Писма од читателите
Младите прашуваат... Дали имам нарушување во исхраната? (октомври 2006) Откако ја прочитав оваа статија бев многу потиштена. Целиот живот се борам со нарушување во исхраната. Статијата како едноставно да ми рече дека требало да си го „решам“ проблемот со тоа кога бев млада. Но, до ден-денес се борам со ова чудовиште, а сега се чувствувам како безнадежен случај. Од статијата се добива впечаток дека човек може да го совлада ова нарушување едноставно ако има јака вера.
Џ. Џ., Соединетите Држави
„Разбудете се!“ одговара: Иако темите што се обработени во серијата „Младите прашуваат...“ се наменети првенствено за младите, библиските начела што се наоѓаат во тие статии се наменети за сите возрасти. Свесни сме дека нарушувањето во исхраната спаѓа во болестите што е најтешко да се совладаат. Во статијата не беше речено дека оние што се борат со нарушување во исхраната немаат доволно вера. Беше даден само предлог дека оние што ги мачи овој проблем можат да му се молат на Јехова и да побараат помош за да го надминат тоа нарушување. Освен што можат да побараат помош од Бог, беа поттикнати да побараат помош од ‚родителите или од некој друг возрасен‘. Исто така, статијата отворено признава дека „не е лесно да се најде излез“ и дека проблемот може повторно да се појави. Фактот што сѐ уште се бориш со нарушување во исхраната по толку многу години јасно покажува дека не си изгубила надеж.
Младите прашуваат... Што да правам со својот живот? (јули 2006) Наскоро ќе завршам со школувањето и време е да испланирам што ќе правам понатаму во својот живот. Оваа статија ми помогна да бидам уште порешена да ја постигнам целта да почнам со полновремена служба. Ништо не вреди повеќе и не може да ми донесе толкава радост во животот како таа служба.
Х. В., Хонг Конг
Многу сум благодарен за оваа статија, затоа што ми помогна да увидам дека во овој материјалистички свет, најдоброто нешто што младите како мене можат да го прават е да ги стават духовните цели на прво место.
А. С., Бразил
Во мојот секојдневен живот исполнет со многу обврски, честопати ги заборавам моите цели. Откако ја прочитав оваа статија одново решив да направам сѐ што можам за да му служам на Јехова. Многу ви благодарам што се грижите за нас, младите.
Е. М., Јапонија
Како да изградиш среќен брак (јули 2006) Овие статии се ремек дело. Го употребивте најдобриот пример — начинот на кој постапувал Исус со своите апостоли — за да ни покажете како треба секој од нас да се однесува со својот брачен другар. Само продолжете така. Секој месец со нетрпение ги очекуваме нашите списанија.
С. К., Соединетите Држави
Од безнадежност до среќа (јули 2006) Како брат Гонзалес, и јас се борам со чувство дека не вредам многу. Си размислував: ‚Не е можно Јехова да ме сака мене, особено со оглед на моето грешно минато‘. Колку само ме охрабрува тоа што знам дека Јехова е многу милостив, простува и полн е со љубов! Многуте совети, помошта што собранието со љубов ми ја даде и Јеховиниот свет дух ми помогнаа да ги применувам библиските вистини во мојот живот. Ви благодарам за оваа навремена духовна храна.
Т. А., Соединетите Држави