Му служев на Бог соочен со смртта
РАСКАЖАЛ ЖУАО МАНКОКА
На 25 јуни 1961, на нашиот христијански состанок во Луанда (Ангола) упаднаа војници. Триесетмина од нас бевме ставени в затвор и толку сурово претепани што војниците се враќаа секој половина час за да видат дали некој е мртов. Слушнавме како некои од нив коментираа дека нашиот Бог мора да е вистински, бидејќи сите преживеавме.
ПОСЛЕ тоа тепање останав пет месеци во затворот Сао Паоло. Потоа, следните девет години бев префрлан од еден затвор во друг и претрпев уште многу тепања, лишувања и сослушувања. Кратко откако ме пуштија од затвор во 1970, повторно бев уапсен и овојпат ме испратија во озлогласениот логор на смртта во Сао Николау, сега Бентиаба. Таму лежев в затвор две и пол години.
Можеби се прашувате зошто, како граѓанин кој се придржува за законот, би бил уапсен само затоа што им зборував на другите за моите библиски верувања, и каде прв пат ја дознав добрата вест за Божјето Царство.
Благословен со добро образование
Роден сум во октомври 1925, во близината на градот Макела до Зомбо, во северна Ангола. Кога умре татко ми, во 1932, мајка ми ме прати да живеам кај нејзиниот брат во Белгиско Конго (сега Демократска Република Конго). Таа не сакаше да го стори тоа, но немаше средства за да се грижи за мене.
Вујко ми беше баптист и ме охрабри да ја читам Библијата. Иако станав член на неговата црква, мојот духовен глад не беше задоволен од она што го научив ниту, пак, бев мотивиран да му служам на Бог. Но, чичко ми ме испрати на училиште и ми помогна да стекнам добро образование. Меѓу другото, научив да зборувам француски. Со текот на времето, научив да зборувам и португалски. Откако завршив со школувањето, се вработив како радио телеграфист во главната радио станица во Леополдвил (сега Киншаса). Потоа, на возраст од 20 години, се оженив со Марија Пова.
Ново религиозно движење
Таа година, 1946, бев под влијание на високообразованиот диригент на анголскиот хор кој припаѓаше на баптистичката црква. Тој беше желен да ги поучува и културно да ги издигне луѓето кои зборуваат киконго и кои живееја во северниот дел на Ангола. За таа цел набави португалски превод на англиската брошура Царството — надеж за светот, која беше издадена од Watch Tower Bible and Tract Society, а ја дистрибуираа Јеховините сведоци.
Диригентот на хорот ја преведе оваа брошура на јазикот киконго и ја користеше за да води седмична библиска дискусија со една група Анголци кои работеа во Белгиски Конго. Со текот на времето, тој пиша до седиштето на Watch Tower Society во Соединетите Држави и доби повеќе литература. Сепак, информациите што ни ги пренесе беа измешани со црковните учења. Затоа, јас не можев да направам јасна разлика помеѓу вистинското христијанство и небиблиските учења на христијанскиот свет.
Меѓутоа, забележав дека библиската порака која ја содржи литературата на Watch Tower Society беше поинаква од сето она што го имав слушнато во баптистичката црква. На пример, дознав дека Библијата му придава голема важност на Божјето лично име, Јехова, и дека вистинските христијани исправно се нарекуваат Јеховини сведоци (Осија 12:5; Исаија 43:10—12). Исто така, моето срце беше трогнато од библиското ветување за вечен живот на една рајска земја за оние кои верно ќе му служат на Јехова (Псалм 36:29; Откровение 21:3—5).
Иако моето спознание за библиската вистина беше ограничено, се чувствував како пророкот Јеремија, кој не можел да ја задржи горливата желба да зборува за својот Бог, Јехова (Јеремија 20:9). Членовите на нашата група за проучување на Библијата ми се придружија во проповедањето од куќа до куќа. Јас одржував дури и јавни состаноци во дворот на вујко ми, користејќи печатени покани за луѓето. Присуствуваа по 78 души. Така се создаде едно ново религиозно движење под водство на диригентот на анголскиот хор.
Моите први апсења
Не знаев дека секое движење што имаше врска со Watch Tower Society беше забрането во Белгиско Конго. Затоа, на 22 октомври 1949 уапсија неколкумина од нас. Пред нашето судење, судијата разговараше насамо со мене и се обиде да среди да бидам ослободен бидејќи знаеше дека бев државен службеник. Но, за да ми ја вратат слободата, требаше да се откажам од движењето што се формираше како резултат на нашето проповедање, и јас одбив да го сторам тоа.
По два и пол месеца в затвор, властите одлучија да нѐ вратат нас Анголците во нашата татковина. Но, кога се вративме во Ангола, и португалските колонијални власти беа сомничави во врска со нашите активности и ја ограничија нашата слобода. Од Белгиско Конго пристигнаа уште членови на нашето движење и на крајот нѐ имаше повеќе од 1.000 распрснати низ цела Ангола.
Со текот на времето, кон нашето движење се приклучија следбениците на проминентниот религиозен водач Симон Кимбангу. Овие луѓе не беа заинтересирани за проучување на литературата на Watch Tower Society, бидејќи веруваа дека Библијата може да ја објасни само некој духовен медиум. Повеќемина од нашето движење го поддржуваа таквото гледиште, вклучувајќи го и диригентот на хорот, кого сѐ уште го сметавме за наш водач. Горливо се молев Јехова да нѐ доведе во контакт со некој вистински претставник на Watch Tower Society. Се надевав дека тоа ќе го убеди целото движење да ја прифати библиската вистина и да ги отфрли небиблиските практики.
На некои членови на движењето не им се допаѓаше тоа што неколкумина од нас проповедаа. Затоа нѐ предадоа на властите под обвинение дека сме водачи на некое политичко движење. Како резултат на тоа, во февруари 1952 беа уапсени неколкумина од нас, вклучувајќи го и Карлуш Агуштинју Кади и Сала Рамош Филемон. Нѐ заклучија во една ќелија без прозорци. Сепак, еден пријателски настроен чувар ни донесе храна од нашите сопруги, како и машина за пишување за да можеме да правиме примероци од брошурите на Watch Tower Society.
По три седмици нѐ депортираа во Баја дос Тигрес, пустински предел во јужниот дел на Ангола. Нашите сопруги дојдоа заедно со нас. Бевме осудени на четири години тешка работа за една рибарска компанија. Баја дос Тигрес немаше пристаниште за рибарските бродови и затоа нашите сопруги мораа да пешачат натаму-наваму од утро до мрак, носејќи од бродовите тешки товари со риба.
Во овој затворски логор најдовме и други членови на нашето движење и се обидовме да ги убедиме да ја проучуваат Библијата. Но тие повеќе сакаа да го следат Токо, диригентот на хорот. Со текот на времето беа наречени Токоисти.
Долго очекувана средба
Додека бевме во Баја дос Тигрес, ја најдовме адресата на подружницата на Watch Tower Society во Северна Родезија (сега Замбија) и пишавме барајќи помош. Нашето писмо ѝ беше предадено на подружницата во Јужна Африка која ни пиша, прашувајќи нѐ како сме дошле во контакт со библиската вистина. Седиштето на Watch Tower Society во Соединетите Држави беше информирано за нас и направи подготовки да испрати специјален претставник за да контактира со нас. Тоа беше Џон Кук, мисионер со многу години искуство во странски земји.
Откако брат Кук пристигна во Ангола, португалските власти му дозволија да нѐ посети дури после неколку седмици. Тој пристигна во Баја дос Тигрес на 21 март 1955 и му беше дозволено да остане со нас пет дена. Неговите објаснувања на темел на Библијата беа многу задоволителни и јас бев уверен дека беше претставник на единствената вистинска организација на Јехова Бог. На последниот ден од посетата, брат Кук одржа јавно предавање на тема „Оваа добра вест за Царството“. Имаше вкупно 82 присутни, вклучувајќи го и главниот управник на Баја дос Тигрес. Секој присутен доби отпечатен примерок од говорот.
За време на петмесечниот престој во Ангола, брат Кук стапи во контакт со многу токоисти, вклучувајќи го и нивниот водач. Меѓутоа, повеќето од нив не беа заинтересирани да станат Јеховини сведоци. Затоа, моите другари и јас чувствувавме одговорност да заземеме јасен став пред властите. Тоа го направивме со едно формално писмо, со датум од 6 јуни 1956, и го адресиравме до „Господинот гувернер на областа Мосамедеш“. Наведовме дека повеќе немаме никаква врска со следбениците на Токо и дека треба да бидеме сметани за „членови на Заедницата на Јеховините сведоци“. Исто така, баравме да ни се даде слобода на обожавање. Сепак, наместо да ни ја намалат пресудата, ја продолжија за две години.
Настани кои водеа до крштавање
Конечно бевме ослободени во август 1958 и кога се вративме во Луанда, најдовме мала група Јеховини сведоци. Ја организирал Мервин Паслоу, мисионер кој беше испратен во Ангола за да го замени Џон Кук, но кога пристигнавме тој веќе беше депортиран. Потоа, во 1959 нѐ посети Хари Арнот, друг мисионер на Јеховините сведоци. Меѓутоа, го уапсија додека се симнуваше на аеродромот, како и нас тројцата што го чекавме.
Другите двајца, Мануел Гоншалвиш и Берта Тишира, неодамна крстени Сведоци од Португалија, беа пуштени откако ги опоменаа повеќе да не одржуваат состаноци. Брат Арнот беше депортиран а јас бев предупреден дека, ако не потпишам некој документ со кој изјавувам дека повеќе не сум Сведок, ќе бидам вратен во Баја дос Тигрес. По седум часа испитување ме пуштија без да потпишам ништо. По една седмица конечно можев да се крстам, како и моите пријатели Карлуш Кади и Сала Филемон. Изнајмивме соба во Мисеке Сембизенга, предградие на Луанда, кое стана локација на првото собрание на Јеховини сведоци во Ангола.
Повторно прогонство
На состаноците почнаа да присуствуваат сѐ поголем број заинтересирани луѓе. Некои доаѓаа за да нѐ шпиунираат, но состаноците им се допаднаа и подоцна станаа Јеховини сведоци! Политичката сцена се менуваше и ситуацијата за нас стана потешка после едно народно востание на 4 февруари 1961. И покрај лагите кои кружеа во врска со нас, на 30 март успеавме да го прославиме Меморијалот на Христовата смрт, на кој имаше 130 присутни.
Во јуни, додека ја водев студијата на Стражарска кула, на нашиот состанок упадна воената полиција. Жените и децата беа ослободени, но 30-те мажи беа одведени, како што беше кажано во уводот. Два часа постојано нѐ тепаа со дрвени стапови. После тоа, три месеци повраќав крв. Бев уверен дека ќе умрам; всушност, оној што ме тепаше се закани дека ќе умрам. Повеќето од претепаните беа нови, некрстени библиски ученици, па затоа горливо се молев за нив: „Јехова, грижи се за своите овци“.
Благодарение на Јехова, не умре ниту еден од нив, и тоа го зачуди воениот персонал. Некои од овие војници беа поттикнати да му оддадат признание на нашиот Бог, велејќи дека ни помогнал да преживееме! Повеќето библиски студенти на крајот станаа крстени Сведоци, и сега некои служат како христијански старешини. Еден од нив, Силвештре Симау, е член на Одборот на подружницата во Ангола.
Девет години страдање
Како што спомнав во уводот, во текот на следните девет години страдав на многу начини и бев префрлан од еден затвор или работен логор во друг. На сите овие места можев да им сведочам на политички затвореници, од кои многумина денес се крстени Сведоци. Мојата сопруга, Марија, и нашите деца добија дозвола да ме придружуваат.
Додека бевме во работниот логор Серпа Пинту, беа фатени четири политички затвореници кои се обидоа да избегаат. Тие беа сурово мачени до смрт пред очите на сите затвореници за да нѐ заплашат да не помислуваме на бегство. Командантот на кампот подоцна ми се закани пред Марија и пред децата: „Ако повторно те фатам да проповедаш, ќе бидеш убиен на истиот начин како оние што се обидоа да избегаат“.
Конечно, во ноември 1966 се најдовме во она што стана страшен логор на смртта во Сао Николау. Кога пристигнавме таму, со ужас открив дека управник на логорот е г-н Сид, човекот кој практично ме претепа до смрт во затворот во Сао Паоло! Десетици беа систематски убивани секој месец, а моето семејство беше присилено да ги гледа бруталните убивања. Како последица на тоа, Марија доживеа нервен слом од кој никогаш потполно не се опорави. Конечно, добив дозвола таа и децата да бидат евакуирани во Луанда, каде што за нив се грижеа моите две постари ќерки, Тереза и Жуана.
Слобода, но повторно затворен
Бев пуштен следната година, во септември 1970, и повторно се сретнав со моето семејство и со сите браќа во Луанда. Ми навреа солзи во очите кога видов колку напредувало проповедничкото дело во текот на деветте години додека бев отсутен. Кога бев одведен во затвор во 1961, собранието во Луанда се состоеше од четири помали групи. Сега имаше четири големи собранија, кои беа правилно организирани и секои шест месеци добиваа помош од некој патувачки претставник на Јеховината организација. Бев прерадосен што бев слободен, но мојата слобода беше краткотрајна.
Еден ден ме викна генералниот директор на сега укинатата Полиција за истрага и одбрана на државата (ПИДЕ). Откако ми ласкаше во присуство на мојата ќерка Жуана, ми подаде да потпишам еден документ. Во него беа набројани кои услуги треба да ги извршувам како информатор на ПИДЕ и ми ветија голема материјална добивка за нив. Кога одбив да потпишам, ми се заканија дека ќе ме вратат во Сао Николау, од каде што, ми рекоа, никогаш повторно нема да бидам ослободен.
Во јануари 1971, после само четири месеци слобода, тие закани беа спроведени. Беа уапсени вкупно 37 христијански старешини од Луанда и испратени во Сао Николау. Таму лежевме в затвор до август 1973.
Ослободен, но сепак прогонуван
Во 1974, во Португалија беше прогласена религиозна слобода и потоа оваа слобода им беше дадена и на португалските прекуморски провинции. На 11 ноември 1975, Ангола стекна независност од Португалија. Колку само бевме возбудени кога во март истата година ги одржавме нашите први покраински собири на слобода! Имав предност да одржам јавно предавање на овие радосни собири во Спортската цитадела во Луанда.
Меѓутоа, новата влада беше против нашиот став на неутралност, а во Ангола беснееше граѓанска војна. Ситуацијата стана толку критична што Сведоците белци беа присилени да ја напуштат земјата. Тројца локални браќа беа задолжени за проповедничкото дело во Ангола, под водство на португалската подружница на Јеховините сведоци.
Наскоро моето име почна да се појавува во весниците и да се емитува на радио. Бев обвинет дека сум агент на меѓународниот империјализам и дека сум одговорен за тоа што Сведоците во Ангола одбиваат да земат оружје. Како резултат на тоа, бев повикан да се појавам пред главниот гувернер на провинцијата Луанда. Со почитување му го објаснив неутралниот став на Јеховините сведоци ширум светот, истиот став што го зазеле раните следбеници на Исус Христос (Исаија 2:4; Матеј 26:52). Кога им кажав дека поминав повеќе од 17 години во затворите и во работните логори за време на колонијалната влада, тој одлучи да не ме уапси.
Во тоа време беше потребна храброст за да се служи како Сведок на Јехова во Ангола. Бидејќи мојот дом беше набљудуван, моравме да престанеме да го користиме за состаноци. Но, како што рекол апостол Павле, ‚во сѐ бевме навредувани, но не бевме притеснети‘ (2. Коринтјаните 4:8). Никогаш не престанавме со нашата активност во службата. Јас продолжив со проповедничкото дело, служејќи како патувачки слуга и зајакнувајќи ги собранијата во провинциите Бенгуела, Хуила и Хуамбо. Во тоа време користев друго име, брат Филемон.
Во март 1978, нашето проповедничко дело повторно беше забрането и од доверливи извори дознав дека некои револуционерни фанатици планираат да ме убијат. Затоа, се засолнив во домот на еден Сведок од Нигерија, кој беше вработен во нигериската амбасада во Ангола. По еден месец, кога ситуацијата се смири, продолжив да им служам на браќата како покраински надгледник.
И покрај забраната и граѓанската војна, илјадници Анголци реагираа поволно на нашето проповедање. Поради високиот пораст на бројот на оние што стануваа Сведоци, беше назначен одбор на земјата за да се грижи за проповедничкото дело во Ангола, под водство на португалската подружница. Во тој период неколкупати бев во Португалија, каде што добив скапоцена обука од квалификувани министри, како и медицинска нега што ми беше потребна.
Конечно слобода на проповедање!
Кога бев во работните логори, политичките затвореници честопати ми се исмејуваа и ми велеа дека никогаш нема да бидам пуштен на слобода ако продолжам да проповедам. Но, јас одговарав: „Сѐ уште не е време Јехова да ја отвори вратата, но кога ќе ја отвори, ниту еден човек нема да може да ја затвори“ (1. Коринтјаните 16:9; Откровение 3:8). Вратата на поволна прилика да се проповеда без ограничувања беше широко отворена по распаѓањето на Советскиот сојуз во 1991. Во тоа време почнавме да добиваме поголема слобода на обожавање во Ангола. Во 1992, делото на Јеховините сведоци беше официјално легализирано. Конечно, во 1996, во Ангола беше отворена подружница на Јеховините сведоци, а јас бев наименуван за член на Одборот на подружницата.
Во текот на многуте години затвор, моето семејство секогаш беше згрижено на некој начин. Имавме шест деца и пет од нив сѐ уште се живи. Нашата мила Жуана умре од рак минатата година. Четири од останатите наши деца се крстени Сведоци, а едниот син сѐ уште не го презел чекорот на крштавање.
Во 1955, кога нѐ посети брат Кук, вкупно четири Анголци ја објавуваа добрата вест за Божјето Царство. Денес во земјата има повеќе од 38.000 објавители на Царството и секој месец тие водат повеќе од 67.000 библиски студии. Меѓу оние што ја проповедаат добрата вест има и многумина кои претходно нѐ прогонуваа. Колку само е наградувачки тоа, и колку само сум му благодарен на Јехова што ме зачува и што ми дозволи да ја исполнам мојата горлива желба да ја објавувам неговата реч! (Исаија 43:12; Матеј 24:14).
[Карта на страници 20 и 21]
(Види во публикацијата)
Демократска Република Конго
Киншаса
Ангола
Макела до Зомбо
Луанда
Сао Николау (сега Бентиаба)
Мосамедеш (сега Намибе)
Баја дос Тигрес
Серпа Пинто (сега Менонгве)
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слики на страници 22 и 23]
Долу: Со Џон Кук во 1955. Сала Филемон е лево
Десно: Повторна средба со Џон Кук после 42 години
[Слика на страница 23]
Со мојата сопруга, Марија