Практичната вредност на добрата вест за Вашата заедница
ВО ДЕНЕШНИОВ свет честопати го слушаме мислењето: „Начелата на христијанството не се практични. Во денешново сложено општество тие едноставно нема да функционираат“. Меѓутоа, некои луѓе, како индискиот водач Мохандас К. Ганди и Лав Толстој, со големо ценење зборувале за вредноста на начелата што Исус ги кажал во Проповедта на гората. Зошто тие луѓе биле одушевени од моралните поуки запишани во Библијата?
Во таа проповед се зборува за тоа да се бара духовност и да се биде со благ нарав, мирољубив, милосрден и љубител на праведноста. Не се осудува само убиството туку и гневот кон другите, не само прељубата туку и страсните помисли. Се зборува против неодговорните постапки на развод кои ги растураат домовите и чии жртви се децата. Таа ни кажува: ‚Љубете ги дури и оние на кои не им се допаѓате, давајте им на оние кои се во оскудица, престанете немилосрдно да судите, постапувајте со другите онака како што сакате да се постапува со вас‘. Сите овие совети, ако се применуваат, ќе донесат огромни користи. Колку е поголем бројот на луѓето во Вашата заедница кои ги практикуваат толку таа станува подобра!
Јеховините сведоци вршат влијание во таа насока. Библијата ги учи да го почитуваат бракот. Нивните деца се воспитани според исправни начела. Се нагласува важноста на семејството. Обединетите семејства се благослов за Вашата заедница, па дури и за Вашата нација. Историјата е полна со примери на светски сили кои се распаднале токму тогаш кога ослабнале семејните врски и се зголемил неморалот. Колку што има повеќе поединци и семејства врз кои Јеховините сведоци влијаат да живеат според христијанските начела толку помалку ќе има деликвенција, неморал и криминал во Вашата заедница.
Еден од големите проблеми што ги измачуваат заедниците и нациите се расните предрасуди. Како контраст на ова, апостол Петар рекол: „Сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“. А Павле напишал: „Нема тука ни Евреин ни Грк, нема ни роб ни слободен, нема ни машко ни женско; зашто сите вие сте едно во обединетост со Христос Исус“ (Дела 10:34, 35; Галатите 3:28). Јеховините сведоци го прифаќаат тоа. Во нивната светска централа, во подружниците и во собранијата живеат и работат заедно луѓе од сите раси и бои.
Некои племиња во Африка не можат да се мешаат заедно без да дојде до конфликти. Меѓутоа, на тамошните собири на Јеховините сведоци, луѓе од многу племиња заедно јадат, спијат и го вршат своето обожавање во потполна слога и срдечно дружење. Државните службеници се зачудени кога го гледаат ова. За еден пример на обединувачкиот ефект на вистинското христијанство коментирал њујоршкиот Amsterdam News од 2 август 1958 година. Коментарот бил инспириран откако бил набљудуван претходно спомнатиот меѓународен собир, на кој во Њујорк Сити биле собрани повеќе од четврт милион Сведоци.
„Насекаде црнци, белци и ориенталци од сите сталежи и од сите делови на светот се дружеа радосно и слободно . . . Побожните Сведоци од 120 земји живеат и обожаваат заедно во мир, покажувајќи им на тој начин на Американците колку е тоа лесно . . . Собирот претставува сјаен пример како луѓето можат да работат и да живеат заедно.“
Многумина можеби велат дека начелата на христијанството не се практични во современиов свет. Но, што друго функционирало или ќе функционира? Христијанските начела можат уште сега да имаат вистинска вредност ако се применуваат во Вашата заедница, а тие ќе бидат темел за обединувањето на сите ‚нации, племиња и народи‘ по целата Земја кога ќе владее Божјето Царство над човештвото (Откровение 7:9, 10).
[Истакната мисла на страница 23]
Луѓе од сите раси и бои работат заедно
[Истакната мисла на страница 24]
Христијанството е практично. Што друго функционира?