ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 17-26
  • Февруари

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Февруари
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Среда, 1 февруари
  • Четврток, 2 февруари
  • Петок, 3 февруари
  • Сабота, 4 февруари
  • Недела, 5 февруари
  • Понеделник, 6 февруари
  • Вторник, 7 февруари
  • Среда, 8 февруари
  • Четврток, 9 февруари
  • Петок, 10 февруари
  • Сабота, 11 февруари
  • Недела, 12 февруари
  • Понеделник, 13 февруари
  • Вторник, 14 февруари
  • Среда, 15 февруари
  • Четврток, 16 февруари
  • Петок, 17 февруари
  • Сабота, 18 февруари
  • Недела, 19 февруари
  • Понеделник, 20 февруари
  • Вторник, 21 февруари
  • Среда, 22 февруари
  • Четврток, 23 февруари
  • Петок, 24 февруари
  • Сабота, 25 февруари
  • Недела, 26 февруари
  • Понеделник, 27 февруари
  • Вторник, 28 февруари
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 17-26

Февруари

Среда, 1 февруари

Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам! (Јак. 4:8)

Дали си крстен Сведок на Јехова? Ако да, тогаш ти имаш нешто многу скапоцено — блиско пријателство со Бог. Но, тоа пријателство секојдневно е изложено на притисоците од Сатановиот свет, а може да биде нарушено и од нашите лични слабости. Затоа, сите ние мора постојано да се бориме да го зачуваме и сѐ повеќе да го зацврстуваме. Колку ти лично си близок со Јехова? Дали сакаш уште повеќе да го зацврстиш своето пријателство со него? Од денешниот стих се гледа како можеш да го сториш тоа. Со други зборови, ако ти направиш чекор кон Јехова, и тој ќе направи чекор кон тебе. Колку почесто се повторува тоа, толку поблизок ќе станува твојот однос со Бог затоа што тој ќе ти биде сѐ пореален. Ќе ја имаме истата увереност како Исус, кој во една прилика рекол: „Навистина постои оној што ме испрати... [и] јас го познавам“ (Јован 7:28, 29; w15 15/4 3:1-2).

Четврток, 2 февруари

Стрпливо поднесувајте неволја. Истрајте во молитвата (Рим. 12:12)

Замисли дека е исклучен некој од твоите најблиски. Ти знаеш каква заповед има во Библијата во врска со исклучените (1. Кор. 5:11; 2. Јов. 10). Сепак, понекогаш ти се чини тешко, па дури и невозможно да ѝ бидеш послушен на таа заповед. Може ли да имаш доверба дека твојот небесен Татко ќе ти ја даде потребната сила за да му останеш верен и во ваква ситуација? Дали ќе ја искористиш за да станеш уште поблизок со Јехова? Дали ова значи дека не треба да ги сакаме нашите најблиски? Во никој случај! Сепак, треба да го сакаме Јехова повеќе од кој и да е друг (Мат. 22:37, 38). Всушност, така можеме најмногу да им помогнеме на нашите најмили, сеедно дали во моментот му служат на Јехова или не. Ако ти е многу тешко поради некој исклучен член од семејството, во молитва излеј му го своето срце на Јехова (Фил. 4:6, 7; w15 15/4 4:14, 16).

Петок, 3 февруари

Меѓу Божјите собранија се гордееме со вас поради вашата истрајност и вера (2. Сол. 1:4)

Не е секогаш лошо да бидеме горди на она што го прават другите, па дури и ние самите. Не треба да се срамиме од нашето семејство, од нашата култура или од нашето потекло (Дела 21:39). Меѓутоа, постои и друг вид гордост што може да ни ги наруши односите со другите и да ни го уништи пријателството со Јехова. Поради таквата гордост би можеле да се навредиме кога некој ќе нѐ советува, па дури и да го отфрлиме потребниот совет наместо понизно да го прифатиме (Пс. 141:5). Оваа гордост се дефинира како „преголема самоувереност“ или „надмен став што го имаат оние кои сметаат, најчесто неосновано, дека се подобри од другите“. Јехова ја мрази горделивоста (Езек. 33:28; Амос 6:8). Но, Сатана ужива кога луѓето горделиво се фалат бидејќи така ја одразуваат неговата вообразеност. Тој сигурно ликувал од радост кога Нимрод, фараонот и Авесалом покажале неисправна гордост со своето фалбаџиство! (1. Мој. 10:8, 9; 2. Мој. 5:1, 2; 2. Сам. 15:4-6; w15 15/5 2:5-6).

Сабота, 4 февруари

Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо (Пс. 145:16)

Слично на својот Татко, Христос често ја отворал раката за да ги задоволи желбите на своите следбеници (1. Кор. 1:24). Но, не го правел тоа само за да ја покаже својата моќ. Напротив, тој им помагал на другите затоа што искрено се интересирал за нив. Размисли за стиховите запишани во Матеј 14:14-21. Мноштво луѓе од разни градови оделе пеш по Исус (Мат. 14:13). Кога се свечерило, неговите ученици се загрижиле за луѓето, кои веќе биле исцрпени и гладни. Затоа го замолиле Исус да го распушти народот за да си купи нешто за јадење. Што направил Исус? Со само пет леба и две риби, Исус нахранил околу 5.000 мажи, како и многу жени и деца! Извештајот вели: „Сите јадоа и се наситија“. Ова покажува дека имало храна во изобилство. Исус обезбедил доволно храна за луѓето да имаат сила да го издржат долгиот пат до дома (Лука 9:10-17). На крајот, откако сите се најале, учениците наполниле 12 кошници со парчињата кои преостанале! (w15 15/6 1:8-9).

Недела, 5 февруари

Злобата се велича меѓу синовите човечки (Пс. 12:8)

Неморалот е толку раширен што можеби се прашуваш: ‚Дали навистина е можно човек да води морално чист живот?‘ Да, тоа е можно со Јеховина помош. Но, за да ја зачуваме нашата морална чистота, мора да ги отфрлиме неморалните желби. Бидејќи сме несовршени, неморалот може да ни изгледа привлечен, исто како што една мамка ставена на јадица може да ѝ биде привлечна на некоја риба. Ако ни се појави некоја неморална мисла во главата, мора веднаш да ја отфрлиме. Доколку не го сториме тоа, кај нас може да се развијат толку силни неморални желби што најверојатно ќе направиме грев штом ќе ни се укаже прилика. Библијата јасно вели: „Желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јак. 1:14, 15). Некоја погрешна желба постепено може да пушти корен во нашето срце и да нѐ води до тежок грев. Но, многу е утешно што знаеме дека може да го спречиме тоа. Ако ги отфрлиме неисправните желби, нема да направиме неморал и да трпиме горки последици (Гал. 5:16; w15 15/6 3:1-3).

Понеделник, 6 февруари

Да биде волјата твоја на земјата (Мат. 6:10)

Пред околу 6.000 години, Божјата волја се вршела на Земјата. Затоа Јехова рекол дека сѐ ‚било многу добро‘ (1. Мој. 1:31). Потоа Сатана се побунил, и оттогаш релативно мал број луѓе ја вршеле Божјата волја. Но, денес живееме во време кога околу осум милиони Јеховини сведоци не само што се молат да се врши Божјата волја на Земјата туку се трудат и да постапуваат во склад со таа молитва. Тие живеат на начин кој го радува Бог и ревносно ги поучуваат другите за неговото Царство. Ќе продолжиме да се молиме Божјата волја да се врши на Земјата сѐ додека непријателите на Божјето Царство не бидат отстранети од неа. Тогаш нашата планета ќе биде претворена во рај, и ќе бидат воскреснати милијарди луѓе (Јован 5:28, 29). Замисли си колку ќе бидеме среќни кога ќе ги пречекаме нашите најмили кои починале! (w15 15/6 4:15, 17).

Вторник, 7 февруари

Ќе го прославам подножјето на своите нозе (Иса. 60:13)

Што, всушност, значи изразот „духовен рај“ кој често го користиме? Тој укажува на духовното изобилство и на мирот што го имаме со Бог и со нашите браќа. Се разбира, не треба да заклучиме дека духовниот рај и духовниот храм се една иста работа. Духовниот храм го претставува сето она што Јехова го подготвил за да му служиме на прифатлив начин. А духовниот рај помага јасно да се препознаат оние кои Бог ги прифаќа како свои слуги, односно кои денес служат во неговиот духовен храм (Мал. 3:18). Многу сме среќни што, од 1919 год., Јехова им дозволува на несовршени луѓе да работат заедно со него во духовниот рај за да го обработуваат, разубавуваат и да го шират по целата Земја! Дали и ти имаш удел во ова прекрасно дело? Дали ја цениш честа да соработуваш со Јехова за да го прославиш „подножјето на неговите нозе“? (w15 15/7 1:10-11).

Среда, 8 февруари

Ќе ја покажам својата светост врз тебе, Гоже (Езек. 38:16)

Гог ќе го нападне Божјиот народ додека преостанатите помазаници сѐ уште се на Земјата. Што ќе се случи со Божјите слуги кои во тој момент ќе изгледаат беспомошно? Тие ќе ги послушаат упатствата кои биле дадени во времето на цар Јосафат: „Во оваа борба нема да се борите вие. Само наредете се, стојте и гледајте како Јехова ќе ве спаси!.. Не бојте се и не плашете се!“ (2. Лет. 20:17). Во одреден момент откако ќе започне нападот на Гог, сите помазаници ќе бидат земени на небото. Откровение 17:14 ни кажува што ќе се случи потоа со непријателите на Божјиот народ: „Тие ќе се борат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, бидејќи е Господар над господарите и Цар над царевите, а ќе ги победат и оние што со него се повикани и избрани и верни“. Значи, Исус, заедно со своите 144.000 небесни совладетели, ќе се крене за да го избави Јеховиниот народ на Земјата (w15 15/7 2:16).

Четврток, 9 февруари

Сѐ си има свое време (Проп. 3:1)

Покажуваме почит кон Јехова и со нашиот изглед и облекување, како и со нашето пристојно однесување на состаноците. Затоа не одиме во крајности. Јехова сака и ние и луѓето што ги каниме да се чувствуваат пријатно во салата. Сепак, не сакаме на ниту еден начин да покажеме непочитување. Затоа не носиме облека која е неуредна и лежерна, не праќаме СМС-пораки, не зборуваме и не јадеме за време на состанокот. Родителите треба да им помогнат на своите деца да разберат дека салата не е место каде што треба да трчаат или да си играат. Кога видел како луѓето продаваат работи во Божјиот храм, Исус се налутил и ги истерал од таму (Јован 2:13-17). Салата за состаноци е место каде што го славиме Јехова и учиме за него. Затоа не би било во ред таму да си вршиме приватни работи кои не се поврзани со духовните активности. (Спореди со Неемија 13:7, 8; w15 15/7 4:7-8.)

Петок, 10 февруари

Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња (2. Тим. 3:1)

Библијата прорекла дека „во последните денови“ луѓето ќе стануваат сѐ полоши (2. Тим. 3:13; Мат. 24:21; Отк. 12:12). Според тоа, иако сега условите се лоши, знаеме дека ќе се влошат уште повеќе. Некои можеби мислат дека, пред да почне „големата неволја“, ќе има војна во секоја земја и дека најголемиот дел од луѓето ќе гладуваат или ќе бидат болни (Отк. 7:14). Се разбира, во такви услови, на сите би им било јасно дека се исполнуваат библиските пророштва, дури и на оние што не веруваат во Бог. Но, Исус рекол дека повеќето луѓе ‚нема да обрнуваат внимание‘ на неговата присутност, и ќе си продолжат со своите секојдневни активности сѐ додека не биде предоцна (Мат. 24:37-39). Според тоа, Библијата покажува дека условите во светот во последните денови нема да бидат толку неподносливи што луѓето ќе бидат принудени да веруваат дека крајот е близу (Лука 17:20; 2. Пет. 3:3, 4; w15 15/8 2:6-7).

Сабота, 11 февруари

Твојата милост е подобра од животот (Пс. 63:3)

Дали пропуштаме нешто со тоа што го трошиме времето да се подготвиме за Божјиот нов свет? Во никој случај! Затоа што му служиме на Јехова, живееме на најдобар можен начин. Но, не го правиме тоа бидејќи некој нѐ присилува или само за да ја преживееме големата неволја. Всушност, ние сме создадени да му служиме на Бог, и затоа сме најсреќни кога добиваме водство од него и кога постојано ја чувствуваме неговата лојална љубов. Пријателството со Јехова ни е најважно од сѐ (Пс. 63:1, 2). Се разбира, не треба да чекаме на новиот свет за да уживаме во духовните благослови кои Јехова ги излева врз оние што му служат со сета душа. Всушност, неговите верни слуги кои со децении добиваат такви благослови можат од лично искуство да потврдат дека го избрале најдобриот животен пат (Пс. 1:1-3; Иса. 58:13, 14; w15 15/8 3:16).

Недела, 12 февруари

Спасени сте преку верата (Еф. 2:8)

Верата ни помага да правиме работи што се чинат невозможни од човечка гледна точка (Мат. 21:21, 22). На пример, мнозина од нас направиле толкави промени во своите ставови и навики, што оние кои нѐ знаат од порано едвај можат да нѐ препознаат. Јехова ни ја давал потребната помош бидејќи сме ги правеле овие чекори поттикнати од вера (Кол. 3:5-10). Поради верата во Бог, ние сме му се заветувале и сме станале негови пријатели — нешто што никогаш не би го постигнале без негова помош. Нашата вера и понатаму ни влева сила. Ни помага да се спротивставиме на нападите на Ѓаволот, кој е наш моќен непријател (Еф. 6:16). Освен тоа, довербата во Јехова ни помага да не се грижиме премногу кога се соочуваме со неволји. Бог ветува дека ќе ги задоволи нашите материјални потреби ако поради својата вера го ставиме Царството на прво место (Мат. 6:30-34). Што е уште поважно, бидејќи покажуваме вера во него, Јехова ќе ни даде вечен живот — прекрасен дар што никој не може да го добие поради своите заслуги (Јован 3:16; w15 15/9 3:4-5).

Понеделник, 13 февруари

Ние покажуваме љубов, бидејќи прво Бог покажа љубов кон нас (1. Јов. 4:19)

На кој начин Јехова ‚прв покажал љубов кон нас‘? Апостол Павле рекол: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Љубовта е главна особина на Јехова. Затоа сфаќаме зошто Исус рекол дека најважната заповед е: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30). Овие зборови јасно покажуваат дека Јехова очекува да го сакаме ‚со сето срце‘. Ако дозволиме некој друг или нешто друго да ни биде поважно од него, ние ќе му нанесеме болка. Но, нашата љубов кон Бог не е само чувство во срцето. Јехова очекува да го сакаме и со ‚сиот ум, и со сета своја сила‘. Ова значи дека љубовта кон Бог исто така е поврзана со нашиот начин на размислување и со она што го правиме (Мих. 6:8; w15 15/9 5:1-3).

Вторник, 14 февруари

Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа (Јов 42:5)

Од кои причини понекогаш не ја гледаме јасно Божјата рака во нашиот живот? Кога ќе нѐ притиснат проблеми, можеби забораваме дека Јехова веќе ни помагал многупати порано. Ова му се случило на Илија. Кога царицата Језавела му се заканила дека ќе го убие, дури и тој за момент заборавил како Бог го поддржувал дотогаш. Во врска со Илија, Библијата вели: „[Тој] почна да се моли да умре“ (1. Цар. 19:1-4). Кое било решението за неговиот проблем? Илија требало да бара охрабрување и утеха од Јехова (1. Цар. 19:14-18). И Јов бил толку преокупиран со своите неволји што престанал да ги гледа работите од Јеховина гледна точка (Јов 42:3-6). Слично на него, можеби и ние треба да вложиме поголем напор да го видиме Бог. Како? Така што ќе дозволиме, во симболична смисла, Библијата да фрли светлина врз она што ни се случува. Тоа ќе ни помогне да разбереме како гледа Јехова на нашиот проблем и како нѐ поддржува. На тој начин, Бог ќе ни стане уште пореален (w15 15/10 1:15-16).

Среда, 15 февруари

Човеку, кој ме поставил мене да судам или да делам меѓу вас? (Лука 12:14)

Исус не дозволил ништо да му го одврати вниманието од проповедањето. На пример, кратко откако ја започнал својата служба, мноштвата во Капернаум го молеле да остане уште малку во нивниот град. Но, што направил Исус? Тој рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:42-44). И навистина, Исус ја пропешачил Палестина надолго и нашироко, проповедајќи и поучувајќи го народот. Сепак, иако бил совршен, тој имал нормални човечки потреби и понекогаш бил многу уморен затоа што се трошел во Божјата служба (Лука 8:23; Јован 4:6). Во друга прилика, додека ги поучувал своите следбеници како да се справат со противење, еден човек го прекинал, велејќи: „Учителе, речи му на брат ми да го подели наследството со мене!“ Но, Исус не дозволил да биде вовлечен во таа семејна расправија (Лука 12:13-15; w15 15/10 3:10-11).

Четврток, 16 февруари

Бог е љубов (1. Јов. 4:8)

Љубовта е главна и најважна особина на Бог. Јехова не само што има љубов — тој е љубов. Всушност, Бог е вистинско олицетворение на љубовта. Колку сме благодарни што знаеме дека Творецот на вселената и на целиот жив свет е Бог на љубовта! Оваа особина го води во сѐ што прави. Јехова многу ги сака сите свои созданија. Неговата љубов кон нас ни влева доверба дека тој ќе ја исполни својата намера со човештвото на најдобар можен начин. Тоа ќе им донесе вистинска радост и среќа на сите оние што му се послушни. На пример, Јехова од љубов ‚определил ден во кој наумил да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одредил за тоа‘, Исус Христос (Дела 17:31). Може да бидеме сигурни дека ова ќе се исполни. Послушните луѓе, кои ќе добијат поволна пресуда, ги очекува прекрасна и бескрајна иднина (w15 15/11 3:1-2).

Петок, 17 февруари

Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол (Кол. 4:6)

Кога проповедаме, некои луѓе ја прифаќаат добрата вест, а некои ја отфрлаат. Сепак, без оглед како реагираат, се трудиме да постапуваме како што нѐ советува Библијата. Ние ги браниме нашите верувања „благо и со длабока почит“ затоа што ги сакаме нашите ближни (1. Пет. 3:15). Покажуваме љубов кон ближните дури и кога станарите се лутат и нѐ навредуваат затоа што не им се допаѓа нашата порака. Се трудиме да постапуваме како Исус, за кого Библијата вели: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној [Јехова] што праведно суди“ (1. Пет. 2:23). Сеедно дали сме со нашите соверници или со други луѓе, ние покажуваме понизност и го применуваме следниов совет: „Не враќајте зло за зло, ни навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте“ (1. Пет. 3:8, 9; w15 15/11 4:17-18).

Сабота, 18 февруари

Нека ги поучуваат да си ги сакаат децата (Тит 2:3, 4)

Исус честопати им кажувал на своите ученици дека ги сака (Јован 15:9). Тој исто така им покажувал љубов со тоа што редовно поминувал време со нив (Мар. 6:31, 32; Јован 2:2; 21:12, 13). Слично на Исус, кажувај им на твоите деца дека ги сакаш и секојдневно покажувај им колку многу ти значат (Изр. 4:3). Семјуел, кој живее во Австралија, вели: „Кога бев мал, татко ми ми читаше секоја вечер од Мојата книга со библиски приказни. Ако имав прашања, ќе ми ги одговореше, а потоа ќе ме гушнеше и ќе ме бакнеше за добра ноќ. Многу се изненадив кога подоцна дознав дека неговите родители воопшто немале обичај да ги гушкаат и да ги бакнуваат своите деца! Сепак, тој се трудеше на секој можен начин да ми покаже дека ме сака. Благодарение на тоа, станавме многу блиски, а јас бев среќен и се чувствував сигурно“. Помогни им и ти на твоите деца да се чувствуваат така со тоа што често ќе им кажуваш дека ги сакаш. Гушкај ги и бакнувај ги. Спремно одвојувај време за да разговараш со нив, да си играте и да јадете заедно (w15 15/11 1:3-4).

Недела, 19 февруари

Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време? (Мат. 24:45)

Во почетокот на минатиот век, една мала група искрени истражувачи на Библијата биле поставени да служат како ‚верен и разборит роб‘. Во тоа време, овој ‚верен роб‘ комуницирал со Божјиот народ главно на англиски јазик. Но, сега библиската литература се преведува на повеќе од 700 јазици. Исто така, се јавила потреба и од точен превод на Библијата на современ јазик кој лесно може да се разбере. Затоа бил основан Одбор кој требало да го направи Преводот Нов свет. Овој превод излегувал во делови во период од 10 години (од 1950 до 1960). Првиот од шесте тома бил објавен на еден конгрес, на 2 август 1950 год. Во таа прилика, брат Нор рекол дека искрено се надева дека Преводот Нов свет ќе им помогне на милиони луѓе да го запознаат Јехова (w15 15/12 1:15, 17).

Понеделник, 20 февруари

Оној што го поучуваше народот се трудеше да пронајде пријатни зборови и да ги напише точните зборови на вистината (Проп. 12:10)

Дали честопати ти е тешко да најдеш „пријатни зборови“? Ако да, тогаш можеби треба да си го збогатиш речникот. На пример, забележи како се изразени мислите во Библијата и во нашите публикации. Потруди се да дознаеш што значат изразите кои не ти се познати. Но, пред сѐ, научи како да зборуваш на начин кој ќе ги изградува другите. Примерот на Исус може многу да ти помогне во ова. Во врска со него, Библијата вели дека ‚Јехова му дал учен јазик за да знае што да му каже на уморниот‘ (Иса. 50:4). Исто така, важно е да одвоиме време за да размислиме како нашите зборови ќе влијаат врз другите (Јак. 1:19). Добро е да се прашаме: ‚Ако го кажам ова, дали другиот исправно ќе ме разбере? Како ќе се чувствува?‘ (w15 15/12 3:12).

Вторник, 21 февруари

Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување (Лука 21:20)

Христијаните во Јудеја, а особено оние што живееле во Ерусалим, ги очекувало тешко време. Исус прорекол дека овој град ќе биде „опколен од улогорени војски“. Тој ги предупредил своите ученици дека ќе треба да побегнат оттаму веднаш штом ќе видат дека овие настани почнуваат да се исполнуваат (Лука 21:20-24). Во текот на 28-те години откако Исус го кажал тоа пророштво, еврејските христијани кои живееле во Израел му останале верни на Јехова иако претрпеле големо противење и прогонство (Евр. 10:32-34). Сепак, Павле знаел дека наскоро ќе се соочат со еден од најтешките испити на својата вера (Мат. 24:20, 21; Евр. 12:4). Тој сакал да бидат подготвени да се справат со какви и да било неволји на кои ќе наиделе. Ќе им била потребна голема истрајност, како и многу цврста вера која ќе им помогнела да си го спасат животот (Евр. 10:36-39). Затоа, поттикнат од Јеховиниот дух, Павле им напишал на тие драги браќа и сестри едно писмо за да ги подготви за она што ќе се случи. Ова писмо сега е дел од Библијата и е познато како послание до Евреите (w16.01 1:1-2).

Среда, 22 февруари

Сакани, ако Бог така нѐ сакаше нас, тогаш и ние сме должни да се сакаме еден со друг (1. Јов. 4:11)

Ако сакаме Бог и понатаму да покажува љубов кон нас, ние мора да ги сакаме нашите браќа (1. Јов. 3:16). Како може да покажеме љубов кон нив? Размисли за Исус. Додека служел на Земјата, тој им обрнал посебно внимание на луѓето што страдале. На пример, ги лекувал слепите, глувите, немите и сакатите (Мат. 11:4, 5). За разлика од верските водачи, кои го сметале обичниот народ за „проклет“, Исус со задоволство ги поучувал луѓето што биле духовно гладни (Јован 7:49). Тој ги сакал тие понизни лица и многу се трудел да им помага (Мат. 20:28). Дали би можел да размислиш како да им помогнеш на браќата и сестрите во нашето собрание, особено на постарите? Божјата љубов и понатаму нека те поттикнува на дело да покажуваш љубов кон браќата! (w16.01 2:12-14).

Четврток, 23 февруари

И други овци имам, кои не се од ова трло. И нив морам да ги доведам, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир (Јован 10:16)

Дали ‚другите овци‘ треба да ги знаат по име сите помазани христијани денес? Не. Зошто? Затоа што никој не може со сигурност да знае дали тие ќе ја добијат небесната награда. Иако Бог ги повикал за живот на небото, тие ќе ја добијат оваа награда само ако му останат верни. Сатана го знае ова, и затоа користи „лажни пророци... за да ги заведат, ако е можно, и избраните“ (Мат. 24:24). Помазаните христијани не можат да бидат сигурни дека ќе ја добијат својата награда сѐ додека Јехова не им потврди дека се достојни за неа. Тој им го дава конечното запечатување. Некои го добиваат ова запечатување пред да умрат како Божји верни слуги, а други ќе го добијат кратко пред да започне ‚големата неволја‘ (Отк. 2:10; 7:3, 14; w16.01 4:2-3).

Петок, 24 февруари

Мојата реч ќе го изврши она поради кое сум ја испратил (Иса. 55:11)

Како е поврзано проповедањето со Јеховината намера за луѓето? Бог сакал луѓето да живеат на Земјата засекогаш. Иако Адам згрешил, Јехова не се премислил. Наместо тоа, одлучил на кој начин да го ослободи човечкиот род од гревот и од смртта. Во склад со Божјата намера, Исус дошол на Земјата и си го жртвувал животот за послушните луѓе. Но, за да бидат послушни, тие треба да разберат што очекува Бог од нив. Затоа Исус ги поучувал за Божјите барања, и им заповедал на своите ученици да го прават истото. Кога им помагаме на другите да се помират со Бог, ние имаме директен удел во исполнувањето на неговата намера да ги спаси луѓето од гревот и од смртта. Освен тоа, на тој начин покажуваме љубов и кон луѓето и кон Јехова, „кој сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4; w16.01 5:15-16).

Сабота, 25 февруари

Ахаз ги гореше своите синови во оган (2. Лет. 28:3)

Езекија, кој му бил син на Ахаз, лесно можел да стане огорчен и да му се лути на Бог. Некои што минале низ многу помали неволји ‚му се лутат на Јехова‘ или станале огорчени на неговата организација (Изр. 19:3). Други, пак, кои пораснале во нездрава семејна средина, мислат дека поради тоа се осудени да водат лош живот, па дури и да ги повторат грешките на своите родители (Езек. 18:2, 3). Дали ваквото размислување е исправно? Воопшто не! Ова јасно го потврдува извештајот за животот на Езекија. Никогаш немаме оправдана причина да му се лутиме на Јехова бидејќи тој не е изворот на злото во овој свет (Јов 34:10). Точно е дека родителите можат да извршат силно влијание врз своите деца, сеедно дали добро или лошо (Изр. 22:6; Кол. 3:21). Но, ова не значи дека семејното потекло има пресудна улога во нечиј живот. Напротив, Јехова ни дал на сите еден бесценет дар — можност да избереме што ќе правиме и какви личности ќе бидеме (5. Мој. 30:19; w16.02 2:8-10).

Недела, 26 февруари

Насилници ја бараат мојата душа (Пс. 54:3)

Авенир му помагал на Саул да го најде Давид за да го убие иако знаел дека Бог го помазал Давид за следен цар на Израел (1. Сам. 26:1-5). И по смртта на Саул, Авенир не го поддржал Давид. Наместо тоа, се обидел да го постави за цар Исвостеј, синот на Саул. А подоцна можеби и самиот сакал да биде цар, и веројатно затоа имал полови односи со една од наложниците на Саул (2. Сам. 2:8-10; 3:6-11). Исто како Авенир, и Авесалом, синот на цар Давид, не му бил лојален на Бог затоа што не бил понизен. Бидејќи сакал да биде цар, тој ‚си набавил кола, коњи и педесет луѓе што трчале пред него како негова стража‘! (2. Сам. 15:1). Освен тоа, на нечесен начин ја придобил верноста на народот. Слично на Авенир, Авесалом сакал да го убие својот татко, Давид, иако знаел дека Јехова го поставил за цар на Израел (2. Сам. 15:13, 14; 17:1-4). Ако некој не е понизен и копнее да ги задоволи своите себични желби, ќе му биде тешко да му остане лојален на Бог. Се разбира, како верни слуги на Јехова, ние не сакаме да бидеме себични и злобни како Авенир и Авесалом (w16.02 4:9-11).

Понеделник, 27 февруари

Верата — ако нема дела, сама по себе е мртва (Јак. 2:17)

Ако си млад човек, твоите цврсти уверувања сигурно ќе влијаат врз твоите постапки, односно дела. Тие ,ќе бидат свети и по нив ќе се види дека си му оддаден на Бог‘ (2. Пет. 3:11). За твоите дела да бидат свети, мора да даваш сѐ од себе за да постапуваш исправно. Размисли за последните шест месеци. Како покажа дека навистина знаеш да разликуваш што е добро, а што зло? (Евр. 5:14). Можеш ли да се сетиш на конкретни ситуации кога се спротивстави на некое искушение или на притисокот од врсниците? Дали со своето однесување на училиште им даваш добар пример на другите? Дали му остануваш верен на Јехова или, пак, се обидуваш да бидеш ист како соучениците само за да не те исмеваат? (1. Пет. 4:3, 4). Се разбира, никој не е совршен. Дури и на некои што долго време му служат на Јехова можеби понекогаш им е страв да ја бранат својата вера пред другите. Сепак, оној што му се заветувал на Јехова со право се гордее што го носи неговото име, и го покажува тоа со своите постапки (w16.03 2:10-11).

Вторник, 28 февруари

Тоа е патот, одете по него! (Иса. 30:21)

Низ историјата, Јехова давал детални упатства. На пример, во рајската градина тој дал јасни упатства кои требало да ги водат луѓето до вечен живот исполнет со радост и среќа (1. Мој. 2:15-17). Ако Адам и Ева го послушале, ќе биле поштедени од трагични последици. Немало да страдаат и на крајот да умрат без никаква надеж. Но, наместо да го послуша Бог, Ева го послушала советот што изгледало дека доаѓа од една обична змија. А Адам ја послушал својата жена — човечко суштество од крв и месо. И двајцата му свртеле грб на својот грижлив Татко. Како резултат на тоа, целиот човечки род зачекорил по пат кој води во смрт. Но, Јехова денес им дава водство на своите слуги и ги штити од многу опасности за да останат на патот кој води до вечен живот. Тој е како грижлив пастир кој го води своето стадо и ги предупредува овците да не тргнат по опасни патеки (w16.03 4:2-3).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели