Загадочниот клунар
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
КОГА научниците првпат го виделе клунарот, не знаеле како да го сфатат. Тој бил жив парадокс, едно или две кила контрадикции кои поразија некои од нивните научни верувања. Ве покануваме да се запознаете со ова необично мало Австралијанче — едно шармантно, срамежливо и мило суштество. Но, ајде прво да се вратиме назад во 1799 година и да видиме каква збрка била предизвикана кога првото крзно на клунарот ѝ паднало во очи на британската наука.
„Буквално не можеше да верува [на своите очи]“, вели една енциклопедија во врска со д-р Шо, помошен чувар во одделот за природна историја на Британскиот музеј. Тој претпоставувал дека „некој го пресадил клунот од патка на телото на некое [четвороножно животно]. Тој се обидел да го [извади] клунот, а трагите од неговите ножици можат и денес да се видат на првобитната кожа.“
Дури и кога се открило дека кожата е вистинска, научниците биле збунети. Клунарот — исто така познат како platypus (со рамни стапала) — има репродуктивен систем кој е многу сличен на птичјиот, но има млечни жлезди, односно жлезди за доење. Таа привидна противречност го покренала прашањето: Дали тоа неверојатно суштество неси јајца, или не неси?
После години расправи, се открило дека клунарот навистина снел јајца. Но, се чинело дека секое откритие само ја продлабочувало загатката. Како да се класифицира едно суштество кое 1) несе јајца, а има млечни жлезди; 2) покриено е со крзно, а сепак има клун на патка и 3) има скелет со карактеристики на ладнокрвна влечуга, а сепак е топлокрвно?
Со текот на времето, научниците се согласиле дека клунарот е цицач од групата Monotremata. Како влечугата, монотремот има еден отвор, односно дупка за да поминат јајцата, спермата, фекалиите и урината. Единствениот друг жив монотрем е ежот мравојад. Стручното име кое му е дадено на клунарот е Ornithorhynchus anatinus, што значи „животно на лик на патка со птичја рилка“.
Ајде да посетиме еден клунар
Би можеле да одиме во зоолошка градина, но ништо не може ни приближно да се спореди со тоа да се гледа таинствениот клунар во дивината — нешто кое дури и малкумина Австралијанци некогаш го направиле. Нашата потрага започнува во источна Австралија, во Сините планини западно од Сиднеј, иако и многу од слатководните реки, потоци и езера на источната страна од Австралија би биле добри.
Пристигнуваме пред зајдисонце кај еден стар дрвен мост кој премостува една стаклеста река порабена со еукалиптуси. Стрпливо и тивко ја набљудуваме водата за да се појави една длабоко нурната силуета. Наскоро сме наградени за тоа. Околу 50 метри низводно, се појавува една фигура, која доаѓа во наш правец. Мораме да стоиме сосема мирно.
Налетот бранчиња кои се шират од неговиот клун потврдува дека тоа е клунар. Тие издајнички бранчиња се формираат додека клунарот ја дроби храната која ја насобрал во своите џебни образи додека пребарувал по речното дно. Иако варира според сезоната, неговата исхрана се состои главно од црви, ларви на инсекти и од слатководни ракчиња.
Дали малата големина на клунарот Ве изненадува? Повеќето луѓе ги изненадува. Тие си замислуваат дека клунарот има големина отприлика на еден дабар или на видра. Но како што можете да видите, тој е помал дури и од просечна домашна мачка. Машките варираат во должина од 45 до 60 сантиметри и во тежина од еден до два и пол килограми. Женките се малку помали.
Воден од наизменичните замави на неговите предни нозе со пловна кожичка, тој тивко се нурнува и останува потопен една до две минути додека минува под мостот. Неговите задни нозе, кои делумно се со пловна кожичка, не ги користи за погон, туку тие му служат како кормила и работат во согласност со неговата опашка кога плива. Тие, исто така, цврсто го всидруваат неговото тело кога се закопува.
Ако е вознемирен, клунарот се нурнува со гласно плеснување, што му значи збогум! Затоа зборуваме само кога е потопен. „Како едно такво мало животинче ја одржува топлината“, прошепотувате, „особено во ледените зимски води?“ Клунарот добро се снаоѓа, благодарение на две помагала: метаболизмот кој многу брзо создава енергија, загревајќи го на тој начин одвнатре, и густото крзно кое ја задржува топлината.
Тој зачудувачки клун
Мекиот и жилав клун на клунарот е многу сложен. Начичкан е со рецептори за допир и за електрична активност. Клунарот нежно го свртува својот клун од едната на другата страна на дното од реката додека пребарува, пронаоѓајќи ги дури и слабите електрични полиња кои ги создаваат мускулните грчења на неговиот плен. Додека клунарот е потопен, клунот му е неговиот главен контакт со светот, затоа што неговите очи, уши и нос се цврсто затворени.
Внимавајте на тие мамузи!
Ако нашето мало пријателче е машко, неговите задни нозе се наоружени со две мамузи на зглобот кои преку канали се поврзани за две отровни жлезди во пределот на бедрата. Тој енергично ги забива двете мамузи во месото на напаѓачот, на сличен начин како што еден јавач го боднува својот коњ. Кратко после првобитниот шок, жртвата страда од силна болка и локално отекување.
Меѓутоа, клунарот во заробеништво може да биде питом како кученце. Резерватот Хилсвил, во Викторија, со децении ги чува овие животни и известува дека еден од првите жители „со часови ги забавувал посетителите, сѐ одново превртувајќи се за да му го чешкаат мешето . . . Илјадници посетители нагрнале да го видат тоа извонредно мало животно“.
Нашиот клунар се нурнува за последен пат во денот токму кога утринското Сонце ѕирка над планинските венци на исток. Тој преку ноќта изел храна повеќе од една петтина од својата тежина. Додека излегува од водата, пловната кожичка на неговите предни нозе се вовлекува, откривајќи ги јаките нокти. Тој сега се упатува кон едно од многуте негови дувла, кои се мудро ископани меѓу корењата на дрвјата за заштита од подривање и од пропаѓање. Дувлата за несење обично се околу 8 метри долги, но другите дувла можат да бидат помеѓу 1 и скоро 30 метри долги и можат да имаат многу странични ограноци. Дувлата, исто така, заштитуваат од температурните разлики што ги прави пријатни за женките да си ги одгледуваат своите млади.
Време за несење јајца
На пролет женката оди во една просторија обложена со вегетација во едно од нејзините подлабоки дувла и несе едно до три (обично две) јајца со големина на ноктот од палецот. Таа лежи на јајцата завиткувајќи ги со своето тело и со дебелата опашка. Во рок од околу десет дена, малите се ослободуваат од своите лушпи кои се во вид на пергамент и се хранат од млекото што го снабдуваат двете млечни жлезди на мајката. Патем речено, женката клунар сама ги одгледува своите млади; овие цицачи не даваат никаков доказ за долготрајна врска меѓу паровите.
Отприлика до февруари, после три и пол месечно забрзано растење, младите се спремни за во вода. Поради тоа што едно одредено количество вода може да прими само ограничен број животни, на крајот младите можат да бараат помалку населени води, преминувајќи дури и опасни копнени подрачја за да го сторат тоа.
Во заробеништво, клунарите живеат преку 20 години, но во дивината повеќето не живеат толку долго. Сушата и поплавите го земаат својот данок, како и ловењето од страна на гоаните (огромни џиновски гуштери), лисиците, големите птици грабливци, и далеку на север во Квинсленд, дури и крокодилите. Меѓутоа, човекот претставува најголемата закана за клунарите, не со тоа што намерно ги убива (клунарите сега се строго заштитени со закон), туку со бездушното присвојување на нивното живеалиште.
Ако некогаш ја посетите Австралија, можете сами да ја набљудувате нашата малечка уникатна мешавина со клун на патка во нејзиното природно живеалиште, затоа што во ниедно друго место во светот на дивината нема да видите таква. Благодарение на клунарот, ќе доживеете уште еден аспект од безграничната имагинација на Творецот — како и смислата за хумор.
[Слика на страница 17]
Клунарот се движи со своите нозе со пловна кожичка
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Taronga Zoo
[Слика на страница 17]
Помал од просечна домашна мачка, клунарот тежи еден до два и пол килограми
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на д-р Том Грент
[Слика на страница 17]
Неговиот многу осетлив клун го наоѓа пленот под водата. (Овој клунар е во резерватот Хилсвил.)
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на резерватот Хилсвил
[Извор на слика на страница 16]
Фотографија: Со љубезна дозвола на д-р Том Грент