ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/11 стр. 21-23
  • Дали е време за нов кревет?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали е време за нов кревет?
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Дали Ви треба нов кревет?
  • Што значи добар кревет?
  • Да се избере добар кревет
  • Грижа за Вашиот кревет
  • Како да спиете подобро
    Разбудете се! 2003
  • Дали доволно спијам?
    Младите прашуваат
  • 1 | Чувај си го здравјето
    Разбудете се! 2022
Разбудете се! 2000
g00 8/11 стр. 21-23

Дали е време за нов кревет?

Од дописникот на Разбудете се! во Британија

Дали честопати имате немирен сон, се вртите и се превртувате обидувајќи се да најдете удобна положба, а следното утро се будите и чувствувате вкочанетост и болки? Ако е така, проблемот можеби лежи во Вашиот кревет.

ОВА парче мебел може да Ви биде или пријател или непријател. Ако живеете во земја каде што се користат кревети, веројатно една третина од животот ќе се одморате на кревет, но тој нема да трае вечно. Дали креветот што го имате сега добро Ви служи?

Дали Ви треба нов кревет?

Еден кревет обично добро ќе Ви служи десетина години. Лицата кои се потешки, побрзо ќе го „истрошат“ креветот. Исто така, имајте на ум дека со возраста се менуваат и Вашите потреби и склоности. За да одредите дали Ви треба нов кревет, поставете си ги следниве прашања: ‚Дали се будам со вкочанет врат или со болки во грбот? Дали креветот ми е многу мал? Ги чувствувам ли федерите или нерамнините? Дали се слуша крцкање или чкрипење кога мрдам? Дали мојот сопружник и јас несвесно се тркаламе еден кон друг? Дали подлогата е нерамна или спуштена? Дали ногалките и тркалцата се истрошени?‘ Одговорот на овие прашања може да Ви помогне да одредите дали е време да купите нов кревет.

Што значи добар кревет?

Добриот кревет Ви дава чувство на удобност и потпора и одговара на Вашите индивидуални потреби и склоности. Повеќето кревети се состојат од душек и потпорна рамка, но клучот за Вашата удобност лежи во душекот. Тој се состои од неколку компоненти. Прво доаѓа навлаката или мебел-штофот, во кој се наоѓа сѐ друго. Потоа доаѓаат слоевите од тапациран материјал за да Ви биде меко и за да се овозможи испарување на влагата од телото. Третиот дел, кој дава потпора и цврстина, обично содржи спирали од кален челик или федери. Има различни видови внатрешна потпора, но како општо правило важи дека колку повеќе федери има и колку подебели се жиците што се користат, толку подобра ќе биде потпората. Една популарна алтернатива во денешно време се душеците од полиуретан или латекс пена; тие се полесни од душеците со федери.

Меѓутоа, добриот душек функционира добро само ако има соодветна подлога, обично таква за која што бил наменет. Диванот обично се продава како комплет — со душек и подлога. Неговата длабока основа во вид на кутија служи како голем амортизер, кој му овозможува на душекот да „диши“ и со тоа значително му го продолжува животниот век. Друга опција е рамката за кревет. Таа обично има подлога од летвички и одоздола е отворена, а со тоа се овозможува добра вентилација за душекот кој одговара на таа рамка. Цврстите летвички обезбедуваат цврста основа, додека еластичните летвички се пофлексибилни.

Да се избере добар кревет

Што треба да имате на ум кога купувате кревет? Креветот што се продава на старо веќе има впиено пот и лушпи од кожа од други луѓе и можеби е полн со молци кои можат да предизвикаат алергии, астма или егзема. Исто така, можеби не ги задоволува стандардите за здравје и безбедност.

Пред да појдете да купите нов кревет, се препорачува да си поставите приоритети во однос на цената, здравствените фактори или димензиите на креветот. Обидете се да одвоите доволно време за да посетите реномирани продавници и побарајте колку што е можно повеќе информации за секој кревет или душек. Бидејќи креветите обично се скапи, немојте да избрзувате со одлуката.

Ако сте уморни, ќе Ви биде потешко да направите исправен избор. Облечете нешто удобно. Немојте да се срамите да го испробате креветот. Соблечете го палтото и чевлите и полежете на секој кревет по неколку минути. Пробајте различни положби за спиење, обрнувајќи посебно внимание на тоа каква е потпората за рамениците, колковите и половината. (Видете ја долната рамка.)

Грижа за Вашиот кревет

Добрата грижа за креветот дефинитивно ќе го продолжи неговиот животен век. Побарајте совет од продавачите и одвојте си време да ги прочитате упатствата за одржување што ги дава произведувачот. Кога ќе го донесете дома новиот кревет, колку што е можно поскоро извадете го најлонот во кој е завиткан. Со тоа ќе се спречи кондензација, која може да доведе до влага, мувла и трулење. Еве уште неколку предлози.

● Во текот на првите неколку месеци, превртувајте го новиот душек со федери од едната на другата страна и надолж и попреку секоја една или две седмици, а потоа правете го тоа на секои три месеци. На овој начин полесно ќе се слегнат внатрешните слоеви и душекот рамномерно ќе се излитува. Ако имате проблеми со грбот, вреди да размислувате за душек од пена бидејќи нема потреба редовно да се превртува.

● Никогаш немојте да го превиткувате, замотувате или гмечите душекот. За да не го оштетите штофот, користете ги конопните рачки само за да го наместите душекот, а не и за да виси на нив со целата тежина.

● Секое утро тргајте ја постелнината барем 20 минути за да се проветрее креветот и за да испари влагата од телото.

● Одржувајте го душекот чист користејќи прекривка која може да се пере. Редовно чистете го душекот и потпората со шмукалка за да се отстранат пердувчињата и правот, а ако има флеки или дамки од нешто што се истурило, веднаш избришете ги со некое благо средство за чистење и студена вода.

● Трудете се да не седите секогаш на истото место на работ на душекот. Не дозволувајте децата или некој друг да скокаат врз креветот.

Вашиот кревет е нешто повеќе од инвестирање пари. Тој претставува инвестирање во една третина од Вашиот живот — која може значително да влијае врз другите две третини. Ако мудро го изберете својот пријател кој ќе Ви дава потпора и ако се грижите за него, тогаш и тој добро ќе се грижи за Вас.

[Рамка на страница 22]

Кој кревет Ви одговара?

Удобност и потпора. Душекот не мора да биде тврд како штица за да биде добар. Всушност, постои мислење дека креветот кој е премногу тврд може да ги зголеми проблемите со грбот. Вашето тело нека Ви каже што е најдобро. Легнете на грб. Ако можете да ја подметнете раката во шуплината под половината и удобно да ја сместите внатре и ако можете лесно да се свртите, тврдоста на душекот Ви одговара. Душекот кој служи како потпора треба да овозможи ’рбетот да остане во исправена положба и додека лежите на страна. На потешките лица ќе им треба потврд кревет.

Димензии. Одберете кревет кој ќе Ви овозможи слободно да се свртувате. Ако креветот го користат двајца луѓе, имајте на ум дека, кога двајца возрасни спијат на стандарден брачен кревет, секој од нив ќе има онолку простор колку што има едно бебе во колевка.

Соодветен комплет. Ако е можно, купете душек и потпора кои си одговараат и кои се дизајнирани да функционираат кога се во комплет, за да Ви биде удобно и за да Ви дадат добра потпора. Старата потпора може да го оштети новиот душек и заради тоа гаранцијата нема да важи.

Цена. Обично добивате онолку колку што плаќате, па затоа купете го најквалитетниот кревет што можете да си го дозволите.

Простор. Ако е ограничен просторот, вреди да размислите за кревет на склопување или ѕиден кревет, кој се склопува во орман. Друга можност е футонот (јапонски кревет), душек кој е направен од слоеви исчешлан памук и навечер брзо може да се одвитка на подот. Футонот може да се продава и како кауч со рамка од летвички кои се склопуваат и расклопуваат.

Здравствени проблеми. Ако не се чувствувате удобно во обичен кревет, тогаш креветите со можност за регулирање нудат низа различни положби за спиење. Водниот кревет овозможува рамномерна потпора и распределба на телесната тежина и може да им помогне на оние кои не се чувствуваат удобно заради притисокот врз одредени точки на телото.

Алергични лица. Ако сте алергични на прав или на природни материјали, тогаш душекот кој содржи синтетички влакна или пена може да биде добар избор. Исто така, вредно е да се забележи дека алергените потешко навлегуваат во креветска рамка со основа од летвички или во воден кревет.

Постари луѓе. Проверете дали со стапалата можете да го допрете подот кога ќе седнете на работ на креветот. Потпората со цврст раб ќе Ви олесни да легнете и да станете од креветот кога сте во оваа седечка положба.

[Рамка на страница 23]

Совети за безбедност

◼ Носете пижами од огноотпорен материјал.

◼ Погрижете се постелнината да се наоѓа подалеку од оган и греалки.

◼ Често проверувајте дали електричното ќебе е разресено, дали има длабоки набори, изгорени места или истрошена жица за струја. Никогаш не користете го ќебето кога е мокро и оставете го да се исуши по природен пат. Не ставајте тешки предмети врз креветот кога е вклучено електричното ќебе.

◼ Не ставајте врела вода во термофор и не користете го во комбинација со електрично ќебе. Пред да си легне детето во креветот, тргнете го термофорот.

[Графикон на страница 23]

Мебел- штоф или навлака

Штепување во облик на ромб

Микроштепување

Пришивање копчиња

Слоеви од тапациран материјал

Внатрешна потпора

Пена

Континуирани федери

Отворени федери

Ситни федерчиња

[Извор на слика]

Репродукција со љубезна дозвола на Sleep Council

[Извор на слика на страница 21]

Репродукција со љубезна дозвола на Sleep Council

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели