Гутенберг — како го збогатил светот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА
КОЈ изум од изминатите илјада години најмногу влијаел врз Вашиот живот? Дали тоа бил телефонот, телевизорот или автомобилот? Веројатно ниеден од нив. Според многу експерти, тоа било механизираното печатење. Човекот кому му се припишува заслугата за изумот на првата практична метода е Јоханес Генсфлаиш цур Ладен, подобро познат како Јоханес Гутенберг. Тој имал аристократско потекло и затоа не морал да посетува редовно занаетчиско училиште.
Генијалната идеја на Гутенберг е опишана како „голем придонес на Германија кон цивилизацијата“. Секој преживеан примерок од неговото печатарско ремек-дело — таканаречената Гутенбергова Библија од 42 реда — вреди цело богатство.
Златниот Мајнц
Гутенберг бил роден во Мајнц, во или околу 1397 година. Сместен на бреговите на реката Рајна, во тоа време Мајнц бил град со околу 6.000 жители. Бил познат како златниот Мајнц, бидејќи бил центар на еден моќен сојуз на градови. Надбискупите во Мајнц биле гласачи на Светото Римско Царство. Мајнц бил познат по своите златари. Младиот Јоханес научил многу за обработката на металите, вклучувајќи го и тоа како да се гравираат букви во метал. Поради политичките препирки, неколку години бил изгонет во Страсбур, каде што работел и поучувал како се брусат скапоцени камења. Но, она што најмногу го окупирало била неговата тајна работа врз еден нов изум. Гутенберг се обидел да ја усоврши уметноста на механизирано печатење.
Генијалноста на Гутенберг и финансиите на Фуст
Гутенберг се вратил во Мајнц и продолжил со своите експерименти. За финансиски средства се обратил кај Јохан Фуст, кој му позајмил 1.600 гулдени — дарежлива сума во време кога еден вешт мајстор заработувал само 30 гулдени годишно. Фуст бил остроумен бизнисмен кој видел заработувачка во тој потфат. Каков потфат имал на ум Гутенберг?
Острото око на Гутенберг забележало дека некои предмети се произведуваат во голем број, при што секој е еднаков на другиот. На пример, монетите се ковале, а куршумите се лееле во метал. Затоа, зошто да не можат да се отпечатат стотици еднакви страници пишан текст и потоа да се спојат страниците по нумерички редослед во еднакви книги? Какви книги? Тој мислел на Библијата, книга која била толку скапа што само неколкумина привилегирани имале лични примероци. Гутенберг имал за цел да произведе голем број еднакви Библии, правејќи ги многу поефтини од рачно напишаните примероци без да жртвува ништо од нивната убавина. Како можело да се направи тоа?
Повеќето книги биле умножувани рачно, за што биле потребни трудољубивост и време. Бил направен обид да се печати со рачно изгравирани дрвени блокови, при што секој содржел една страница пишан текст. Кинезот Пи Шенг направил дури и поединечни букви од керамика за да се употребат за печатење. Во Кореа, во државните печатарски фирми се користеле букви направени од бакар. Но, печатењето со подвижни печатарски букви — поединечно направени букви кои можат да се прераспоредат за секоја нова страница — барало голем број букви, но никој немал развиено начин како да се направат. Тоа било зачувано за Гутенберг.
Како искусен металски работник, тој сфатил дека најдобро ќе може да се печати со подвижни букви кои не се направени од керамика или од дрво, туку од метал. Тие би се излеале во калап, без да се гравираат или да се печат во печка. На Гутенберг му требале калапи кои би можеле да се користат за да се излеат сите 26 букви од неговата азбука — и мали и големи — плус сврзаните букви, интерпункциските знаци, симболите и броевите. Сѐ на сѐ, тој пресметал дека се потребни 290 различни букви, а за секоја од нив десетици дупликати.
Почнува работата
Гутенберг одлучил стилот на неговата книга да биде готското писмо на латински, кое го користеле калуѓерите во препишувањето на Библијата. Користејќи го своето искуство во обработката на метали, во еден мал челичен блок изгравирал обратна слика на секоја буква и симбол, односно направил релјеф врз површината на челикот (слика 1). Потоа, овој челичен печат се користел за да се втисне сликата врз едно мало парче помек метал, било бакар или месинг. Како резултат на тоа, се добила вистинската слика на буквата, потоната во помекиот метал наречен матрица.
Следниот чекор вклучувал еден излеан калап, кој бил производ на генијалноста на Гутенберг. Калапот бил голем колку една човечка тупаница и имал отвор одозгора и одоздола. Матрицата за буквата се прицврстувала одоздола на калапот, а одозгора се сипувала растопена смеса (слика 2). Смесата — калај, олово, антимон и бизмут — брзо се ладела и се стврднувала.
Смесата земена од калапот имала изгравирана обратна слика на буквата на едниот крај и била наречена печатарска буква. Процесот се повторувал сѐ додека не се произвел потребниот број примероци од таа буква. Потоа матрицата се тргала од калапот и се заменувала со матрицата за следната буква. Така, за кратко време можело да се произведе неограничен број примероци на печатарски букви за секоја буква и симбол. Сите печатарски букви биле со иста големина, токму онака како што сакал Гутенберг.
Сега можело да се започне со печатење. Гутенберг избрал еден дел од Библијата што сакал да го умножи. Држејќи во раката слагалка, тој користел печатарски букви за да ги испише зборовите, а зборовите ги распоредувал во редови текст (слика 3). Секој ред бил израмнуван, односно правен да има еднаква должина. Користејќи табла со букви, тој ги сложувал редовите во колони со текст, по две колони на секоја страница (слика 4).
Ваквата страница со текст била добро прицврстена на рамното лежиште на една преса и потоа била натопена со црно мастило (слика 5). Пресата — слична на пресите што се користеле за правење вино — го пренесувала мастилото од печатарската буква врз хартијата. Како резултат на тоа, се добивала отпечатена страница. Се користело повеќе мастило и хартија и процесот се повторувал сѐ додека не се отпечател потребниот број примероци. Бидејќи печатарските букви биле подвижни, тие можеле одново да се користат за да се состави уште една страница.
Се печати ремек-дело
Работилницата на Гутенберг, во која работеле 15 до 20 луѓе, ја завршила првата отпечатена Библија во 1455 година. Биле направени околу 180 примероци. Секоја Библија имала 1.282 страници со 42 реда на секоја страница, отпечатени во две колони. Поврзувањето на книгите — секоја Библија имала по два тома — и украсното рачно насликување на насловите и на првата буква на секое поглавје, се правеле подоцна, надвор од работилницата на Гутенберг.
Може ли да се замисли колку примероци печатарски букви биле потребни за да се отпечати Библијата? Секоја страница содржи околу 2.600 симболи. Ако земеме дека Гутенберг имал шест словослагачи од кои секој работел на три страници истовремено, за нив би биле потребни околу 46.000 примероци. Веднаш можеме да сфатиме дека клучот за печатењето со подвижни печатарски букви лежел во Гутенберговиот калап за леење.
Луѓето биле вчудовидени кога ги споредиле Библиите: секој збор се наоѓал во истата положба. Тоа било невозможно со рачно напишаните документи. Гунтер С. Вегенер пишува дека Библијата со 42 реда имала „таква еднообразност и симетрија, хармоничност и убавина, што печатарите низ вековите се чуделе на ова ремек-дело“.
Финансиска пропаст
Меѓутоа, Фуст не бил толку заинтересиран за ремек-делото колку што бил заинтересиран за заработувачката. Враќањето на неговата инвестиција траело подолго отколку што очекувал. Партнерите се повлекле и во 1455 — токму кога биле завршени Библиите — Фуст ги укинал заемите. Гутенберг не можел да ги врати парите и го изгубил правниот случај кој уследил. Бил принуден да му отстапи на Фуст барем дел од својата печатарска опрема, како и печатарските букви за Библиите. Фуст отворил сопствена печатница заедно со вештиот Гутенбергов работник, Петер Шефер. Нивниот бизнис, Фуст и Шефер, го пожнеа добриот глас што го заработил Гутенберг и стана првата комерцијално успешна печатница во светот.
Гутенберг се обидел да продолжи со својата работа отворајќи нова печатница. Некои изучувачи му припишуваат и друг отпечатен материјал кој датира од 15 век. Но, ништо не ја достигнало величественоста и сјајот на Библијата со 42 реда. Во 1462 повторно се случила несреќа. Како резултат на една борба за моќ во католичката хиерархија, Мајнц бил изгорен и опљачкан. Гутенберг по втор пат ја изгубил својата работилница. Умрел после шест години, во февруари 1468.
Наследството на Гутенберг
Изумот на Гутенберг брзо се ширел. До 1500-тата година имало печатарски преси во 60 германски градови и во 12 други европски земји. „Развојот на печатењето прераснал во револуција на комуникациите“, изјавува The New Encyclopædia Britannica. „Во текот на следните 500 години беа постигнати многу подобрувања во механизмот на печатењето, но основниот процес во суштина остана ист.“
Печатењето го изменило животот на Европа бидејќи знаењето повеќе не било зачувано само за привилегираните. Новостите и информациите почнале да стигнуваат и до обичниот човек, кој дознавал повеќе за она што се случувало околу него. Печатењето создало потреба на секој од националните јазици да му се даде еден стандарден пишан облик што ќе може да го разбере секој. Затоа, англискиот, францускиот и германскиот јазик биле стандардизирани и зачувани. Потребата од материјал за читање се зголемила астрономски. Пред Гутенберг имало неколку илјади манускрипти во Европа; 50 години после неговата смрт имало милиони книги.
Реформацијата од 16 век би пропаднала уште на почетокот да не било механизираното печатење. Библијата била преведена на чешки, холандски, англиски, француски, германски, италијански, полски и словенски, а со пресата за печатење било овозможено објавувањето на десетици илјади примероци да биде лесна работа. Мартин Лутер добро ја искористил пресата за печатење во ширењето на својата порака. Тој успеал во своите напори онаму каде што не успеале оние кои живееле пред пресата на Гутенберг. Не е чудно тоа што Лутер ја опишал печатарската преса како Божји начин „за ширење на вистинската религија во светот!“
Преживеани примероци на Гутенберговата Библија
Колку Гутенбергови Библии преживеале? Сѐ до неодамна се веруваше дека има 48 по број — некои од нив нецелосни — распрснати низ Европа и Северна Америка. Еден од најелегантните примероци е една пергаментска Библија во библиотеката на Конгресот во Вашингтон, Д.К. Потоа, во 1996, се дојде до едно сензационално откритие: Уште еден дел од Гутенберговата Библија беше откриен во една црковна архива во Рендсбург (Германија). (Видете Разбудете се! од 22 јануари 1998, страница 29 [срп.].)
Колку само можеме да бидеме благодарни што Библијата сега може да ја има секој! Се разбира, тоа не значи дека можеме да одиме и да купиме Гутенбергова Библија со 42 реда! Колку вреди една таква Библија? Гутенберговиот музеј во Мајнц набавил еден примерок во 1978 за 3,7 милиони германски марки (денес околу 2 милиони долари). Денес таа Библија вреди неколку пати повеќе од таа сума.
Што е она што ја прави Гутенберговата Библија толку посебна? Професорот Хелмут Пресер, поранешен директор на Гутенберговиот Музеј, наведува три причини. Прво, Гутенберговата Библија била првата книга на Западот што се отпечатила со подвижни букви. Второ, таа била првата Библија што воопшто била отпечатена. Трето, таа е восхитувачки убава. Професорот Пресер пишува дека во Гутенберговата Библија го гледаме „готското писмо во неговиот апсолутен зенит“.
Луѓето од сите култури ѝ должат на генијалноста на Гутенберг. Тој ги споил калапот за леење, смесата, мастилото и пресата. Го механизирал печатењето и го збогатил светот.
[Слики на страници 16 и 17]
1. Еден челичен печат се користел за да се втисне сликата на буквата врз бакарната матрица
2. Во калапот за леење се сипувала растопена смеса. Штом смесата ќе се стврднела, извадената печатарска буква ја имала обратната слика на буквата
3. Печатарската буква се поставувала во една слагалка за да се испишат зборовите, со што се формирал текст во редови
4. Редовите биле сложувани во колони во една табла со букви
5. Страницата со текстот била поставена на рамното лежиште на пресата
6. Бакрорез на Гутенберг, датира од 1584
7. Еден примерок од Гутенберговата Библија денес вреди милиони долари
[Извор на слика]
Слики 1—4, 6 и 7: Гутенберговиот музеј во Мајнц; слика 5: Со љубезна дозвола на Американското библиско друштво
[Извор на слика на страница 16]
Позадина: Со љубезна дозвола на Британската библиотека/Гутенбергова Библија