Писмо од Гренада
Еден ден на плажата
АКО некогаш ве испратат да служите како мисионери во друга земја, ќе сфатите колку возбудливо е тоа. Како некое љубопитно детенце со ококорени очиња, се прашувате какви се луѓето, околината и искуствата што ве очекуваат во службата.
Кога јас и жена ми бевме испратени да служиме во Гренада, која може да се пофали со прекрасно крајбрежје и околу 45 плажи, се прашувавме како ли изгледаат тие. Еден ден имавме можност убаво да си поминеме на една од нив, но не заради сонцето и сурфањето, туку заради луѓето.
Нашиот дом во Гренада воопшто не е далеку од плажата Гранд Ансе, но патувањето до таму е вистинско доживување! Патот е полн со кривини, од кои можевме да видиме пејзажи што ни го одземаа здивот. Ридовите се украсени со прекрасно зеленило. Речиси зад секој свиок се кријат планини, дождовни шуми, водопади и незаборавни глетки на океанот. Ништо чудно што доаѓаат туристи од целиот свет! Глетките се толку убави што еден возач мора да биде претпазлив за да не му биде одвлечено вниманието. Патиштата се извиваат и на моменти толку се стеснуваат што се чудите како успевате да не удрите во возилата што доаѓаат од спротивниот правец.
Стигнавме до местото каде што требаше да се одржи собирот. Тоа беше еден Конгресен центар кој се наоѓа на патот покрај плажата Гранд Ансе. Наскоро, таму се собра една група Јеховини сведоци, која се состоеше од околу 600 души. Тој радосен ден уживаа во заедничко дружење и многу библиски поуки. Овој ден беше посебен за Лесли и Дафни, брачна двојка во своите 70-ти години. Лесли требаше да се крсти. Дафни одамна го чекала овој момент, бидејќи таа се крстила како Јеховин сведок во 1958 година.
За Јеховините сведоци, крштавањето — кое се извршува со целосно нурнување во вода — има големо значење. Ваков чекор презема лицето што стекнало точно спознание за вистината од Библијата и го применува во својот живот она што го учи. Крштавањето се извршува пред очите на други луѓе и во таа пригода лицето јавно покажува дека му го заветувало својот живот на Јехова Бог.
Јас требаше да го одржам говорот и пред публиката да објаснам што вели Светото писмо за крштавањето. На крајот од говорот, Лесли и уште две други лица што требаше да се крстат станаа. Лесли носеше убаво испеглана бела кошула и вратоврска, а на лицето му се гледаше широка насмевка. Го поставив прашањето: „На темел на жртвата на Исус Христос, дали си се покајал за своите гревови и дали си му ветил на Јехова дека ќе ја вршиш неговата волја?“ Сите тројца од сѐ срце одговорија со „Да!“ Од тоа можеше да се види колку беа искрени и оддадени.
Бев трогнат кога чув за минатото на Лесли. Со децении не сакал да ја проучува Библија. Еднаш, тој и жена му отишле на друг остров. Додека биле таму, се договориле секој да оди на своите верски состаноци. „Ти оди си во твојата црква, а јас во мојата“, ѝ рекол Лесли на Дафни.
Лесли ја оставил Дафни пред Салата на Царството и отишол во Англиканската црква, која се наоѓала во истата населба. На враќање, Лесли повторно отишол во Салата на Царството за да ја земе жена си. Во Салата се нашол меѓу љубезни, пријатни луѓе што срдечно го поздравувале, иако првпат го гледале. Тоа му оставило силен впечаток. Во неговата црква никој не му прозборел ниту збор. „Никогаш повторно нема да појдам во таа црква“, ѝ рекол на Дафни. „Никој не ми обрна внимание, дури ни свештеникот. Никој не ме поздрави. Како влегов, така излегов.“ И навистина, никогаш повеќе не стапнал во неа.
По таа случка, Лесли започнал сериозно да ја проучува Божјата Реч. Сега беше подготвен да се крсти. Кандидатите за крштавање се упатија кон плажата, а ние одевме по нив. Океанот беше многу близу, па затоа немаше потреба да се поставува базен за крштавање, како што тоа се прави на повеќето конгреси на Јеховините сведоци. Овде требаше само да преминеме на другата страна од улицата.
Плажата Гранд Ансе претставува прекрасен појас долг 3 километри, прекриен со бел песок заплискуван од топлите сини води на океанот во текот на целата година. Туристите беа збунети кога видоа како нашата група пристигнува на плажата, бидејќи мажите носеа кошули и вратоврски, а жените фустани и сукњи. Лесли беше облечен во маица и куси панталони. Замислете си како се чувствуваше Дафни кога го виде крштавањето на својот сопруг околу 50 години по нејзиното крштавање! Пладневното сонце силно блескаше, исто како и нејзината насмевка. Дури и туристите се радуваа на тој настан. И тие ракоплескаа додека се крштаваше секој кандидат.
Синото небо, белиот песок и нежните бранчиња на оваа плажа веќе му оддаваа слава на својот Творец. Уште поголема слава му се оддаде кога тројцата новокрстени излегоа од водата. Таа глетка ни го згреа срцето повеќе од сонцето кое ни ја грееше кожата. Тој ден беше навистина посебен. За Лесли и Дафни, тој ден на плажата беше најубавиот ден во животот.