Дали некој облик на човечка влада независна од Бог ќе го ослободи светот од војни, криминал и неправда, за сите луѓе да бидат среќни? Дали некој ќе ја отстрани сиромаштијата и ќе овозможи благосостојба за сите? Ќе ги победи ли некој болестите, староста и смртта? Божјата влада е во состојба да го направи сето тоа (1. Мојсеева 1:26-31).
14 Што се однесува до второто спорно прашање, што ќе покаже времето — дали човекот е добро создаден? Дали Бог направил грешка што го создал човекот на таков начин? Дали човекот ќе постапи исправно кога ќе биде ставен на испит? Ќе има ли луѓе кои ќе покажат дека повеќе ја сакаат Божјата отколку независната човечка влада?
[Слика на страница 13]
Бог им оставил време на луѓето за да дојдат до врвни достигнувања со своите способности
[Извор на слика]
Вселенски брод: На темел на фотографија на НАСА