Кога повеќе нема да има предрасуди!
КАКО што се известува, Алберт Ајнштајн еднаш рекол дека во овој жалосен свет е потешко да се надмине некоја предрасуда отколку да се расцепи еден атом. На сличен начин, Едвард Р. Мароу, новинар кој станал славен во текот на II светска војна, а кој подоцна бил директор на Информативната агенција на САД, изјавил дека „никој не може да ги отстрани предрасудите — може само да ги признае“.
Дали овие изјави звучат вистинито? Дали е невозможно да се отстранат дискриминацијата и расизмот? Што мисли Бог за предрасудата?
Бог не е пристрасен
Библијата зборува против пристрасноста (Изреки 24:23; 28:21, НС). Таа наведува дека „мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна“ (Јаков 3:17). Таквата мудрост им била нагласена на судиите во древниот Израел. Тие биле поучени: „Не прави неправда, а кога си во судот: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот“ (3. Мојсеева 19:15).
Цврстиот библиски став против пристрасноста и предрасудата го нагласиле Исус Христос и неговите апостоли Петар и Павле. Исус бил непристрасен спрема оние кои биле „изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Тој поучувал: „Не судете според надворешниот изглед, туку судете со праведен суд“ (Јован 7:24).
Петар и Павле нѐ уверуваат дека самиот Јехова Бог не е пристрасен. Петар изјавил: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице [не е пристрасен, НС]; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). Апостол Павле ни кажува: „Бог не гледа на лице [Кај Бог нема пристрасност, НС]“ (Римјаните 2:11).
Влијанието на Библијата
Библијата има моќ да ги менува личностите на оние кои се водени од неа. Во Евреите 4:12 пишува: „Словото Божјо е живо и дејствува“. Со Јеховина помош, едно пристрасно лице може да го промени дури и својот начин на размислување и да стане непристрасно во своите постапки со другите.
Земи го за пример случајот на Савле од Тарс. Според библискиот извештај, едно време тој насилно му се спротивставувал на христијанското собрание затоа што следел крути религиозни традиции (Дела 8:1—3). Бил потполно уверен од еврејската традиција дека сите христијани се отпадници и непријатели на вистинското обожавање. Неговата предрасуда го довела до тоа да го поддржува убивањето на христијаните. Библијата вели дека тој ‚дишел со застрашувања и убиства против учениците на Господа‘ (Дела 9:1). Додека го правел тоа, си замислувал дека му принесува света жртва на Бога. (Спореди Јован 16:2.)
Па сепак, Савле од Тарс можел да ја отфрли својата екстремна предрасуда. Тој дури и самиот станал христијанин! Подоцна, како Павле, апостол на Исус Христос, тој напишал: „Порано бев хулител, гонител и мачител; но ме помилува, бидејќи тоа го вршев, без да знам, во неверие“ (1. Тимотеј 1:13).
Павле не бил единствениот кој направил такви драстични промени во својот начин на размислување. Во своето писмо до Тит, еден друг евангелизатор, Павле ги советувал христијаните „никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат мирни, и да покажуваат секаква кротост кон сите луѓе. Бидејќи и ние некогаш бевме неразумни, непокорни, заблудени, бевме робови на желби и на разни сладострастија, живеевме во злоба и завист, бевме одвратни, се мразевме еден со друг“ (Тит 3:2, 3).
Рушење на бариерите на предрасудата
Денес, искрените христијани се стремат да го следат тој совет. Тие сакаат да избегнуваат да ги судат луѓето на темел на површни впечатоци. Ова ги спречува ‚да не ги хулат‘ другите. Тие уживаат во едно меѓународно братство што се протега преку сите националистички, етнички и расни граници во овој свет.
Размисли за искуството на Енрике, еден темнокожен Бразилец. Затоа што самиот бил жртва на расна дискриминација, тој развил длабоко вкорената омраза спрема белците. Тој објаснува: „Двајца светлокожи Сведоци дојдоа во мојот дом за да зборуваат за Божјето име. Отпрвин не сакав да слушам затоа што немав доверба во белците. Но, наскоро можев да видам дека нивната порака го имаше звукот на вистината. И така, прифатив библиска студија. Првото прашање што го имав беше: ‚Има ли многу црнци во вашата црква?‘ Тие одговорија: ‚Да‘. Потоа ми ја покажаа последната слика од книгата My Book of Bible Stories (Моја книга со библиски приказни)a‚ која прикажува млади лица од различни раси. Беше вклучено и едно црно момченце и тоа ме охрабри. Подоцна ја посетив Салата на Царството на Јеховините сведоци, каде што видов луѓе од различни раси кои се однесуваат со почит еден спрема друг. Тоа беше многу важно за мене“.
Сега, како Јеховин сведок, Енрике е воодушевен што припаѓа на едно вистинско христијанско братство. Тој сфаќа дека заслугата не му припаѓа на некој човек. Тој вели: „Денес сум им благодарен на Јехова и на Исус за сѐ што сториле во моја корист. Работам со милиони Јеховини лојални слуги од сите раси, бои и потекло, обединети во една намера“.
Додека растел, Дарио бил уште една жртва на предрасуда. Кога имал 16 години, почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој забележал: „Открив дека меѓу Сведоците нема чувства на расна надмоќност“. Бил импресиониран од атмосферата на искрена љубов. Особено забележал дека поединци од различни раси служат на одговорни положаи во собранието. Секогаш кога е изложен на некаква предрасуда или дискриминација од страна на луѓето надвор од собранието, Дарио си припомнува дека Јехова ги сака луѓето од сите нации, племиња и јазици.
Како да се излезе на крај
Сите ние сакаме со нас да се постапува со достоинство и со респект. Затоа, да бидеш жртва на предрасуда е тежок испит што треба да се поднесе. Христијанското собрание не нѐ штити од секаква изложеност на пристрасните ставови од овој зол свет. Сѐ додека Сатана Ѓаволот ги контролира работите во светот, ќе постојат неправди (1. Јованово 5:19, НС). Откровение 12:12 нѐ предупредува: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ Неговата намера не е само да предизвика неудобност. Тој е спореден со едно грабливо животно. Апостол Петар ни кажува: „Вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8).
Библијата исто така ни кажува: „Па затоа, покорете Му се на Бога, а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4:7). Една извонредна помош за да се излезе на крај со предрасудата е да се бара заштита од Бог, како што правел цар Давид: „Боже Мој, избави ме од рацете на грешникот, од рацете на престапникот и насилникот“ (Псалм 70:4). Можеме дури и да се молиме како псалмистот: „Смилуј се Боже, на мене, зашто човек сака да ме голтне; напаѓајќи секој ден, ме притиска“ (Псалм 55:1).
Како ќе одговори Бог на таквите молитви? Библијата одговара: „Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите“ (Псалм 71:12, 13). Колку само е добро да се знае дека во свое време Јехова ќе им донесе олеснување на сите кои се жртви на неправда!
„Нема да прават зло“
Владите од овој свет можат и понатаму да се борат против предрасудата со своите закони и програми. Тие можат и понатаму да ветуваат еднаквост и праведност. Но, тие не можат да успеат (Псалм 145:3). Само Бог може и ќе го отстрани сето пристрасно постапување. Тој ќе го претвори човештвото во едно обединето семејство. „Големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици“ ќе го преживее крајот на овој зол систем и ќе се радува да живее во мир (Откровение 7:9, 10).
Јехова ќе ја отстрани секоја штета предизвикана од расна и социјална предрасуда. Замисли си, со никого нема да се постапува неправедно! „Секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши“ (Михеј 4:4). А Исаија 11:9 вели: „Нема да прават зло“.
Ако сега си жртва на предрасуди, оваа прекрасна надеж за иднината ќе го зајакне твојот однос со Јехова. Тоа ќе ти помогне да ги поднесеш неправдите од овој зол систем. Додека се соочуваш со предрасуда и гледаш напред, следи го мудриот совет на Библијата: „Бидете храбри и нека вашето срце биде силно, сите вие кои чекате на Јехова“ (Псалм 31:24, НС).
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.
[Извор на слика на страница 4]
Фотографија на U.S. National Archives