Писма од читателите
Арката на Ное и бродоградбата (јануари 2007) Отсекогаш сум знаела дека арката била вешто изработена, но не бев свесна колку вешто. Оваа статија јасно и едноставно покажа дека нејзините димензии биле многу соодветни за еден пловен објект. Решив заедно со другите млади од собранието да направам макета на арката според мострата во статијата. Од хартија направивме фигури на животни кои ги ставивме во арката, а Ное и неговото семејство ги нацртавме. Сега знаеме многу повеќе за овој настан бидејќи, до одредена мера, го доживеавме и самите. Многу ви благодарам.
Т. А., Јапонија
Мојот 6-годишен син ужива да прави макети. И двајцата бевме одушевени кога забележавме дека на крајот од оваа статија во Разбудете се! има упатства за изработка на макета од арката на Ное. Тоа попладне си поминавме многу убаво благодарение на вашата прекрасна статија! Со оглед на брзото темпо на живот, како и притисокот со кој секоја седмица се соочуваат нашите деца на училиште, Разбудете се! е голем благослов за родителите кои се трудат да им помогнат на своите деца да живеат побожно.
М. Ф., САД
Младите прашуваат... Како да ја оставам оваа навика? (ноември 2006) Статијава ме трогна бидејќи ми помогна да сфатам колку Јехова се грижи за нас и колку ни помага да се справиме со проблемите. Иако понекогаш се случува да повториме некоја грешка, Јехова е ‚спремен да ни прости‘ (Псалм 86:5). Кога ние, младите, сме свесни за тоа, полесно ни е да ‚бегаме од желбите на младоста‘ (2. Тимотеј 2:22).
В. Ф. Ф., Бразил
Младите прашуваат... Зошто толку многу правила? (декември 2006) Ја проучувам Библијата веќе шест години. Иако нашите родители се многу строги, знам дека ни го мислат најдоброто. Статијава ми помогна полесно да сфатам зошто се толку заштитнички настроени, да увидам дека Јехова се грижи за мене лично и да го ценам тоа.
К. Т., Тајланд
Бев расипнички син (декември 2006) За Јехова знам уште од 1992 год. Но, во еден период од животот скршнав од правиот пат. Слично на Мерос Сандеј, мојот начин на живот не ме правеше секогаш среќна и, три години откако го напуштив, почнав да го молам Јехова да ми помогне. Сега повторно му служам! Ви благодарам за трудот.
Д. К., Украина
Младите прашуваат... Кога може да започнам врска со некого? (јануари 2007) Имам 15 години. Кога бев на гости кај тетка ми, се запознав со еден 17-годишен Сведок. Почнавме да контактираме преку Интернет, отпрво само повремено, но по кратко време дури и секој ден. На крајот, се вљубивме. Тогаш ја прочитав оваа статија и сфатив дека, всушност, сме во врска. Родителите и оваа статија од Разбудете се! ми помогнаа да ја донесам најдобрата можна одлука — да раскинеме. И понатаму сме пријатели, но најважно ми е пријателството со Јехова. Многу сум благодарна што оваа статија ме отрезни.
Д. Д., Канада