Во сенката на заспаниот џин
Вулканите отсекогаш биле обвиткани со таинственост. Тие можат да спијат мирно со векови, и одеднаш да се разбудат од сонот — момент кој може да биде и величествен и смртоносен. За само неколку минути една вулканска ерупција може да ја опустоши околината и да уништи животи.
НЕМА никакво сомнение — вулканите се опасни. Само во последниве три века, тие одзеле стотици илјади животи. Се разбира, повеќето од нас живеат на безбедна оддалеченост од овие заспани џинови. Но, милиони жители на Земјата живеат во близина на активни вулкани. На пример, Кито, главниот град на Еквадор, е многу близу до Пичинча, вулкан што се наоѓа северозападно од градот. Планината Попокатепетл, што на јазикот на Астеките значи „Планина што чади“, е на шеесетина километри од градот Мексико. Големите градови Окланд (Нов Зеланд) и Неапол (Италија) лежат или меѓу или во подножјето на вулкани. Општо гледано, за милиони луѓе постои опасност силите на Земјата под нив да згрмат и да го разбудат заспаниот џин.
Опасен џин
Веќе 3.000 години жителите на Неапол живеат во близина на планината Везув. Оваа планина се наоѓа на само 11 километри од Неапол. Всушност, таа претставува кубе кое е дел од древната планина Монте Сома. Везув се смета за еден од најопасните вулкани на светот. Бидејќи неговото подножје лежи под нивото на морето, планината е, всушност, многу поголема отколку што изгледа.
Планината Везув има долга историја на вулканска активност. Од познатата ерупција во 79 год. од н.е., кога биле уништени градовите Помпеја и Херкуланум, до денес, овој вулкан се разбудил повеќе од 50 пати. Во една страшна ерупција во 1631 год. загинале околу 4.000 луѓе. Оттогаш почнал да се користи зборот „лава“. Тој е изведен од латинскиот збор лаби, што значи „се лизга“, и соодветно ги опишува реките од лава кои се лизгаат по стрмните падини на Везув.
Низ вековите, Везув продолжил да врие. При ерупцијата во 1944 год., во текот на Втората светска војна, тој истурил дожд од пепел врз сојузничките војски. Со пепел биле прекриени и блиските градови Маса и Сан Себастијано, како и познатата жичена железница опеана во италијанската народна песна „Фуникули, фуникула“.
Денес се чини дека жителите на Неапол си го живеат животот без да ѝ обрнуваат внимание на опасноста која надвиснува над нив. Туристите се воодушевуваат на историските и архитектонските градби. Продавниците и кафулињата се преполни со луѓе, а водите на Неаполскиот Залив се ишарани со едреници. Самиот Везув и понатаму го привлекува вниманието на туристите, и повеќе се смета за безопасен пријател отколку за опасен заспан џин.
Окланд — град на вулканите
Пристанишниот град Окланд (Нов Зеланд), кој брои повеќе од милион жители, е начичкан со вулкански кубиња. Всушност, повеќето негови жители живеат меѓу 48 помали вулкани. Долините, формирани од вулканите во минатото, сега се две пристаништа, а островите во нив се остатоци од некогашната вулканска активност. Најголемиот остров е Рангитото, стар 600 години, кој се крева од водата со истите симетрични контури како и Везув. Кога се родил овој остров, едно маорско село во близина било затрупано со пепел.
Жителите на Окланд научиле да живеат со своите вулкани. Вулканското кубе Монгакики денес е градски парк и фарма за овци, а се наоѓа во центарот на Окланд. Некои вулкани сега се езера, паркови или спортски игралишта. Еден е претворен во гробишта. Многу жители градат куќи на падините на вулканот за да уживаат во прекрасната панорама.
Кога, прво Маорите, а пред 180 години и Европејците, ја населиле областа каде што се наоѓа Окланд, веројатно не мислеле многу на тоа дека во минатото овде имало многу вулкани. Напротив, најважно им било што оваа земја им стоела на располагање и што е близу до морето, а има и плодна почва. Всушност, вулканската почва е плодна и во другите делови на светот. На пример, во Индонезија, најплодните оризови полиња се во близината на активни вулкани. Најплодните земјоделски предели во западниот дел на Соединетите Држави исто така содржат почва што главно е од вулканско потекло. Во поволни услови, на земја што била затрупана со лава може да никнат нови растенија за помалку од една година по ерупцијата.
Системи за рано предупредување
Мнозина ќе се прашаат: ‚Зарем не е опасно да се живее во близина на вулкан?‘ Одговорот, се разбира, е ‚да‘. Но, научниците се во можност внимателно да ја надгледуваат сеизмичката и вулканската активност. На пример, американскиот Државен завод за геолошки истражувања внимателно ги следи активните вулкани низ целиот свет — меѓу кои се и вулканите во Неапол и Окланд, каде што веќе се изработени планови за итна акција во случај да дојде до ерупција. Научниците користат 24-часовен сателитски Глобален систем за позиционирање (GPS) и мрежа на сеизмографи со кои можат да откријат секакви магматски и подземни движења.
Везув е под постојан надзор. Од голема претпазливост, италијанските власти имаат разработено план за итна евакуација во случај да дојде и до една толку силна ерупција како што била онаа во 1631 год. Стручњаците тврдат дека оние што живеат во опасната зона можат да бидат предупредени и евакуирани пред да избие ерупцијата.
Окланд се наоѓа на она што научниците го нарекуваат моногенетичко вулканско поле. Ова значи дека не доаѓа до ерупција на веќе постоечки вулкан, туку се создава сосема нов на друго место. Стручњаците сметаат дека вакво нешто би можело да се случи дури по извесен период на земјотреси, кој може да трае од неколку дена до неколку седмици. Поради ваквото навремено предупредување, луѓето би имале доволно време да се засолнат на сигурно место.
Опасноста не смее да се занемари
Иако надгледувањето на вулканите е многу важно, нема многу корист од него доколку луѓето не ги послушаат предупредувањата. Во 1985 год., властите во Армеро (Колумбија) беа предупредени дека ќе дојде до ерупција на вулканот Невадо дел Руиз. Но, додека планината на оддалеченост од 50-тина километри се тресеше, давајќи јасно предупредување, на граѓаните им беше кажано да останат мирни. Повеќе од 21.000 жители загинаа во реките од кал што го преплавија градот.
Бидејќи ваквите катастрофи се ретки, мирните периоди меѓу ерупциите се користат за понатамошно истражување и за подготовка. Навистина, постојаниот надзор, соодветните подготовки и информирањето на јавноста може да го намали ризикот за оние што живеат во сенката на некој заспан џин.
[Рамка/слика на страница 16]
БИДИ ПОДГОТВЕН!
Дали си подготвен за природна катастрофа? Добро е да си свесен каква опасност му се заканува на твоето место. Испланирај однапред каде да се најдете со семејството доколку се случи да се разделите, и кого ќе го известите каде се наоѓате. Меѓу најнеопходните работи што треба да ви бидат при рака спаѓаат: храна и вода, кутија за прва помош, облека, радио, водоотпорни светилки и резервни батерии. Води сметка да имате доволно од сѐ за да преживеете неколку дена.
[Слика на страница 15]
Посетители во близина на главниот кратер на Везув
[Извор на слика]
©Danilo Donadoni/Marka/age fotostock
[Слика на страница 15]
Неапол (Италија), под планината Везув
[Извор на слика]
© Tom Pfeiffer
[Слика на страница 15]
Уметнички приказ на големата ерупција од 79 год. од н.е., која ги уништила градовите Помпеја и Херкуланум
[Извор на слика]
© North Wind Picture Archives
[Слика на страница 16]
Рангитото, еден од многуте вулкански острови во Окланд
[Слики на страници 16 и 17]
Горе и десно: планината Попокатепетл (Мексико)
[Извори на слики]
AFP/Getty Images
Jorge Silva/AFP/Getty Images
[Извор на слика на страница 14]
USGS, Cascades Volcano Observatory