Ќе има ли свет без предрасуди?
„ЈАС имам сон.“ Пред 50 години, на 28 август 1963 год., Мартин Лутер Кинг помладиот, кој бил борец за граѓански права во Америка, ги кажал овие зборови во својот најпознат говор. Со нив Кинг ја изразил својата надеж дека еден ден луѓето ќе живеат во свет без расни предрасуди. Иако зборовите им биле упатени на луѓето во САД, неговиот сон го прифатиле и луѓе од многу други народи.
Мартин Лутер Кинг помладиот го држи својот говор за граѓански права
Три месеци по говорот на Кинг, на 20 ноември 1963 год., повеќе од 100 земји ја усвоија Декларацијата на Обединетите нации за елиминирање на сите форми на расна дискриминација. Во следните децении беа усвоени и други глобални мерки. Затоа, неизбежно се поставува прашањето: ‚Каков е исходот од сето ова?‘
На 21 март 2012 год., генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, изјави: „Се усвоија многу важни договори и механизми, како и една сеопфатна глобална програма, за да се спречат и искоренат расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и нетолеранцијата. Сепак, расизмот и понатаму е причина за страдањата на милиони луѓе во светот“.
Дури и во земјите каде што бил постигнат извесен напредок во борбата против расните и другите форми на предрасуди, останува прашањето: Дали со тоа се искорениле длабоко всадените чувства кај луѓето или, пак, тие само престанале да ги покажуваат своите предрасуди? Некои сметаат дека, во најдобар случај, таквиот напредок помага да се спречи дискриминацијата, но не и да се отстранат предрасудите. Зошто? Бидејќи дискриминацијата е чин што може да се види и да се казни со закон, а предрасудите се поврзани со најдлабоките мисли и чувства, кои не можат да се регулираат со ниеден закон.
Според тоа, обидите да се искоренат предрасудите ќе бидат успешни не само кога ќе се спречи чинот на дискриминација туку и кога ќе се сменат мислите и чувствата на луѓето. Дали ова може да се постигне? Ако да, како? Да разгледаме неколку примери од реалниот живот што покажуваат дека секој човек може да ги искорени предрасудите.
БИБЛИЈАТА ИМ ПОМОГНАЛА ДА ГИ ИСКОРЕНАТ ПРЕДРАСУДИТЕ
„Повеќе не сум им роб на предрасудите“ (Линда)
Линда: Родена сум во Јужноафриканската Република. Сите Јужноафриканци што не беа од белата раса ги сметав за безвредни, необразовани, недостојни за доверба и обични слуги на белците. Бев полна со предрасуди без да сум свесна за тоа. Меѓутоа, ги променив ставовите откако почнав да ја проучувам Библијата. Дознав дека „Бог не е пристрасен“ и дека е поважно какво срце имаш отколку каква ти е бојата на кожата или кој јазик го зборуваш (Дела 10:34, 35; Изреки 17:3). Зборовите од Филипјаните 2:3 ми помогнаа да сфатам дека ќе ги надминам предрасудите само ако ги сметам другите за подобри од себе. Библиските начела ми помогнаа да ги сакам луѓето без оглед на нивната боја на кожа. Повеќе не сум им роб на предрасудите.
„Сфатив како гледа Бог на луѓето“ (Мајкл)
Мајкл: Пораснав во Австралија, во место каде што главно живееја белци. Затоа имав големи предрасуди кон Азијците, особено Кинезите. Ако видев некој што ми личеше на Азиец, ќе го отворев прозорецот од автомобилот и ќе му довикнев нешто навредливо, како на пример: „Да се вратиш од кај што си дошол!“ Подоцна, кога почнав да ја проучувам Библијата, сфатив како гледа Бог на луѓето. Тој ги сака без оглед на нивното потекло или изглед. Тоа ме трогна, и малку по малку омразата ја заменив со љубов. Прекрасно е чувството да се доживее таква драстична промена. Сега уживам да бидам во друштво на луѓе со различно потекло и од различни земји. Тоа ми ги проширува видиците и ми носи огромна радост.
„Откако ги применувам библиските начела, станав посреќна“ (Сандра)
Сандра: Мајка ми беше од Умунеде, гратче во државата Делта (Нигерија). Меѓутоа, семејството на татко ми е од државата Едо и го зборува јазикот есан. Поради тие разлики, мајка ми до крајот на животот беше жртва на големи предрасуди од страна на роднините на татко ми. Затоа, се заколнав дека нема да имам никаков контакт со некој што го зборува јазикот есан ниту, пак, ќе се омажам за некој од државата Едо. Но, кога почнав да ја проучувам Библијата, почнав да гледам на работите од поинаков агол. Од неа дознав дека Бог не е пристрасен и дека го прифаќа секој што има страхопочит кон него. Затоа си реков: Која сум јас да ги мразам луѓето заради тоа што се од друго племе или зборуваат друг јазик?! Почнав да размислувам поинаку и се смирив со семејството на татко ми. Откако ги применувам библиските начела, станав посреќна и имам душевен мир. Исто така, тие ми помогнаа да бидам во добри односи со другите без оглед на нивното потекло, раса, јазик или националност. И замислете: се омажив за човек од државата Едо, кој го зборува јазикот есан!
Зошто Библијата успеала да им помогне на овие и на многу други луѓе да ги искоренат длабоко всадените предрасуди и омраза? Затоа што не е само обична книга туку е Божја Реч. Таа има моќ да ги промени мислите и чувствата на луѓето. Освен тоа, Библијата покажува дека е потребно уште нешто за да им се стави крај на сите предрасуди.
БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ЌЕ ИМ СТАВИ КРАЈ НА СИТЕ ПРЕДРАСУДИ
Точно е дека она што ќе го научиме од Библијата може да ни помогне да ги држиме под контрола, па дури и да се ослободиме од негативните емоции. Сепак, за да им се стави крај на предрасудите, потребно е да се отстранат уште две работи. Како прво, гревот и несовршеноста на луѓето. Библијата отворено вели: „Нема човек што не греши“ (1. Царевите 8:46). Според тоа, колку и да се трудиме, сите мора да ја водиме истата внатрешна борба како апостол Павле, кој напишал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21). Затоа, разумно е да очекуваме одвреме-навреме во нашето несовршено срце да се појават „лоши мисли“ кои може да водат до предрасуди (Марко 7:21).
Како второ, влијанието на Сатана Ѓаволот. Библијата вели дека тој е „човекоубиец“ и дека „го заведува целиот свет“ (Јован 8:44; Откровение 12:9). Затоа предрасудите се толку раширени и луѓето не можат да ги спречат нетолеранцијата, дискриминацијата, геноцидот и другите форми на расна, верска и социјална нетрпеливост.
Според тоа, за да се искоренат предрасудите, мора да се отстранат гревот и несовршеноста на луѓето, како и влијанието на Сатана Ѓаволот. Библијата покажува дека Божјето Царство ќе го направи токму тоа.
Исус Христос ги поучил своите следбеници да му се молат на Бог со следниве зборови: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Само Божјето Царство ќе им стави крај на сите неправди — вклучувајќи ги и сите облици на предрасуди и нетолеранција.
Кога над Земјата ќе владее Божјето Царство, Сатана ќе биде врзан „за да не ги заведува повеќе народите“, односно нема да има никакво влијание врз она што ќе се случува на Земјата (Откровение 20:2, 3). Тогаш ќе има една „нова земја“, односно општество, во кое „ќе живее праведноста“a (2. Петрово 3:13).
Оние што ќе живеат во тој праведен нов свет ќе станат совршени, односно нема да имаат никаков грев (Римјаните 8:21). Тие ‚нема да прават зло‘. Зошто? „Зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Исаија 11:9). Во тоа време, сите луѓе ќе учат за Јехова Бог и ќе ги одразуваат неговите прекрасни особини. Тогаш во вистинска смисла на зборот ќе им дојде крај на сите предрасуди, бидејќи „кај Бог нема пристрасност“ (Римјаните 2:11).
a Нешто повеќе за Божјето Царство и за тоа што ќе направи во блиска иднина, можеш да прочиташ во поглавја 3, 8 и 9 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.