Смртоносен сојуз
УШТЕ во 1959, здравствените работници во Соединетите Држави предвидоа дека туберкулозата (ТБ) наскоро ќе биде истребена. Всушност, следните години болеста толку нагло се повлече што многу луѓе си помислија дека е под контрола. Но ТБ се врати и си најде еден смртоносен сојузник — ХИВ, вирусот кој го ослабнува имунолошкиот систем и обично води до СИДА.
Иако повеќе од две милијарди луѓе — отприлика една третина од светското население — се носители на бактеријата на ТБ, кога ќе се инфицираат прв пат, овие луѓе имаат само 10-процентни шанси во животот да ја добијат таа болест. Интересно е што луѓето со ХИВ имаат 8-процентен годишен ризик да добијат активна ТБ. Значи, колку повеќе луѓе ќе се заразат со ХИВ толку повеќе се наоѓаат во непосредна опасност да добијат ТБ.
Д-р Ричард Џ. О’Брајан од СЗО (Светската здравствена организација) забележува дека во последниве години имало приближно 15-процентен пораст на случаите на ТБ во Соединетите Држави. Тој вели дека ова „во голема мерка се должи на взаемното дејство на ХИВ и ТБ“. Меѓутоа, заканата е најсериозна за земјите во развој. Цели 90 проценти од осумте милиони нови случаи секоја година се во најсиромашните земји, а околу три милиони од овие пациенти умираат.
Ширум светот околу 4,4 милиони луѓе се борат со оваа смртоносна двојка. СЗО предвидува дека во блиска иднина ТБ годишно ќе зема по еден милион животи од оние со ХИВ. „Овие двојни епидемии заедно станале најсериозната закана за здравјето на луѓето во оваа деценија“, рекол Питер Пјо, генерален директор на здружената програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА.
[Извор на слика на страница 17]
Медицинското училиште во Њу Џерси — Национален центар за туберкулоза