Младите прашуваат . . .
Има ли опасност во игрите во кои играш некоја улога?
„Тоа е чиста фантазија. Еднаш си магионичар. Друг пат си воин. Можеш да станеш секоја личност за која си сонувал да бидеш. Не постојат граници“ (Кристоф).
„БИДИ сѐ што не можеш да бидеш.“ Едно списание ја цитирало оваа парола кога опишувало една популарна игра со фантазирање. За милиони млади, бегството во светот на фантазијата на игрите во кои играш некоја улога има огромна привлечност. Но, што точно се игрите во кои се игра некоја улога?
Според книгата Jeux de rôle (Игри во кои играш улога), „секој учесник станува некој легендарен лик кој е во мисија или во потрага и се подготвува да доживее некоја авантура во светот на фантазијата“. Целта на играта е да се одигра овој замислен лик преку стекнување на искуството, парите, оружјето или магичната моќ кои се потребни за да се изврши мисијата.
Игрите во кои се игра некоја улога станаа популарни во 1970-тите со играта Темници и змејови.a Оттогаш тие се проширија во мултимилионска индустрија, која ги опфаќа и игрите на табла, картите за размена, двонасочните книги, компјутерските игри, па дури и игрите во живо во кои учесниците одигруваат авантури. Очигледно е дека има повеќе од шест милиони редовни играчи во Соединетите Држави и стотици илјади во Европа. Во Франција, многу средни училишта имаат клубови за игри во кои се игра некоја улога, додека во Јапонија тие се најпопуларните видеоигри.
Застапниците тврдат дека овие игри ја стимулираат фантазијата, ги развиваат вештините за решавање проблеми и ги унапредуваат взаемните односи во групата. Но, противниците ги поврзуваат овие игри со самоубиства, убиства, силувања, сквернавење на гробишта и сатанизам. Во Мадрид (Шпанија) биле уапсени двајца младинци под сомнение дека убиле еден 52-годишен човек додека го изведувале сценариото на некоја таква игра. Во Јапонија, некој тинејџер ги убил своите родители и си ги пресекол вените како што е крајот на една слична игра. Навистина, ова се исклучоци — повеќето играчи се паметни и дружељубиви. Сепак, би било добро младите христијани да се запрашаат: ‚Дали игрите во кои се игра некоја улога се за мене? Има ли потреба да бидам претпазлив?‘
Насилство и окултизам
Игрите во кои се игра некоја улога се многу различни и варираат и по обликот и по содржината. Сепак, насилството е присутно во многу од овие игри, ако не и во повеќето од нив. Всушност, во замислените универзуми кои ги создаваат овие игри, насилството честопати е составен дел од напредувањето — или од преживувањето. Тогаш, како играњето такви игри би било во склад со советот од Библијата? Изреки 3:31 вели: „Не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни еден од патиштата негови“. Исто така, Библијата нѐ поттикнува да ‚бараме и да се стремиме кон мир‘ — а не кон насилство (1. Петрово 3:11).
Друго нешто што загрижува е тоа што во овие игри најчесто многу фигурира магијата. Честопати, играчите стануваат волшебници или други личности кои имаат магична моќ. Тогаш, препреките или непријателите се победуваат со окултни средства. Како што е речено, една популарна игра „им овозможува на играчите да ја преземат улогата на ангели или на демони во служба на архангели или на демонски принцови . . . Призвуците на светогрдие ја прават забавна“. Една компјутеризирана игра му овозможува на играчот да стане семоќен само со испишување на зборот „Сатана“.
Некои христијански младинци расудувале дека нема ништо лошо во игрите во кои се игра некоја улога сѐ додека лицето не минува премногу време со нив. „Тоа е само игра“, вели еден младинец. Можеби. Но, Бог ги предупредил Израелците да не се мешаат во окултизам. Законот што му бил даден на Мојсеј објавувал дека секој ‚што претскажува, гата или маѓепсник, чародеец, гледач на утробата, што гледа по знаци и таков што повикува мртви . . . е гнасен пред Господа‘ (5. Мојсеева 18:10—12).
Затоа, дали е мудро да се игра некоја игра која унапредува окултизам? Зарем играњето улоги на оние кои имаат магична моќ не е исто како да се навлегува во ‚длабините сатански‘? (Откровение 2:24). Еден младинец признава: „Откако цел ден играв една ваква игра, се плашев да излезам од дома. Мислев дека некој ќе ме нападне“. Може ли да биде здраво нешто што создава таков парализирачки страв?
Други фактори
„Преостанатото време е скратено“, вели 1. Коринтјаните 7:29 (NW). Значи, друга голема грижа е посветувањето време кое честопати го бараат игрите во кои играш некоја улога. За некои игри се потребни часови, денови, па дури и седмици. Освен тоа, улогата може да биде толку интересна, па дури и да создаде толкава зависност, што сѐ друго доаѓа на второ место. „Како што ја завршував секоја фаза“, признава еден младинец, „сакав потешки предизвици и поголема реалност. Навистина паднав во стапица.“ Како може таквата зависност да се одрази на училиштето и на духовните активности на еден младинец? (Ефесјаните 5:15—17).
Еден млад човек од Јапонија се сеќава: „Секогаш размислував што да направам како следно во играта, дури и кога не играв. Додека бев на училиште и на состаноците, можев да мислам само на играта. Дојдов до тој степен што не можев да мислам на ништо друго. Во духовен поглед потполно пропаднав“. Кристоф, спомнат на почетокот, вели дека „не бил во чекор со реалниот свет“. Навистина, има ‚време кога се смее и време кога се игра‘, но дали треба да се дозволи рекреацијата да ги задуши духовните активности? (Проповедник 3:4).
Размисли и за тоа каков дух унапредува играта. Едно списание во Франција ги рекламира ваквите игри со следниве зборови: „Ќе се соочиш со најразлични декадентни, нездрави и перверзни искуства, организирани и пресметани за да ти ја заледат крвта и засекогаш да ја изменат твојата визија за светот“. Дали таквиот дух е во склад со библискиот совет да бидеме „бебиња во поглед на злобата“? (1. Коринтјаните 14:20, NW). На крајот, Кристоф дошол до заклучок дека игрите што ги играл не биле „во склад со христијанскиот морал“. Тој додава: „Не можев да се замислам да проповедам, да одам на состаноци и да учам за добрите работи како што е христијанската љубов, додека во исто време играм улога која нема никаква врска со христијанството. Тоа едноставно не беше логично“.
Фантазија или реалност?
Многу млади се привлечени кон овие игри како кон начин на бегство од реалноста. Но, дали е здраво да се потоне во светот на фантазијата? Францускиот социолог Лорен Тремел коментира: „Вистинскиот универзум, во кој владее несигурност во поглед на иднината. . . страшно се разликува од овие замислени, но многу реалистични универзуми, каде што конечно загосподарувате со правилата и каде што можете да обликувате некој карактер кој ќе личи или на она што сте или на она што би сакале да бидете“. Експертот за ментално здравје Ети Мизин понатаму забележува: „При играњето, младите имаат впечаток дека водат опасен живот, дека го менуваат светот, но во реалноста не се дораснати на никакви реални ризици. Тие бегаат од општеството и од неговите ограничувања“.
Конечно, таквото бегство од реалноста може да води само до фрустрација, бидејќи реалноста на животот се наоѓа веднаш зад крајот на играта. На крајот мора да дојде до соочување со таа реалност. Всушност, никаков успех ниту авантура во некоја улога од фантазијата нема да ги надомести неуспехот или просечноста во реалниот живот. Паметно нешто е да се соочиш со реалностите на животот — лице в лице! Изостри ја својата моќ на согледување соочувајќи се со ситуации од реалниот живот (Евреите 5:14). Стекни ги духовните особини кои ќе ти овозможат да се справиш со проблемите (Галатјаните 5:22, 23). Таквото постапување е многу позадоволително и понаградувачко отколу играњето некоја игра.
Ова не значи дека сите игри во кои се игра некоја улога се штетни. Во библиските времиња, децата играле игри кои вклучувале извесна мерка фантазија и играње улоги, како што набљудувал и самиот Исус (Лука 7:32). Исус не ја осудувал наивната рекреација. Сепак, христијанските младинци, заедно со своите родители, мораат ‚да испитуваат што Му е угодно на Бога‘ (Ефесјаните 5:10). Кога размислуваш за некоја игра, запрашај се: ‚Дали таа ги одразува „делата на телото“? Дали ќе го наруши мојот однос со Бог?‘ (Галатјаните 5:19—21). Ако ги разгледаш таквите фактори, можеш да донесеш мудра одлука во врска со игрите во кои се игра некоја улога.
[Фуснота]
a Види го англиското издание на Разбудете се! од 22 март 1982, страници 26, 27.
[Слики на страница 13]
Каков дух унапредуваат некои игри во кои се игра некоја улога?