ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/10 стр. 4-7
  • Како да го заштитите своето здравје

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како да го заштитите своето здравје
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Избирајте здрава храна
  • Умерено вежбање
  • Што е со пушењето, дрогата и алкохолот?
  • Да се избере здрава исхрана
    Разбудете се! 1997
  • 1 | Чувај си го здравјето
    Разбудете се! 2022
  • Како можете да се радувате на добро здравје?
    Разбудете се! 1999
  • Вашиот животен стил — кои се ризиците?
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/10 стр. 4-7

Како да го заштитите своето здравје

ДЕНЕС е вистински предизвик да се одлучи што најмногу ќе влијае врз нашето здравје. Медиумите го преплавуваат пазарот со информации за диети, вежбање, додатоци во исхраната и мноштво други работи поврзани со здравјето. За жал, голем дел од сето тоа е контрадикторно. Научната писателка Дениз Грејди вели: „Советите што ѝ се даваат на јавноста во врска со тоа што да јаде, кои лекови да ги зема и, во основа, како да живее, изгледа дека добиваат спротивен правец секогаш кога ќе се објави некоја нова студија во медицинските весници“.

Некои лекари советуваат дека придржувањето за основните работи е поразумен пристап отколку да се експериментира со секоја нова мода во здравјето. На пример, The American Medical Association Family Medical Guide (Семеен медицински водич на американското медицинско здружение) вели: „Можете да останете поздрави во текот на својот живот ако направите позитивни промени во животниот стил и ако редовно одите на прегледи, така што секоја болест што ќе се појави, ќе може рано да се открие и да се лекува“. Но, какви „позитивни промени во животниот стил“ се најкорисни? Да разгледаме три од нив.

Избирајте здрава храна

Авторитетите од областа на медицината препорачуваат да јадеме најразновидна храна, при што најголемиот дел од калориите треба да доаѓаат од сложените јаглеродни хидрати, особено оние што се наоѓаат во житариците, мешунките, зеленчукот и овошјето.a Сепак, врз нашето здравје не влијае само она што го јадеме туку и тоа колку јадеме. Важно е да бидеме умерени во јадењето. Ако постојано внесуваме повеќе калории отколку што може да согори нашето тело, тоа води до здебеленост. Ова, пак, може да го оптовари срцето, да го ослабне телото и да го направи лицето „посклоно кон срцеви болести, дијабетес, реуматски артритис и многу други заболувања“, вели еден медицински прирачник.

Во последниве години, големо внимание е посветено на мастите во исхраната. Многу професионалци од областа на здравјето тврдат дека исхраната со висок процент заситени масти го зголемува ризикот од срцеви болести и извесни видови рак. Сепак, тоа не значи дека треба целосно да ги отстраниме мастите од нашата исхрана. „Во здравата исхрана има простор за она што го сакате, во извесни количини, речиси секој ден“, вели Мери Абот Хес, поранешен претседател на Американското здружение за исхрана. Клучот лежи во тоа порциите да бидат мали и да се ограничат другите извори на маснотии.

Вистина е дека не е лесно да се променат навиките во исхраната. Всушност, некои можеби резонираат дека животот не вреди да се живее ако мораат постојано да се лишуваат од храната во која уживаат. Но, наместо да го прифатите пристапот „сѐ или ништо“, потрудете се да најдете една рамнотежа. Работата повеќе е во намалувањето на количеството отколку во потполното откажување. Претходно цитираниот Семеен медицински водич наведува: „Прифаќањето здрав животен стил не значи дека мора да престанете да уживате во животот“.

Диетичарите предлагаат да го ублажите ефектот од промените што ќе ги направите во Вашата исхрана со тоа што постепено ќе ја отстранувате нездравата храна. На пример, урамнотежете ја исхраната во текот на една седмица, а не само во еден ден. Ако моментално јадете црвено месо секој ден, обидете се да го намалите на три пати седмично. Истото важи и за храната која има висок процент заситени масти, како што се путерот, сирењето, сладоледот и масната закуска. Целта треба да биде да го намалите внесувањето масти така што тоа нема да биде повеќе од 30 проценти од вкупниот број на калории.

Д-р Валтер Вилет од Универзитетот Харвард предупредува да не ги намалите маснотиите во исхраната и потоа да ги замените со храна богата со нишесте и шеќер. Ова честопати ја зголемува тежината. Подобар пристап е да ги намалите и мастите и јаглеродните хидрати во исхраната.

Умерено вежбање

Здравиот животен стил вклучува и програма на редовно вежбање. Д-р Стивен Блер, уредник на извештајот во врска со физичката кондиција што го дал началникот на санитарната служба во САД, вели: „Луѓето кои преминуваат од седечки животен стил кон умерена активност, ја намалуваат за половина стапката на смртност од срцеви заболувања“. За жал, многу луѓе денес не се занимаваат дури ни со умерена физичка активност. На пример, се вели дека во Соединетите Држави секој 4-ти човек е потполно неактивен. Во Канада, една студија со наслов 1997 Physical Activity Benchmarks открила дека „63 проценти од Канаѓаните биле физички активни помалку од еден час дневно“, известува The Toronto Star. А истражувачите во Британија велат дека една група деца кои биле вклучени во проценката биле „толку неактивни што во работата на нивното срце имало мала разлика кога се будни и кога спијат“ (The Sunday Times).

Порано се мислеше дека само енергичните аеробик вежби се корисни за здравјето. Но, напорните вежби не се неопходни за да се подобри кондицијата. Всушност, „согорувањето само на 150 калории на ден [со благо вежбање] може да го намали ризикот од срцеви заболувања, висок крвен притисок, рак и дијабетес“, според извештајот на началникот за санитарна служба.

Кога ќе изберете некоја активност за вежбање, важно е тоа да биде нешто во што уживате. Инаку нема да ја направите дел од вашиот животен стил. Клучот не лежи толку во тоа какви вежби правите, туку колку често вежбате. Националниот институт за здравје на САД укажува дека, како едно општо правило, „и децата и возрасните треба да си постават цел барем 30 минути физичка активност со умерен интензитет во повеќето, а пожелно е и во сите денови од седмицата“.

За која активност се смета дека е со умерен интензитет? Пливањето, брзото одење, возењето велосипед, миењето и полирањето на автомобилот, качувањето по скали и чистењето на дворот. Не мора да одите во некоја гимнастичка сала или во здравствен клуб за да го зачувате своето здравје. Сепак, едно предупредување: Авторитетите од областа на медицината препорачуваат, доколку имате медицинска историја на кардиоваскуларни заболувања или ако сте маж над 40 или жена над 50-годишна возраст, треба да се консултирате со својот лекар пред да започнете програма на вежбање.

Што е со пушењето, дрогата и алкохолот?

Пушење: Димот од цигарите содржи повеќе од 4.000 состојки кои се опасни по здравјето, од кои 200 се познати отрови. Меѓутоа, без оглед на бројот на токсини, нема сомнение дека пушењето има разорен ефект врз здравјето. Малку други потрошувачки производи можат да се споредат со цигарите во поглед на бројот на смртни случаи што ги предизвикуваат. Во Соединетите Држави, на пример, десет пати повеќе луѓе умираат од болести поврзани со цигарите отколку од автомобилски несреќи. Светската здравствена организација проценува дека, во глобални размери, пушењето одзема три милиони животи годишно!

Покрај тоа што кај пушачите е зголемен ризикот од рак и срцеви заболувања, тие почесто се разболуваат од настинки, чир на желудникот, хроничен бронхитис и висок крвен притисок отколку непушачите. Освен тоа, пушењето ги ослабнува и сетилата за мирис и вкус. Јасно, откажувањето од пушење е една од најважните превентивни мерки за одржување на здравјето што некој може да ги преземе. Но, што е со дрогата и алкохолот?

Дрога: Злоупотребата на дрога зема огромен данок од човечки животи ширум светот. Одделот за здравје и хуманитарни услуги на САД вели: „Секоја година умираат 14.000 Американци поради злоупотреба на дрога“. Но, трговијата со дрога не ги погодува само оние кои незаконски ја користат. За да ја финансираат својата навика, многу зависници се свртуваат кон насилство и криминал. The Sociology of Juvenile Delinquency (Социологија на малолетничката делинквенција) вели: „Ривалството во дистрибутерските мрежи на крекот [кокаинот] претвори некои централни населби во градски ‚зони на смртта‘, каде што стапката на убиства е толку висока што полицијата ги отпишала како пустелии на анархија“.

Злоупотребата на дрога, се разбира, не е проблем само во Соединетите Држави. Според една проценка, секоја година некаде во светот умираат од 160.000 до 210.000 илјади луѓе поради земање дрога. Освен тоа, милиони користат и други видови штетна дрога, како што се кат (стимулант од зелени листови), бетелов орев и кокаин.

Алкохол: Иако тешките дроги како што се крек кокаинот и хероинот го пленуваат вниманието на јавноста, злоупотребата на алкохол нанесува уште поголема штета. Алкохолизмот го „погодува секој 10-ти Канаѓанец“, известува The Medical Post, „и здравствениот систем го чини 10 милијарди долари годишно“. Се проценува дека во Соединетите Држави алкохолот е фактор кој придонесува за 50 проценти од смртните случаи во автомобилските несреќи и во пожарите, 45 проценти во давењата и 36 проценти несреќи на пешаците. Злоупотребата на алкохол е поврзана со многу насилнички криминални дела. Оние што извршуваат убиства, напади, силувања, злоупотреба на деца или самоубиства, честопати го имаат алкохолот како безгласен партнер.

Ако некој ваш сакан е физички зависен од алкохол, тутун или дрога, побарајте помош.b Божјата реч, Библијата, вели дека „пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“ (Изреки 17:17). Да, ослонувањето на поддршката полна со љубов од страна на семејството и пријателите може да придонесе многу за да Ви помогне да се справите со некоја тешка ситуација.

Но, за да бидете навистина здрави, потребно е нешто повеќе отколку само добро физичко здравје. Менталните и духовните фактори исто така играат важна улога во одржувањето на еден здрав животен стил. Следнава статија ќе дискутира за тоа.

[Фусноти]

a За подетални информации во врска со здравата исхрана, видете Разбудете се! од 8 октомври 1997, страници 7—13.

b Видете ја серијата „Помош за алкохоличарите и нивните семејства“ во англиското издание на Разбудете се! од 22 мај 1992.

[Истакната мисла на страница 5]

„Прифаќањето здрав животен стил не значи дека мора да престанете да уживате во животот“

[Истакната мисла на страница 6]

Светската здравствена организација проценува дека пушењето одзема три милиони животи годишно

[Истакната мисла на страница 7]

„Во здравата исхрана има простор за она што го сакате, во одреден степен, речиси секој ден“

[Слика на страница 5]

Редовното вежбање може да биде дел од еден здрав животен стил

[Слика на страница 6]

Отфрлете ги цигарите и дрогата

[Слика на страница 7]

Овошјето и зеленчукот се добри за Вас

[Слика на страница 7]

Дури и секојдневните домашни задолженија можат да претставуваат здрава вежба

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели