Колку е опасна телевизијата?
На 18 декември 1997, новинските наслови известија дека на многумина во Токио (Јапонија) им се слошило од еден цртан филм прикажан на телевизија. Стотици биле однесени в болница. „Некои деца повраќаа крв, а други добија удар или се онесвестија“, извести The New York Times. „Лекарите и психолозите предупредуваат дека овој настан е едно зашеметувачко потсетување за тоа колку осетливи можат да бидат децата на извесни современи телевизиски емисии.“
Њујоршкиот Daily News навел: „Вчера Јапонија ја фати паника откако еден анимиран монструм на ТВ севнал со своите црвени очи, а стотици деца низ целата нација добиле грчеви.
Скоро 600 деца и неколку возрасни итно беа однесени во просториите за прва помош во вторникот навечер откако гледале . . . некој цртан филм на ТВ“. Некои биле однесени на интензивна нега бидејќи имале тешкотии при дишењето.
Јукико Ивасаки, мајка на едно осумгодишно девојче, објаснила: „Се шокирав кога ја видов ќерка ми онесвестена. Почна да дише дури откако ја потчукнав по грбот“.
Продуцентите на телевизиските емисии за деца не можеа да објаснат како анимираната техника за која велат дека се користела „стотици пати“ би можела да биде одговорна за една таква опасна, насилничка реакција.
Свесни за опасните последици од гледањето телевизија, некои родители внимателно го надгледуваат гледањето ТВ, па дури и го отстраниле ТВ-то од домот. Еден родител од Ален (Тексас, САД) забележал дека пред да го тргнат ТВ-то од дома, неговите деца имале „краткотрајна концентрација, раздразливост, недостиг на соработка и хронична здодевност“. Понатаму тој објаснил: „Денес речиси секое од нашите пет деца — кои се на возраст од 6 до 17 години — се одлични ученици. Без ТВ-то тие брзо развија различни интереси, вклучувајќи спорт, читање, уметност, ракување со компјутер итн.
Пред околу две години се случи еден особено значаен настан. Син ми, кој тогаш имаше 9 години, се јави од забавата на еден свој пријател каде што требаше да преспие и сакаше да си дојде дома . . . Кога го земав и го прашав во што е проблемот, тој рече: ‚Толку е здодевно. Сѐ што сакаат да прават е да седат и да гледаат ТВ!‘“