ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/1 стр. 6-8
  • Кога надежта и љубовта ќе исчезнат

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кога надежта и љубовта ќе исчезнат
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Животоспасувачка особина?
  • Може да дојде до безнадежност
  • Самоубиство — чума меѓу младите луѓе
    Разбудете се! 1999
  • Светски проблем
    Разбудете се! 2002
  • Зошто луѓето се откажуваат од животот
    Разбудете се! 2002
  • Дали да ставам крај на сѐ?
    Разбудете се! 2008
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/1 стр. 6-8

Кога надежта и љубовта ќе исчезнат

ЕДНА 17-годишна Канаѓанка ги запишала причините зошто сака да умре. Меѓу другото, таа навела: ‚Се чувствувам осамена и се плашам за мојата иднина; се чувствувам инфериорна во однос на колегите; нуклеарна војна; озонскиот слој; навистина сум многу грда и затоа никогаш нема да се омажам и на крајот ќе останам сама; мислам дека нема многу вредни работи, па зошто да чекам за да ги откријам; ќе му го олеснам товарот на секого; никогаш повеќе нема никој повторно да ме повреди‘.

Би можеле ли овие работи да бидат некои од причините зошто младите се самоубиваат? Во Канада, „покрај сообраќајните несреќи со моторни возила, самоубиството сега е највообичаена причина за смрт меѓу нив“ (The Globe and Mail).

Професорот Риас Хасан, од универзитетот Флиндерс во Јужна Австралија, во својот труд „Непроживеани животи: трендови во самоубиствата меѓу младите“ наведува: „Има неколку социолошки причини кои се однесуваат на тоа прашање и изгледа дека значително влијаеле врз порастот на самоубиствата меѓу адолесцентите. Тука е високата стапка на невработеност на младите; промените во австралијанското семејство; зголемената употреба и злоупотреба на дрога; зголеменото насилство меѓу младите; менталното здравје и зголеменото разидување помеѓу ‚теоретската слобода‘ и искуствената автономија“. Тој труд понатаму наведува дека резултатите од неколку анкети откриле едно чувство на песимизам во врска со иднината и укажуваат дека „голем дел од младите луѓе гледаат на својата иднина и на иднината на светот со страв и вознемиреност. Тие гледаат еден свет уништен од нуклеарна војна и разорен од загаденост и уништување на околината, едно дехуманизирано општество во кое технологијата е вон контрола а невработеноста зема замав“.

Според една Галупова анкета на лица од 16 до 24 години, дополнителни причини за самоубиство се сѐ поширокиот јаз меѓу богатите и сиромашните, зголемувањето на бројот на семејства со еден родител, сѐ поголемата употреба на оружје, злоупотребата на деца и сѐопштиот „недостиг на вера во утрешнината“.

Newsweek известува дека во Соединетите Држави „поседувањето огнено оружје може да биде најзначаен фактор [во самоубиствата на тинејџерите]. Едно истражување кое направи споредба помеѓу жртвите на самоубиства кај адолесцентите кои немале некое очигледно ментално пореметување и оние кои не извршиле самоубиство откри само една разлика: наполнет пиштол во домот. Толку за идејата дека оружјето не убива луѓе“. А во милиони домови има наполнети пиштоли!

Стравот и општеството кое не води грижа можат брзо да ги дотуркаат ранливите млади до работ на самоубиство. Размислете: Стапката на насилнички криминални дела извршени против 12 до 19-годишници е повеќе од двојна во споредба со криминалните дела против населението воопшто. Студиите откриле дека „кај младите жени од 14 до 24 години постои поголема веројатност да бидат нападнати“, известило списанието Maclean’s. „Жените најчесто се напаѓани и убивани од луѓето кои велат дека ги сакаат.“ Со каков резултат? Овие, како и други стравови, „ја поткопуваат довербата и чувството на сигурност на овие девојки“. Во една студија речиси една третина од интервјуираните кои преживеале силување помислиле на самоубиство.

Еден извештај од Нов Зеланд дава една друга перспектива на самоубиството меѓу младите, наведувајќи: „Материјалистичките, световни вредности кои преовладуваат и кои го изедначуваат успехот на поединецот со богатство, добар изглед и моќ, придонесуваат многу млади луѓе да се чувствуваат прилично безвредни и отфрлени од општеството“. Освен тоа, The Futurist го вели следново: „[Младите] имаат силна склоност да се задоволат во моментот, сакајќи сѐ и сакајќи тоа да го добијат брзо. Нивните омилени ТВ емисии се сапунските опери. Тие би сакале нивниот свет да биде исполнет со исти такви убави луѓе, облечени по најнова мода, со многу пари и углед и без да треба да работат премногу напорно“. Изгледа дека вкупниот обем на таквите нереални очекувања кои не можат да се исполнат предизвикува извесен очај и може да води до самоубиство.

Животоспасувачка особина?

Шекспир напишал: „Љубовта теши како сонцето после дожд“. Библијата вели: „Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:8). Во таа особина лежи клучот на проблемот на младите луѓе кои се склони кон самоубиство — нивниот копнеж по љубов и комуникација. The American Medical Association Encyclopedia of Medicine наведува: „Луѓето склони кон самоубиство обично се чувствуваат очајнички осамени, а приликата да разговараат со некој сочувствителен слушател полн со разбирање понекогаш е доволна за да се спречи очајничкиот чин“.

Младите честопати имаат голема потреба од љубов и чувство на припадност. Станува сѐ потешко да се задоволи таа потреба со изминувањето на секој ден во еден разорен свет без љубов — свет во кој тие имаат мал или никаков глас. Отфрлањето од страна на родителите поради распадот на семејството и разводот може да биде фактор кој придонесува за самоубиствата меѓу адолесцентите. А ова отфрлање има многу лица.

Да го разгледаме случајот со родителите кои ретко се дома со своите деца. Мајката и таткото можеби се потполно врзани за нивните работни места или, пак, внесени во некој облик на рекреација во кој не се вклучени децата. Индиректната порака до нивните деца е едно неприкриено отфрлање. Истакнатиот новинар и истражувач Хју Мекеј забележува дека „родителите стануваат сѐ посебични. Тие се ставаат себеси на прво место за да го зачуваат својот животен стил . . . Грубо речено, децата се излезени од мода . . . Животот е тежок, и сето тоа прави да станеш прилично зафатен со самиот себеси“.

Потоа, во некои култури мажите со мачо имиџ можеби не сакаат да бидат видени во улога на хранители. Новинарката Кејт Лег добро рекла: „Мажите кои се склони кон јавни служби обично избираат спасување животи и противпожарна заштита наместо задачата да прехранат . . . Тие повеќе го сакаат силното, тивко херојство на борбата против надворешните сили отколку работните места поврзани со другите луѓе“. И, се разбира, едно од работните места кои се најповрзани со други луѓе денес е да се биде родител. Да се биде лош родител е исто како да се отфрли детето. Како резултат на тоа, Вашиот син или ќерка може да стекне негативна слика за себеси и слаба вештина да соработува со други луѓе. The Education Digest забележува: „Без позитивна слика за себеси, децата немаат основа да донесуваат одлуки кои ќе бидат во нивен најдобар интерес“.

Може да дојде до безнадежност

Истражувачите сметаат дека безнадежноста е една главна причина која придонесува за самоубиствата. Гејл Мејсон, кој пишува за самоубиствата на младите во Австралија, забележал: „Се смета дека безнадежноста повеќе има врска со мислите за самоубиство отколку со депресијата. Понекогаш безнадежноста се дефинира како еден симптом на депресија . . . Обично зема облик на едно општо чувство на очај и малодушност во врска со иднината на младите луѓе, особено со нивната економска иднина, додека во помал степен е едно чувство на безнадежност во поглед на светската ситуација“.

Лошите примери на нечесност од страна на граѓанските водачи не ги инспирираат младите да го подигнат своето ниво на етика и морал. Тогаш се појавува ставот: „Зошто да се мачам?“ Harper’s Magazine коментира за способноста на младите да ја откријат лицемерноста, велејќи: „Младите, со нивниот добар нос за лицемерност, во суштина се вешти читатели — но не на книги. Она што го читаат толку остроумно се општествените сигнали кои произлегуваат од светот во кој ќе мораат да заработуваат за живот“. А што кажуваат тие сигнали? Авторот Стефани Доврик забележува: „Никогаш не сме биле попреплавени со информации за тоа како да живееме. Никогаш не сме биле побогати ниту подобро образовани, но сепак насекаде е присутен очај“. И има толку малку добри примери за имитирање во повисоките кругови на политичкото и религиозното општество. Доврик поставува неколку соодветни прашања: „Како да стекнеме мудрост, отпорност, па дури и да пронајдеме смисла во бесмислените страдања? Како да негуваме љубов во една клима на себичност, дрскост и алчност?“

Одговорите на овие прашања ќе ги најдете во следната статија, и тие може да Ве изненадат.

[Истакната мисла на страница 6]

„Еден голем дел од младите луѓе гледаат на својата иднина и на иднината на светот со страв и вознемиреност“

[Истакната мисла на страница 7]

„Приликата да се разговара со некој сочувствителен слушател полн со разбирање понекогаш е доволна за да се спречи очајничкиот чин“

[Рамка на страница 6]

Некои показатели за самоубиство

• Проблеми со спиењето, губење на апетитот

• Изолирање и повлеченост, склоност кон несреќни случаи

• Бегање од дома

• Драматични промени во изгледот

• Злоупотреба на дрога и/или алкохол

• Вознемиреност и агресивност

• Зборување за смртта; писмени пораки за себеуништување; уметнички прикази кои покажуваат насилство, особено против себеси

• Чувства на вина

• Безнадежност, загриженост, депресија, напади на плачење

• Раздавање на личните предмети

• Намалена концентрација

• Губење на интересот за пријатни активности

• Самокритикување

• Сексуален промискуитет

• Нагло намалување на успехот на училиште, проблеми со присутноста на часовите на училиште

• Членување во некој култ или банда

• Еуфорија после депресија

Темелено на Teens in Crisis (Американско здружение на школски администратори) и Depression and Suicide in Children and Adolescents од Филип Џ. Патрос и Тоња К. Шаму.

[Слики на страница 7]

Срдечната љубов и сочувството можат да му помогнат на младиот човек да го цени животот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели