Читателите прашуваат
Зошто Јеховините сведоци не одат во војна?
Каде и да живеат, Јеховините сведоци отсекогаш се познати по тоа што не учествуваат ниту во војни меѓу различни држави ниту во судири меѓу две завојувани страни во една држава. „Јеховините сведоци остануваат строго неутрални кога има војна“, пишува во една енциклопедија излезена пред половина век (Australian Encyclopædia).
Една од главните причини зошто Сведоците не одат во војна е тоа што со учество во такви конфликти би ја згазиле својата христијанска совест. Тие ја обликуваат својата совест врз основа на заповедите и примерот на Господарот Исус Христос. Тој им заповедал на своите следбеници да го сакаат ближниот. Исто така, им рекол: „Сакајте ги своите непријатели, правете им добро на оние што ве мразат“ (Лука 6:27; Матеј 22:39). Кога еден од учениците сакал да го одбрани со меч, Исус му рекол: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:52). Значи, и со зборови и со пример, тој јасно покажал дека неговите следбеници не треба да земаат оружје за да се борат.
Друга причина зошто Јеховините сведоци не одат во војна е тоа што се членови на една група верници што ги има во целиот свет. Во војна, брат се бори против брат, а тоа би било спротивно на Исусовата заповед ‚да се сакаме еден со друг‘ (Јован 13:35).
За Јеховините сведоци, овие начела во врска со љубовта не се само теорија. На пример, размисли за ставот што го зазеле во Втората светска војна (1939-1945). Во САД, повеќе од 4.300 Сведоци на Јехова беа ставени во затвор затоа што одбија да одат во војна. Во Британија, над 1.500 души, од кои повеќе од 300 жени, беа затворени затоа што не сакаа да ја вршат воената служба. Во нацистичка Германија, над 270 Сведоци беа погубени по наредба на државата затоа што не сакаа да земат оружје в рака. Под нацистичкиот режим, повеќе од 10.000 Сведоци беа затворени, како во затвори така и во концентрациони логори. И Сведоците во Јапонија многу страдаа. Затоа, секој што изгубил некој близок на бојните полиња во Втората светска војна — или во некоја од војните што следеа — може да биде сигурен дека не бил убиен од некој Јеховин сведок.
Ставот на Јеховините сведоци кон војната добро се гледа од зборовите што ги кажал Волфганг Кусеров пред својата смрт. Во 1942 год., нацистите му ја отсекле главата на овој 20-годишен Германец затоа што не сакал да оди во војна (Исаија 2:4). Пред воениот суд изјавил: „Воспитан сум како Јеховин сведок, според Божјата реч што е запишана во Светото писмо. Најголемиот и најсвет закон што Бог им го дал на луѓето е овој: ‚Сакај го својот Бог повеќе од сѐ друго и својот ближен како себеси‘. Една друга заповед гласи: ‚Не убивај‘. Зарем Бог дал да се запише сево ова за дрвјата?“ (Марко 12:29-31; 2. Мојсеева 20:13).
Јеховините сведоци веруваат дека само Јехова, семоќниот Бог, ќе донесе траен мир на Земјата. Имаат доверба дека тој ќе го исполни своето ветување и ‚ќе ги прекине војните до крајот на земјата‘ (Псалм 46:9).