ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 7-17
  • Јануари

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јануари
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Недела, 1 јануари
  • Понеделник, 2 јануари
  • Вторник, 3 јануари
  • Среда, 4 јануари
  • Четврток, 5 јануари
  • Петок, 6 јануари
  • Сабота, 7 јануари
  • Недела, 8 јануари
  • Понеделник, 9 јануари
  • Вторник, 10 јануари
  • Среда, 11 јануари
  • Четврток, 12 јануари
  • Петок, 13 јануари
  • Сабота, 14 јануари
  • Недела, 15 јануари
  • Понеделник, 16 јануари
  • Вторник, 17 јануари
  • Среда, 18 јануари
  • Четврток, 19 јануари
  • Петок, 20 јануари
  • Сабота, 21 јануари
  • Недела, 22 јануари
  • Понеделник, 23 јануари
  • Вторник, 24 јануари
  • Среда, 25 јануари
  • Четврток, 26 јануари
  • Петок, 27 јануари
  • Сабота, 28 јануари
  • Недела, 29 јануари
  • Понеделник, 30 јануари
  • Вторник, 31 јануари
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 7-17

Јануари

Недела, 1 јануари

Она што го чу од мене и што го потврдија многу сведоци, довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други (2. Тим. 2:2)

Покраинските надгледници низ целиот свет забележуваат дека старешините во многу собранија треба да вложат поголем труд за да ги обучат и помладите и постарите браќа да се грижат за стадото. Но, ова не е секогаш лесно. Зошто? Како старешина, ти сигурно знаеш колку е важно да се оспособуваат другите. Свесен си дека се потребни повеќе браќа кои ќе им помагаат на постоечките собранија да останат духовно јаки, и кои ќе се грижат за потребите на собранијата што ќе бидат основани во иднина (Иса. 60:22). Исто така, знаеш дека Божјата Реч те поттикнува да ги ‚поучуваш другите‘. Можеби и тебе ти е тешко да го правиш тоа. Веројатно одиш на работа и се грижиш за потребите на семејството. Освен тоа, извршуваш и доста одговорности во собранието, а мора да им обрнеш внимание и на други неодложни работи. Сепак, на браќата им е потребна обука за да преземат поголеми одговорности. Сите објавители ќе извлечат корист кога собраниските задачи ќе бидат поделени на повеќе браќа (w15 15/4 1:2-3).

Понеделник, 2 јануари

Тимотеј е мое сакано и верно дете во Господарот. Тој ќе ве потсети на начелата за кои се држам (1. Кор. 4:17)

Кога еден брат ќе биде именуван и ќе добие поголеми одговорности во собранието, не треба да мисли дека мора веднаш да внесе промени, односно да ги врши задачите сосема поинаку отколку што се извршувале дотогаш. Промените не се прават поради нечија лична желба, туку поради потребите на собранието и упатствата кои ги добиваме од Јеховината организација. Затоа, ако бидеш именуван, покажи почит кон искусните старешини и стекни ја довербата на твоите браќа и сестри така што ќе продолжиш да ги користиш библиските методи за кои си бил поучен. Меѓутоа, како што ќе се здобиваш со искуство, несомнено и ти ќе имаш удел во промените кои ќе му помогнат на собранието да остане во чекор со Јеховината организација. Всушност, Јехова може со текот на времето да ве користи сите вас кои сега сте ученици, за да ‚правите и поголеми дела‘ од вашите учители (Јован 14:12; w15 15/4 2:17).

Вторник, 3 јануари

Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе (Пс. 32:8)

Кога се соочуваш со тешки проблеми, можеби се чувствуваш слично на Павле — како да си речиси во челуста на лавовите (2. Тим. 4:17). Во такви моменти е неопходно да покажеш доверба во Јехова иако тоа може да биде многу тешко. На пример, можеби долго време се грижиш за некој драг член на семејството кој има тешка болест. Веројатно си се молел за мудрост и за сила. Откако си направил сѐ што било можно во овој поглед, зарем не чувствуваш внатрешен мир затоа што знаеш дека Јехова ја гледа и ја разбира твојата ситуација? Тој ќе ти помогне да истраеш и да му останеш верен. Сепак, можеби изгледа дека Јехова не ти помага. Можеби лекарите имаат различни мислења за болеста. Или можеби си очекувал поддршка од некои роднини но, наместо тоа, тие уште повеќе ти ја отежнуваат ситуацијата. Продолжи да се молиш за сила. Зближи се уште повеќе со Јехова (1. Сам. 30:3, 6). Подоцна, кога ќе сфатиш како ти помогнал, твоето пријателство со него ќе стане уште поцврсто (w15 15/4 4:10-11).

Среда, 4 јануари

Спротивставете му се на Сатана (1. Пет. 5:9)

Како Јеховини слуги, ние не сме измамени. Ние знаеме дека Ѓаволот навистина постои бидејќи тој е оној што зборувал со Ева преку змијата (1. Мој. 3:1-5). Сатана се подбивал со Јехова во случајот со Јов (Јов 1:9-12). Тој се обидел да го искуша и Исус (Мат. 4:1-10). А откако се родило Божјето Царство во 1914 год., Сатана повел војна со остатокот од помазани христијани (Отк. 12:17). Таа војна сѐ уште трае бидејќи Ѓаволот и понатаму настојува да ја уништи верата на помазаниците и на ‚другите овци‘. За да победиме во борбата против него, мора да му се спротивставиме цврсти во верата. Сатана нема ни трошка понизност. Всушност, овој зол ангел се осмелил да ја оспори Божјата врховна власт, и се обидел да ги наведе другите да го обожаваат него наместо Јехова. Тој е вистинско олицетворение на гордоста и вообразеноста! Затоа, еден начин како може да му се спротивставиме е така што ќе ја отфрлиме гордоста и ќе бидеме понизни (1. Пет. 5:5; w15 15/5 2:3-4).

Четврток, 5 јануари

Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице (Иса. 25:8)

Јехова ни ветил прекрасна иднина. Кога си го замислуваме тоа време, се чувствуваме посреќни и охрабрени сме да продолжиме да му служиме. Сеедно дали имаш надеж за вечен живот на небото или на Земјата, можеш ли да си замислиш како уживаш во работите што ги ветил Бог? Ако имаш надеж дека ќе живееш засекогаш на Земјата, замисли си како работиш заедно со другите за да ја претворите нашата планета во рај. Сите твои соседи го сакаат Јехова исто како што го сакаш и ти. Освен тоа, здрав си, полн со сила и немаш никакви грижи. Оние што ја надгледуваат работата навистина се грижат за тебе и ти помагаат со задоволство да ги извршуваш своите задачи. Многу си среќен што можеш да ги користиш своите дарби и вештини за да им помагаш на другите и да го славиш Бог. Можеби дури им помагаш и на воскреснатите да го запознаат Јехова (Јован 17:3; Дела 24:15). Ова не е само сон. Сето тоа ќе се исполни затоа што се темели на библиските ветувања за иднината (Иса. 11:9; 33:24; 35:5-7; 65:22; w15 15/5 3:15).

Петок, 6 јануари

Управителот на масата, ја вкуси водата претворена во вино (Јован 2:9)

Исус со чудо обезбедил голема количина добро вино, кое било доволно за многу луѓе (Јован 2:6-11). Кога Ѓаволот го искушал да ги претвори камењата во лебови, Христос одбил да направи чудо за да ги задоволи своите лични желби (Мат. 4:2-4). Но, ја употребувал својата моќ за да ги задоволи потребите на другите. Како можеме да го следиме примерот на Исус и да покажеме несебична грижа за луѓето? Тој ги охрабрил Божјите слуги да даваат (Лука 6:38). Дали би можеле да бидеме дарежливи така што ќе поканиме некого кај нас дома на ручек и на изградувачко дружење? Би можеле ли да одвоиме време по состанокот за другите, на пример, да слушаме како некој брат го вежба својот говор? Што би можеле да направиме за да му помогнеме на некој соверник во службата? Покажуваме дека сме великодушни како Исус ако спремно им помагаме на другите секогаш кога можеме — и во материјален и во духовен поглед (w15 15/6 1:3-4, 6).

Сабота, 7 јануари

Никој од жителите нема да рече: „Болен сум“ (Иса. 33:24)

Ако му останеме верни на Бог, ќе бидеме сведоци на едно од најголемите чуда на сите времиња — ќе имаме можност да ја преживееме големата неволја. Кратко по Армагедон, ќе има уште повеќе чуда. Тогаш сите луѓе ќе станат совршено здрави (Иса. 35:5, 6; Отк. 21:4). Замисли си како ги фрлаат своите очила, бастуни, патерици, инвалидски колички, апаратчиња за слушање и слични помагала. Оние што ќе го преживеат Армагедон ќе ги чека огромна работа. Полни со елан и сила, тие ќе ја претворат целата Земја во прекрасен рај (Пс. 115:16). Денес, Божјите слуги што му припаѓаат на ‚големото мноштво‘ се охрабрени кога читаат како Исус ги лекувал болните (Отк. 7:9). Тие чуда ни ја зајакнуваат надежта дека ќе бидеме потполно излекувани во иднина. Освен тоа, ни ги откриваат најдлабоките чувства на Божјиот првороден Син и покажуваат колку многу тој ги сака луѓето (Јован 10:11; 15:12, 13). Големото сочувство на Исус е јасен доказ за огромната љубов што Јехова ја чувствува кон секој свој слуга (Јован 5:19; w15 15/6 2:16-17).

Недела, 8 јануари

Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време! (Отк. 12:12)

Во 1914 год., во Европа избувнала војна која наскоро се раширила и го зафатила целиот свет. До 1918 год., кога завршила војната, многу земји биле погодени од глад, како и од еден смртоносен грип од кој умреле повеќе луѓе отколку што загинале на бојните полиња. На тој начин почнал да се исполнува „знакот“ што го дал Исус во врска со својата невидлива присутност (Мат. 24:3-8; Лука 21:10, 11). Исполнувањето на овој знак е доказ дека тој станал небесен Цар во 1914 год. Тогаш Исус ‚тргнал во конечна победа‘ (Отк. 6:2). Тој го исчистил небото кога повел војна против Сатана и неговите демони. Откако тие биле исфрлени во близина на Земјата, почнало да се исполнува пророштвото запишано во денешниот стих (w15 15/6 4:13).

Понеделник, 9 јануари

Ќе преминам на виденијата и објавите на Господарот (2. Кор. 12:1)

Помалку од еден век откако било основано христијанското собрание, почнало да се шири прореченото отпадништво (Дела 20:28-30; 2. Сол. 2:3, 4). Оттогаш наваму било сѐ потешко да се препознаат оние кои навистина служеле во Божјиот духовен храм. Дури со векови подоцна дошло време Јехова да ги разјасни работите преку својот новоустоличен Цар, Исус Христос. До 1919 год., станало сосема јасно кои се оние што Бог ги прифаќа и што служат во неговиот симболичен храм. Тие биле пречистени во духовен поглед за да му служат уште поприфатливо на Бог (Иса. 4:2, 3; Мал. 3:1-4). На тој начин почнало да се исполнува едно видение што апостол Павле го добил стотици години пред тоа. Видението на Павле е запишано во 2. Коринќаните 12:2-4. Во тоа видение, Јехова му открил на овој апостол што ќе се случи во иднина (w15 15/7 1:6-8).

Вторник, 10 јануари

Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на својот Татко (Мат. 13:43)

Мнозина во црквите на христијанскиот свет веруваат дека христијаните ќе бидат земени на небото во своите човечки тела. Тие мислат дека потоа Исус ќе се врати на видлив начин за да владее со Земјата. Но, Библијата јасно вели дека на небото ќе се појави „знакот на Синот човечки“ и дека Исус ќе дојде „на облаците небесни“ (Мат. 24:30). И двата израза укажуваат дека неговото враќање ќе биде невидливо. Освен тоа, апостол Павле напишал дека „телото и крвта не можат да го наследат Божјето царство“. Затоа, оние што ќе бидат земени на небото мора најпрво ‚да се преобразат, во еден момент, за миг, при звукот на последната труба‘ (1. Кор. 15:50-53). Според тоа, сите верни помазаници кои сѐ уште се на Земјата ќе бидат собрани на небото во еден миг (w15 15/7 2:14-15).

Среда, 11 јануари

Ќе те фалам среде насобраното мноштво (Пс. 22:22)

Салата за состаноци е главното место каде што луѓето можат да го обожаваат Јехова. Состаноците се дар од Бог, и ни помагаат да го зајакнеме нашиот однос со него. Таму Јехова ни го дава потребното охрабрување и водство преку својата организација. За нас е чест што секоја седмица сме поканети да јадеме на „трпезата на Јехова“. Никогаш не смееме да изгубиме од вид дека тоа е една навистина посебна покана (1. Кор. 10:21). Јехова јасно ни кажал дека е многу важно да одиме на состаноците за да го славиме и да се храбриме едни со други (Евр. 10:24, 25). Затоа, од почит кон него, не ги пропуштаме од неважни причини. Бидејќи сме благодарни за сето она што Јехова го прави за нас, ние се подготвуваме и со цело срце учествуваме во нашите собраниски состаноци (w15 15/7 4:3-4).

Четврток, 12 јануари

Бдејте! (Мат. 24:42)

Ова предупредување само по себе е доволна причина да бидеме во исчекување. Но, и Божјата организација ни дава добар пример во овој поглед. Таа постојано нѐ потсетува ‚да го очекуваме и да го имаме на ум Јеховиниот ден‘, и да ги насочиме мислите на ветениот нов свет (2. Пет. 3:11-13). Штом христијаните во првиот век требало да го очекуваат Јеховиниот ден, колку повеќе треба да го очекуваме ние, кои живееме за време на Христовата присутност! Знакот што го дал Исус јасно покажува дека тој владее како Цар на Божјето Царство од 1914 год., и дека ние живееме во последните денови, односно во „свршетокот на овој поредок“. Во склад со ова пророштво, условите во светот стануваат сѐ полоши, а добрата вест за Царството се проповеда по целата Земја (Мат. 24:3, 7-14). Бидејќи Исус не кажал колку долго ќе траат последните денови, денес е особено важно да бидеме подготвени и духовно будни (w15 15/8 2:4-5).

Петок, 13 јануари

Јехова нека биде твојата радост (Пс. 37:4)

Во новиот свет најголема радост ќе ни причинува тоа што ќе бидат задоволени сите наши духовни потреби (Мат. 5:3). Духовните активности ќе ни бидат најважни од сѐ додека со радост му служиме на Јехова. Според тоа, кога ги ставаме духовните работи на прво место денес, ние се подготвуваме за вистинскиот живот во иднина (Мат. 6:19-21). Како може уште порадосно да му служиме на Јехова? Еден начин е така што ќе си поставуваме духовни цели. Ако си млад човек кој сериозно размислува да му го посвети својот живот на Јехова, би можел во нашата литература да разгледаш некои информации за разните видови полновремена служба. Зошто не си поставиш за цел да учествуваш во некоја од нив? Би можел да поразговараш со некои браќа и сестри кои со години служат полновремено. Ако уште денес го користиш својот живот во службата за Јехова, стекнуваш скапоцено искуство кое ќе ти помогне да продолжиш да му служиш во новиот свет (w15 15/8 3:13-14).

Сабота, 14 јануари

Плодот на духот е: љубовта (Гал. 5:22, Превод на МПЦ)

Важно е еден зрел христијанин да ги развива и другите плодови на духот, како што се благоста, самосовладувањето и долготрпеливоста (Гал. 5:23). Тие можат да му помогнат да се справи со тешки ситуации без да се гневи, и да поднесе горки разочарувања без да падне во безнадежност и очај. Во текот на своето лично проучување, тој постојано се труди да ги разбере библиските начела кои ќе му помогнат да процени што е исправно, а што погрешно. А потоа донесува одлуки од кои се гледа дека е духовно зрела личност. На пример, постапува како што му налага совеста која е обликувана според Библијата. Зрелиот христијанин покажува понизност со тоа што признава дека Јеховините патишта и мерила секогаш се подобри од неговите. Тој ревносно ја проповеда добрата вест и придонесува да се зачува единството во собранието. Сеедно колку долго му служиме на Јехова, секој од нас може да се праша: ‚На кои полиња би можел уште повеќе да го следам Исус и да продолжам духовно да напредувам?‘ (w15 15/9 1:6-7).

Недела, 15 јануари

Маловерен, зошто се посомнева? (Мат. 14:31)

Учениците го здогледале Исус како оди по Галилејското Море. Петар повикал кон него: „Заповедај ми да дојдам кај тебе по водата!“ Кога Исус му рекол да дојде, Петар излегол од чамецот и се случило чудо — тој навистина можел да оди по разбрануваната вода! Но, кога го видел бурниот ветар, се исплашил и почнал да тоне. Тогаш повикал кон Исус, кој веднаш ја испружил раката и го фатил, па му ги кажал зборовите од денешниот стих (Мат. 14:24-32). Петар покажал силна вера. Кога Исус го повикал, тој излегол од чамецот и почнал да оди по водата бидејќи имал доверба дека со Божја помош може да го стори тоа. На сличен начин, кога му го заветувавме својот живот на Јехова и се крстивме, и ние го прифативме повикот на Исус да бидеме негови следбеници. Со тоа покажавме вера и во него и во Бог, како и доверба дека тие ќе ни помагаат на разни начини (Јован 14:1; 1. Пет. 2:21; w15 15/9 3:1, 3).

Понеделник, 16 јануари

Тој ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува (Пс. 97:10)

Еден грижлив татко го штити и го чува своето семејство од секаква можна опасност. И нашиот небесен Татко, Јехова, постапува така. Исто како што би сакале брзо да ги заштитиме очите затоа што ни се скапоцени, така и Јехова веднаш презема нешто за да го заштити својот народ бидејќи е скапоцен за него (Зах. 2:8). Точно, понекогаш Јехова им дозволува на непријателите да му го одземат животот на некој негов верен слуга, како што бил ученикот Стефан. Сепак, тој го штити својот народ како група така што го предупредува на лукавите сплетки на Сатана (Еф. 6:10-12). Библијата и библиските публикации што ги издава Божјата организација ни помагаат да сфатиме колку може да биде опасно измамливото богатство, неморалната и насилната забава, злоупотребата на Интернет итн. Јасно е дека, како грижлив Татко, Јехова прави сѐ за да нѐ заштити (w15 15/9 4:15, 17).

Вторник, 17 јануари

Раката на Јехова не станала прекратка, па да не може да спаси (Иса. 59:1)

Доказ дека Јехова нѐ поддржува со својата моќна рака е тоа што ни помага „во одбраната и во законското потврдување“ на добрата вест (Фил. 1:7). Кога некои влади се обидуваат целосно да го забранат нашето проповедничко дело, ние се браниме на суд. Досега имаме добиено најмалку 268 судски случаи низ целиот свет. Дваесет и четири од нив беа добиени на Европскиот суд за човекови права од 2000 год. наваму. Зарем ова не е силен доказ дека никој не може да го спречи Бог да ни помогне? (Иса. 54:17). Тоа што добрата вест се проповеда низ целиот свет исто така е доказ дека Божјата рака е со нас (Мат. 24:14; Дела 1:8). А кога размислуваме за нашето меѓународно братство во кое владее единство кое го нема на ниедно друго место, сфаќаме зошто дури и оние кои не му служат на Јехова признаваат: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:25). Според тоа, како Божји народ, ние имаме многу докази дека Јехова се грижи за нас (Иса. 66:14; w15 15/10 1:13-14).

Среда, 18 јануари

Немојте да го сакате она што е во светот (1. Јов. 2:15)

Опасно е премногу да го користиме она што го нуди светот (1. Кор. 7:29-31). Еден христијанин лесно може да прави работи кои сами по себе не се погрешни, но одземаат премногу време. На пример, некои од нас уживаат да се занимаваат со некое хоби, да читаат разни книги, да гледаат телевизија, да одат на екскурзии и патувања, да разгледуваат излози или да бидат во тек со најновите електронски уреди и апарати. Мнозина користат социјални мрежи, испраќаат и примаат пораки и имејлови, и редовно ги следат најновите вести и спортски настани. Но, понекогаш трошат премногу време на овие работи, па дури и стануваат зависници од нив (Проп. 3:1, 6). Ако не го ограничиме времето што го трошиме на неважни работи, би можеле да го занемариме она што е најважно — духовните активности (Еф. 5:15-17). Сатана користи сѐ што му стои на располагање за да нѐ привлече кон својот свет и да ни го одврати вниманието од службата за Јехова. Ова го правел во првиот век, и го прави во уште поголема мера денес (2. Тим. 4:10). Затоа, треба да го послушаме советот од денешниот стих (w15 15/10 3:7-8).

Четврток, 19 јануари

Поучи нѐ што треба да правиме (Суд. 13:8)

Маној и жена му дознале дека ќе добијат син. Маној сигурно се израдувал кога ја чул таа вест. Сепак, тој бил свесен дека е огромна одговорност да се биде родител. Освен тоа, Маној и жена му живееле во време кога многу Израелци ‚го правеле она што е зло во Јеховини очи‘. Како можеле да го поучат својот син да го сака Бог и да му служи во такви околности? Маној ‚сесрдно му се помолил на Јехова‘ со следниве зборови: „Те молам, пак нека дојде кај нас Божјиот човек [ангелот], кого си го испратил, и нека нѐ поучи што треба да правиме со детето што ќе се роди“ (Суд. 13:1-8). Ако си родител, без сомнение разбираш како се чувствувал Маној. И ти имаш сериозна одговорност да му помагаш на твоето дете да го запознае и да го засака Јехова (Изр. 1:8). Во тоа може многу да ти помогне Семејната вечер. Но, за да ги всадиш библиските вистини во срцето на детето, не е доволно само да ја проучувате Библијата секоја седмица (5. Мој. 6:6-9). Дали ќе успееш да го поучиш твоето дете да му служи на Јехова? (w15 15/11 1:1-2).

Петок, 20 јануари

Еве, вистински Израелец, во кого нема измама! (Јован 1:47)

Иако не можеш да ги читаш срцата како Исус, Бог може да ти помогне да бидеш прониклив. Дали ќе ја искористиш таа способност за да го видиш доброто кај твојот тинејџер? Дури и ако понекогаш те разочара, немој да го обвинуваш дека само ти прави проблеми. Никогаш немој да го нарекуваш твојот син или ќерка „бунтовник“ или „проблематично дете“. Немој ни да мислиш така за него. Наместо тоа, кажи му дека си свесен за неговите убави особини, и дека си уверен оти сака искрено да го прави она што е добро. Труди се да забележиш во кои работи се подобрува, и пофали го за тоа. Помогни му уште повеќе да ги развие своите убави особини така што, секогаш кога е можно, ќе му даваш додатни одговорности. Исус го правел токму тоа со учениците. Околу година и пол по првата средба со Натанаел, Исус го избрал за апостол, и тој верно ја вршел задачата што му ја доверил (Лука 6:13, 14; Дела 1:13, 14). Затоа, наместо да го наведеш својот тинејџер да мисли дека никогаш не може да го исполни она што го очекуваш од него, дај му ги потребното охрабрување и пофалба. Така ќе му помогнеш да сфати дека може да го радува Јехова и да ги користи своите способности за да му служи (w15 15/11 2:15-16).

Сабота, 21 јануари

Му служат на Бог ден и ноќ во неговиот храм (Отк. 7:15)

Кога започнале последните денови во 1914 год., во целиот свет имало само неколку илјади Јеховини слуги. Од љубов кон ближните и со помош на Божјиот дух, таа мала група помазани христијани истрајно ја проповедале добрата вест за Царството. Како резултат на тоа, денес се собира едно големо мноштво луѓе кои имаат надеж за вечен живот на Земјата. Во целиот свет има повеќе од осум милиони Јеховини сведоци во повеќе од 115.400 собранија, и овој број и понатаму расте. На пример, во текот на 2014 службена година беа крстени над 275.500 лица. Ова значи дека во просек се крштаваа околу 5.300 лица секоја седмица. Извонредниот пораст денес се должи на тоа што имаме вера во Бог и ја прифаќаме Библијата како негова вдахновена Реч (1. Сол. 2:13). Јеховиниот народ доживува огромен духовен напредок, и покрај омразата и противењето од страна на „богот на овој свет“, Сатана (2. Кор. 4:4; w15 15/11 4:12, 14, 16).

Недела, 22 јануари

Речта на нашиот Бог останува довека (Иса. 40:8)

Библиските изучувачи внимателно проучиле илјадници ракописи, делови од ракописи и стари преводи на Библијата. Откако ги споредиле, откриле дека само во неколку стихови има мали разлики. Меѓутоа, тие воопшто не ја менуваат пораката на Библијата. Ваквите истражувања на древните ракописи им влеваат доверба на искрените лица кои ја проучуваат Божјата Реч дека таа ја содржи истата порака што Јехова дал да се запише во изворните списи. И покрај немилосрдното противење од непријателите, Јехова се погрижил неговата Реч да биде најпреведуваната книга во историјата на човештвото. Дури и денес, кога многумина немаат речиси никаква вера во Бог, Библијата е најпродавана книга. Таа сега е достапна, целосно или делумно, на повеќе од 2.800 јазици. Иако некои преводи на Библијата не се лесни за читање или не се толку точни, речиси од сите нив може да се дознае основната и едноставна порака на надеж и спасение (w15 15/12 1:13-14).

Понеделник, 23 јануари

Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч (Изр. 12:18)

Зборовите можат да повредат, но можат и да лекуваат. Под влијание на забавната индустрија, многу луѓе во светот на Сатана користат зборови остри како стрели и „го острат јазикот како меч“ за да им причинат болка на другите (Пс. 64:3). Христијаните треба да внимаваат да не паднат во оваа опасна замка. Тие не смеат да користат остри и зајадливи зборови со цел да ги понижат или навредат другите — дури ни на шега. Иако не е погрешно да се шегуваме, мора да внимаваме тоа да не премине во сарказам, бидејќи сарказмот е еден вид „навредлив говор“ кој христијаните не треба да го користат. Не е во ред да омаловажуваме или повредуваме некого само за да ги насмееме другите или да им бидеме интересни. Библијата предупредува: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“ (Еф. 4:29, 31; w15 15/12 3:10).

Вторник, 24 јануари

Ако се чувате од тоа, ќе ви биде добро. Останете со здравје! (Дела 15:29)

Ова се последните зборови од писмото што водечкото тело во првиот век го испратило до собранијата. Иако се само еден вид поздрав, тие нѐ потсетуваат дека е нормално да сакаме да бидеме здрави за да му служиме на нашиот величествен Бог. Затоа што сме несовршени, сѐ додека трае сегашниов свет можно е да се разболиме. Ако се случи такво нешто, не можеме да очекуваме Јехова да нѐ излекува со чудо. Но, Откровение 22:1, 2 зборува за времето кога ќе бидеме целосно излекувани. Во видение, на апостол Јован му биле покажани „река со вода на животот“ и „дрвја на животот“ чии лисја ‚биле за лекување на народите‘. Ова не се однесува на билни лекарства кои би можеле да ги користиме сега или во иднина. Наместо тоа, укажува на сето она што Јехова и Исус ќе го направат за да можат послушните луѓе да живеат засекогаш (Иса. 35:5, 6; w15 15/12 4:17-18).

Среда, 25 јануари

Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас (Зах. 8:23)

Во врска со нашево време, Јехова прорекол: „Во тие денови, десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ‚Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“ (Зах. 8:23). Евреинот ги претставува оние што Бог ги помазал со свет дух. Тие се наречени и „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). А десетте луѓе ги претставуваат оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Тие знаат дека Јехова ги благословува помазаниците, и затоа им е чест што му служат заедно со нив. Слично на пророкот Захарија, и Исус нагласил дека Божјите слуги ќе бидат обединети. Иако некои имаат небесна надеж и се наречени „мало стадо“, а други имаат земна надеж и се наречени „други овци“, тој рекол дека сите тие ќе сочинуваат „едно стадо со еден пастир“ (Лука 12:32; Јован 10:16; w16.01 4:1-2).

Четврток, 26 јануари

За тоа размислувајте (Фил. 4:8)

Секој од нас мора да го чува своето пријателство со Јехова. Бидејќи живееме во свет со кој владее Сатана Ѓаволот и бидејќи сме несовршени, лесно може да почнеме да размислуваме и да постапуваме како луѓето во светот. Се чувствуваме како да пливаме во река која нѐ влече во правец во кој не сакаме да одиме. Затоа мора со сета сила да пливаме во спротивна насока. Слично на ова, потребно е да вложиме голем напор за да се спротивставиме на духот што владее во Сатановиот свет. Кога им проповедаме на другите, ги насочуваме своите мисли на важни и корисни духовни работи, а не на работи кои можат да ни ја поткопаат верата. Проповедањето ја зајакнува нашата вера, и нѐ потсетува на Божјите ветувања и на неговите праведни мерила. Освен тоа, ни помага да ја одржуваме нашата духовна воена опрема во добра состојба (Еф. 6:14-17). Кога сме зафатени со проповедање и со други духовни активности, ние сме заштитени затоа што немаме време да се преокупираме со сопствените проблеми (w16.01 5:12-13).

Петок, 27 јануари

Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог (Рут 1:16)

Рут навистина чувствувала силна љубов кон Јехова! Вооз подоцна ја пофалил оваа млада жена затоа што дошла ‚да побара засолниште под Јеховините крилја‘, слично како што едно пиленце се засолнува под крилјата на својата мајка (Рут 2:12; Пс. 36:7; 91:1-4). Јехова со љубов се грижел за Рут и ја наградил за нејзината вера. Таа никогаш немала причина да зажали за својата одлука. Денес, многу луѓе го запознаваат Јехова, но се колебаат да побараат засолниште кај него. Тие сѐ уште не донеле одлука да му го заветуваат својот живот и да се крстат како негови слуги. Ако и ти се двоумиш да го направиш тој чекор, дали си се прашал што те спречува во тоа? Секој жив човек на Земјата му служи на некој бог (Ис. Нав. 24:15). Зошто не побараш засолниште кај единствениот вистински Бог? Ако му го заветуваш својот живот, ќе покажеш вера во него. Јехова ќе ти помогне да живееш во склад со својата одлука и да ги совладаш сите предизвици на кои можеби ќе наидеш. Токму тоа го направил и за Рут (w16.02 2:6-7).

Сабота, 28 јануари

Дозволи ми со еден удар да го приковам со копјето за земја. Втор удар нема да ми треба (1. Сам. 26:8)

Ависај бил спремен да го убие цар Саул бидејќи сакал да покаже лојалност кон Давид. Но, Давид го спречил затоа што знаел дека е погрешно некој да „крене рака на Јеховиниот помазаник“ (1. Сам. 26:9-11). Од оваа случка може да извлечеме важна поука: Иако не е погрешно да покажуваме лојалност кон повеќе личности, библиските начела ќе ни помогнат да одредиме кому е најважно да му бидеме лојални. Лојалноста извира од срцето. Сепак, треба да имаме на ум дека човечкото срце е измамливо (Ерем. 17:9). Сосема е нормално да му бидеме лојални некому што го сакаме како, на пример, на близок пријател или член на семејството. Но, ако некој од нашите најблиски прави нешто лошо или одлучи да ја напушти вистината, не смееме да заборавиме дека најважно од сѐ е да му бидеме лојални на Јехова (Мат. 22:37; w16.02 4:5-6).

Недела, 29 јануари

Утврдете која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено (Рим. 12:2)

Размисли за Тимотеј. Тој добро ги познавал светите списи. Мајка му и баба му го поучиле за нив уште „од рано детство“. Сепак, Павле му го дал следниов совет: „Остани во она што си го научил и во кое си се уверил“ (2. Тим. 3:14, 15). Тимотеј бил сигурен дека ја нашол вистината. Тој не ја прифатил затоа што мајка му и баба му го барале тоа од него, туку затоа што ,го користел својот разум‘ и самиот се уверил во она што го учел (Рим. 12:1). Ако и ти, слично на Тимотеј, темелно ја проучуваш Библијата, ќе добиеш одговор на многу прашања, ќе расчистиш со сомнежите и ќе ги зацврстиш твоите уверувања (Дела 17:11; w16.03 2:3-4, 7).

Понеделник, 30 јануари

Неговите родители секоја година одеа во Ерусалим на празникот Пасха (Лука 2:41)

Израелците меѓусебно соработувале кога требало да одат на празник во Ерусалим. Тие се подготвувале за патувањето, се грижеле за меѓусебните потреби додека патувале, а потоа обединето го славеле Јехова во храмот. Додека патуваме кон новиот свет, и ние мора да бидеме обединети и да даваме сѐ од себе за да соработуваме едни со други. Во денешниот свет владее хаос и разединетост. Но, ние сме многу благодарни што Јехова ни помогнал да ја разбереме вистината и да живееме во мир. Неговите слуги низ целата Земја го слават на начин кој тој го одобрува. Особено во овие последни денови, ние му служиме на Бог пообединето од кога и да било порано. Токму како што прорекле Исаија и Михеј, се искачуваме заедно „на Јеховината гора“ (Иса. 2:2-4; Мих. 4:2-4). Колку ќе бидеме среќни во иднина кога сите луѓе на Земјата ќе бидат обединети и ќе соработуваат еден со друг оддавајќи му чест и слава на Јехова! (w16.03 3:16-17).

Вторник, 31 јануари

Сѐ си има свое време (Проп. 3:1)

Понекогаш на старешините им е тешко да одвојат време за да ги обучуваат браќата во собранието. Можеби си мислат: ‚Важно е да се даде обука, но тоа не е толку итно. Има други работи во собранието што едноставно не можат да чекаат. Дури и ако не почнам веднаш да оспособувам некого, собранието ќе продолжи да функционира‘. Иако е точно дека има многу работи на кои треба веднаш да им се обрне внимание, тоа што еден старешина ќе го одложува обучувањето на браќата може лошо да се одрази врз духовната состојба на собранието. Старешините мора брзо да се погрижат за неодложните работи. Но, ако постојано го одложуваат обучувањето, со текот на времето во собранието ќе нема доволно оспособени браќа кои ќе можат да ги вршат сите потребни одговорности. Затоа, не смееме да мислиме дека не е толку важно да се обучуваат другите. Старешините кои размислуваат за иднината и кои одвојуваат време да ги оспособуваат понеискусните браќа се мудри управители. Тие се скапоцени за целото собрание (1. Пет. 4:10; w15 15/4 1:4, 6-7).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели