Гледиште на Библијата
Давање и земање заем меѓу пријатели
„ГРЕШНИКОТ ЗЕМА НА ЗАЕМ И НЕ МОЖЕ ДА ВРАТИ, А ПРАВЕДНИКОТ Е МИЛОСТИВ И ДАВА“ (ПСАЛМ 36:21).
„НЕ БИДИ ниту позајмувач ниту заемодавец; бидејќи честопати се губи и долгот и пријателот.“ Така напишал англискиот драмски писател Вилијам Шекспир, со што повторил една вековна мудрост. Без сомнение, малку фактори во човечките односи се со толкав потенцијал да избувнат како земањето и давањето пари на заем. Дури и покрај најдобрите планови и најискрените намери, работите не испаѓаат секогаш онака како што сме очекувале (Проповедник 9:11, 12).
Може да се појават околности кои му отежнуваат или му оневозможуваат на позајмувачот да ги исполни своите обврски. Или, пак, заемодавецот можеби ќе се најде во ситуација кога ненадејно ќе му затребаат парите што ги дал на заем. Кога ќе се случат такви работи, како што истакнал Шекспир, пријателствата и односите можат да бидат изложени на опасност.
Се разбира, некој може да има валидни причини поради кои зема пари на заем. Соочен со финансиски колапс како резултат на некоја сериозна несреќа или губење на работното место, тој можеби гледа во тоа единствен излез. Библијата ги охрабрува сите кои можат, да им помогнат на оние кои имаат потреба, кога е во нивна моќ да го сторат тоа (Изреки 3:27). Ова може да вклучува и давање пари на заем. Но, како треба да гледаат на своите обврски христијаните кои склучуваат таков договор?
Начела за кои треба да се размисли
Библијата не е финансиски прирачник. Таа не зборува за сите детали кои се вклучени во земањето или давањето заем. Прашањата како што се дали да се пресмета камата или не и колку да изнесува таа, им се оставени на оние кои се вклучени.a Сепак, она што го дава Библијата се јасни, љубезни начела кои треба да ги водат ставовите и однесувањето на секој кој зема или дава заем.
Разгледајте ги начелата кои важат за позајмувачот. Апостол Павле ги поттикнал христијаните ‚да не должат никому ништо освен да се сакаат еден со друг‘ (Римјаните 13:8). Иако Павле овде навел едно поопшто начело, неговиот совет сигурно може да се сфати како предупредување да не си навлекуваме долг. Понекогаш е подобро да се биде без нешто отколку некому да му се должат пари. Зошто? Изреки 22:7 објаснува дека „должникот станува роб на заемодавецот“. Позајмувачот мора да сфати дека, сѐ додека не ги врати парите, тој е под обврска. Во основа, неговите средства не се сосема негови. Исплаќањето на долгот во склад со условите кои стојат во договорот, мора да има голем приоритет во неговиот живот, инаку ќе се појават тешкотии.
На пример, додека одминува времето без да ја добие должната отплата, заемодавецот може да почне да се лути. Она што го прави позајмувачот, како што е купување облека, јадење во ресторани или одење на годишен одмор, заемодавецот може да го гледа со сомневање. Може да се појави огорченост. Односот помеѓу нив, па дури и помеѓу нивните семејства, може да стане напнат или уште полошо. Такви можат да бидат жалосните последици доколку позајмувачот не си стои на зборот (Матеј 5:37).
Но, што ако позајмувачот ненадејно е спречен да ја исполни својата обврска поради околности кои се вон негова контрола? Дали тоа ќе го избрише долгот? Не мора да значи. Псалмистот вели дека праведниот, „кога се колне на својот ближен, не порекнува“ (Псалм 14:4). Во таков случај, мудро и полно со љубов е позајмувачот веднаш да му ја објасни ситуацијата на заемодавецот. Тогаш тие ќе можат да се согласат на некој поинаков договор. Тоа ќе го зачува мирот и ќе му биде угодно на Јехова Бог (Псалм 132:1; 2. Коринтјаните 13:11).
Всушност, човек открива многу работи за себе според начинот на кој постапува со долговите. Ноншалантниот, немарен став кон отплатувањето открива недостиг на обѕир кон другите. Всушност, лицето со таков став покажува себичност — неговите барања и желби доаѓаат на прво место (Филипјаните 2:4). Христијанинот кој намерно и свесно одбива да ги плати долговите, ја доведува во опасност својата положба пред Бог, а неговите постапки можат да бидат знак на алчно, злобно срце (Псалм 36:21).
Заемодавецот
Иако главната обврска лежи врз оној кој зема заем, има начела кои важат и за оној кој го дава заемот. Библијата покажува дека, ако можеме да им помогнеме на оние кои имаат потреба, треба да го сториме тоа (Јаков 2:14—16). Но, тоа не значи дека некој е обврзан да дава пари на заем, дури ни тогаш кога оној што го бара заемот е духовен брат. „Умниот го гледа злото и се клони“, вели Библијата (Изреки 22:3).
Познавајќи ги и разбирајќи ги реалните стапици кои се вклучени во давањето и земањето заем, проникливиот внимателно ќе размисли за секоја молба за заем што ќе му биде упатена. Дали барањето има основа? Дали оној што бара заем темелно размислил за тоа? Дали потенцијалниот позајмувач е добро организиран и на добар глас? Дали сака да потпише документ во кој се изнесени условите на договорот? (Споредете Јеремија 32:8—14.) Дали навистина е спремен да отплатува?
Не сакаме да кажеме дека еден христијанин треба да одбие некого кој има потреба, а изгледа дека е потенцијален ризик за заемот. Личните обврски на еден христијанин кон другите одат многу подалеку од добрите деловни практики. „Кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое од него — како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов?“, прашува апостол Јован. Да, христијаните мораат да покажат дека ‚не се сакаат со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!‘ (1. Јованово 3:17, 18).
Во некои случаи, некој може да одлучи да не му даде на заем пари на својот брат кој има потреба. Можеби повеќе сака да му подари нешто или да му понуди помош во некој друг облик. На сличен начин, кога ќе се појават тешкотии во договорот за заем, позајмувачот можеби ќе одлучи да постапи милостиво. Можеби ќе сака да ги земе предвид променетите околности на позајмувачот и да ја одолжи отплатата на подолго време, да ја намали, па дури и сосема да го поништи долгот. Тоа се лични одлуки кои мора да ги донесе секој за себе.
Христијаните треба да имаат на ум дека Бог гледа сѐ и дека ќе нѐ смета за одговорни за нашите постапки и за начинот на кој ги користиме нашите средства (Евреите 4:13). Библискиот совет „сѐ да станува со љубов“ меѓу нас, сигурно важи и за давањето и земањето заем меѓу пријателите (1. Коринтјаните 16:14).
[Фуснота]
a За дополнителни информации во врска со земањето камата на заемите, Ве молиме видете го изданието на Стражарска кула од 15 октомври 1991, страници 25—28.
[Слика на страница 29]
„Менувачот на пари и неговата жена“ (1514), од Квентин Масис
[Извор на слика]
Scala/Art Resource, NY